Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Христијански семејства — следете го примерот на Исус!

Христијански семејства — следете го примерот на Исус!

Христијански семејства — следете го примерот на Исус!

„Христос... ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. ПЕТ. 2:21)

1. а) Каква улога имал Божјиот Син во создавањето? б) Што чувствува Исус за луѓето?

 КОГА Бог ги создал небото и Земјата, неговиот првороден Син бил покрај него „како вешт градител“. Божјиот Син соработувал со својот Татко, Јехова, и при создавањето на разновидните животни и растенија овде, на Земјата, како и во подготвувањето на рајот како дом за живите суштества што биле создадени според Јеховиниот лик. Божјиот Син, кој подоцна станал познат како Исус, многу ги сакал луѓето. Тој рекол: „Им се радував на синовите човечки“ (Изр. 8:27-31; 1. Мој. 1:26, 27).

2. а) Што направил Јехова за да му помогне на несовршеното човештво? б) Кое е едно подрачје од животот за кое Библијата дава совети?

2 Откако првата човечка двојка направила грев, важен дел од Јеховината намера станало искупувањето на грешното човештво. Јехова го овозможил тоа преку Христовата откупна жртва (Рим. 5:8). Освен тоа, Јехова им ја дал на луѓето и својата Реч, Библијата, за да им помогне што подобро да излезат на крај со несовршенството што го наследиле (Пс. 119:105). Во својата Реч, Јехова дава совети што им помагаат на луѓето да имаат цврсти, среќни семејства. Во врска со бракот, во 1. Мојсеева се вели дека мажот мора да „се прилепи до својата жена, и тие двајца [да] станат едно тело“ (1. Мој. 2:24).

3. а) Што поучувал Исус за бракот? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 За време на својата служба на Земјата, Исус нагласил дека бракот треба да биде трајна врска. Поучувал за начела кои, ако се применуваат, ќе им помогнат на сите во семејството да избегнуваат ставови и постапки кои можат да го загрозат бракот или среќата на семејството (Мат. 5:27-37; 7:12). Во оваа статија ќе разгледаме како примерот на Исус може да им помогне на мажите, на жените, на родителите и на децата да имаат среќен и исполнет живот.

Како мажот покажува дека ја почитува својата жена

4. Каква сличност има помеѓу улогата на Исус и улогата на мажот во семејството?

4 Бог го поставил мажот за глава на семејството, исто како што и Исус е Глава на собранието. Апостол Павле рекол: „Мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието — тој, спасителот на тоа тело. Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Еф. 5:23, 25). Начинот на кој Исус се однесувал со своите следбеници е пример за тоа како еден христијанин треба да се однесува со својата жена. Да разгледаме неколку начини на кои Исус го спроведувал авторитетот што го добил од Бог.

5. Како го спроведувал Исус својот авторитет над учениците?

5 Исус бил „благ и со понизно срце“ (Мат. 11:29). Тој бил и човек што знаел да преземе одлучни чекори. Никогаш не ги занемарувал своите одговорности (Мар. 6:34; Јован 2:14-17). Љубезно ги советувал своите ученици, некогаш дури и повеќепати за една иста работа (Мат. 20:21-28; Мар. 9:33-37; Лука 22:24-27). Сепак, никогаш не им се развикувал и не ги понижувал, и со ништо не ги навел да мислат дека не ги сака или дека не се способни да го прават она за што ги поучувал. Наместо тоа, ги пофалувал и ги охрабрувал (Лука 10:17-21). Не е ни чудо што ја стекнал нивната почит бидејќи се однесувал со нив со љубов и со разбирање!

6. а) Што можат да научат сопрузите од начинот на кој Исус се однесувал со своите ученици? б) Каков совет им дава Петар на мажите?

6 Примерот на Исус ги учи сопрузите дека христијанското поглаварство не значи сурово владеење. Напротив, треба да се одликува со почит и самопожртвувана љубов. Апостол Петар ги советувал мажите да покажуваат љубов како Христовата и ‚да ги почитуваат своите жени‘. (Прочитај 1. Петрово 3:7.) Но, како може сопругот да го спроведува својот авторитет, а во исто време да постапува со својата жена како со некој што заслужува почит?

7. Како може мажот да покаже дека ја почитува својата жена? Наведи пример.

7 Еден начин на кој мажот ќе покаже почит кон својата жена е сериозно да го земе предвид нејзиното мислење и нејзините чувства пред да донесе некоја одлука што го засега целото семејство. Можеби треба да се донесе одлука во врска со селидба, со промена на работно место или нешто околу секојдневните работи, како, на пример, каде да се оди на годишен одмор или како да се распоредат парите за да се излезе на крај со сѐ поголемите животни трошоци. Бидејќи тоа го засега целото семејство, би било убаво и љубезно ако мажот го земе предвид мислењето на својата сопруга, зашто тоа ќе му помогне да донесе урамнотежена, промислена одлука, па така и неа ќе ѝ биде полесно да го поддржи (Изр. 15:22). Христијанинот кој ја цени својата жена не само што ја стекнува нејзината љубов и почит туку, што е уште поважно, го радува Јехова (Еф. 5:28, 29).

