Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вечерта посветена на Јехова неопходна за преживување!

Вечерта посветена на Јехова неопходна за преживување!

Вечерта посветена на Јехова неопходна за преживување!

ЗАМИСЛИ СИ колку страшна ќе биде „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“! (Отк. 16:14). Овој настан живописно ни го претставил пророкот Михеј со зборовите: „Планините ќе се растопат,.. а рамниците ќе се разделат како восок на оган и како води излеани по стрмнина“ (Мих. 1:4). Што ќе ги снајде оние што не му служат на Јехова? Божјата реч вели: „Во тој ден ќе има погубени од Јехова од едниот крај на земјата до другиот“ (Ерем. 25:33).

Имајќи ги на ум овие предупредувања, ќе биде добро семејните поглавари — меѓу кои има и многу самохрани родители — да се прашаат во врска со своите деца кои се доволно возрасни да донесуваат сопствени одлуки: ‚Дали ќе го преживеат тој значаен настан?‘ Библијата нѐ уверува дека ќе преживеат доколку имаат близок однос со Јехова, нормално, во склад со нивната возраст (Мат. 24:21).

Колку е важно да се посвети една вечер на Јехова

Како родител, прави сѐ што можеш за да ги воспиташ децата ‚со стега од Јехова и да им помогнеш да го усвојат неговиот начин на размислување‘ (Еф. 6:4). Не може доволно да се нагласи колку е важно да ја проучуваш Библијата со своите деца. Наша желба е младите да бидат како христијаните во Филипи, кои апостол Павле ги пофалил бидејќи од срце му биле послушни на Јехова. Тој напишал: „Сакани мои, како што секогаш бевте послушни — не само кога сум со вас туку уште повеќе сега кога не сум со вас — работете на своето спасение со страв и трепет“ (Фил. 2:12).

Дали твоето дете е послушно на Јеховините закони кога не си со него, на пример, кога е на училиште? Како можеш да му помогнеш да сфати колку се мудри овие закони за да може да постапува според нив дури и кога е само?

Семејната вечер посветена на Јехова може многу да му помогне на твоето дете да си ја зајакне верата. Да разгледаме три важни елементи што треба да ги има една Семејна вечер за да биде успешна.

Редовност

Библијата покажува дека Божјите ангелски синови доаѓаат кај Јехова во однапред одредено време (Јов 1:6). И ти прави го истото со твоите деца. Одреди ден и час за вашата Семејна вечер и држи се за тој термин. Би можел да одредиш и резервен термин во случај да излезе нешто непредвидено.

Но, како што минува времето, немојте да почнете да ја пропуштате Семејната вечер. Запомни дека твоите деца се твоите најважни интересенти. Сатана многу би сакал да ги проголта како плен (1. Пет. 5:8). Ако ја запоставите Семејната вечер за да гледате телевизија или заради некоја друга помалку важна активност, тоа е победа за него (Еф. 5:15, 16; 6:12; Фил. 1:10).

Практични поуки

Семејната вечер не треба да се сведе на сувопарно учење факти. Потруди се поуките да бидат практични. Како да го постигнеш тоа? Одвреме-навреме, избери теми поврзани со ситуации во кои твоето дете би можело да се најде по неколку денови или седмици. На пример, би можеле заедно да вежбате уводи за служба. Младите уживаат да прават работи што добро им одат. Ако вежбаат презентации и размислуваат како да одговорат на различни приговори, ќе проповедаат за Царството со поголема увереност (2. Тим. 2:15).

Друг предлог би бил да вежбате дијалози кои ќе му помогнат на детето да му се спротивстави на притисокот од врсниците. Темел за ваквата семејна дискусија може да биде 15. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2. Во рамката „Како против притисокот од врсниците“, на страници 132 и 133, дадени се неколку предлози што можат да му помогнат на детето да размисли како да реагира во дадена ситуација. На 133. страница, најдолу, даден е следниов поттик: „Со некој од родителите или со некој зрел пријател вежбај како ќе одговориш“. Зошто повремено да не го правите тоа на вашата Семејна вечер?

Семејната вечер им дава можност на родителите да им покажат на своите деца колку е корисно да си поставуваат духовни цели. Одлични информации на оваа тема има во 38. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2, со наслов „Што ќе правам со мојот живот?“ Додека дискутирате за ова поглавје, помогни му на твоето дете да сфати дека најдобриот избор што некој може да го направи е да го стави Јехова на прво место во својот живот. Всади му желба еден ден да стане пионер, да служи во Бетел, да оди на Школата за организациско оспособување или да започне некој друг вид полновремена служба.

