Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Цени ја својата улога во собранието

Цени ја својата улога во собранието

Цени ја својата улога во собранието

„Бог ги распоредил деловите во телото, секој од нив, како што сакал“ (1. КОР. 12:18)

1, 2. а) Што покажува дека секој во собранието има своја улога што може да ја цени? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

 УШТЕ од времето на древниот Израел, Јехова го организирал својот народ во заедница, односно во собрание, и на тој начин се грижел за него во духовен поглед и му давал водство. На пример, откако Израелците го освоиле градот Гај, Исус Навин ‚ги прочитал наглас сите зборови од законот — благословите и проклетствата — сѐ како што било напишано во книгата на законот... пред целата израелска заедница‘ (Ис. Нав. 8:34, 35).

2 Во првиот век од н.е., апостол Павле му рекол на христијанскиот старешина Тимотеј дека христијанското собрание е ‚Божји дом‘ и „столб и потпора на вистината“ (1. Тим. 3:15). Денес „Божјиот дом“ е меѓународното братство на вистинските христијани. Во 12. поглавје од своето прво вдахновено писмо до Коринќаните, Павле го споредува собранието со човечкото тело. Тој вели дека сите делови од телото се неопходни, иако секој си има различна функција. Павле пишува: „Бог ги распоредил деловите во телото, секој од нив, како што сакал“. Тој посочува и дека „деловите на телото, кои ги сметаме за помалку чесни, [всушност] ги опкружуваме со поголема чест“ (1. Кор. 12:18, 23). Според тоа, улогата на едно верно лице во Божјиот дом не е ниту подобра ниту полоша од улогата на некој друг верен христијанин, туку едноставно е различна. Тогаш, како можеме да го најдеме своето место во Божјето собрание и да го цениме? Кои фактори влијаат врз тоа каква улога имаме? И како може ‚нашиот напредок да им биде видлив на сите‘? (1. Тим. 4:15).

Како покажуваме дека ја цениме својата улога?

3. Како, меѓу другото, можеме да увидиме која е нашата улога во собранието и да покажеме дека ја цениме?

3 Еден начин на кој може да увидиме која е нашата улога во собранието и да покажеме дека ја цениме е ако потполно соработуваме со „верниот и разборит роб“ и неговиот застапник, Водечкото тело. (Прочитај Матеј 24:45-47.) Треба да се преиспитаме дали го прифаќаме водството што го добиваме од верниот роб. На пример, низ годините добивме конкретни упатства во врска со нашиот изглед и облекување, забавата и неисправното користење на Интернетот. Дали совесно постапуваме според овие добри совети за да се заштитиме духовно? А дали го слушаме советот редовно да ја проучуваме Библијата како семејство? Дали го сфаќаме сериозно и дали одвојуваме вечер за таа цел? Ако не сме во брак, дали одвојуваме време за лично проучување на Библијата? Јехова ќе нѐ благослови и како поединци и како семејства ако го следиме водството што ни го дава верниот роб.

4. Што треба да земеме предвид кога донесуваме одлуки во врска со лични работи?

4 Има такви што можеби си мислат дека некои работи како, на пример, забавата, облекувањето и изгледот се прашање на личен избор. Меѓутоа, кога донесува одлуки, еден крстен христијанин што ја цени својата улога во собранието не треба да мисли само на она што му се допаѓа нему. Напротив, мора првенствено да размисли за Јеховиното гледиште, кое е изнесено во неговата Реч, Библијата. Нејзината порака треба да биде ‚светилка на нашата нога, и светлина за нашата патека‘ (Пс. 119:105). Освен тоа, би било мудро да размислиме како одлуките што ги донесуваме во врска со некои лични работи влијаат врз нашата служба и врз другите луѓе — во собранието и надвор од него. (Прочитај 2. Коринќаните 6:3, 4.)

5. Зошто треба да се чуваме од духот на независноста?

5 „Духот кој сега дејствува во непослушните синови“ е раширен насекаде, исто како воздухот што го дишиме (Еф. 2:2). Тој дух може да нѐ наведе да мислиме дека не ни треба водство од Јеховината организација. Сигурно не сакаме да бидеме како Диотреф, кој ‚ништо не примал од апостол Јован со почит‘ (3. Јов. 9, 10). Треба да внимаваме кај нас да не се развие дух на независност. Да не дозволиме никогаш да кажеме или да направиме нешто со кое би покажале непочитување кон оние што Јехова ги користи за да ни ги пренесе своите упатства денес (4. Мој. 16:1-3). Напротив, треба да ни биде чест што можеме да соработуваме со верниот роб. И зарем не треба да се трудиме да им бидеме послушни и подложни на оние што предводат во нашето собрание? (Прочитај Евреите 13:7, 17.)

6. Зошто треба да ги преиспитаме нашите лични околности?

