Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Која е поуката од Изреки 24:27?

Писателот на книгата Изреки му го дава следниов совет на еден млад човек: „Сврши ја својата работа надвор и уреди си ја нивата. Потоа гради го својот дом“. Што сакал да каже писателот со оваа изрека што ја напишал под водство на светиот дух? Дека човек треба добро да се подготви пред да се ожени и да основа семејство, затоа што е свесен дека таквиот чекор ќе му донесе сериозни одговорности.

Во минатото, понекогаш имавме објаснување дека, според овој стих, тој што е сопруг и татко не треба да се грижи само за својата световна работа туку и да се труди да го изградува, односно да го охрабрува своето семејство, на пример, со тоа што ќе го поучува за духовни работи. Иако ова е точно и во склад со Библијата, се чини дека не е главната мисла во овој стих. Зошто? Да разгледаме две причини.

Прво, стихот не зборува за изградување — во смисла на охрабрување и зајакнување — на семејството што некој веќе го има. Наместо тоа, се мисли на дословно градење на дом, односно куќа. Зборот преведен со „гради“ може да има и преносно значење, и да укажува на градење, односно основање на дом — или, со други зборови, на стапување во брак и подигање деца.

Второ, стихот нагласува дека работите треба да се прават по исправен редослед, како да сака да каже: „Прво направи го ова, а потоа другото“. Тогаш, дали оваа изрека на некој начин укажува дека световните одговорности треба да дојдат пред духовните? Воопшто не!

Во библиски времиња, ако некој сакал да го „гради својот дом“, односно да се венча и да основа семејство, требало да размисли: ‚Спремен ли сум да ги издржувам и да се грижам за сопругата и за децата што можеби ќе ги имаме?‘ Пред да основа семејство, тој требало да работи, да се грижи за нивите или житото. Затоа, во преводот Радосна Вест овој стих е преведен на следниов начин: „Уреди си ги прво надворешните работи — работите околу нивите доврши ги — па потоа куќа гради си“. Дали истото начело важи и денес?

Да. Ако еден млад човек сака да се ожени, треба прво да се подготви за одговорностите што го чекаат. Сѐ додека е физички способен, ќе треба да работи. Се разбира, мажот не треба да работи напорно само за да го издржува семејството во материјален поглед. Божјата реч покажува дека оној што не се грижи за физичките, емоционалните и духовните потреби на своето семејство е полош од неверник! (1. Тим. 5:8). Затоа, кога се подготвува да стапи во брак и да има семејство, еден млад човек треба да си ги постави следниве прашања: ‚Дали ќе можам да заработувам доволно за да издржувам семејство? Дали сум спремен да предводам во духовните активности на семејството? Ќе можам ли редовно да ја проучувам Библијата со жена ми и со децата?‘ Божјата реч става голем нагласок на овие важни одговорности (5. Мој. 6:6-8; Еф. 6:4).

Затоа, еден млад човек кој сака да се жени треба внимателно да размисли за начелото од Изреки 24:27. Но, и една девојка треба да размисли дали е подготвена да ги понесе одговорностите на една сопруга и мајка. Еден млад брачен пар треба да си постави слични прашања и кога размислува за можноста да има деца (Лука 14:28). Ако живеат според овие вдахновени упатства, Божјите слуги ќе бидат поштедени од многу болки и ќе уживаат во еден среќен семеен живот.

[Истакната мисла на страница 12]

Кои прашања за бракот треба да си ги постави еден млад човек?