Добредојдовте на најдобриот животен пат!
Добредојдовте на најдобриот животен пат!
„Било да живееме било да умираме, на Јехова му припаѓаме“ (РИМ. 14:8)
1. Што поучувал Исус во врска со најдобриот начин на живот?
ЈЕХОВА сака да го избереме најдобриот животен пат. Луѓето можат да живеат на разни начини, но само еден е најдобар. Не може да направиме ништо подобро во животот отколку да се држиме за Божјата Реч и да учиме од неговиот Син, Исус Христос. Исус ги поучил своите следбеници да му оддаваат почит на Бог со дух и со вистина, и им дал задача да им помагаат на луѓето да станат негови ученици (Мат. 28:19, 20; Јован 4:24). Кога живееме така како што рекол Исус, го радуваме Јехова и добиваме благослови од Него.
2. Како реагирале мнозина на пораката за Царството во првиот век, и што значело да се биде следбеник на „Патот“?
2 Кога оние што ‚исправно гледаат на вечниот живот‘ стануваат верници и се крштаваат, навистина имаме добри причини да им изразиме добредојде на најдобриот животен пат! (Дела 13:48). Во текот на првиот век од нашата ера, илјадници луѓе од различни националности ја прифатиле вистината и јавно покажале дека му се оддадени на Бог со тоа што се крштавале (Дела 2:41). Тие први ученици биле следбеници на „Патот“ (Дела 9:2; 19:23). Овој израз бил соодветен бидејќи оние што станале Христови следбеници избрале да живеат на начин во кој најважна улога имаат верата во Исус Христос и следењето на неговиот пример (1. Пет. 2:21).
3. Зошто Јеховините слуги се крштаваат, и колку луѓе се крстиле во последните десет години?
3 Во овие последни денови, делото во кое им се помага на луѓето да станат ученици на Христос се забрзува и сега се извршува во над 230 земји. Во последниве десет години, повеќе од 2.700.000 луѓе донеле одлука да му служат на Јехова и се крстија за да покажат дека му се заветувале на Јехова. Тоа значи дека во просек се крштаваа над 5.000 лица секоја седмица! Тие одлучиле да се крстат затоа што го сакаат Бог, и затоа што биле поучени од Библијата и веруваат во она што стои во неа. Крштавањето е најзначаен настан во нашиот живот бидејќи го означува почетокот на едно блиско пријателство со Јехова. Освен тоа, со крштавањето покажуваме доверба дека Тој ќе ни помага верно да му служиме, исто како што и во минатото им помагал на своите слуги да одат по неговиот пат (Иса. 30:21).
Зошто крштавањето е неопходно?
4, 5. Наведи некои од благословите што ги имаат оние кои се крштаваат.
4 Можеби си стекнал знаење за Бог, си направил промени во животот и сега служиш како некрстен објавител. Таквиот напредок е за пофалба. Но, дали му се заветува на Бог во молитва и дали имаш желба да се крстиш? Од твоето проучување на Библијата најверојатно сега веќе знаеш дека најважно во животот треба да ти биде да го славиш Јехова, а не да си угодуваш себеси или да се посветиш на стекнување материјално богатство. (Прочитај Псалм 148:11-13; Лука 12:15.) Затоа, да видиме кои се некои благослови од крштавањето.
5 Откако ќе станеш крстен христијанин, твојот живот ќе има величествена смисла. Ќе бидеш среќен затоа што ја вршиш Божјата волја (Рим. 12:1, 2). Јеховиниот свет дух ќе ти помогне да стекнеш особини што Бог сака да ги имаме, како што се мирот и верата (Гал. 5:22, 23). Бог ќе ти одговори на молитвите и ќе го благослови трудот што го вложуваш за да живееш во склад со неговата Реч. Службата ќе ти носи радост, а тоа што ќе живееш на начин кој го радува Бог ќе ја зајакне твојата надеж во вечниот живот. Освен тоа, кога ќе му се заветуваш на Јехова и ќе се крстиш, ќе покажеш дека навистина сакаш да бидеш Јеховин сведок (Иса. 43:10-12).
6. Што покажуваме со нашето крштавање?
6 Со тоа што му се заветуваме на Бог и се крштаваме, ние јавно покажуваме дека му припаѓаме на Јехова. „Никој од нас не живее само за себе и никој не умира само за себе“, напишал апостол Павле. „Зашто, ако живееме, живееме за Јехова, и ако умираме, умираме за Јехова. Според тоа, било да живееме било да умираме, на Јехова му припаѓаме“ (Рим. 14:7, 8). Бог ни укажал чест со тоа што ни дал слободна волја. Кога цврсто ќе решиме да одиме по овој животен пат затоа што го сакаме Бог, ние го радуваме неговото срце (Изр. 27:11). Нашето крштавање е знак дека сме му се заветувале на Бог, но со него даваме и јавна изјава дека Јехова е нашиот Владетел. Со тоа покажуваме дека сме на негова страна во спорното прашање во врска со тоа кој има право да владее со сѐ (Дела 5:29, 32). За возврат, и Јехова е на наша страна. (Прочитај Псалм 118:6.) Крштавањето ни овозможува да добиеме и многу други духовни благослови сега и во иднина.
Благословени со братство во кое владее љубов
7-9. а) Кое уверување им го дал Исус на оние што оставиле сѐ за да го следат? б) Како се исполнува ветувањето на Исус запишано во Марко 10:29, 30?