Но, внимавај! Некои добронамерни родители толку многу се концентрираат на она што тие сакаат нивното дете да постигне што забораваат да ги пофалат за она што тоа веќе го постигнало. Сосема е на место да го поттикнеш своето дете да си постави цел да служи во Бетел или како мисионер. Но, внимавај да не го огорчиш и да не го разочараш со тоа што постојано ќе му повторуваш што очекуваш од него (Кол. 3:21). Никогаш не заборавај дека син ти или ќерка ти треба да го засака Јехова со своето срце, а не со твоето (Мат. 22:37). Затоа, труди се да го пофалиш детето за она што го прави, наместо да се концентрираш на она што не го прави. Помогни му да цени сѐ што направил Јехова за нас. А потоа, дозволи му само да сфати колку е добар Јехова и да му возврати на љубовта.

Направи го проучувањето интересно

Третиот важен елемент на една успешна Семејна вечер е таа да биде интересна. Како да го постигнеш тоа? Понекогаш би можеле да слушате некоја аудиодрама или да гледате некој филм од Јеховините сведоци, и потоа да дискутирате за него. Или, би можеле заедно да читате дел од Библијата при што секој ќе има своја улога.

Во Стражарска кула и Разбудете се! има рубрики кои можете да ги разгледате како семејство. На пример, би можеле да ја користите рубриката „Како ќе одговориш?“ на 31. страница од списанието Разбудете се! Во изданието на Стражарска кула за широка публика, секој втор месец излегува рубриката „Катче за младите“, а во другите броеви излегува рубриката „Поучете ги своите деца“, која, исто така, е наменета за најмладите.

Статиите од рубриката „Младите прашуваат“ во Разбудете се!, како и книгата Младите прашуваат, том 2, можат многу да им користат на родителите кои имаат деца на тинејџерска возраст. Додека ја разгледувате оваа книга, не прескокнувајте ја рамката на крајот од секое поглавје со наслов „Што мислиш?“ Прашањата во неа не се наменети само за повторување. Тие можат да послужат како темел за разговор кога проучувате како семејство.

Но, внимавај да не го претвориш семејното проучување во непријатно испрашување. На пример, немој да го тераш детето да ти прочита што напишало на страниците со наслов „Мојот дневник“ или на другите места од книгата каде што е оставен простор да се изразат чувства. На 3. страница, во делот „До родителите“, стои: „За да ги поттикнете своите деца искрено да ги запишуваат своите мисли, оставете им извесна мера приватност. Можеби подоцна ќе ви кажат и вам што запишале во книгата“.

Ако редовно ја одржувате вашата Семејна вечер посветена на Јехова и ако се трудите таа да биде исполнета со практични и интересни поуки, Јехова богато ќе го благослови вашиот напор. Оваа посебна вечер ќе му помогне на твоето семејство да остане духовно здраво и цврсто.

[Рамка на страница 31]

Биди креативен

„Кога проучувавме со ќерките, сите заедно го разгледувавме материјалот за состанок, а потоа ним им дававме задача да нацртаат слика која добро ја опишува поуката од тој материјал. Понекогаш глумевме некоја библиска сцена или вежбавме презентации за служба. Се трудевме проучувањето да биде интересно, позитивно, забавно и соодветно за нивната возраст“ (Џ. М., САД).

„За да му помогнеме на синчето на една интересентка да сфати како изгледало во библиски времиња да се чита од свиток, ја отпечативме книгата Исаија без ознаките за поглавја и стихови. Страниците ги споивме, а на секој крај залепивме по една цевка. Детето се обиде да го повтори она што го направил Исус во синагогата во Назарет. Според Лука 4:16-21, Исус ‚го отворил свитокот [од Исаија] и го нашол‘ стихот што го барал (Иса. 61:1, 2). Но, кога момчето се обиде да го стори истото, му беше тешко да го најде 61. поглавје од Исаија во свиток во кој не беа означени поглавјата и стиховите. Одушевено од тоа колку вешто Исус се снаоѓал со свитоци, детето извика: ‚Исус бил генијалец!‘“ (Ј. Т. Јапонија).

[Слика на страница 30]

На децата ќе им биде од помош да вежбате како да постапат во одредени ситуации

[Слика на страница 31]

Труди се да ја направиш интересна Семејната вечер посветена на Јехова