Продлабочувај ја својата љубов кон браќата
Продлабочувај ја својата љубов кон браќата
„Живејте во љубов, како што и Христос ве сакаше вас“ (ЕФ. 5:2)
1. Што рекол Исус дека ќе биде главно обележје на неговите следбеници?
ПРОПОВЕДАЊЕТО на добрата вест за Божјето Царство од куќа до куќа е заштитен знак на Јеховините сведоци. Сепак, Исус Христос рекол дека неговите вистински ученици ќе се препознаат по едно друго обележје на христијанството. Тој изјавил: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35).
2, 3. Како влијае нашата братска љубов врз оние што доаѓаат на нашите христијански состаноци?
2 Никој во светот немал и нема толку силна меѓусебна љубов како вистинските христијани. Исто како што магнетот го привлекува железото така љубовта ги привлекува Јеховините слуги еден кон друг и ги обединува, а ги привлекува и другите искрени лица кон вистинскиот Бог. Да го земеме за пример Марселино од Камерун, кој го загубил видот на работното место. По оваа несреќа, се рашириле гласини дека ослепел затоа што е вештер. Наместо да го утешат, пасторот и неговите соверници го истерале од нивната црква. Кога еден Јеховин сведок го поканил да дојде на состанок, Марселино се двоумел бидејќи се плашел дека повторно ќе биде отфрлен.
3 Тој се изненадил од приемот на кој наишол во Салата на Царството. Му било изразено срдечно добредојде и бил утешен од библиските учења што имал можност да ги слушне. Почнал да оди на сите собраниски состаноци, напредувал во своето проучување на Библијата и се крстил во 2006 год. Сега им зборува за вистината на своите соседи и на своето семејство, и веќе започнал да ја проучува Библијата со неколкумина од нив. Марселино сака оние со кои ја проучува Библијата да ја почувствуваат истата љубов од Јеховиниот народ што ја чувствува и тој.
4. Зошто треба да го послушаме советот на Павле ‚да живееме во љубов‘?
4 Иако сме восхитени од оваа братска љубов, сепак, сите ние мора да го дадеме својот дел за да ја зачуваме. Помисли на еден логорски оган што гори во ноќта и ги привлекува луѓето со својот топол, треперлив пламен. Ако оние што се греат околу него не му додаваат дрва, тој ќе згасне. Слично на овој оган, и љубовта која на прекрасен начин нѐ поврзува во собранието ќе олади доколку секој христијанин не го дава својот дел за да ја разгорува. А како може да ја разгоруваме? Апостол Павле ни го дал одговорот, кога рекол: „Живејте во љубов, како што и Христос ве сакаше вас и се предаде себеси за вас како принос и жртва за пријатен мирис на Бог“ (Еф. 5:2). Прашањето што сакаме да го разгледаме е: На кои начини можам јас да живеам во љубов?
„Широко отворете ги своите срца“
5, 6. Зошто Павле ги поттикнал христијаните во Коринт ‚широко да си го отворат срцето‘?
5 На христијаните во древниот Коринт, апостол Павле им напишал: „Сѐ ви кажавме отворено, Коринќани, и срцето широко ни се отвори. Вам не ви е тесно во нас, туку ви е тесно во вашите срца. Возвратете на ист начин — ви зборувам како на деца — и вие широко отворете ги своите срца“ (2. Кор. 6:11-13). Зошто Павле ги поттикнал Коринќаните широко да ги отворат своите срца и да се сакаат?
6 Да разгледаме накратко како било основано собранието во древниот Коринт. Павле пристигнал таму есента 50 год. од н.е. Иако наишол на проблеми кога започнал да проповеда, овој апостол не се откажал. За кратко време, мнозина во тој град поверувале во добрата вест. „Една година и шест месеци“ Павле се трошел себеси за да го поучува и да го зајакне новото собрание. Очигледно, многу ги сакал христијаните во Коринт (Дела 18:5, 6, 9-11). А и тие имале многу причини да го сакаат и да го почитуваат. Но, во собранието имало и такви што се повлекле од него. Можеби на некои не им се допаднале неговите отворени совети (1. Кор. 5:1-5; 6:1-10). Други веројатно поверувале во клеветите на тамошните „надапостоли“ (2. Кор. 11:5, 6). Павле сакал да ја стекне искрената љубов на сите свои браќа и сестри. Затоа ги молел ‚широко да си го отворат срцето‘ и да се зближат со него и со другите соверници.
