Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Јехова ги осветлил со своето лице‘

‚Јехова ги осветлил со своето лице‘

‚Јехова ги осветлил со своето лице‘

НА ЧОВЕЧКОТО лице има повеќе од 30 мускули. Потребно е да се придвижат вкупно 14 мускули само за да се насмевнеш! Замисли како би изгледале твоите разговори да ги нема овие мускули. Привлечни? Тешко. Меѓутоа, кај глувонемите лица, овие мускули не служат само за да му дадат живост на разговорот. Кога се придружени со гестови, со нив многу добро се пренесуваат мисли и идеи. Многу луѓе се чудат како може со помош на знаковниот јазик да се изразат дури и сложени мисли и да се пренесе значењето до најситен детаљ.

Во последно време, многу глувонеми низ целиот свет гледаат едно лице на кое можат да прочитаат многу повеќе изрази отколку од кое и да било човечко лице. Во симболична смисла, тие го гледаат „лицето на Јехова“ (Плач 2:19). Ова не е случајност. Јехова веќе долго време покажува голема љубов кон глувонемите. Тоа го правел уште во древниот Израел (3. Мој. 19:14). Но, неговата љубов кон глувите многу јасно се гледа и во нашево време. „[Бог] сака најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4). Со тоа што добро ја запознаваат вистината за Бог, мнозина глуви, всушност, почнуваат да го гледаат неговото лице. Како успеваат во ова, со оглед на тоа што не можат да слушаат? Пред да одговориме на ова прашање, да разгледаме зошто знаковниот јазик е толку важен за глувонемите луѓе.

Тие „слушаат“ со своите очи

Многу луѓе имаат погрешна претстава за глувонемите лица и за знаковниот јазик. Затоа, да наведеме накратко неколку факти во врска со нив. Глувонемите можат да возат автомобил. Многу им е тешко да читаат од усни. Знаковниот јазик нема ништо заедничко со Брајовото писмо и не е само пантомима. Не постои само еден знаковен јазик што го разбираат сите глувонеми. Освен тоа, постојат разлики и во знаковниот јазик што го користат лица во различни делови од иста земја.

Можат ли глувонемите луѓе да читаат? Иако некои добро читаат, факт е дека на поголемиот дел од нив читањето им оди многу тешко. Зошто? Затоа што зборовите напишани на хартија се темелат на говорот. Размисли како учи јазик едно дете кое може да слуша. Од моментот кога ќе се роди, тоа е опкружено со луѓе кои го зборуваат јазикот во тоа место. За кратко време, детето може да спојува зборови и да формира цели реченици. Ова го прави без да вложи голем напор, само затоа што го слуша јазикот што се зборува околу него. Така, кога ќе почне да чита, ова дете учи дека буквите на страницата, всушност, одговараат на звуците и зборовите што веќе ги знае.

Замисли си сега дека си во некоја друга земја и дека се наоѓаш во стаклена соба со звучна изолација. Никогаш не си имал можност да го слушнеш јазикот на луѓето во таа земја. Секој ден, тамошните жители доаѓаат кај тебе и се обидуваат да ти зборуваат преку стаклото. Не можеш да слушнеш што ти велат. Само гледаш како им се движат усните. Кога сфаќаат дека не ги разбираш, пишуваат некои зборови на хартија и ти покажуваат преку стаклото што напишале. Мислат дека така сигурно ќе ги разбереш. Што мислиш, ќе успееш ли во тоа? Во една ваква ситуација, ќе сфатиш дека е речиси невозможно да комуницираш со нив. Зошто? Затоа што она кое го пишуваат е на јазик што ти никогаш не си слушнал како се зборува. Токму во ваква ситуација се наоѓаат повеќето глуви лица.

Знаковниот јазик е совршено средство за комуникација меѓу глувите луѓе. Со помош на знаци, кои ги прават во просторот околу себе, тие изразуваат различни идеи. Движењата во тој простор, како и мимиките на лицето, ги следат правилата на граматиката на знаковниот јазик. На тој начин, се создава еден визуелен јазик преку кој се пренесуваат информации до очите на „слушателот“.

