Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Збогати ги своите молитви со проучување на Библијата

Збогати ги своите молитви со проучување на Библијата

Збогати ги своите молитви со проучување на Библијата

„О Јехова, те молам, твоето уво нека ја слуша внимателно молитвата на твојот слуга“ (НЕЕМ. 1:11)

1, 2. Зошто е добро да разгледаме некои од молитвите што се запишани во Библијата?

 МОЛИТВАТА и проучувањето на Библијата се главни обележја на обожавањето на вистинскиот Бог (1. Сол. 5:17; 2. Тим. 3:16, 17). Се разбира, Библијата не е молитвеник. Но, сепак, содржи многу молитви, а голем број од нив се запишани во книгата Псалми.

2 Додека ја читаш и ја проучуваш Библијата, веројатно ќе најдеш молитви што одговараат на некои ситуации низ кои минуваш и самиот. Всушност, можеш да ги збогатиш своите молитви ако во нив внесеш и мисли од молитвите запишани во Библијата. Што можеш да научиш од оние чии молби за помош биле одговорени и од содржината на нивните молитви?

Барај водство од Бог и следи го

3, 4. Каква задача имал слугата на Авраам, и што учиме од исходот што го дал Јехова?

3 Од своето проучување на Библијата, ти знаеш дека треба секогаш да го молиш Бог за водство. Да разгледаме што се случило кога семејниот поглавар Авраам го испратил во Месопотамија својот најстар слуга — најверојатно Елеазар — за да му најде богобојазлива жена на Исак. Додека некои жени црпеле вода од блискиот бунар, слугата се помолил: „Јехова... девојката на која ќе ѝ речам: ‚Те молам, спушти ја својата стомна да се напијам‘, а која ќе рече: ‚Пиј, и твоите камили ќе ги напојам‘, нека биде онаа што си ја одредил за својот слуга Исак! Дозволи по тоа да знам дека си му покажал милост на мојот господар!“ (1. Мој. 24:12-14).

4 Ревека ги напоила камилите на слугата на Авраам, и така Јехова одговорил на неговата молитва. Наскоро таа заминала заедно со него за Ханаан и му станала сакана жена на Исак. Се разбира, не можеш да очекуваш Бог и тебе да ти даде посебен знак. Сепак, тој ќе те води во животот ако му се молиш и ако си решен да го следиш водството на неговиот дух (Гал. 5:18).

Молитвата помага да се намалат стравовите

5, 6. Што е значајно во врска со молитвата што ја кажал Јаков пред да се сретне со Исав?

5 Молитвата може да ни ги намали стравовите. Плашејќи се дека брат му, Исав, ќе му направи нешто лошо, Јаков се молел: „О Јехова... јас не сум достоен за сета милост и за сета верност што ја покажа кон мене, твојот слуга... Те молам, избави ме од раката на брат ми, од раката на Исав, зашто се плашам дека ќе дојде и ќе ме нападне мене, а и мајките со деца! Ти самиот ми рече: ‚Навистина ќе бидам добар кон тебе и ќе направам твоето потомство да биде како зрната морски песок, кои се толку многу што не може да се избројат‘“ (1. Мој. 32:9-12).

6 Иако Јаков презел мерки на претпазливост, неговата молитва била одговорена кога се помирил со Исав (1. Мој. 33:1-4). Внимателно прочитај ја таа молитва, и ќе видиш дека Јаков не се молел само за помош. Тој покажал вера во ветеното потомство и благодарност за Божјата милост. Дали и ти се бориш со внатрешни стравови? (2. Кор. 7:5). Ако е така, тогаш молбата на Јаков може да те потсети дека молитвите помагаат да се намали стравот и загриженоста. Меѓутоа, во нив не треба само да бараш нешто туку и да ја изразиш својата вера.

Моли се за мудрост

7. Зошто Мојсеј се молел да ги запознае Јеховините патишта?

7 Желбата да му угодиш на Јехова треба да те поттикне да го молиш за мудрост. Мојсеј се молел да ги запознае Божјите патишта, велејќи: „Еве, ти [Јехова] ми велиш: ‚Води го овој народ [од Египет]‘... Затоа сега те молам, ако сум нашол милост во твои очи, објави ми ги своите патишта за... да најдам милост во твои очи!“ (2. Мој. 33:12, 13). Бог му одговорил на Мојсеј така што му помогнал подобро да ги запознае Неговите патишта — што било неопходно за да го води Јеховиниот народ.