7. Како можеме ‚широко да си го отвориме срцето‘ и да покажеме братска љубов?
7 А како е со нас? Како можеме и ние ‚широко да си го отвориме срцето‘ и да покажеме братска љубов? На оние што се на иста возраст или од иста националност можеби им е лесно да покажат дека се сакаат. И оние што се рекреираат на сличен начин честопати поминуваат доста време заедно. Но, ако поради заедничките интереси што ги имаме со некои христијани, не се дружиме со другите во собранието, тогаш би требало ‚широко да си го отвориме срцето‘. Би било мудро да се прашаме: ‚Колку често одам во служба со браќата и сестрите што не ми се блиски пријатели? Дали ретко се дружам со нив? Во Салата на Царството, дали ги избегнувам новите затоа што сметам дека треба да помине време за да го заслужат моето пријателство? Дали се поздравувам и со постарите и со помладите во собранието?‘
8, 9. Како советот на Павле од Римјаните 15:7 може да ни помогне да ја продлабочуваме нашата љубов кон браќата?
8 Во врска со меѓусебното поздравување, она што Павле им го кажал на Римјаните може да ни помогне да имаме исправен став кон нашите соверници. (Прочитај Римјаните 15:7.) Грчкиот збор што овде е преведен со „прими“ значи „покажува љубезност и гостољубивост, прима некого во свое друштво и станува пријател со него“. Во библиски времиња, кога некој гостољубив домаќин ги примал пријателите во својот дом, им покажувал колку е среќен што ги гледа. Во симболична смисла, Христос нѐ примил на таков начин, и ние сме поттикнати да го следиме неговиот пример така што ќе ги ‚примаме‘ нашите соверници.
9 Кога се поздравуваме со браќата во Салата на Царството или на други места, можеме да им обрнеме внимание на оние што во последно време не сме ги виделе или со кои не сме разговарале. Зошто да не одвоиме неколку минути да позборуваме со нив? Следниот состанок може да позборуваме со други. Така, за кратко време, ќе имаме водено убави разговори речиси со сите браќа и сестри во собранието. Не треба да се грижиме ако не стигнеме да зборуваме со сите истиот ден. Никој не треба да се навреди што можеби нема да можеме да се поздравиме со него на секој состанок.
10. Која скапоцена можност ја имаме сите во собранието, и како можеме во целост да ја искористиме?
10 Прв чекор да ги ‚примаме‘ другите е да се поздравиме со нив. Тој чекор може да води до пријатни разговори и до цврсти пријателства. На пример, кога на собирите и конгресите ќе се запознаеме со други браќа и сестри и ќе разговараме со нив, со радост чекаме повторно да ги видиме. Доброволците што работат на изградба на Сали на Царството, како и оние што учествуваат во акциите за помош честопати стануваат добри пријатели затоа што, додека соработуваат, секој може да види убави особини кај другиот. Во Јеховината организација имаме бројни можности да склопиме цврсти пријателства. Ако ‚си го отвориме срцето‘, нашиот круг на пријатели ќе расте и уште повеќе ќе се продлабочува љубовта што нѐ обединува во служењето на вистинскиот Бог.
Одвој време за другите
11. Според Марко 10:13-16, каков пример дал Исус?
11 Сите христијани можат да се трудат да бидат пристапливи како што бил Исус. Сети се што направил кога неговите ученици се обиделе да ги спречат родителите да му ги доведуваат своите деца. Тој рекол: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене. Не забранувајте им, зашто на таквите им припаѓа Божјето царство“. А потоа ‚ги зел децата во прегратка и ги благословувал, положувајќи ги рацете врз нив‘ (Мар. 10:13-16). Замисли колку се радувале дечињата што Големиот Учител им посветил внимание полно со љубов!