Всушност, речиси секоја мимика или движење што ќе го направи глувонемиот со рацете, телото или лицето додека комуницира на знаковен јазик има некое значење. Со мимиките не се постигнува само драматичност. Тие се составен дел од граматиката на знаковниот јазик. Да наведеме еден пример: Ако се постави прашање со кренати веѓи, тоа е или реторичко прашање или, пак, прашање на кое може да се одговори со „да“ или „не“. Ако веѓите се собрани, прашањето може да почнува со „кој“, „што“, „каде“, „кога“, „зошто“ или „како“. Некои движења со устата можеби укажуваат на големината на даден предмет или на јачината на дејството. Начинот на кој глувото лице ја движи главата, ги крева рамениците, прави мимики со образите и трепка со очите додава фини нијанси на значење на мислата што се пренесува.

Со сите овие движења, глувонемото лице му ги пренесува информациите на „слушателот“ на еден многу интересен начин. Користејќи го овој сликовит начин на изразување, глувите што добро го владеат знаковниот јазик се оспособени да пренесат каков и да е концепт — од поетски до технички, од романтичен до хумористичен, од конкретен до апстрактен.

Публикациите на знаковен јазик се од голема важност

Кога знаењето за Јехова се пренесува визуелно со помош на знаковен јазик, едно глуво лице, всушност, може да ја „слуша“ пораката и ‚да поверува‘ во Оној од кого потекнува таа. Затоа, Јеховините сведоци вложуваат огромни напори да им проповедаат на глувонемите низ целиот свет и да им обезбедат публикации што можат да им користат (Рим. 10:14). Моментално, во светот има 58 преведувачки тимови на знаковен јазик, а публикации на знаковен јазик на DVD се достапни на 40 јазици. Дали сиот овој труд се исплаќа?

Џереми, чии родители се глувонеми, вели: „Се сеќавам дека татко ми еднаш со часови остана во спалната трудејќи се да разбере само неколку пасуси од една статија во Стражарска кула. Одеднаш излезе од собата и возбудено покажа со знаци: ‚Ја сфатив! Ја сфатив!‘ А потоа почна да ми го објаснува она што го прочитал. Тогаш имав само 12 години. Брзо ги ѕирнав пасусите и му покажав со знаци: ‚Тато, мислам дека не е тоа значењето, туку...‘ Ми даде знак да не му кажувам и повторно се врати во собата за сам да разбере што значи пишаниот текст. Никогаш нема да заборавам колку беше разочаран, но и колку многу му се восхитував додека го гледав како се враќа во спалната. Меѓутоа, благодарение на публикациите на знаковен јазик што сега излегуваат на DVD, тој сега многу подобро ги разбира информациите. Многу ми значи кога гледам како очите му светнуваат додека ми објаснува што чувствува кон Јехова“.

Да го разгледаме и примерот на една брачна двојка Сведоци кои разговарале со Хесенија, глуво девојче од Чиле. Откако мајка ѝ им дозволила да ѝ ја покажат Мојата книга со библиски приказни — на DVD на знаковниот јазик што се користи во Чиле, тие рекле: „Хесенија почна да ја гледа приказната, и почна да се смее, а потоа се расплака. Кога мајка ѝ ја праша зошто плаче, таа рече дека плаче затоа што многу ѝ се допаѓа она што го гледа. Тогаш мајката сфати дека Хесенија можеше да го разбере сето она што беше прикажано на DVD-то“.

Една глува жена, која живее на село во Венецуела, имала едно дете, и била бремена со второто. Бидејќи таа и маж ѝ сметале дека не можат да се грижат за уште едно дете затоа што немале доволно пари, размислувале жената да абортира. Без да знаат за ова, Јеховините сведоци навратиле кај нив и им ја покажале 12. лекција од видеопрограмата Што бара Бог од нас? на знаковниот јазик што се користи во Венецуела. Во оваа лекција е објаснето како гледа Бог на абортусот и на убиството. Подоцна, жената им кажала на Сведоците колку била благодарна што ѝ ја покажале таа лекција. Тоа им помогнало да одлучат да не абортира. Бил спасен човечки живот благодарение на една публикација на знаковен јазик што излегла на DVD!

Лорејн, христијанка која исто така е глува, објаснува: „Кога ја проучував Библијата, за мене беше исто како да се обидувам да составам една огромна слагалка. Никако не можев да ја видам целата слика бидејќи ми фалеа делчиња и имаше празнини. Но, кога почнаа да излегуваат библиски публикации на знаковен јазик, тие празнини се пополнија“. Џорџ, кој е Сведок веќе 38 години и исто така е глув, вели: „Нема дискусија — кога некоја работа ќе ја разбереш сам, имаш поголема самопочит и поголема самодоверба. Можам да кажам дека DVD-јата на знаковен јазик ми помогнаа повеќе од сѐ духовно да напредувам“.