8. Како може да ти користи размислувањето за 1. Царевите 3:7-14?

8 Давид исто така се молел: „Дозволи ми да ги запознаам твоите патишта, о Јехова“ (Пс. 25:4). Неговиот син Соломон го молел Бог за мудрост за да може да ги извршува своите должности како цар на Израел. Бидејќи му било мило што Соломон побарал мудрост, Јехова му го дал не само она што го барал туку и богатство и слава. (Прочитај 1. Царевите 3:7-14.) Ако добиеш одредени теократски одговорности или задачи што ти се чинат претешки, моли се за мудрост и биди понизен. Тогаш Бог ќе ти помогне да ги стекнеш знаењето и мудроста што ти се потребни за да ги извршуваш своите должности со љубов и на исправен начин.

Моли се од сѐ срце

9, 10. Кои работи во врска со срцето би ги истакнал од молитвата што ја кажал Соломон при свеченото отворање на храмот?

9 За да бидеме услишени, мора да се молиме од сѐ срце. Соломон му упатил таква сесрдна молитва на Бог пред мноштвата што биле собрани во Ерусалим при свеченото отворање на Јеховиниот храм во 1026 год. пр.н.е. Таа молитва е запишана во 1. Царевите 8. поглавје. Откако ковчегот на сојузот бил внесен во Светињата над светињите и облак од Јехова го исполнил храмот, Соломон го кренал својот глас и почнал да го фали Бог.

10 Проучи ја молитвата на Соломон и забележи ги местата каде што го спомнува срцето. Тој признал дека само Јехова го познава човечкото срце (1. Цар. 8:38, 39). Од истата молитва се гледа дека има надеж за грешникот што ‚му се враќа на Бог со сето свое срце‘. Ако непријателите го заробеле Божјиот народ, Јехова ќе ги слушнел неговите повици за помош доколку му бил оддаден со сето свое срце (1. Цар. 8:48, 58, 61). Значи, неопходно е и ти да го молиш Јехова од сѐ срце.

Како можат Псалмите да ти ги збогатат молитвите

11, 12. Што научи од зборовите кои во молитва ги кажал еден левит кој некое време не можел да оди во Божјиот храм?

11 Проучувањето на Псалмите може да ги збогати твоите молитви и да ти помогне да чекаш Бог да одговори на нив. Размисли за стрпливоста што ја покажал еден левит кој бил во изгнанство. Иако некое време не можел да оди во Јеховиниот храм, тој пеел: „Зошто си очајна, душо моја, зошто си немирна во мене? Чекај го Бог, зашто јас и понатаму ќе го фалам како свој голем спасител и како Бог свој“ (Пс. 42:5, 11; 43:5).

12 Што можеш да научиш од овој левит? Ако бидеш фрлен в затвор поради праведноста, и тоа ќе те спречи да бидеш заедно со соверниците на местото каде што се собираат да го слават Бог, чекај стрпливо Бог да ти помогне (Пс. 37:5). Размислувај за радоста што до тој момент ти ја носела службата за Бог и моли се да истраеш додека чекаш Бог повторно да те врати во друштвото на неговиот народ.

Моли се со вера

13. Во склад со Јаков 1:5-8, зошто треба да се молиш со вера?

13 Без оглед на твоите околности, секогаш моли се со вера. Ако се соочуваш со испит на својата верност, послушај го советот на ученикот Јаков. Моли му се на Јехова и воопшто не сомневај се дека тој може да ти ја даде потребната мудрост за да се справиш со испитот низ кој минуваш. (Прочитај Јаков 1:5-8.) Бог е свесен за секоја немирна мисла што можеби те мачи, и може да те води и да те теши со својот свет дух. Отвори му го срцето со целосна доверба, „не сомневајќи се ни најмалку“, и прифати го водството од неговиот дух и советите од неговата Реч.

14, 15. Зошто може да се каже дека Ана се молела и постапила со вера?

