Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Три конгреси ми го трасираа патот во животот

Три конгреси ми го трасираа патот во животот

Три конгреси ми го трасираа патот во животот

Раскажал Џорџ Воренчак

ДАЛИ некогаш си чул нешто на некој наш конгрес што толку те допрело до срце што си бил поттикнат да направиш големи промени во животот? Токму ова ми се случи мене. Кога размислувам за минатото, јасно гледам дека главно три конгреси ми го трасираа патот во животот. Првиот ми помогна да не бидам толку плашлив, вториот ми помогна да бидам задоволен со она што го имам и третиот ми помогна да не се штедам во службата. Меѓутоа, пред да ви раскажам за тие промени, да ви објаснам што ми се случуваше во детството, со години пред да се одржат овие конгреси.

Роден сум во 1928 год., како најмало од трите деца во семејството. Заедно со моите сестри, Марџи и Олга, пораснав во Саут Баунд Брук, во Њу Џерси (САД), гратче кое во тоа време имаше околу 2.000 жители. Иако бевме сиромашни, мајка ми беше дарежлива жена. Секогаш кога имаше пари, правеше посебен ручек, кој го делевме со соседите. Кога имав девет години, мајка ми ја посети една жена, Сведок, која зборуваше унгарски. Бидејќи тоа ѝ беше мајчин јазик на мајка ми, таа се заинтересира за библиската порака. Подоцна, Берта, една сестра која имаше дваесетина години, продолжи да ја проучува Библијата со неа и ѝ помогна да му стане слуга на Јехова.

За разлика од мајка ми, јас бев плашлив по природа и немав самодоверба. Уште потешко ми паѓаше што и таа имаше обичај да ме омаловажува. Кога еднаш со солзи во очите ја прашав: „Зошто секогаш ми наоѓаш маани?“, ми кажа дека ме сака, но дека нема намера да ме разгали. И покрај тоа што имаше добри намери, ми наметна чувство на пониска вредност, зашто речиси никогаш не знаеше да ме пофали.

Еден ден, една сосетка која честопати љубезно разговараше со мене ме праша дали би сакал заедно со нејзините синови да одам во недела на час по веронаука во нивната црква. Знаев дека на Јехова нема да му биде мило ако одам, но се плашев да не ја навредам оваа љубезна сосетка. И така, неколку месеци одев во црква, иако се срамев од себеси. И на училиште, стравот од човек ме натера да постапувам спротивно на она што ми го налагаше совеста. Директорот на училиштето, човек што сакаше да заповеда, им нареди на наставниците да ги тераат сите деца да го поздравуваат знамето. И јас го поздравував. Ова го правев речиси цела година, но потоа дојде до промена.

Научив да бидам храбар

Во 1939 год., во нашата куќа почна да се состанува една група за проучување на книга. Состанокот го водеше Бен Мискалски, млад брат кој служеше како пионер. Го викавме Биг Бен — и тоа со добра причина. Тогаш ми се чинеше дека е висок и широк како нашата капија! Но, иако со својот изглед влеваше страв, Бен имаше многу меко срце, и неговата срдечна насмевка ме опушташе. Кога ме праша дали сакам да одам во служба со него, веднаш се сложив. Со текот на времето, станавме пријатели. Кога се чувствував потиштено, тој разговараше со мене грижливо и заинтересирано како да ми е постар брат. Тоа многу ми значеше, и јас го засакав од срце.

Во 1941 год., Бен ни понуди да нѐ вози на конгрес во Сент Луис (Мисури). Може да си замислите колку бев возбуден! Никогаш порано немав отидено подалеку од 80 километри од дома, а сега требаше да патувам во град оддалечен 1.500 километри! Но, во Сент Луис имавме проблеми. Иако многу од жителите ветиле дека ќе ги примат Сведоците во своите домови за време на конгресот, свештениците им забраниле да го сторат тоа. Под притисок, мнозина откажаа. Семејството кај кое требаше да бидеме сместени исто така добило закани. Сепак, тие нѐ примија. Нашите домаќини рекоа дека нема да си го погазат зборот и да ни го откажат престојот. Бев восхитен од нивната храброст.

Моите сестри се крстија на тој конгрес. Истиот ден, брат Ратерфорд, од Бетелот во Бруклин, одржа мотивирачки говор во кој ги замоли сите деца што сакаат да ја вршат Божјата волја да станат. Станаа околу 15.000 деца. Станав и јас. Потоа ги замоли сите деца што се спремни да прават сѐ што можат во проповедничкото дело да кажат „Да!“ Заедно со другите деца, и јас силно извикав „Да!“ Следеше громогласен аплауз. Ми се чинеше дека добив крилја!

