Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зачувај ја Божјата љубов

Зачувај ја Божјата љубов

Зачувај ја Божјата љубов

„Стојте во Божјата љубов додека го чекате милосрдието на нашиот Господар Исус Христос и се надевате на вечниот живот“ (ЈУДА 21)

1, 2. Како Јехова ни ја покажал својата љубов, и од каде знаеме дека не можеме да ја зачуваме без никаков напор од наша страна?

 ЈЕХОВА БОГ ни ја покажал својата љубов на безброј начини. Без сомнение, најголемиот доказ за неговата љубов е тоа што ја обезбедил откупнината. Неговата љубов кон луѓето е толку голема што го испратил својот сакан Син на Земјата за да умре за нас (Јован 3:16). Јехова го направил тоа бидејќи сака да живееме вечно, а сака и вечно да ја имаме неговата љубов!

2 Сепак, треба ли автоматски да заклучиме дека Јехова секогаш ќе нѐ сака, без разлика што правиме? Не. Во Јуда, 21. стих, го читаме следниов поттик: „Стојте во Божјата љубов додека го чекате милосрдието на нашиот Господар Исус Христос и се надевате на вечниот живот“. Изразот „стојте во“ на изворниот грчки јазик буквално значи „зачувајте се во“ и укажува дека од нас се бара да правиме нешто ако сакаме да ја зачуваме Божјата љубов. Според тоа, што треба да сториме за да ја зачуваме Божјата љубов?

Како да останеме во Божјата љубов?

3. Што рекол Исус дека мора да прави ако сака да ја зачува љубовта на својот Татко?

3 Одговорот на ова прашање се наоѓа во она што го кажал самиот Исус во текот на последната вечер од својот живот на Земјата. Тој рекол: „Ако ги држите моите заповеди, ќе останете во мојата љубов, како што јас ги држев заповедите на Таткото и останувам во неговата љубов“ (Јован 15:10). Очигледно, на Исус му било јасно дека, за да има добар однос со својот Татко, мора да ги држи Неговите заповеди. Ако ова важело за совршениот Божји Син, зарем не важи и за нас?

4, 5. а) Кој е главниот начин на кој можеме да му покажеме на Јехова дека го сакаме? б) Зошто нема причина да ни биде одбивна помислата дека треба да ги слушаме Јеховините заповеди?

4 Главен начин на кој му покажуваме на Јехова дека го сакаме е ако сме му послушни. Во врска со ова, апостол Јован напишал: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јов. 5:3). Мора да признаеме дека на многу луѓе денес не им се допаѓа помислата да му бидат послушни некому. Но, го забележа ли делот што вели: „Неговите заповеди не се тешки“? Значи, Јехова не бара да правиме нешто што е премногу тешко за нас.

5 Да го објасниме тоа со еден пример: Би побарал ли од некој твој близок пријател да пренесе нешто што знаеш дека е претешко за него? Се разбира дека не! Јехова е далеку пообѕирен од нас и многу подобро ги разбира нашите ограничувања. Библијата нѐ уверува дека тој „си спомнува дека сме прав“ (Пс. 103:14). Тој никогаш не би побарал од нас да правиме нешто што не можеме. Затоа, нема зошто да ни биде одбивна помислата дека треба да ги слушаме Јеховините заповеди. Напротив, сфаќаме дека со нашата послушност ние му покажуваме на нашиот небесен Татко дека навистина го сакаме и дека сакаме да ја зачуваме неговата љубов.

Посебен дар од Јехова

6, 7. а) Што е совеста? б) Наведи пример како може совеста да ни помогне да ја зачуваме Божјата љубов.

6 Во сложениот свет во кој живееме, мора да донесуваме многу одлуки во кои е вклучена нашата послушност кон Бог. Како можеме да бидеме сигурни дека овие одлуки се во склад со Божјата волја? Јехова ни дал еден дар кој може многу да ни помогне да бидеме послушни — совеста. Што е совеста? Тоа е посебна способност да се осознаваме себеси. Таа е како наш внатрешен судија — ни помага да размислуваме за одлуките што нѐ чекаат во животот, да ги анализираме своите постапки и да процениме дали се добри или лоши, исправни или погрешни. (Прочитај Римјаните 2:14, 15.)

