Дали го гледаш Јехова како Татко?
Дали го гледаш Јехова како Татко?
„ГОСПОДАРУ, научи нѐ да се молиме.“ Кога еден негов ученик го изнел ова барање, Исус рекол: „Кога се молите, речете: ‚Татко, нека се свети името твое‘“ (Лука 11:1, 2). Тој можел овде да употреби за Јехова некоја впечатлива титула како, на пример, „Семоќниот“, ‚Најголемиот Учител‘, „Творецот“, „Прадревниот“ и „Царот на вечноста“ (1. Мој. 49:25; Иса. 30:20; 40:28; Дан. 7:9; 1. Тим. 1:17). Наместо тоа, Исус избрал да го нарече „Татко“. Зошто? Можеби затоа што сака да ѝ се обраќаме на највеличествената Личност во вселената како што едно понизно детенце му се обраќа на својот добар и грижлив татко.
Но, на некои им е тешко да си го претстават Бог како Татко. Една христијанка по име Ацуко a признава: „Со години по моето крштавање ми беше тешко да се чувствувам блиска со Јехова и да му се обраќам во молитва со ‚Татко‘“. Наведувајќи една причина за ова, таа вели: „Не се сеќавам кога мојот роден татко ми покажал љубов“.
Во овие тешки последни денови, сѐ помалку татковци покажуваат „љубов кон членовите на семејството“, која едно дете нормално ја очекува од својот татко (2. Тим. 3:1, 3; фус.). Затоа, не е невообичаено некои да се борат со слични чувства како Ацуко. Сепак, охрабрува сознанието дека имаме добри причини да го гледаме Јехова како Татко кој многу нѐ сака.
Јехова со љубов се грижи за нашите потреби
За да го гледаме Јехова како Татко, мора добро да го запознаеме. Исус рекол: „Никој не го познава Синот толку добро како Таткото, и никој не го познава Таткото толку добро како Синот и како оној кому Синот сака да му го открие“ (Мат. 11:27). Одличен начин да разбереме каков е Јехова како Татко е да размислуваме за она што Исус ни го открил за вистинскиот Бог. А што ни открил тој за Таткото?
Исус бил свесен дека Јехова е Изворот на неговиот живот, и затоа рекол: „Јас живеам преку Таткото“ (Јован 6:57). И ние му го должиме своето постоење на Таткото (Пс. 36:9; Дела 17:28). Што го поттикнало Јехова да им даде живот и на други? Зарем тоа не била љубовта? Сигурно дека и ние треба да му возвратиме со љубов на нашиот небесен Татко за тој дар што ни го дал!
Најголем доказ за Божјата љубов кон човештвото е тоа што го дал Исус како откупна жртва. Благодарение на тој чин на љубов, грешните луѓе можат да имаат близок однос со Јехова преку неговиот Син (Рим. 5:12; 1. Јов. 4:9, 10). А бидејќи нашиот небесен Татко ги исполнува своите ветувања, можеме да бидеме сигурни дека, на крајот, сите што го сакаат и што му се послушни ќе ја добијат „славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21).
Нашиот небесен Татко исто така „дава неговото сонце да изгрева“ над нас секој ден (Мат. 5:45). Веројатно не ни паѓа на ум да се молиме да изгрее сонцето. Сепак, колку ни се потребни и пријатни неговите топли зраци! Освен тоа, нашиот Татко ги задоволува сите наши материјални потреби како никој друг, и знае што ни треба дури и пред да го замолиме за тоа. Затоа, зарем не би требало да најдеме време да набљудуваме и со ценење да размислуваме за тоа како нашиот небесен Татко се грижи за своите созданија? (Мат. 6:8, 26).
Нашиот Татко нежно нѐ штити
Во едно пророштво, Исаија му го дал следново уверување на древниот Божји народ: „Како овчар ќе го пасе своето стадо. Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите. Грижливо ќе ги води доилките“ (Иса. 40:11). Од овие зборови можеме да видиме дека Јехова нежно се грижи и го штити својот народ. Оваа мисла е нагласена и во молитвата што Исус ја кажал последната ноќ од својот живот на Земјата. Во врска со своите ученици, Исус се молел: „Тие се во светот, а јас доаѓам кај тебе. Свети Татко, чувај ги заради своето име“ (Јован 17:11, 14). Јехова навистина ги чува и ги штити следбениците на Исус.