По конгресот, отидовме на гости кај еден брат во Западна Вирџинија. Тој ни раскажа дека, кога еднаш проповедал, насилна толпа луѓе го претепале и го полеале со катран и со пердуви. Слушав без да трепнам. „Но, нема да престанам да проповедам“, рече братот. Кога си заминавме откај него, се чувствував како Давид. Бев спремен да се соочам со мојот Голијат — со директорот на училиштето.

Кога се вратив дома и отидов на училиште, му пристапив на директорот. Тој бесно ме гледаше. Во себе му се помолив на Јехова за помош, а потоа брзо кажав: „Бев на конгрес на Јеховините сведоци, и повеќе нема да го поздравувам знамето!“ Следеше долга пауза. Потоа директорот бавно стана од столот и зачекори кон мене. Лицето му беше црвено од гнев. Ми свика: „Поздрави го знамето или ќе бидеш истеран од училиштево!“ Овој пат не попуштив. Длабоко во себе бев радосен како никогаш порано.

Едвај дочекав да му кажам на Бен што се случи. Кога го видов во Салата на Царството, веднаш извикав: „Ме исфрлија од училиште! Не го поздравив знамето! Бен ме прегрна, се насмевна и рече: „Биди сигурен дека Јехова многу те сака“ (5. Мој. 31:6). Колку ме охрабрија тие неколку збора! Се крстив на 15 јуни 1942 год.

Научив да бидам задоволен со она што го имам

По Втората светска војна, државната економија доживеа вистински бум, и целата земја ја зафати бран на материјализам. Имав добро платена работа и можев да си дозволам работи за коишто пред тоа можев само да сонувам. Некои мои пријатели си купија мотоцикли, а други си ги реновираа куќите. Јас си купив нова кола. Набрзо, воден од желбата за сѐ повеќе материјални удобности, почнав да посветувам сѐ помалку време на мојата служба за Јехова. Бев свесен дека одам во погрешна насока. За среќа, конгресот што се одржа во Њујорк Сити, во 1950 год., ми помогна да го исправам мојот став и моите постапки.

На тој конгрес, еден по друг, говорниците ги поттикнуваа присутните да ја зголемат својата проповедничка активност. Еден од нив го даде следниов совет: „Бидете задоволни со неопходното, и продолжете да трчате во трката“. Ми се чинеше дека ми се обраќа лично мене. Исто така, присуствувавме на дипломирањето на еден клас од Школата Гилеад, и тоа ме наведе да си помислам: ‚Ако овие Сведоци на моја возраст можат да ги остават материјалните удобности за да служат во друга земја, зарем не треба јас да бидам спремен да го сторам истото овде дома?‘ До крајот на конгресот, веќе имав решено да станам пионер.

Во меѓувреме, почнав да излегувам со Евелин Мондак, една ревносна сестра од моето собрание. Мајка ѝ на Евелин, која воспита шест деца, беше бестрашна жена. Многу сакаше да сведочи на улица пред една огромна римокатоличка црква. Разбеснетиот свештеник безброј пати ѝ заповеда да си замине, но таа не мрднуваше оттаму. Исто како мајка си, ни Евелин не се плашеше од луѓе (Изр. 29:25).

Во 1951 год., јас и Евелин се венчавме, дадовме отказ од работа и почнавме со пионерска служба. Покраинскиот надгледник нѐ поттикна да се преселиме во Амагансет, село на атлантското крајбрежје, на 150-тина километри од Њујорк. Кога браќата од тамошното собрание ни кажаа дека нема каде да се сместиме, баравме да купиме камп-приколка, но не успеавме да најдеме таква што ќе можеме да си ја дозволиме. Потоа видовме една стара и прилично оштетена приколка. Сопственикот ни побара 900 долари за неа — точно толку пари колку што добивме од свадбата. Ја купивме, ја поправивме и се преселивме на новото подрачје. Но, стигнавме таму без скршена пара в џеб и се чудевме како ќе преживееме како пионери.

Евелин почна да чисти куќи, а јас најдов работа како ноќен чистач во еден италијански ресторан. Сопственикот ми рече: „Сета храна што ќе остане можеш да ѝ ја однесеш дома на жена ти“. И така, кога се враќав од работа во два часот наутро, во нашата приколка се ширеше миризба на пици и на тестенини. Тие подгреани оброци беа вистинска гозба, особено зиме кога се тресевме од студ во камп-приколката. Освен тоа, браќата од собранието понекогаш ни оставаа пред врата по некоја голема риба. Во годините кога служевме со тие драги браќа во Амагансет, научивме дека, ако човек е задоволен со основните работи, животот може да му биде исполнет. Тоа навистина беа среќни времиња!