7 Како ни помага совеста? Повторно ќе се послужиме со една споредба. Еден човек патува пеш низ пространи пусти предели. Нема патеки, нема патишта, нема патокази. Сепак, тој полека, но сигурно, чекори кон својата цел. Како е можно тоа? Па, има компас. Компасот има бројченик на кој се обележани четирите главни страни на светот, како и магнетна игла која секогаш покажува кон север. Без својот компас, овој патник би бил безнадежно изгубен. Слично на тоа, кога еден човек без совест би требало да донесе морално исправни одлуки во животот, најчесто би бил безнадежно изгубен.

8, 9. а) Кои ограничувања на нашата совест не смееме да ги заборавиме? б) Што може да правиме за да бидеме сигурни дека совеста навистина нѐ води во исправниот правец?

8 Но, исто како компасот, и совеста има свои ограничувања. Кога овој патник би ставил магнет во близина на компасот, иглата би покажувала кон магнетот, а не кон север. Слично на ова, што ќе се случи ако им попуштиме на желбите на нашето срце? Себичните желби можат да ни ја изопачат совеста. Библијата нѐ предупредува дека „срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Ерем. 17:9; Изр. 4:23). Освен тоа, ако патникот не носи точна карта со себе, нема да има голема корист од компасот. Слично на тоа, ако не се потпираме на сигурното и непроменливо водство од Божјата реч, Библијата, нашата совест ќе ни биде практично бескорисна (Пс. 119:105). За жал, многу луѓе во овој свет им обрнуваат премногу внимание на желбите на срцето, а ни малку на мерилата од Божјата реч. (Прочитај Ефешаните 4:17-19.) Токму затоа многу луѓе, иако имаат совест, прават ужасни работи (1. Тим. 4:2).

9 Ние никогаш не би сакале да бидеме такви! Напротив, да дозволиме Божјата реч и понатаму да ни ја обликува совеста за да нѐ води во исправниот правец. Треба да си ја слушаме совеста која сме научиле да реагира според библиските начела и да не дозволиме да нѐ водат нашите себични желби. Но, во исто време, се трудиме да ја почитуваме и совеста на нашите сакани духовни браќа и сестри. Даваме сѐ од себе за да не ги спрепнеме, имајќи на ум дека нивната совест е можеби поосетлива од нашата или не им дозволува некои работи што нам совеста ни ги дозволува (1. Кор. 8:12; 2. Кор. 4:2; 1. Пет. 3:16).

10. Кои три подрачја од животот ќе ги разгледаме сега?

10 Да разгледаме сега три подрачја од животот на кои можеме да ја покажеме нашата љубов кон Јехова со тоа што ќе му бидеме послушни. Се разбира, совеста има важна улога на секое од нив, но мора да биде обликувана, пред сѐ, од библиските мерила за однесување што ни ги дал Бог. Ќе му покажеме на Јехова дека од љубов сме му послушни ако: 1) ги сакаме оние што ги сака Тој; 2) ги почитуваме оние што имаат авторитет; и 3) се трудиме да останеме чисти во Божји очи.

Сакај ги оние што ги сака Јехова

11. Зошто треба да ги сакаме оние што ги сака Јехова?

11 Прво, мора да ги сакаме оние што ги сака Јехова. Кога станува збор за дружењето, луѓето се како сунѓери. Склони сме да го впиваме сето она што е околу нас. Нашиот Творец добро знае колку опасно — и колку корисно — може да биде дружењето за несовршените луѓе. Затоа ни го дава следниов мудар совет: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изр. 13:20; 1. Кор. 15:33). Никој од нас не би сакал ‚лошо да си помине‘, туку сака да „стане мудар“. Јехова не може да стане помудар отколку што е, ниту, пак, некој може да го расипе. Сепак, ни дава убав пример во поглед на изборот на пријатели. Размисли, кои несовршени луѓе Јехова ги избира за свои пријатели?

12. Какви луѓе избира Јехова за свои пријатели?

12 Јехова го нарекол својот слуга Авраам „мојот пријател“ (Иса. 41:8). Тој човек имал извонредна вера и бил праведен, лојален и послушен (Јак. 2:21-23). Токму такви луѓе избира Јехова за свои пријатели! Истото го прави и денес. Ако Јехова избира такви пријатели, зарем ние не треба внимателно да бираме со кого ќе се дружиме за да одиме со мудрите и да станеме мудри?

13. Што може да ни помогне да си избереме добри пријатели?