„Состанок на мојот јазик!“

Освен што издаваат публикации на знаковен јазик, Јеховините сведоци имаат основано и собранија каде што целата програма на состаноците се изнесува на знаковен јазик. Моментално, во светот има над 1.100 вакви собранија. Говорниците им се обраќаат на присутните на нивниот знаковен јазик и ги изнесуваат библиските вистини на начин на кој размислува едно глуво лице — на неговиот јазик — и притоа покажуваат почит кон неговата култура и животно искуство.

Дали се покажало добро тоа што биле основани собранија на знаковен јазик? Размисли за она што го доживеал Кирил, кој бил крстен како Јеховин сведок во 1955 год. Тој со години ги проучувал пишаните публикации најдобро што можел и верно одел на христијанските состаноци. Понекогаш имало толкувачи на знаковен јазик, а понекогаш не. Кога немало, тој се потпирал на другите Сведоци, кои со љубов се обидувале да му помогнат така што му пишувале белешки за она што го зборувале говорниците. Дури во 1989 година, кога тој бил Сведок веќе 34 години, во Њујорк било основано првото собрание на знаковен јазик во Соединетите Држави. Како се чувствувал Кирил како член на тоа собрание? „Се чувствував како да излегувам на светлина од некоја шума, од некој мрачен тунел. Состанок на мојот јазик!“

Собранијата на знаковен јазик на Јеховините сведоци се места каде што редовно се собираат глуви лица за да учат за Бог и да го слават. Тоа се места каде што Божјите слуги можат да ги зајакнат меѓусебните пријателства и да се охрабрат. Во еден свет каде што глувонемите не можат лесно да комуницираат и во кој можеби се чувствуваат осамени, овие собранија се вистинско прибежиште каде што тие можат меѓусебно да комуницираат и да се дружат. Во нив глувите лица можат да учат, да напредуваат и да прават повеќе во службата за Јехова. Голем број глувонеми Сведоци се во состојба да служат полновремено. Други се преселиле во странство за да им помогнат на глувите таму да учат за Јехова. Христијанските мажи кои се глувонеми учат да бидат добри учители, организатори и пастири, и многу од нив ги исполнуваат условите да се грижат за повеќе одговорности во собранието.

Во Соединетите Држави има над 100 собранија на знаковен јазик и околу 80 групи. Во Бразил има околу 300 собранија на знаковен јазик и над 400 групи. Во Мексико има речиси 300 собранија на знаковен јазик, а во Русија има повеќе од 30 вакви собранија и 113 групи. Ова се само неколку примери за порастот низ целиот свет.

Јеховините сведоци исто така одржуваат собири и конгреси на знаковен јазик. Минатата година, низ целиот свет беа одржани повеќе од 120 конгреси на различни знаковни јазици. Овие прилики им помагаат на глувите Сведоци да се чувствуваат како еден неодвоив дел од меѓународното христијанско братство кое извлекува корист од навремената духовна храна.

Леонард е глув, а Јеховин сведок е над 25 години. Тој вели: „Отсекогаш сум знаел дека Јехова е вистинскиот Бог. Сепак, никако не можев потполно да сфатам зошто допушта луѓето да страдаат. Понекогаш му се лутев поради тоа. Но, во текот на еден говор што беше изнесен на обласен конгрес на знаковен јазик, конечно разбрав зошто го дозволува страдањето. Кога говорот заврши, жена ми ме поттурна со лактот и ме праша: ‚Задоволен си сега?‘ Првпат можев искрено да кажам — ‚да‘! Сега, по 25 години, многу сум среќен што не го напуштив Јехова. Отсекогаш го сакав, но не можев потполно да го разберам. Денес навистина го разбирам!“

Благодарни од срце

Кои „изрази“ на Јеховиното лице ги гледаат глувонемите кога учат за него? Љубов, сочувство, правда, верност, милост — и многу други особини.

Низ целиот свет, Сведоците кои имаат оштетен слух го гледаат Јеховиното лице, и тоа сѐ појасно. Бидејќи ги сака, ‚Јехова ги осветлува со своето лице‘ (4. Мој. 6:25). Тие се навистина благодарни затоа што го запознале Јехова!

[Слики на страници 24 и 25]

Во целиот свет има над 1.100 собранија на знаковен јазик

[Слики на страница 26]

Глувите можат сѐ појасно да го ‚гледаат‘ Јеховиното лице