Како жената покажува длабока почит кон својот маж

8. Зошто Ева не е добар пример?

8 Исус е совршен пример за христијанските сопруги во поглед на тоа што значи да се биде подложен. Каква само разлика има меѓу неговото гледиште кон авторитетот и ставот што го покажала првата жена! Ева не им дала добар пример на христијанките. Бог ѝ поставил поглавар преку кого давал упатства. Но, Ева не го почитувала авторитетот на својот маж. Таа не ги прифатила упатствата што ѝ ги пренел Адам (1. Мој. 2:16, 17; 3:3; 1. Кор. 11:3). Точно е дека Ева била измамена, но сепак, пред да го послуша гласот кој тврдел дека ѝ го кажува она што „Бог [го] знае“, требало прво да се посоветува со маж ѝ. Наместо тоа, дрско си зела за право таа да му кажува нему што да прави (1. Мој. 3:5, 6; 1. Тим. 2:14).

9. Каков пример за подложност дава Исус?

9 За разлика од неа, Исус му бил подложен на својот Поглавар и ни дал совршен пример во овој поглед. Неговиот став и неговиот начин на живот покажуваат дека тој ‚не помислувал да се граба — да биде еднаков со Бог‘. Напротив, ‚се одрекол од самиот себе и зел облик на роб‘ (Фил. 2:5-7). Денес, Исус е Цар, но го има истиот став. Тој понизно му се подложува на својот Татко во сѐ и го поддржува како свој поглавар (Мат. 20:23; Јован 5:30; 1. Кор. 15:28).

10. Како може една жена да покаже дека се подложува на поглаварството на својот маж?

10 Христијанската жена може да го следи примерот на Исус со тоа што ќе го поддржува поглаварството на својот маж. (Прочитај 1. Петрово 2:21; 3:1, 2.) Да разгледаме една ситуација во која може да го направи тоа. На пример, синот ја прашува мајка си дали може да направи нешто за што е потребна дозвола од родителите. Бидејќи родителите не разговарале за тоа, добро е мајката да му рече: „Го праша ли татко ти?“ Ако синот сѐ уште не го направил тоа, таа треба да разговара со својот сопруг пред да биде донесена некаква одлука. Освен тоа, секако дека една христијанка нема да му противречи на својот маж или да го оспорува неговото мислење пред децата. Ако за нешто не се согласува со него, треба да му го каже тоа насамо (Еф. 6:4).

Каков пример им дава Исус на родителите

11. Каков пример им дал Исус на родителите?

11 Иако Исус не се оженил и немал деца, тој е одличен пример за христијанските родители. Зошто? Тој стрпливо и со љубов ги поучувал своите ученици — не само со зборови туку и со пример. Им покажал како да ја извршуваат задачата што им ја дал (Лука 8:1). Од ставот што го имал Исус кон своите ученици и од начинот на кој се однесувал со нив, тие научиле како треба да се однесуваат еден со друг. (Прочитај Јован 13:14-17.)

12, 13. Што е потребно за родителите да ги поучат своите деца да имаат страв од Бог?

12 Децата се склони да ги имитираат своите родители, и во добрите и во лошите работи. Затоа, родители, прашајте се: ‚Што учат нашите деца кога гледаат колку време одвојуваме за ТВ и за разонода, а колку за проучување на Библијата и за проповедање? Што му е најважно на нашето семејство? Дали им оставаме добар пример на децата со тоа што обожавањето на вистинскиот Бог ни е на прво место во животот?‘ Божјиот закон мора прво да биде во срцето на родителите за да можат да ги поучат своите деца да имаат страв од Бог (5. Мој. 6:6).

13 Ако родителите се трудат да ги применуваат библиските начела во сѐ што прават, децата ќе го забележат тоа. Тогаш зборовите и поуките на родителите ќе имаат поголема тежина. Но, ако забележат двојни мерила кај своите родители, децата може да заклучат дека библиските начела не се толку важни или практични. Затоа, може да се случи полесно да попуштат на притисокот од светот.

14, 15. На што треба родителите да ги поттикнуваат своите деца, и кој е еден начин да го постигнат тоа?

14 Христијанските родители сфаќаат дека, за да се одгледа едно дете, треба многу повеќе отколку само да му се задоволат материјалните потреби. Според тоа, би било многу неразумно да ги насочуваат децата да си поставуваат цели од кои ќе имаат само материјална корист (Проп. 7:12). Исус ги поучувал своите ученици најважни да им бидат духовните работи (Мат. 6:33). Затоа, христијанските родители го следат примерот на Исус и ги поттикнуваат своите деца да си поставуваат духовни цели.