6 Друг начин да покажеме дека ја цениме својата улога во собранието е ако добро размислиме за нашите лични околности, и ако правиме сѐ за ‚да ја величаме својата служба‘ и да му оддаваме чест на Јехова (Рим. 11:13). Некои се во можност да служат како општи пионери. Други служат во специјална полновремена служба како мисионери, патувачки надгледници и членови на бетелските семејства низ целиот свет. Многу браќа и сестри помагаат во градењето на Сали на Царството. Најголемиот дел од Јеховините слуги прават сѐ што можат за да се грижат за духовните потреби на своите семејства и редовно да учествуваат во службата секоја седмица. (Прочитај Колошаните 3:23, 24.) Можеме да бидеме сигурни дека, кога спремно и со сета душа ја вршиме нашата служба за Бог, Тој секогаш ќе има за што да нѐ користи во своето собрание.

Фактори што влијаат врз нашата улога во собранието

7. Објасни како нашите околности можат да влијаат врз нашата улога во собранието.

7 Важно е добро да ги преиспитаме своите околности бидејќи, во некоја мера, нашата улога во собранието зависи од тоа дали сме способни да правиме нешто или, пак, дали сме во можност да го правиме тоа. На пример, улогата што еден брат ја има во собранието се разликува во некои аспекти од улогата на една сестра. Освен тоа, возраста, здравјето и други фактори влијаат врз она што можеме да го правиме во Јеховината служба. „Убавина на младичите е нивната сила, а украс на старците е нивната седа коса“, се вели во Изреки 20:29. Поради својата младешка сила, помладите членови на собранието би можеле повеќе физички да се трошат, додека постарите се од голема корист за собранието со својата мудрост и искуство. Освен тоа, треба да имаме на ум дека сѐ што можеме да правиме во Јеховината организација не зависи од нас, туку од Божјата незаслужена доброта (Дела 14:26; Рим. 12:6-8).

8. Во која мера желбата влијае врз она што ќе го правиме во собранието?

8 Еден пример со две млади телесни сестри истакнува уште еден фактор што има влијание врз нашата улога во собранието. И двете завршуваат средно училиште. И двете живеат во исти околности. Нивните родители се труделе најдобро што можеле да ги поттикнат и двете да станат општи пионери откако ќе завршат со школувањето. По матурирањето, едната започнува со пионерска служба, а другата почнува да работи со полно работно време. Зошто постапиле различно? Во прашање била нивната желба. На крајот, секоја го направила она што го сакала. Зарем ова не важи за повеќето од нас? Мора сериозно да размислиме за она што би сакале да го правиме во службата за Бог. Можеме ли уште повеќе да учествуваме во неа, дури и ако поради тоа треба да промениме нешто во својот живот? (2. Кор. 9:7).

9, 10. Што треба да сториме ако немаме доволно мотивација да правиме повеќе во Јеховината служба?

9 А што ако едноставно ни недостасува мотивација да правиме повеќе во Јеховината служба и не сме баш склони да се напрегаме во собраниските активности? Во своето писмо до Филипјаните, Павле вели: „Бог, бидејќи го сака тоа, дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате“. Да, Јехова може да дејствува во нас и да влијае врз она што го сакаме, односно врз нашите желби (Фил. 2:13; 4:13).

10 Тогаш, зошто да не го молиме Јехова да разгори во нас желба да ја вршиме неговата волја? Цар Давид од древниот Израел го сторил токму тоа. Тој се молел: „Дозволи ми да ги запознаам твоите патишта, о Јехова, научи ме за твоите патеки. Упати ме да одам во твојата вистина и поучи ме, зашто ти си Богот на моето спасение. На тебе се надевам по цел ден“ (Пс. 25:4, 5). И ние можеме да го сториме истото ако го молиме Јехова да всади во нас желба да го правиме она што му се допаѓа. Кога размислуваме како Јехова и неговиот Син се чувствуваат поради она што го правиме за нив, нашите срца се полнат со благодарност (Мат. 26:6-10; Лука 21:1-4). Тоа чувство на благодарност може да нѐ поттикне да го молиме Јехова да ја засили во нас желбата духовно да напредуваме и да му служиме во уште поголема мера. Пророкот Исаија ни дал пример за тоа каков став треба да имаме. Кога го слушнал гласот на Јехова како вели: „Кого да испратам? Кој ќе оди за нас?“, тој одговорил: „Еве ме мене, испрати ме мене!“ (Иса. 6:8).

Напредувај — како?

11. а) Зошто е потребно браќата да се трудат да ги исполнат условите за поголеми одговорности во организацијата? б) Како може еден брат да се потруди да ги исполни условите за поголеми одговорности во собранието?

11 Со оглед на тоа што во 2008 службена година во целиот свет беа крстени 289.678 лица, јасно е дека има голема потреба од браќа што ќе предводат. Како треба еден брат да реагира на оваа потреба? Едноставно кажано, така што ќе се труди да ги исполни условите за слуги-помошници и старешини кои се изнесени во Библијата (1. Тим. 3:1-10, 12, 13; Тит 1:5-9). Што треба да прави за да ги исполни тие библиски барања? Треба редовно да учествува во службата, трудољубиво да ги извршува задачите што му се дадени во собранието, да вложува напори да ги подобри своите коментари на христијанските состаноци и да покажува личен интерес за соверниците. Од тоа ќе се види дека навистина ја цени својата улога во собранието.

