Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да се однесуваме учтиво како Божји слуги

Да се однесуваме учтиво како Божји слуги

Да се однесуваме учтиво како Божји слуги

„Угледајте се на Бог“ (ЕФ. 5:1)

1, 2. а) Зошто се важни добрите манири? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

 ВО ВРСКА СО учтивото однесување, писателката Сју Фокс вели: „Добрите манири не се прашање на избор. Учтивоста е потребна секаде и во секое време“. Кога луѓето се трудат постојано да бидат љубезни, обично имаат малку или воопшто немаат проблеми со другите. Меѓутоа, важи и спротивното. Ако се однесуваме грубо со другите, тоа води до судири, огорченост и тага.

2 Христијанското собрание се состои од луѓе кои, општо гледано, се учтиви кон другите. Сепак, мора да внимаваме да не усвоиме некои од лошите манири што се вообичаени во денешниов свет. Да видиме како примената на библиските начела поврзани со учтивоста може да нѐ заштити во овој поглед и да ги привлече луѓето кон вистинскиот Бог. За да разбереме што, меѓу другото, опфаќа учтивото однесување, да ги разгледаме примерите на Јехова Бог и на неговиот Син.

Јехова и неговиот Син — пример за учтиво однесување

3. Каков пример за учтивост ни дава Јехова Бог?

3 Јехова Бог е совршен пример за учтивост. И покрај својата висока положба на Севишен Господар на вселената, тој постапува со луѓето многу љубезно и со голема почит. Кога им се обраќал и на Авраам и на Мојсеј, Јехова користел еден хебрејски збор што честопати се преведува со „те молам“ (1. Мој. 13:14; 2. Мој. 4:6). Кога неговите слуги грешат, Јехова е „милосрден и милостив, бавен на гнев и полн со милост и со вистинољубивост“ (Пс. 86:15). Тој е многу поинаков од некои луѓе кои брзо избувнуваат кога другите не го прават она што тие го очекуваат од нив.

4. Како може да го следиме примерот на Јехова кога другите зборуваат со нас?

4 Божјата учтивост се гледа и од начинот на кој ги сослушува луѓето. Кога Авраам му поставил прашања во врска со жителите на Содом, Јехова стрпливо му одговорил на сите (1. Мој. 18:23-32). Не сметал дека само губи време со тоа што обрнува внимание на она што го загрижувало Авраам. Јехова ги сослушува молитвите на своите слуги, како и повиците на грешниците што се каат. (Прочитај Псалм 51:11, 17.) Зарем не треба да го следиме Неговиот пример така што ќе слушаме кога другите зборуваат со нас?

5. Како може да ги подобриме односите со другите ако го следиме Исусовиот пример на учтивост?

5 Исус Христос научил многу работи од својот Татко, а меѓу другото научил и да биде учтив со другите. Иако имало денови кога од утро до мрак се трошел во службата и бил уморен, Исус секогаш бил стрплив и љубезен. Тој спремно им помагал на лепрозните, на слепите кои немале друг избор освен да просат и на другите кои имале потреба од помош. Не ги игнорирал, иако доаѓале кај него без да се најават однапред. Честопати го прекинувал она што го правел за да му помогне на некој што имал мака. Тој бил посебно обѕирен кон оние што покажувале вера во него (Мар. 5:30-34; Лука 18:35-41). Како христијани, го следиме примерот на Исус со тоа што сме љубезни и спремни да помогнеме. Нашите роднини, соседи и другите сигурно ќе го забележат таквото однесување. Што е уште поважно, кога постапуваме така, му носиме чест на Јехова, а и самите сме посреќни.

6. Како покажал Исус што значи да се постапува срдечно и пријателски кон другите?

6 Исус покажувал почит кон луѓето и со тоа што им се обраќал по име. Дали еврејските верски водачи го правеле истото? Не. Тие ги сметале оние што не го познавале Законот за ‚проклет народ‘, и постапувале со нив на таков начин (Јован 7:49). Божјиот Син не го правел тоа. На Марта, Марија, Закхеј и на многу други тој им се обратил или ги спомнал по име (Лука 10:41, 42; 19:5). Иако културата и околностите можеби влијаат врз начинот на кој им се обраќаме на луѓето денес, ние како Јеховини слуги се трудиме да бидеме срдечни кон нив. * Не дозволуваме класните разлики да ја намалат кај нас почитта која сме должни да им ја укажеме на нашите соверници и на луѓето воопшто. (Прочитај Јаков 2:1-4.)