13 Што ќе ти помогне мудро да ги бираш своите пријатели? Од голема помош може да ти бидат примерите од Библијата. Размисли за пријателството помеѓу Рут и свекрва ѝ Ноемина, помеѓу Давид и Јонатан, или помеѓу Тимотеј и Павле (Рут 1:16, 17; 1. Сам. 23:16-18; Фил. 2:19-22). Овие луѓе биле толку блиски пријатели главно од една важна причина: имале длабока љубов кон Јехова. Можеш ли да си најдеш пријатели кои го сакаат Јехова колку што го сакаш и ти? Биди сигурен дека во христијанското собрание можеш да најдеш голем број такви пријатели. Тие сигурно нема да те наведат да направиш нешто што не би му се допаднало на Јехова. Напротив, ќе ти помогнат да му бидеш послушен, да растеш духовно и да сееш во духот. (Прочитај Галатите 6:7, 8.) Ќе ти помогнат да ја зачуваш Божјата љубов.

Покажувај почит кон оние што имаат авторитет

14. Од кои причини понекогаш ни е тешко да покажеме почит кон оние што имаат авторитет?

14 Вториот начин на кој покажуваме дека го сакаме Јехова е поврзан со авторитетот. Мора да ги почитуваме оние што имаат авторитет. Но, зошто понекогаш ова ни паѓа тешко? Една причина е тоа што луѓето кои имаат авторитет се несовршени. Освен тоа, и самите ние сме несовршени. Се бориме со нашата вродена склоност која нѐ тера да се бунтуваме.

15, 16. а) Зошто е важно да ги почитуваме оние на кои Јехова им ја доверил одговорноста да се грижат за неговиот народ? б) Каква важна поука извлекуваме од начинот на кој Јехова гледал на бунтот на Израелците против Мојсеј?

15 Можеби сега се прашуваш: ‚Ако е толку тешко да ги почитуваме оние што имаат авторитет, зошто мораме да го правиме тоа?‘ Одговорот е поврзан со прашањето кој има право да владее. Кого ќе избереш за свој владетел? Ако го избереме Јехова за наш Владетел, треба да го почитуваме неговиот авторитет. Ако не го почитуваме, тогаш не ни можеме да кажеме дека тој е наш Владетел. Освен тоа, Јехова обично нѐ води преку несовршени луѓе на кои им ја доверува одговорноста да се грижат за неговиот народ. Што ќе мисли Јехова ако се бунтуваме против тие луѓе? (Прочитај 1. Солуњаните 5:12, 13.)

16 На пример, кога Израелците се жалеле и се бунтувале против Мојсеј, Јехова гледал на тоа како да се бунтуваат против него (4. Мој. 14:26, 27). Бог не се сменил. Ако се бунтуваме против оние на кои тој им дал авторитет, тоа би било бунт против него!

17. Кој исправен став треба да се трудиме да го задржиме кон оние што се на одговорна положба во собранието?

17 Апостол Павле ни кажува кој е исправниот став што треба да го имаме кон оние што се на одговорна положба во христијанското собрание. Тој напишал: „Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни — зашто тие бдеат над вашите души како оние што ќе положат сметка за тоа — за да го прават со радост, а не со воздишки, зашто тоа вам би ви било на штета“ (Евр. 13:17). Точно, мораме многу да се трудиме за да развиеме таква послушност и подложност. Но, да не заборавиме дека нашата цел е да ја зачуваме Божјата љубов. Зарем не вреди да дадеме сѐ од себе за да го постигнеме тоа?

Остани чист во Јеховини очи

18. Зошто Јехова сака да останеме чисти?

18 Третиот начин на кој покажуваме дека го сакаме Јехова е ако се трудиме да останеме чисти во Јеховини очи. Обично родителите многу се трудат нивните деца да бидат чисти. Зошто? Една причина е тоа што чистотата е многу важна за здравјето и за доброто на детето. Освен тоа, кога детето е чисто, тоа остава убав впечаток за целото семејство и е доказ за љубовта и грижата на родителите. Од слични причини и Јехова сака да бидеме чисти. Тој знае дека е за наше добро да бидеме чисти. Исто така, знае дека, кога сме чисти, оставаме убав впечаток за него, нашиот небесен Татко. Тоа е многу важно, зашто луѓето можеби ќе посакаат да му служат на Бог кога ќе забележат дека ние сме поинакви од другите во овој валкан свет.