Поттикнати да не се штедиме во службата

Во јули 1953 год., им изразивме добредојде на стотици мисионери кои беа дојдени од своите задачи во странство за да присуствуваат на меѓународниот конгрес во Њујорк. Тие раскажаа прекрасни искуства. Нивната воодушевеност беше заразна. Освен тоа, кога еден говорник нагласи дека пораката за Царството сѐ уште нема стигнато во многу земји, знаевме што треба да правиме — да се трошиме уште повеќе со тоа што ќе ја зголемиме службата. Веднаш се пријавивме да добиеме обука за мисионери. Истата година бевме поканети во 23. клас на Школата Гилеад, кој започна во февруари 1954 год. За нас тоа беше огромна чест!

Бевме возбудени кога дознавме дека сме доделени да служиме во Бразил. Пред да тргнеме на 14-дневно патување со пароброд, еден одговорен брат од Бетел ми рече: „Заедно со тебе и со жена ти, за Бразил ќе патуваат уште девет мисионерки. Грижи се за нив!“ Можете да си ги замислите лицата на морнарите додека ме гледаа како се качувам на бродот со десет жени по мене! Но, сестрите лесно се снајдоа во таа ситуација. Сепак, ми олесни кога безбедно пристигнавме во Бразил.

Откако научивме португалски, добив задача да служам како покраински надгледник во Рио Гранде до Сул, држава во јужен Бразил. Покраинскиот надгледник што требаше да го заменам, еден брат самец, ни рече: „Ме чуди што овде испратија брачен пар. Условите за живот се многу лоши“. Собранијата беа распрснати низ едно огромно селско подрачје, а до некои можеше да се стигне само со камион. Во замена за еден оброк, возачите дозволуваа да се качиме на нивниот камион. Исто како јавачи на коњи, седевме со раширени нозе врз товарот што се пренесуваше, држејќи се со двете раце за јажињата со кои беа врзани пакетите. Секогаш кога камионот ќе свртеше на некоја остра кривина, ги стегавме јажињата со сета сила додека натрупаниот товар опасно се навалуваше, а погледот ни паѓаше на длабоките провалии. Но, кога ќе ги видевме среќните лица на браќата кои нестрпливо нѐ очекуваа, заборававме на сите маки од тие долги патувања.

Живеевме во домовите на браќата. Тие беа многу сиромашни, но тоа не ги спречуваше да се трошат во службата. Во едно зафрлено подрачје, сите браќа работеа во една фабрика за пакување месо. Бидејќи беа многу слабо платени, можеа да си дозволат само по еден оброк дневно. Ако не работеа еден ден, не добиваа плата. Сепак, за време на нашите посети, земаа два дена одмор за да учествуваат во собраниските активности. Ја полагаа својата доверба во Јехова. Од овие понизни браќа научивме незаборавни лекции за тоа што значи да се прават жртви за Божјето Царство. Додека живеевме меѓу нив, научивме работи што не можат да се научат во ниту една школа. До ден-денес, кога ќе се сетам на тие браќа, очите ми се полнат со солзи радосници.

Во 1976 год., се вративме во САД за да се грижиме за мојата болна мајка. Ни беше тешко да си заминеме од Бразил, но благодарни сме што бевме сведоци на еден извонреден пораст на делото за Царството во таа земја. Секогаш кога ќе добиеме писмо оттаму, во мислите ни навираат многу драги спомени од тоа прекрасно време во нашиот живот.

Повторни средби со драги лица

Додека се грижевме за мајка ми, продолживме да служиме како пионери и повторно се издржувавме со чистење. Мајка ми умре, верна на Јехова, во 1980 год. Потоа, бев повикан да служам како покраински надгледник во САД. Во 1990 год., јас и жена ми посетивме едно собрание во Конектикат, и таму се сретнавме со еден човек што ми е многу драг. Еден од старешините во собранието беше Бен — да, истиот тој Бен што ми помогна пред 50-ина години да застанам цврсто на Јеховината страна! Не можете да си замислите колку бевме радосни кога се прегрнавме по толку години!

Од 1996 год., јас и Евелин служиме како специјални пионери со здравствени ограничувања во едно собрание на португалски јазик во Елизабет (Њу Џерси). Јас не сум добар со здравјето, но со помош на мојата мила жена, учествувам во службата најмногу што можам. Евелин ѝ помага и на една болна, стара сосетка. Знаете која е таа сосетка? Берта! Да, истата Берта што ѝ помогна на мајка ми да стане Јеховин слуга пред повеќе од 70 години! Многу се радуваме што имаме можност да ѝ покажеме колку го цениме сето она што го направи за да му помогне на моето семејство да ја дознае вистината.

Многу сум благодарен што тие дамнешни конгреси ме поттикнаа да застанам цврсто на Божјата страна, да си го поедноставам животот и да ја зголемам својата служба. Тие конгреси навистина ми го трасираа патот во животот!

[Слика на страница 23]

Мајката на Евелин (лево) со мајка ми

[Слика на страница 23]

Мојот пријател Бен

[Слика на страница 24]

Во Бразил

[Слика на страница 25]

Со Евелин денес