„Детето и неговото право на духовен развој“
„Детето и неговото право на духовен развој“
НА 9 декември 2008 год., Шведската академија за правата на детето одржа семинар на една посебна тема: „Детето и неговото право на духовен развој“. Говорници од Црквата на Шведска, но и од други христијански вери и од исламот, како и приврзаници на хуманистичката идеологија изнесоа различни мислења на оваа тема.
Меѓу говорниците беше и еден свештеник, кој изјави: „Не може доволно да се нагласи колку се важни извештаите од Библијата за духовноста на децата“. Во која смисла она што е запишано во Библијата може да ги задоволи духовните потреби на децата?
„Стиховите и извештаите [од Библијата] содржат важни мисли за кои децата можат сами да размислуваат“, рече овој свештеник. А потоа ги спомна „Адам и Ева, Каин и Авел, Давид и Голијат, раѓањето на Исус, даночникот Закхеј, споредбата за расипничкиот син и за ближниот Самарјанин“. Тие беа наведени како „некои клучни примери што можат да му помогнат [на детето] да изгради исправен став кон многу важни работи во човечкото однесување, како што се измамата, простувањето, искупувањето, омразата, расипаноста, помирувањето и братската и несебична љубов“. Тој додаде: „Овие стихови содржат поуки што можат да се применат на сопствениот живот, да се оживеат и да станат дел од личното искуство“.
Без сомнение, добро е децата да бидат поттикнати да ја читаат Библијата. Но, дали тие се навистина способни „сами да размислуваат“ за она што го прочитале од неа и да извлечат исправни заклучоци?
Дури и возрасните имаат потреба некој да им ги објасни библиските стихови. На пример, во Библијата се зборува за еден човек што не можел вистински да ги задоволи своите духовни потреби иако сам размислувал за она што го прочитал. Тој човек бил етиопски дворјанин и го читал пророштвото од Исаија, но не можел да го сфати неговото значење. Бидејќи сакал да ја разбере пораката на овој пророк, спремно го сослушал објаснувањето што му го дал ученикот Филип (Дела 8:26-40). Овој Етиопјанин не е никаков исклучок. Сите имаме потреба некој да ни ги објасни библиските стихови, а ова особено важи за децата.
Библијата нѐ предупредува: „Глупоста е приврзана за срцето на детето“ (Изр. 22:15). На децата им се потребни упатства и водство, а нивните родители се одговорни да им даваат морални и духовни поуки кои се темелат на Библијата и на она што се поучува во христијанското собрание. Децата имаат право на таква поука. Од мали нозе, ним им е потребна помош за да постават цврст библиски темел за својот духовен развој, со цел еден ден да станат ‚зрели луѓе чија моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло‘ (Евр. 5:14).