7. Како библиските начела ни помагаат да бидеме учтиви кон луѓето насекаде?

7 Со својата учтивост која ја покажуваат кон луѓето од разни националности и етнички групи, Бог и неговиот Син им искажуваат почит и ги привлекуваат оние што се исправно настроени кон вистината. Се разбира, она што се смета за учтиво однесување се разликува од место до место. Затоа, не следиме некој список на строги правила во однос на манирите. Наместо тоа, се водиме според библиските начела. Тие ни помагаат да им искажуваме почит на луѓето сеедно каде живееме. Да разгледаме како нашето учтиво однесување може да ни помогне да бидеме поуспешни во службата.

Да ги поздравуваме луѓето и да зборуваме со нив

8, 9. а) Која навика може лесно да се сфати како неучтивост од наша страна? б) Зошто треба да дозволиме зборовите на Исус запишани во Матеј 5:47 да влијаат врз нашето однесување кон луѓето?

8 Бидејќи во многу места денес луѓето живеат со брзо темпо, вообичаено е двајца да се разминат, а да не си речат ни „здраво“ ни „како си?“ Се разбира, од никого не се очекува да зборува со сите што поминуваат покрај него на тротоар преполн со луѓе. Но, во многу други ситуации е во ред, па дури и пожелно да ги поздравиме другите. Дали и ти имаш обичај да ги поздравиш луѓето или најчесто ги одминуваш без насмевка или без љубезен збор? Иако без лоша намера, некому може да му стане навика да постапува на ваков начин кој, всушност, е неучтив.

9 Исус ни дал едно потсетување кога рекол: „Ако ги поздравувате само своите браќа, правите ли нешто посебно? Зарем не го прават истото и незнабошците?“ (Мат. 5:47). Во врска со ова, советникот Доналд Вајс напишал: „На луѓето не им се допаѓа кога другите ги одминуваат како воопшто да не ги гледаат. Всушност, не постои доволно добар изговор за да се игнорира некој. Решението е лесно: Поздравувај ги луѓето. Зборувај со нив“. Ќе имаме добри резултати ако не сме резервирани ниту, пак, ладни спрема другите.

10. Како учтивото однесување може да ни помогне да бидеме поуспешни во службата? (Види ја рамката  „Започни со срдечна насмевка“.)

10 Да го разгледаме примерот на Том и Керол, брачен пар христијани кои живеат во голем град во Северна Америка. Една од целите што си ги поставиле во службата била да водат пријатни разговори со луѓето кои ги среќаваат. Како го прават ова? Осврнувајќи се на Јаков 3:18, Том вели: „Се трудиме да се однесуваме пријателски и мирољубиво со луѓето. Им пристапуваме на оние што се во својот двор и на оние што работат во тој дел од градот. Им се насмевнуваме и ги поздравуваме. Зборуваме со нив за работи што ги интересираат — за нивните деца, кучиња, домови или работа. Со текот на времето, почнуваат да нѐ сметаат за пријатели“. Керол додава: „Подоцна, им кажуваме како се викаме и прашуваме како се викаат тие. Им кажуваме што правиме во нивното соседство, но разговараме само кратко. Со текот на времето, успеваме да им сведочиме“. Многу од овие луѓе стекнале доверба во Том и Керол. Голем број од нив зеле библиски публикации, а неколкумина покажале и поголем интерес за вистината.

Биди учтив и кога тоа не е лесно

11, 12. Зошто може да очекуваме дека ќе наидеме на грубо однесување кога ја проповедаме добрата вест, и како треба да постапиме?

11 Понекогаш, кога ја проповедаме добрата вест, некои се груби кон нас. Ова не нѐ изненадува затоа што Исус Христос ги предупредил своите ученици: „Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20). Но, ако вратиме со иста мера на навредливите зборови, ништо нема да постигнеме. Како треба да реагираме? Апостол Петар напишал: „Христос, како Господар, нека биде свет во вашите срца и секогаш бидете спремни за одбрана пред секој што од вас бара да ја образложите надежта која е во вас, но тоа правете го благо и со длабока почит“ (1. Пет. 3:15). Ако постапиме учтиво — одговарајќи благо и со почит — можеби ќе ги омекнеме оние што нѐ навредуваат (Тит 2:7, 8).