14 Ана, едната од двете жени на левитот Елкана, се молела и постапила со вера. Затоа што немала деца, таа била исмевана од другата жена на Елкана, Фенина, која му родила неколку деца. Кога дошле кај светиот шатор, Ана ветила дека, ако роди син, ќе му го даде на Јехова. Бидејќи усните ѝ потреперувале додека се молела, првосвештеникот Илиј помислил дека е пијана. Кога сфатил дека не е, ѝ рекол: „Богот на Израел нека ти ја услиши молитвата“. Иако не знаела што точно ќе се случи, Ана имала вера дека нејзината молитва ќе биде услишена. Затоа, ‚лицето повеќе не ѝ било тажно‘. Веќе не чувствувала загриженост и не била потиштена (1. Сам. 1:9-18).

15 Откако го родила Самоил и го одбила од гради, Ана му го однела на Јехова за да му служи во светиот шатор (1. Сам. 1:19-28). Ако одвоиш време да размислиш за молитвата што ја кажала во таа прилика, можеш и ти да си ги збогатиш молитвите и да сфатиш дека, дури и да си тажен затоа што те измачува некој сериозен проблем, можеш да се утешиш ако му се молиш на Јехова со вера дека ќе те услиши (1. Сам. 2:1-10).

16, 17. Што се случило како резултат на тоа што Неемија се молел и постапувал со вера?

16 Праведниот Неемија, кој живеел во 5 век пр.н.е., исто така се молел и постапувал со вера. Тој го преколнувал Бог: „О Јехова, те молам, твоето уво нека ја слуша внимателно молитвата на твојот слуга и молитвата на твоите слуги, кои од сѐ срце се бојат од твоето име. Те молам, помогни му денес на својот слуга да успее и направи тој да најде милост пред овој човек“. Кој бил ‚тој човек‘? Тоа бил персискиот цар Артаксеркс кому Неемија му служел како пехарник (Неем. 1:11).

17 Неемија со денови се молел со вера откако дознал дека Евреите што биле ослободени од ропството во Вавилон се наоѓаат „во многу тешка ситуација и во срам“, и дека „ерусалимскиот ѕид е разурнат“ (Неем. 1:3, 4). Неговите молитви биле одговорени и повеќе отколку што очекувал кога цар Артаксеркс му дозволил да замине за Ерусалим и да го обнови градскиот ѕид (Неем. 2:1-8). За кратко време, ѕидот бил поправен. Молитвите на Неемија биле услишени затоа што ги упатил со вера и затоа што во нив на прво место го ставил обожавањето на вистинскиот Бог. Дали ова може да се каже и за твоите молитви?

Не заборавај да го фалиш Бог и да му благодариш

18, 19. Кои причини ги има еден слуга на Јехова за да го фали и да му благодари?

18 Не заборавај во своите молитви да го фалиш Јехова и да му благодариш. Имаме навистина многу причини да го правиме тоа! На пример, Давид горел од желба да ја велича Јеховината царска власт. (Прочитај Псалм 145:10-13.) Дали од твоите молитви може да се види дека ја цениш честа да го објавуваш Јеховиното Царство? Зборовите на псалмистите можат да ти помогнат и да му благодариш на Бог во срдечна молитва за христијанските состаноци, собири и конгреси (Пс. 27:4; 122:1).

19 Благодарноста за твојот скапоцен однос со Бог може да те поттикне од дното на душата да се молиш слично како еден псалмист, кој рекол: „Ќе те фалам меѓу народите, Јехова, со песна ќе те славам меѓу племињата. Зашто, твојата милост е голема до небото и твојата вистинољубивост до облаците. Возвиши се над небесата, Боже, твојата слава нека биде над целата земја“ (Пс. 57:9-11). Колку охрабрувачки мисли содржи оваа молитва! Ваквите трогателни зборови од Псалмите можат да влијаат и да ги збогатат и твоите молитви.

Моли го Бог со страхопочит

20. Како Марија ја искажала својата оддаденост на Бог?