19. Од каде знаеме дека физичката чистота е важна?

19 Во кој поглед треба да бидеме чисти? Буквално, во секој поглед. Во древниот Израел, Јехова јасно му дал до знаење на својот народ дека физичката чистота е многу важна (3. Мој. 15:31). Во Мојсеевиот закон имало прописи во врска со отстранувањето на изметот, чистењето на садовите и миењето на рацете, нозете и облеката (2. Мој. 30:17-21; 3. Мој. 11:32; 4. Мој. 19:17-20; 5. Мој. 23:13, 14). Израелците биле потсетени дека нивниот Бог, Јехова, е свет — што значи чист, неизвалкан. И слугите на светиот Бог треба да бидат свети. (Прочитај 3. Мојсеева 11:44, 45.)

20. Во кој поглед треба да останеме чисти?

20 Според тоа, треба да бидеме чисти и однатре и однадвор. Се трудиме мислите да ни бидат чисти. Послушно се држиме за Јеховините мерила во врска со моралната чистота, без разлика колку е расипан светот околу нас. Што е најважно, одлучни сме да го зачуваме чисто нашето обожавање, така што нема да дозволиме никакво мешање со лажната религија. Секогаш се држиме за зборовите што биле запишани под водството на светиот дух во Исаија 52:11: „Одете си, одете си, излезете оттаму, не допирајте ништо нечисто! Излезете од него, бидете чисти“. Денес, остануваме духовно чисти така што немаме ништо заедничко со она што нашиот небесен Татко го смета за нечисто во духовна смисла. Од таа причина, на пример, не учествуваме во верски празници и прослави, што денес се многу популарни. Точно, не е лесно да се остане чист. Но, Јеховините слуги даваат сѐ од себе за да бидат чисти, зашто тоа им помага да ја зачуваат Божјата љубов.

21. Како можеме да ја зачуваме Божјата љубов?

21 Јехова сака засекогаш да ја имаме неговата љубов. Но, секој од нас лично мора да направи сѐ што може за да ја зачува. Можеме да го постигнеме ова ако го следиме примерот на Исус и ако докажеме дека го сакаме Јехова со тоа што ќе им бидеме послушни на неговите заповеди. Ако правиме така, може да бидеме сигурни дека ништо „не може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господар“ (Рим. 8:38, 39).

Се сеќаваш ли?

• Како совеста може да ни помогне да ја зачуваме Божјата љубов?

• Зошто треба да ги сакаме оние што ги сака Јехова?

• Зошто мораме да ги почитуваме оние што имаат авторитет?

• Колку е важна чистотата за Божјиот народ?

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 20]

ПУБЛИКАЦИЈА ШТО ПОТТИКНУВА НА ДОБРО ОДНЕСУВАЊЕ

Во текот на обласниот конгрес што се одржа во 2008 год., излезе книгата со 224 страници, која носи наслов Зачувај ја Божјата љубов. Која е целта на оваа нова книга? Таа би требало да им помогне на христијаните да ги запознаат и да ги засакаат Јеховините мерила, и главно зборува за христијанското однесување. Ако внимателно ја проучиме книгата Зачувај ја Божјата љубов, ќе се зацврсти нашата увереност дека нема ништо подобро од тоа да живееме во склад со Јеховините мерила. Така ќе водиме најдобар живот сега и ќе добиеме вечен живот во иднина.

Освен тоа, оваа книга е наменета да ни помогне да сфатиме дека не е тешко да му бидеме послушни на Јехова. Напротив, на тој начин можеме да му покажеме колку го сакаме. Затоа оваа публикација нѐ тера да се прашаме: ‚Зошто јас сум му послушен на Јехова?‘

Кога некои, за жал, ќе ја изгубат Јеховината љубов, обично проблемот е однесувањето, а не некое библиско учење. Затоа, многу е важно да ја зајакнеме нашата љубов и ценење за Јеховините закони и начела што нѐ водат во секојдневниот живот! Уверени сме дека оваа нова публикација ќе им помогне на Јеховините овци низ целиот свет цврсто да се борат за она што е исправно, да докажат дека Ѓаволот е лажливец и, пред сѐ, да ја зачуваат Божјата љубов! (Јуда 21).

[Слика на страница 18]

„Ако ги држите моите заповеди, ќе останете во мојата љубов, како што јас ги држев заповедите на Таткото и останувам во неговата љубов“