12 Може ли однапред да се подготвиме како да постапиме кога некој е груб кон нас, и тоа на начин што ќе го израдува Бог? Да. Павле го дал следниов совет: „Вашиот збор секогаш нека биде пријатен, зачинет со сол, да знаете секому да му одговорите како што треба“ (Кол. 4:6). Ако се навикнеме да зборуваме и да постапуваме учтиво со членовите на семејството, со соучениците, со колегите на работа, со членовите на собранието и со соседите, ќе бидеме подобро подготвени да се справиме со исмевањето и навредите на начин што му прилега на еден христијанин. (Прочитај Римјаните 12:17-21.)

13. Наведи пример за тоа како нашата учтивост може да ги омекне противниците.

13 Ако сме учтиви и кога не е лесно, ќе имаме добри резултати. На пример, еден Сведок во Јапонија бил исмеван од некој станар, а и од неговиот гостин. Братот учтиво си заминал од кај нив. Додека продолжил да проповеда во соседството, забележал дека гостинот стои во непосредна близина и го гледа. Кога братот му пристапил, човекот рекол: „Жал ми е за она што се случи. Иако бевме груби со Вас, забележав дека Вие и понатаму се насмевнувавте. Што да направам за и јас да бидам таков?“ Бидејќи останал без работа и мајка му штотуку умрела, тој човек немал никаква надеж дека ќе биде среќен. Сведокот му понудил да ја проучува Библијата со него, и тој прифатил. Наскоро проучувал двапати седмично.

Најдобар начин да се научи учтивост

14, 15. Како слугите на Јехова во библиски времиња ги воспитувале своите деца?

14 Побожните родители во библиски времиња се труделе да им ги пренесат на своите деца основните принципи на учтиво однесување како дел од домашното воспитување. Забележи колку учтиво разговарале Авраам и неговиот син Исак, како што се гледа од 1. Мојсеева 22:7. И во случајот на Јосиф можело да се види дека родителите добро го воспитале. Кога бил фрлен в затвор, тој бил учтив дури и кон другите затвореници (1. Мој. 40:8, 14). Од начинот на кој му се обратил на фараонот се гледа дека знаел како треба да разговара со луѓе на висока положба (1. Мој. 41:16, 33, 34).

15 Меѓу Десетте заповеди што им биле дадени на Израеловите синови била и следнава: „Почитувај ги татка си и мајка си, за да ти се продолжат деновите на земјата што ти ја дава Јехова, твојот Бог“ (2. Мој. 20:12). Меѓу другото, децата покажувале почит кон своите родители така што се однесувале учтиво и љубезно во семејството. Ќерката на Јефтај покажала извонредна почит кон својот татко со тоа што се согласила да го одржи неговиот завет, иако тоа било многу тешко и за двајцата (Суд. 11:35-40).

16-18. а) Како можат децата да бидат поучени да се однесуваат учтиво? б) Наведи некои користи од тоа што родителите ги поучуваат децата да се однесуваат учтиво.

16 Многу е важно нашите деца да бидат добро воспитани. За добро да се снаоѓаат кога ќе пораснат, децата треба да научат како да се поздравуваат со гостите, како да одговараат на телефон и како да се однесуваат на маса. Добро е да им се помогне да сфатат зошто треба да им ја придржат вратата на луѓето, да бидат љубезни со постарите и со болните и да им помогнат на оние што носат тешки торби. Треба да сфатат колку е важно искрено да кажат „те молам“, „фала“, „нема на што“, „може ли да Ви помогнам?“ и „извини“.

17 Обично не е тешко да се научат децата на учтивост. Најдобро може да им помогнете со својот добар пример. Курт (25) го вели следново во врска со тоа како тој и неговите тројца браќа научиле да бидат учтиви: „Гледавме и слушавме како мама и тато зборуваа љубезно меѓу себе и постапуваа стрпливо и обѕирно со другите луѓе. Во Салата на Царството, тато ме земаше со себе пред и по состанокот за да разговарам со постарите браќа и сестри. Слушав како ги поздравува и гледав со колкава почит им се обраќа“. Курт продолжува: „Со текот на времето, и јас почнав да се однесувам како него. Учтивото постапување едноставно ти влегува во крвта. Тоа не е начин на кој мора да постапиш, туку начин на кој сакаш да постапуваш“.