12. Како можат младите да покажат дека се ревносни за вистината?

12 Што можат да направат младите браќа, особено тинејџерите, за да напредуваат во собранието? Можат да вложат напори да растат во ‚мудроста и способноста за сфаќање што ја дава духот‘ така што ќе црпат знаење од Библијата (Кол. 1:9). Во тоа сигурно ќе им помогне марливото проучување на Божјата реч и активното учество на собраниските состаноци. За да прават повеќе во службата за Јехова, младите можат да се потрудат и да ги исполнат условите да влезат низ ‚големата врата за работа‘, односно да почнат со некој вид полновремена служба (1. Кор. 16:9). Ваквата служба ќе им помогне да водат вистински исполнет живот и ќе им донесе многу благослови. (Прочитај Проповедник 12:1.)

13, 14. На кои начини можат сестрите да покажат дека ја ценат својата улога во собранието?

13 И сестрите можат да покажат дека ја ценат честа да придонесат за исполнувањето на Псалм 68:11. Таму читаме: „Јехова испраќа збор — жените што ја објавуваат добрата вест се голема војска“. Еден од најважните начини на кои сестрите можат да покажат дека се благодарни за својата улога во собранието е така што ќе им помагаат на луѓето да станат ученици на Христос (Мат. 28:19, 20). Според тоа, ако учествуваат во службата најмногу што можат и ако спремно прават жртви во тој поглед, сестрите докажуваат дека ја ценат својата улога во собранието.

14 Во своето писмо до Тит, Павле напишал: „Постарите жени нека се однесуваат богобојазливо... нека ги поучуваат другите за она што е добро, за да можат да ги учат помладите жени да си ги сакаат мажите, да си ги сакаат децата, да бидат разборити, чесни, примерни домаќинки, добри, подложни на своите мажи, за да не се зборува погрдно за Божјата реч“ (Тит 2:3-5). Зрелите сестри навистина можат да имаат добро влијание во собранието! Кога ги почитуваат браќата што предводат и кога донесуваат мудри одлуки, на пример, во врска со изгледот, облеката и забавата, тие им даваат добар пример на другите и покажуваат почит кон сопствената улога во собранието.

15. Што може да направи една немажена сестра за да се справи со осаменоста?

15 Понекогаш на некоја немажена сестра може да ѝ биде тешко да увиди која е нејзината улога во собранието. Една христијанка која доживеала вакво нешто, вели: „Оние што не се во брак понекогаш се чувствуваат осамени“. На прашањето како се справува со таквите чувства, таа вели: „Молитвата и проучувањето ми помагаат повторно да станам свесна која е мојата улога. Проучувам за тоа како гледа Јехова на мене. Потоа се трудам да им помагам на другите во собранието. Така не се концентрирам премногу на себеси“. Според Псалм 32:8, Јехова му рекол на Давид: „Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“. Значи, Јехова е заинтересиран за секој свој слуга поединечно, вклучувајќи ги и немажените сестри, и ќе им помогне на сите да си ја вршат својата улога во собранието.

Зачувај го своето место!

16, 17. а) Зошто може да се каже дека сме ја донеле најдобрата можна одлука кога сме ја прифатиле поканата од Јехова да бидеме дел од неговата организација? б) Како можеме да си го зачуваме своето место во Јеховината организација?

16 Јехова со љубов го привлекол секој свој слуга за да му стане пријател. Исус рекол: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“ (Јован 6:44). Од милијардите луѓе на Земјата, Јехова ни упатил лична покана нам за да бидеме дел од неговото собрание денес. Кога сме ја прифатиле оваа покана, ние сме ја донеле најдобрата можна одлука. Таа му дава смисла и значење на нашиот живот. И колку сме радосни и задоволни што имаме свое место во собранието!

17 Псалмистот рекол: „Јехова, го сакам домот во кој живееш ти“. Исто така пеел: „Мојата нога ќе стои на рамно место, среде насобраното мноштво ќе го благословувам Јехова“ (Пс. 26:8, 12). На секој од нас, вистинскиот Бог му дал одредена улога во својата организација. Ако и понатаму го следиме теократското водство и сме зафатени во Неговата служба, ќе можеме да си го зачуваме своето скапоцено место во Јеховиното собрание.

Дали се сеќаваш?

• Зошто е разумно да заклучиме дека секој христијанин има своја улога во собранието?

• Како покажуваме дека си го цениме своето место во Божјата организација?

• Кои фактори можат да влијаат врз нашата улога во собранието?

• Како можат младите и возрасните христијани да покажат дека ја ценат улогата што ја имаат во Божјата организација?

[Прашања]

[Слики на страница 16]

Како можат браќата да се потрудат да ги исполнат условите за поголеми одговорности во собранието?

[Слика на страница 17]

Како можат сестрите да покажат дека ја ценат својата улога во собранието?