Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што откриваат твоите молитви за тебе?

Што откриваат твоите молитви за тебе?

Што откриваат твоите молитви за тебе?

„Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек“ (ПС. 65:2)

1, 2. Зошто слугите на Јехова можат да му се молат со доверба дека тој ги слуша?

 ЈЕХОВА секогаш ги слуша молитвите на своите верни слуги. Можеме да бидеме уверени во тоа. Дури и ако милиони Јеховини сведоци му се молат во исто време, Бог може да ги слуша сите.

2 Уверен дека Бог ги слуша неговите молби, псалмистот Давид пеел: „Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек“ (Пс. 65:2). Молитвите на Давид биле услишени затоа што тој му бил верен слуга на Јехова. Би било добро да се прашаме: ‚Дали моите молитви покажуваат дека имам доверба во Јехова, и дека најважни ми се работите што се поврзани со службата за него и со исполнувањето на неговата намера? Што откриваат моите молитви за мене?‘

Пристапи му на Јехова понизно

3, 4. а) Со каков став треба да му се молиме на Бог? б) Што треба да сториме ако нѐ измачуваат ‚немирни мисли‘ поради некој тежок грев?

3 Ако сакаме нашите молитви да бидат услишени, мора понизно да му пристапуваме на Бог (Пс. 138:6). Треба да го молиме Јехова да нѐ испита, како што го молел Давид, кога рекол: „Проникни во мојата внатрешност, о Боже, и запознај го срцето мое! Испитај ме и запознај ги немирните мисли мои, и види има ли во мене нешто што ме наведува на лош пат, и води ме по патот вечен!“ (Пс. 139:23, 24). Но, освен што се молиме, треба навистина да дозволиме Бог да нѐ испита и да нѐ обликува преку советите од својата Реч. Јехова може да нѐ води „по патот вечен“, односно да ни помогне да добиеме вечен живот.

4 Што ако нѐ измачуваат ‚немирни мисли‘ поради некој тежок грев? (Прочитај Псалм 32:1-5.) Ако се обидуваме да го игнорираме гласот на нечистата совест, тоа може да ни ја исцеди силата, исто како што едно дрво се суши кога е на силен летен припек. Поради својот грев, Давид ја изгубил радоста и можеби се разболел. Но, колку му олеснило кога му го признал својот грев на Бог! Колку мора да се радувал кога почувствувал дека Јехова му го ‚простил престапот‘! Оној што згрешил ќе чувствува олеснување кога ќе му го признае гревот на Бог, а и христијанските старешини можат многу да му помогнат духовно да закрепне (Изр. 28:13; Јак. 5:13-16).

Сесрдно моли го Бог и благодари му

5. Што ни советувал Павле да правиме кога имаме грижи, и кога е особено важно да го послушаме тој совет?

5 Ако од некоја причина нѐ притискаат грижи, треба да го примениме советот на Павле: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Фил. 4:6). Посебно кога сме во опасност или трпиме прогонство, треба сесрдно да го молиме Јехова за помош и водство.

6, 7. За што треба да му благодариме на Бог во нашите молитви?

6 Но, ако се молиме само кога ни треба нешто, што открива тоа за нашите мотиви? Павле рекол дека треба да му ги изнесеме своите барања на Бог „со благодарење“. Сигурно и ние можеме да ги изразиме истите чувства што ги изразил Давид, кога рекол: „Твои се, Јехова, величието и моќта и убавината и возвишеноста и честа, зашто твое е сѐ што е на небото и на земјата. Твое е царството, Јехова, ти си возвишен како поглавар на сите... Ти благодариме, Боже наш, и го фалиме твоето прекрасно име“ (1. Лет. 29:11-13).

7 Исус му благодарел на Бог за храната во разни прилики, како што било случај и на Господаровата вечера, пред да ги подаде лебот и виното (Мат. 15:36; Мар. 14:22, 23). Освен што ќе изразиме благодарност за ваквите работи, треба ‚да му благодариме на Јехова‘ и за ‚чудесните дела што ги направил за синовите човечки‘, за неговите „праведни закони“, како и за неговата реч, односно порака, која сега ни е достапна преку Библијата (Пс. 107:15; 119:62, 105).

Моли се за другите

8, 9. Зошто треба да се молиме за сохристијаните?

8 Сигурно се молиме за себе, но треба да се молиме и за другите — дури и за сохристијаните што не ги знаеме по име. Иако можеби не ги познавал сите верници во Колоси, апостол Павле напишал: „Му благодариме на Бог, Таткото на нашиот Господар Исус Христос, секогаш кога се молиме за вас, зашто чувме за вашата вера во Христос Исус и за љубовта што ја негувате кон сите свети“ (Кол. 1:3, 4). Павле се молел и за христијаните во Солун (2. Сол. 1:11, 12). Ваквите молитви многу кажуваат за нас и за тоа како гледаме на нашите браќа и сестри во верата.