12. Што може да нѐ спречи да разговараме со другите?
12 Секој христијанин треба да се праша: ‚Дали се трудам да бидам пристаплив или честопати им оставам впечаток на другите дека сум презафатен?‘ Навики што сами по себе не се погрешни понекогаш можат да го спречат разговорот. На пример, ако често користиме мобилен или сме со слушалки во ушите кога околу нас има други луѓе, тие можат да помислат дека не ни е пријатно нивното друштво. Доколку другите честопати гледаат дека сме занесени во својот рачен компјутер, можат да заклучат дека не сакаме да разговараме со нив. Се разбира, има „време за молчење“. Но, кога околу нас има луѓе, тоа обично е „време за зборување“ (Проп. 3:7). Некои можеби ќе речат: „Не сум некој друштвен тип“ или „Не сум баш расположен за муабет наутро“. Сепак, ако пријателски разговараме со другите дури и кога многу не ни се зборува, ќе покажеме љубов која „не ја бара својата корист“ (1. Кор. 13:5).
13. На каков став кон христијанските браќа и сестри го поттикнал Павле Тимотеј?
13 Павле го поттикнал младиот Тимотеј да ги почитува сите членови на собранието. (Прочитај 1. Тимотеј 5:1, 2.) И ние треба да се однесуваме со постарите христијани како да ни се мајки и татковци, а со помладите како да ни се телесни браќа и сестри, деца на нашите родители. Кога имаме таков став, нашите духовни браќа и сестри нема да мислат дека сме непристапливи, туку ќе се чувствуваат блиски со нас.
14. Кои се користите од изградувачките разговори?
14 Кога водиме изградувачки разговори со другите, им помагаме и во духовен и во емоционален поглед. Еден брат, кој служи во една подружница, со задоволство се сеќава дека неколку браќа што подолго служеле во Бетел често одвојувале време да разговараат со него додека сѐ уште бил нов бетелски слуга. Нивните охрабрувачки зборови му помогнале да почувствува дека навистина е дел од бетелското семејство. Сега и тој се труди да го следи нивниот пример така што одвојува време да разговара со своите соработници.
Понизноста ни помага да бидеме во мир со другите
15. Што покажува дека и меѓу нас може да дојде до несогласувања?
15 Еводија и Синтихија, две христијанки од древниот град Филипи, очигледно не можеле да расчистат некој меѓусебен проблем (Фил. 4:2, 3). Мнозина дознале и за жестоката караница меѓу Павле и Варнава и, поради таа караница, некое време тие се раздвоиле (Дела 15:37-39). Овие извештаи покажуваат дека и меѓу слугите на вистинскиот Бог може да дојде до несогласувања. Јехова ни дава помош за да ги расчистиме недоразбирањата со другите и да останеме пријатели. Сепак, тој бара нешто и од нас.
16, 17. а) Колку е важна понизноста во расчистувањето на несогласувањата? б) Како извештајот за начинот на кој Јаков му пристапил на Исав покажува колку е важна понизноста?
16 Замисли си дека ти и некој пријател планирате да патувате некаде со кола. Пред да тргнете, ти мора да го свртиш клучот за да го запалиш моторот. За да се решат меѓусебните несогласувања исто така е потребен клуч. Тој клуч е понизноста. (Прочитај Јаков 4:10.) Како што се гледа од следниов библиски пример, овој клуч им помага на оние што имаат некое недоразбирање да почнат да ги применуваат библиските начела.
