Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Дали треба една сестра, во текот на христијанските состаноци, собири или конгреси, да носи покривало на главата кога толкува библиски предавања на знаковен јазик?

Општо земено, една христијанка треба да носи покривало на главата кога врши должности кои обично треба да ги врши нејзиниот сопруг или некој брат од собранието. Ова е во склад со начелото што го дал апостол Павле кога рекол дека „секоја жена која се моли или пророкува со непокриена глава, ја срамоти својата глава“ затоа што „глава на жената е мажот“ (1. Кор. 11:3-10). Кога носи скромно и соодветно покривало на главата во вакви прилики, една сестра покажува подложност на теократскиот ред во христијанското собрание (1. Тим. 2:11, 12). *

Но, што да се каже за ситуациите кога некоја сестра толкува на знаковен јазик предавање што го држи еден брат? Точно е дека сестрата само ги посредува информациите што ги кажува братот, односно поуките не се од неа, туку од братот чиј говор го толкува. Сепак, толкувањето на знаковен јазик е многу поинакво од толкувањето на јазици што се зборуваат. Во вториов случај, присутните можат да го насочат вниманието на говорникот, а сепак да го слушаат толкувачот. Освен тоа, сестрите што толкуваат на ваков начин, за разлика од оние што толкуваат на знаковен јазик, обично не се во фокусот на публиката. Понекогаш седат или, ако стојат, гледаат во говорникот наместо во публиката. Затоа, една сестра што толкува на јазик што се зборува не мора да носи покривало на главата.

Исто така, поради технологијата што сега се користи кога говорите се толкуваат на знаковен јазик, честопати улогата на толкувачот може да биде уште повпечатлива. Обично присутните го гледаат толкувачот на голем екран, додека самиот говорник можеби воопшто не го гледаат. Поради сите овие фактори, сестрата што толкува на знаковен јазик би требало да покаже дека е свесна за својата второстепена улога на толкувач со тоа што ќе стави покривало на главата.

Како ова изменето упатство влијае врз толкувањето на знаковен јазик на делови од Теократската школа за служба, на приказите и на коментирањето во текот на Собраниското проучување на Библијата, Состанокот за нашата служба и Проучувањето на Стражарска кула? Дали сестрата која служи како толкувач на знаковен јазик треба и тогаш да носи покривало на главата? Очигледно, во некои околности не мора да носи покривало, бидејќи на сите присутни ќе им биде јасно дека таа не го води состанокот. На пример, ова би било случај кога ги толкува коментарите на присутните, говорите што ги изнесуваат сестрите или приказите. Сепак, кога толкува говори што ги држат браќа во текот на овие состаноци, кога го толкува она што го кажува водителот на проучувањето на Стражарска кула или водителот на Собраниското проучување на Библијата или, пак, предводи кога се изведуваат песните на знаковен јазик, сестрата треба да носи покривало на главата. Во текот на еден состанок, сестрата можеби ќе треба да го толкува она што го кажуваат браќа, сестри, деца и старешини. Поради тоа, можеби ќе биде попрактично да го носи покривалото за време на целиот состанок.

[Фуснота]

^ Детални информации за тоа кога и зошто христијанките треба да носат покривало на главата има на страници 209-212 во книгата Зачувај ја Божјата љубов.