9 Нашите молитви за помазаните христијани и за нивните придружници, ‚другите овци‘, се показател дека сме заинтересирани за Божјата организација (Јован 10:16). Павле побарал од соверниците да се молат за него за да може ‚со сета слобода да ја објави светата тајна на добрата вест‘ (Еф. 6:17-20). Дали и ние се молиме за другите христијани на ваков начин?

10. Како може да влијае врз нас тоа што ќе се молиме за другите?

10 Ако се молиме за другите, тоа може да го смени нашиот став кон нив. Доколку некој не ни се допаѓа баш многу, но сепак се молиме за него, зарем можеме потоа да не постапуваме со љубов кон него? (1. Јов. 4:20, 21). Ваквите молитви се изградувачки и помагаат да бидеме обединети со нашите браќа. Освен тоа, тие покажуваат дека имаме љубов како Христовата (Јован 13:34, 35). Оваа особина е плод на Божјиот дух. Дали лично се молиме за свет дух и дали бараме од Јехова да ни помогне да ги покажуваме плодовите на тој дух — љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, љубезноста, добротата, верата, благоста и самосовладувањето? (Лука 11:13; Гал. 5:22, 23). Ако го правиме тоа, со нашите зборови и дела ќе покажеме дека живееме според духот. (Прочитај Галатите 5:16, 25.)

11. Зошто би рекол дека е исправно да им кажеме на другите да се молат за нас?

11 Ако дознаеме дека нашите деца се на искушение да препишуваат на тестовите на училиште, треба да се молиме за нив, а и да им дадеме совети од Библијата за да постапуваат чесно и да не направат нешто погрешно. Павле им рекол на христијаните во Коринт: „Му се молиме на Бог да не направите никакво зло“ (2. Кор. 13:7). Таквите понизни молитви му се допаѓаат на Јехова и откриваат дека имаме добар став. (Прочитај Изреки 15:8.) Можеме да ги замолиме другите да се молат за нас, исто како што направил апостол Павле. Тој напишал: „Молете се за нас, зашто сме уверени дека имаме чиста совест, бидејќи сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (Евр. 13:18).

Што друго откриваат молитвите за нас

12. За кои работи е најважно да се молиме?

12 Дали нашите молитви откриваат дека сме среќни и ревносни Сведоци на Јехова? Дали од нив се гледа дека најважно од сѐ ни е да биде проповедана пораката за Царството, да биде оправдано Јеховиното право да владее, да биде посветено неговото име и да ѝ бидеме послушни на Божјата волја? Ова треба да бидат главните работи за кои се молиме, како што покажал и Исус во молитвата Оче наш, која ја дал како пример за нас. Таа почнува со зборовите: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Мат. 6:9, 10).

13, 14. Што откриваат нашите молитви за нас?

13 Нашите молитви до Бог ги откриваат нашите мотиви, интереси и желби. Јехова знае какви сме однатре. Во Изреки 17:3 се вели: „Во топилница се чисти сребро и во печка злато, а Јехова ги испитува срцата“. Бог гледа што имаме во срцето (1. Сам. 16:7). Знае што чувствуваме за нашите состаноци, за службата и за нашите духовни браќа и сестри. Јехова е свесен што мислиме и за Христовите браќа (Мат. 25:40). Знае дали навистина го сакаме она за кое се молиме или само повторуваме едни исти зборови. Бидејќи луѓето што живееле во негово време немале исправна претстава за молитвата, Исус рекол: „Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто, како што прават луѓето од светот, зашто тие мислат дека ќе бидат услишени затоа што користат многу зборови“ (Мат. 6:7).

14 Она што го кажуваме во молитва исто така открива колку се потпираме на Бог. Давид рекол: „Ти [Јехова] си моето прибежиште, цврста кула пред лицето на непријателот. Во твојот шатор ќе бидам гостин довека, под заштитата на твоите крилја ќе најдам засолниште“ (Пс. 61:3, 4). Кога Бог, во симболична смисла, ‚го распнува својот шатор над нас‘, ние сме на безбедно и ја чувствуваме неговата заштитничка рака (Отк. 7:15). Колку е утешно да му се приближиме на Јехова во молитва, цврсто уверени дека тој е ‚на нашата страна‘ во секој испит на нашата вера! (Прочитај Псалм 118:5-9.)

15, 16. Што може да ни открие молитвата во врска со нашата желба да имаме додатни одговорности во собранието?

15 Ако искрено му се молиме на Јехова во врска со нашите мотиви, тоа може да ни помогне да видиме какви навистина се тие. На пример, можеби некој од нас има силна желба да служи како надгледник во собранието на Божјиот народ. Но, зошто? Дали затоа што понизно сака да им помага на Божјите слуги и да даде сѐ што може во проповедањето и во собранието? Или, пак, затоа што можеби сака „да биде прв“, па дури и да ‚господари над‘ другите? Тоа не смее да биде случај кај Божјиот народ. (Прочитај 3. Јованово 9, 10; Лука 22:24-27.) Ако имаме погрешни желби, искрената молитва до Јехова ќе ни помогне да ги увидиме и да ги смениме пред тие да пуштат длабок корен во нашето срце.