18 Што веројатно ќе се случи ако родителите ги поучат своите деца да се однесуваат учтиво? Децата ќе можат да стекнат пријатели и да бидат во мир со другите. Ќе бидат во состојба да соработуваат со своите работодавачи и колеги. Освен тоа, децата кои се учтиви, пристојни и чесни, ќе им носат радост и задоволство на своите родители. (Прочитај Изреки 23:24, 25.)

Учтивото однесување нѐ издвојува од овој свет

19, 20. Зошто треба да сме решени да се угледаме на нашиот љубезен Бог и на неговиот Син?

19 „Угледајте се на Бог, како негови љубени деца“, напишал Павле (Еф. 5:1). За да се угледаме на Јехова Бог и на неговиот Син, треба да ги применуваме библиските начела, меѓу кои се и начелата што ги разгледавме во оваа статија. Ако го правиме тоа, нема да бидеме лицемерни и да постапуваме учтиво само за да му се умилкуваме на некој што е на повисока положба или, пак, од некоја лична корист (Јуда 16).

20 Во последните денови од своето злобно владеење, Сатана е решен да ги збрише мерилата за пристојно однесување што ги поставил Јехова. Но, Ѓаволот нема да успее да го искорени учтивото постапување кај вистинските христијани. Секој од нас нека биде решен да го следи примерот на нашиот љубезен Бог и на неговиот Син. Така нашиот говор и однесување секогаш ќе бидат во остра спротивност со постапките на оние што не сакаат да постапуваат учтиво и љубезно. Со тоа ќе го прославиме името на нашиот Бог, Јехова, кој ни го дава најдобриот пример на учтивост, а искрените лица ќе бидат привлечени кон него.

[Фуснота]

^ Во некои култури се смета за некултурно некој да му се обрати на постаро лице по име доколку постариот не му го дозволи тоа. Христијаните треба да ги почитуваат таквите обичаи.

Дали се сеќаваш?

• Што учиме од Јехова и од неговиот Син во врска со учтивото однесување?

• Зошто остава добар впечаток за нас како христијани тоа што срдечно ги поздравуваме луѓето?

• Како нашето учтиво однесување придонесува за поголем успех во службата?

• Како можат родителите да ги поучат децата да се однесуваат учтиво со другите?

[Прашања]

[Рамка на страница 27]

 Започни со срдечна насмевка

На мнозина им е непријатно да започнат разговор со некој непознат. Но, бидејќи ги сакаат Бог и своите ближни, Јеховините сведоци искрено се трудат да научат да разговараат со сите луѓе за да ја споделат со нив вистината од Библијата. Што ќе ти помогне уште подобро да го правиш ова?

Едно важно начело е изнесено во Филипјаните 2:4, каде што стои: „Не грижете се само за себе туку и за другите“. Гледај ги овие зборови од следниов агол: Кога првпат се сретнуваш со некого, за него си непознат. Како да го опуштиш? Можат да ти помогнат срдечната насмевка и пријателскиот поздрав. Но, тоа не е сѐ.

Кога ќе се обидеш да започнеш разговор со некого, можеби си го прекинал додека размислувал за нешто. Ако се обидеш да зборуваш со него за тоа што тебе ти е во мислите, без да водиш сметка за што размислувал тој, можеби нема поволно да реагира. Затоа, ако успееш да оцениш за што можеби размислува тоа лице, зошто не почнеш разговор на таа тема? Токму тоа го сторил Исус кога сретнал една жена на бунар во Самарија (Јован 4:7-26). Таа дошла таму со намера да нацрпи вода, и умот ѝ бил во тоа. Исус почнал да зборува со неа за водата, и наскоро воделе жив разговор за духовни работи.

[Слики на страница 26]

Ако сме пријатни со луѓето, ќе можеме да им дадеме добро сведоштво

[Слика на страница 28]

Секогаш треба да се однесуваме учтиво