17 Поминале дваесет години откако Исав го замразил својот брат близнак, Јаков, и сакал да го убие затоа што му го зел правото на првородство. По сето тоа време, овие близнаци биле на пат да се сретнат и ‚Јаков многу се исплашил и се загрижил‘, бидејќи бил сигурен дека Исав ќе го нападне. Но, при таа средба, Јаков направил нешто што Исав не го очекувал. Додека му се приближувал на својот брат, тој неколку пати му ‚се поклонил доземи‘. Што се случило потоа? Библијата вели: „Исав му потрча во пресрет, го прегрна, му се фрли околу вратот и го бакна, па двајцата заплакаа на глас“. Опасноста била избегната. Понизноста му помогнала на Јаков да ја победи сета омраза што можеби ја чувствувал Исав (1. Мој. 27:41; 32:3-8; 33:3, 4).
18, 19. а) Кога ќе дојде до недоразбирање, зошто е многу важно први да ги примениме библиските совети? б) Зошто не треба да се откажеме ако не наидеме веднаш на добар одѕив кај оној што ни згрешил?
18 Библијата содржи одлични совети за расчистување на недоразбирањата (Мат. 5:23, 24; 18:15-17; Еф. 4:26, 27). * Но, ако не ги примениме понизно, ќе биде тешко да се помириме со некого. Не е решение да чекаме другиот да покаже понизност, кога и самите го имаме клучот во раката.
19 Иако нашиот прв обид да се помириме со братот кој нѐ навредил можеби ќе ни се чини неуспешен, не треба да се откажеме. Можеби му треба време за да си ги среди чувствата. На пример, браќата на Јосиф го изневериле. Поминало многу време до моментот кога повторно се виделе со Јосиф, кој во тоа време веќе бил премиер на Египет. Сепак, дури откако умрел Јаков, нивното срце потполно се променило, и тие го молеле да им прости. Јосиф им простил, и синовите на Јаков станале народ што ја имал честа да го носи Јеховиното име (1. Мој. 50:15-21). Ако сме во мирољубиви односи со нашите браќа и сестри, ние придонесуваме за единството и радоста во собранието. (Прочитај Колошаните 3:12-14.)
Да се сакаме „со дела и со вистина“
20, 21. Што учиме од тоа што Исус им ги измил нозете на своите апостоли?
20 Кратко пред да умре, Исус им го рекол следново на своите апостоли: „Ви дадов пример и вие да правите така како што ви направив јас“ (Јован 13:15). Тој штотуку им ги измил нозете на сите 12-мина. Она што го направил не било некој обичај ниту, пак, само една љубезна постапка. Пред да раскаже за оваа случка, Јован напишал: „Бидејќи ги сакаше своите кои беа во светот, [Исус] им покажуваше љубов до крај“ (Јован 13:1). Токму љубовта кон учениците го навела Исус да им ги измие нозете — работа што обично ја вршел некој роб. Затоа тие морале понизно и со љубов да ги прават работите еден за друг. Значи, искрената братска љубов треба да нѐ поттикне да покажуваме интерес и да се грижиме за сите наши христијански браќа и сестри.
21 Апостол Петар, кој бил меѓу оние на кои Божјиот Син им ги измил нозете, сфатил што значела таа постапка на Исус. Тој напишал: „Сега, кога со послушноста кон вистината ги исчистивте своите души за да можете да покажувате нелицемерна братска љубов, сакајте се еден со друг силно и од срце“ (1. Пет. 1:22). Апостол Јован, кому Господарот исто така му ги измил нозете, напишал: „Дечиња, да не се сакаме ниту со зборови ниту со јазик, туку со дела и со вистина!“ (1. Јов. 3:18). Затоа, нашето срце нека нѐ поттикне да ја докажеме својата љубов на дело!
[Фуснота]
^ Види ја книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, страници 144-150.
Се сеќаваш ли?
• На кои начини може ‚широко да си го отвориме срцето‘ и да ги сакаме другите?
• Што ќе ни помогне да одвоиме време за другите?
• Каква улога игра понизноста во решавањето на несогласувањата?
• Што треба да нѐ поттикне да се грижиме за соверниците?
[Прашања]
[Слика на страница 21]
Срдечно ‚примај ги‘ соверниците
[Слика на страница 23]
Не пропуштај ја можноста да им посветиш време на другите