16 Некои христијанки многу би сакале нивните сопрузи да служат како слуги-помошници, а можеби, еден ден, и како надгледници, односно старешини. Овие сестри можат да постапуваат во склад со своите молитви за таа работа така што ќе се трудат примерно да се однесуваат. Ова е важно бидејќи говорот и однесувањето на членовите на семејството влијаат врз мислењето што ќе го имаат за братот другите во собранието.

Како ги застапуваме другите во јавна молитва

17. Зошто е добро да бидеме сами кога лично му се молиме на Јехова?

17 Исус честопати се повлекувал од мноштвата за да може насамо да му се моли на својот Татко (Мат. 14:13; Лука 5:16; 6:12). И ние понекогаш имаме потреба да бидеме сами. Ако смирено и во тишина му се молиме на Јехова, веројатно ќе донесеме одлуки што ќе му се допаѓаат и ќе бидат за наше најголемо духовно добро. Но, Исус кажувал и молитви во кои јавно застапувал група луѓе, па затоа е добро да разгледаме како ова може да се прави на исправен начин.

18. Наведи некои работи кои браќата треба да ги земат предвид кога го застапуваат собранието во јавна молитва.

18 На нашите состаноци, верни мажи го застапуваат целото собрание во јавна молитва (1. Тим. 2:8). На крајот на една таква молитва, соверниците треба да кажат „амин“, што значи „така нека биде“. Но, за да го направат тоа, мора да се согласуваат со она што е кажано. Исус не кажал ништо шокантно или неумесно во молитвата Оче наш (Лука 11:2-4). Освен тоа, не ги навел во детали сите потреби или проблеми на секој од оние што го слушале. Личните работи и грижи се изнесуваат кога лично му се молиме на Јехова, а не во јавни молитви. И, кога се молиме во името на цела група луѓе, не треба да кажеме нешто од доверлива природа.

19. Како треба да се однесуваме во текот на јавните молитви?

19 Кога некој нѐ застапува во јавна молитва, треба да покажеме побожен страв (1. Пет. 2:17). Некои постапки, кои можеби не се погрешни во друго време и на друго место, не би било исправно да се прават на христијански состанок (Проп. 3:1). На пример, замисли некој да побара од сите во одредена група да се држат за рака во текот на молитвата. Ова може да биде непријатно или чудно за некои, вклучувајќи ги и посетителите што не ги делат нашите верувања. Некои брачни партнери можат неупадливо да се држат за рака, но ако се прегрнати во текот на јавните молитви, оние што ќе го забележат таквото однесување би можеле да се спрепнат. Би можеле да помислат или да добијат впечаток дека на таа брачна двојка им е најважна нивната меѓусебна љубов, а не страхопочитта кон Јехова. Затоа, од длабока почит кон Бог, да ‚правиме сѐ за негова слава‘ и да избегнуваме однесување кое може да им пречи, да ги шокира или да ги спрепне другите (1. Кор. 10:31, 32; 2. Кор. 6:3).

За што да се молиме?

20. Како би ги објаснил зборовите од Римјаните 8:26, 27?

20 Понекогаш, кога насамо му се молиме на Јехова, можеби не знаеме што да му кажеме. Павле напишал: „Не знаеме за што да молиме кога треба да се молиме, но самиот [свет] дух се зазема за нас кога во молитва не можеме ни да ги искажеме своите воздишки. А [Бог] ги истражува срцата [и] знае на што укажува духот“ (Рим. 8:26, 27). Јехова дал многу молитви да бидат запишани во Библијата. Тој ги прифаќа тие молби запишани под водство на светиот дух како да се лично наши барања, и затоа одговара на нив. Бог нѐ познава нас, а го знае и значењето на она што го зборувале писателите на Библијата под влијание на неговиот дух. Јехова одговара на овие молитви во кои духот „се зазема“ за нас. Но, како што се запознаваме повеќе со Божјата реч веројатно полесно ќе ни дојде во мислите она за кое треба да се молиме.

21. Што ќе разгледаме во следната статија?

21 Како што видовме, нашите молитви откриваат многу за нас. На пример, можат да откријат колку сме се зближиле со Јехова и колку добро ја познаваме неговата Реч (Јак. 4:8). Во следната статија, ќе разгледаме некои молитви што се запишани во Библијата. Како ваквото разгледување на Библијата најверојатно ќе влијае врз начинот на кој му пристапуваме на Бог во молитва?

Како би одговорил?

• Со каков став треба да му пристапуваме на Јехова во молитва?

• Зошто треба да се молиме за соверниците?

• Што можат да откријат нашите молитви за нас и за нашите мотиви?

• Како треба да се однесуваме кога има јавна молитва?

[Прашања]

[Слика на страница 4]

Дали редовно го фалиш и му благодариш на Јехова?

[Слика на страница 6]

Со нашето однесување кога има јавна молитва треба секогаш да му оддаваме чест на Јехова