20 Од твоите молитви јасно треба да се види дека имаш страхопочит кон Бог. Зборовите што со длабока почит му ги кажала Марија на Јехова кратко откако чула дека ќе биде мајка на Месијата се слични на зборовите што ги кажала Ана кога го донела малиот Самоил да служи во светиот шатор. Страхопочитта што Марија ја чувствувала кон Бог јасно се гледа од следниве нејзини зборови: „Мојата душа го велича Јехова, и мојот дух воскликнува од радост поради Бог, мојот Спасител“ (Лука 1:46, 47). Можеш ли да ги збогатиш своите молитви така што ќе изразуваш слични чувства? Ништо чудно што Марија била избрана да биде мајка на Месијата Исус!

21. Како од молитвите на Исус можело да се види дека има вера и страхопочит?

21 Исус се молел со страхопочит и со непоколеблива вера. На пример, пред да го воскресне Лазар, ‚Исус ги подигнал очите кон небото и рекол: „Татко, ти благодарам што ме услиши. Јас знаев дека секогаш ме услишуваш“‘ (Јован 11:41, 42). Дали и во твоите молитви се гледа таква вера и страхопочит? Проучувај ја молитвата што Исус ја дал како пример, и ќе видиш дека нејзини главни обележја се посветувањето на Јеховиното име, доаѓањето на Неговото Царство и вршењето на Неговата волја (Мат. 6:9, 10). Размисли и за своите молитви. Дали во нив се гледа дека многу ти значи Јеховиното Царство, вршењето на неговата волја и посветувањето на неговото име? Би требало да биде така.

22. Зошто можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе ти даде храброст за да ја објавуваш добрата вест?

22 Поради прогонството или други проблеми, честопати го молиме Јехова да ни помогне храбро да му служиме. Кога Судскиот совет им заповедал на Петар и на Јован да престанат „да поучуваат во Исусово име“, овие двајца апостоли храбро одбиле да го сторат тоа (Дела 4:18-20). Откако ги пуштиле, им кажале на соверниците што се случило. Потоа сите што биле собрани го молеле Бог да им помогне смело да ја зборуваат неговата реч. Колку мора да биле возбудени кога таа молитва им била услишена, бидејќи ‚се исполниле со свет дух, па смело ја зборувале Божјата реч‘! (Прочитај Дела 4:24-31.) Како резултат на тоа, мноштво луѓе станале слуги на Јехова. Молитвата може да те зајакне и тебе смело да ја објавуваш добрата вест.

Продолжи да ги збогатуваш своите молитви

23, 24. а) Наведи други примери што покажуваат како можеш да ги збогатиш своите молитви ако ја проучуваш Библијата. б) Што ќе сториш за да ги збогатиш своите молитви?

23 Може да се наведат и многу други примери кои покажуваат дека можеш да ги збогатиш своите молитви со читањето и проучувањето на Библијата. На пример, исто како Јона, би можел во молитва да признаеш дека „спасението е од Јехова“ (Јона 2:1-10). Ако те измачува некој тежок грев и си побарал помош од старешините, чувствата што во молитва ги изразил Давид можат да ти помогнат и тебе, кога лично се молиш, да му кажеш на Јехова колку се каеш (Пс. 51:1-12). Во некои молитви, можеш да го фалиш Јехова како што го фалел и Еремија (Ерем. 32:16-19). Ако сакаш да стапиш во брак, проучувањето на молитвата запишана во Езра 9. поглавје, заедно со твојата молба, може да ја зајакне твојата решеност да го послушаш Бог и да се омажиш или ожениш „само во Господарот“ (1. Кор. 7:39; Езра 9:6, 10-15).

24 Продолжи да ја читаш, да ја проучуваш и да ја истражуваш Библијата. Внимателно размислувај кои работи би можел да ги вклучиш во своите молитви. Би можел да вметнеш библиски мисли во своите молитви, кога бараш помош од Јехова или го фалиш и му благодариш. Ако ги збогатуваш своите молитви со проучување на Библијата, сигурно ќе се зближиш уште повеќе со Јехова Бог.

Како би одговорил?

• Зошто треба да го бараме и да го следиме Божјето водство?

• Што треба да нѐ наведе да се молиме за мудрост?

• Како може книгата Псалми да ти помогне да ги збогатиш своите молитви?

• Зошто треба да се молиме со вера и со страхопочит?

[Прашања]

[Слика на страница 8]

Слугата на Авраам го молел Бог да му даде водство. Дали и ти го правиш тоа?

[Слика на страница 10]

Семејното проучување може да ги збогати твоите молитви