15 Еден начин на кој родителите можат да го постигнат тоа е да се погрижат нивните деца да се дружат со оние што се во полновремена служба. Помисли само колкаво охрабрување ќе биде за тинејџерите да се запознаат со различни пионери или со покраинскиот надгледник и неговата сопруга. Мисионерите, бетелските слуги и меѓународните слуги за градба можат со одушевеност да зборуваат за радоста што им ја носи службата за Јехова. Ако ги поканите на гости, сигурно ќе слушнете многу интересни искуства. Тие самопожртвувано ја вршат службата, и нивниот пример може многу да им помогне на децата да донесуваат мудри одлуки, да си поставуваат духовни цели и да изберат соодветно образование кое ќе им овозможи да се издржуваат во полновремената служба.

Деца — што ќе ви помогне да го следите примерот на Исус?

16. Како Исус покажувал почит кон своите родители на Земјата и кон својот небесен Татко?

16 Деца, Исус е одличен пример и за вас. За него се грижеле Јосиф и Марија, а тој им бил послушен. (Прочитај Лука 2:51.) Исус бил свесен дека, иако тие биле несовршени, ним Бог им дал одговорност да се грижат за него. Поради тоа, требало да ги почитува (5. Мој. 5:16; Мат. 15:4). Како возрасен човек, Исус секогаш го правел она што му било по волја на неговиот небесен Татко. Во тоа спаѓало и да се спротивстави на искушенијата (Мат. 4:1-10). Млади, можеби и вие понекогаш сте на искушение да не ги послушате своите родители. Што ќе ви помогне да се угледате на примерот на Исус?

17, 18. а) Со какви притисоци се соочуваат младите на училиште? б) Што ќе им помогне на младите да им се спротивстават на искушенијата?

17 Најверојатно, повеќето од децата на училиште не ги ценат многу или воопшто не ги ценат библиските мерила. Можеби се обидуваат да те натераат да направиш нешто погрешно, а ако одбиеш, те исмејуваат. Дали понекогаш ти измислуваат погрдни прекари затоа што не сакаш да бидеш како нив? Ако се случува тоа, како реагираш? Знаеш дека, ако му подлегнеш на стравот и ако станеш како нив, ќе ги разочараш своите родители и Јехова. Каде ќе стигнеш ако се поведеш по соучениците? Можеби си имаш поставено некои цели, на пример, да станеш пионер или слуга-помошник, да служиш на подрачје каде што има потреба од повеќе објавители или, пак, да служиш во Бетел. Дали дружењето со соучениците ќе ти помогне да ги постигнеш тие цели?

18 Дали вие, млади во христијанското собрание, понекогаш сте во ситуација кога верата ви е ставена на испит? Како реагирате тогаш? Размислете за оној што ви е пример, Исус. Тој не им подлегнал на искушенијата и цврсто се држел за она што знаел дека е исправно. Имајте го ова на ум за да успеете да соберете сили јасно да им кажете на соучениците дека не сакате да им се придружите во нешто за што знаете дека е погрешно. Исто како Исус, постојано мислете на тоа дека ќе можете цел живот со радост да му служите на Јехова и да му бидете послушни (Евр. 12:2).

Тајната за среќен семеен живот

19. Кога ќе бидеме вистински среќни?

19 Јехова Бог и Исус Христос им го мислат најдоброто на луѓето. Иако сме несовршени, можеме да бидеме среќни во извесна мера (Иса. 48:17, 18; Мат. 5:3). Исус поучувал за духовни вистини кои го сочинуваат темелот за среќа, но тоа не е сѐ за што ги поучил своите ученици. Тој ги поучил како да живеат за да бидат среќни. Освен тоа, покажал со пример што значи да се има урамнотежен живот и урамнотежен став. Сеедно каква е нашата улога во семејството, од голема помош ќе ни биде да го следиме неговиот пример. Затоа, мажи, жени, родители и деца, следете го примерот на Исус! Тајната за исполнет и среќен семеен живот е да ги прифатиме учењата на Исус и да го следиме неговиот пример.

Како ќе одговориш?

• Како треба сопрузите да го спроведуваат авторитетот што им е даден од Бог?

• Како може една сопруга да го следи примерот на Исус?

• Што можат да научат родителите од начинот на кој Исус се однесувал со своите ученици?

• Што можат да научат младите од примерот на Исус?

[Прашања]

[Слика на страница 8]

Што ќе направи еден грижлив сопруг пред да донесе одлука која го засега целото семејство?

[Слика на страница 9]

Во која ситуација жената има можност да го поддржи поглаварството на својот маж?

[Слика на страница 10]

Децата ги имитираат добрите навики на своите родители