Меѓу другото, денес Бог нѐ штити од Сатановите напади со тоа што ни дава навремена духовна храна преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Неопходно е да ја примаме таа зајакнувачка храна за ‚да ја облечеме сета Божја воена опрема‘. Размисли, на пример, за „големиот штит на верата“, со кој можеме ‚да ги изгаснеме сите огнени стрели на Злобниот‘ (Еф. 6:11, 16). Верата што ја имаме нѐ чува од духовна штета и сведочи за заштитничката моќ на нашиот Татко.
Можеме да дознаеме уште нешто за тоа колку е нежен нашиот небесен Татко ако размислиме подлабоко за начинот на кој постапувал Божјиот Син кога бил на Земјата. Забележи што стои во Марко 10:13-16. Таму се наведени следниве зборови што Исус им ги кажал на своите ученици: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене“. Кога тие дечиња се собрале околу него, Исус нежно ги прегрнувал и ги благословувал. Нивните лица сигурно светеле од радост! А бидејќи Исус рекол: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“, знаеме дека и вистинскиот Бог сака слободно да му пристапуваме (Јован 14:9).
Јехова Бог е непресушен Извор на љубов. Никој друг не може да ги задоволи нашите потреби и да нѐ штити како што тоа го прави Јехова, кој сака да бидеме блиски со него (Јак. 4:8). Нема сомнение, Јехова е најдобриот можен Татко!
Големи благослови за нас!
Ние имаме голема корист од тоа што ја полагаме својата доверба во Јехова како наш грижлив и нежен небесен Татко (Изр. 3:5, 6). Исус имал корист од тоа што покажал безусловна доверба во својот Татко. „Не сум сам“, им рекол на своите ученици, „туку со мене е Таткото, кој ме испрати“ (Јован 8:16). Исус никогаш не се сомневал дека Јехова му помага. На пример, кога се крстил, неговиот Татко со љубов го уверил во тоа, велејќи: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!“ (Мат. 3:15-17). А само кратко пред да умре, Исус извикал: „Татко, во твоите раце го доверувам својот дух!“ (Лука 23:46). До последен момент, тој имал непоколеблива доверба во својот Татко.
Истото може да биде случај и со нас. Ако Јехова е на наша страна, од што да се плашиме? (Пс. 118:6). Ацуко, која беше спомната во почетокот, обично се потпирала на својата сила кога се соочувала со проблеми. Но, потоа решила длабоко да го проучува животот и службата на Исус, и да обрне особено внимание на блискиот однос што го имал тој со својот небесен Татко. Каков бил резултатот од ова? „Научив што значи да се има Татко и да се потпираш на него“, вели Ацуко, и додава: „Почувствував вистински мир и среќа. Навистина, нема причина да бидеме загрижени за ништо“.
Кои други благослови ги имаме од тоа што го гледаме Јехова како Татко? Децата обично ги сакаат своите родители и сакаат да им угодат. Од љубов, и Божјиот Син ‚секогаш го правел она што му е по волја‘ на неговиот Татко (Јован 8:29). Љубовта кон нашиот небесен Татко може да нѐ поттикне и нас да постапуваме мудро и да го славиме (Мат. 11:25; Јован 5:19).
Нашиот Татко ‚нѐ држи за десницата‘
Нашиот небесен Татко ни дал и „помошник“ — својот свет дух. Исус рекол: „Тој... ќе ве упати во сета вистина“ (Јован 14:15-17; 16:12, 13). Божјиот свет дух може да ни помогне подобро да разбереме каков е нашиот Татко. Може да ни помогне да го урнеме „она што е цврсто утврдено“, односно, некои наши однапред создадени претстави, погрешни замисли или неисправни гледишта, и на тој начин ‚да ја зауздаме секоја мисла за да му се покори на Христос‘ (2. Кор. 10:4, 5). Затоа, да му се молиме на Јехова да ни го даде тој „помошник“ што ни го ветил, со доверба дека „Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа“ (Лука 11:13). Освен тоа, исправно е да се молиме светиот дух да ни помогне уште повеќе да се зближиме со Јехова.
Едно детенце се чувствува сигурно, смирено и не се плаши кога татко му го води за рака. Ако навистина го гледаш Јехова како Татко, и ти можеш да бидеш уверен во следниве утешни зборови: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Иса. 41:13). Можеш да ја имаш неспоредливата чест „да одиш“ со Бог засекогаш (Мих. 6:8). Продолжи да ја вршиш неговата волја, и ќе ја почувствуваш љубовта, радоста и сигурноста што доаѓа од тоа што го гледаш Јехова како свој Татко.
[Фуснота]
a Името е сменето.