7 Апостол Петар му рекол на Исус: „Еве, ние оставивме сѐ и те следиме. Што ќе добиеме за тоа?“ (Мат. 19:27). Петар сакал да знае што ги чека во иднина него и другите ученици на Исус. Тие направиле големи жртви за целосно да му се посветат на проповедањето за Царството (Мат. 4:18-22). Какво уверување им дал Исус?
8 Според паралелниот извештај во Марко, Исус покажал дека неговите ученици ќе бидат дел од едно духовно братство. Тој рекол: „Никој не оставил куќа или браќа или сестри или мајка или татко или деца или ниви поради мене и поради добрата вест, а да не прими сега, во ова време, стократно: и куќи и браќа и сестри и мајки и деца и ниви, со прогонства, а во поредокот што доаѓа и вечен живот“ (Мар. 10:29, 30). Христијаните во првиот век, како што биле Лидија, Акила, Прискила и Гај, се некои од оние што им ги отвориле своите „куќи“ и им станале „браќа и сестри и мајки“ на соверниците, токму како што ветил Исус (Дела 16:14, 15; 18:2-4; 3. Јов. 1, 5-8).
9 Она што го кажал Исус се исполнува во уште поголеми размери денес. ‚Нивите‘ што ги оставаат зад себе неговите следбеници, всушност, ја претставуваат работата со која се издржувале, и од која спремно се одрекле мнозина, како што се мисионерите, членовите на бетелското семејство, меѓународните слуги и други, за да учествуваат во поголема мера во делото на Царството во различни земји. Многу браќа и сестри ги оставаат своите домови за да си го поедностават животот, и многу нѐ радува кога слушаме како раскажуваат дека Јехова се грижел за нив и колкава радост им носи службата за него (Дела 20:35). Освен тоа, сите крстени Јеховини слуги имаат чест да бидат дел од едно меѓународното христијанско братство, и заедно со своите браќа да го ‚бараат најнапред царството и Божјата праведност‘ (Мат. 6:33).
На безбедно во „тајното засолниште“
10, 11. Што е „тајното засолниште на Севишниот“, и како можеме да влеземе таму?
10 Со заветувањето на Бог и со крштавањето добиваме уште еден голем благослов — честа да живееме во „тајното засолниште на Севишниот“. (Прочитај Псалм 91:1.) Ова е симболично место на сигурност и безбедност, состојба во која сме заштитени од духовна штета. Тоа е ‚тајно засолниште‘ бидејќи не им е познато на луѓето од светот кои не ги гледаат работите од Божја гледна точка и немаат доверба во Него. Со тоа што живееме во склад со нашиот завет и имаме целосна доверба во Јехова, всушност, ние како да му велиме: „Ти си моето засолниште и мојата тврдина, мојот Бог, во кого ќе имам доверба“ (Пс. 91:2). Јехова Бог ни станува сигурно живеалиште (Пс. 91:9). Кој може да побара нешто повеќе од тоа?
11 Тоа што сме добиле пристап до Јеховиното ‚тајно засолниште‘ исто така значи дека ни била укажана чест да стекнеме близок личен однос со него. Ние сме „влегле“ во ова симболично засолниште кога сме му се заветувале на Бог и сме се крстиле. Потоа продолжуваме да го зацврстуваме ова пријателство и да се зближуваме со Бог така што ја проучуваме Библијата, горливо му се молиме и го слушаме во сѐ (Јак. 4:8). Никој не бил поблизок со Јехова од Исус, кој секогаш имал непоколеблива доверба во Творецот (Јован 8:29). Затоа, никогаш да не се сомневаме во Јехова или во неговата желба и способност да ни помогне да го исполниме заветот што сме му го дале (Проп. 5:4). Сето она што Бог му го обезбедува на својот народ во духовен поглед е непобитен доказ дека тој навистина нѐ сака и сака успешно да му служиме.
Цени го нашиот духовен рај
12, 13. а) Што е духовниот рај? б) Како можеме да им помогнеме на новите?
12 Со заветувањето и крштавањето исто така ни се отвора патот да престојуваме во прекрасниот духовен рај. Во него владее извонредна духовна атмосфера меѓу христијаните, кои се во мир со Јехова Бог и едни со други (Пс. 29:11; Иса. 54:13). Во светот нема ништо што би можело да се спореди со нашиот духовен рај. Ова особено се гледа на меѓународните конгреси, каде што нашите браќа и сестри од многу народи, јазици и етнички групи седат заедно во мир, единство и братска љубов.
13 Духовниот рај во кој престојуваме е во остра спротивност со бедните услови кои преовладуваат во денешниов свет. (Прочитај Исаија 65:13, 14.) Кога ја објавуваме пораката за Царството, ние имаме чест на другите да им упатиме покана да влезат во духовниот рај. Благослов е и тоа што можеме да им помагаме на оние кои од неодамна се меѓу нас да станат повешти во службата, нешто кое може многу да им користи. А можеби старешините и конкретно ќе нѐ замолат да им помогнеме на некои понови, исто како што Акила и Прискила можеле ‚поточно да му го објаснат Божјиот пат‘ на Аполо (Дела 18:24-26).
Продолжи да учиш од Исус
14, 15. Кои добри причини ги имаме да продолжиме да учиме од Исус?
14 Имаме добри причини да продолжиме да учиме од Исус. Пред да стане човек, Исус поминал неброени милениуми соработувајќи со својот Татко (Изр. 8:22, 30). Тој знаел дека најдобриот начин на живот е да му се служи на Бог и да се сведочи за вистината (Јован 18:37). За Исус било многу јасно дека секој друг начин на живот би бил себичен и кусоглед. Знаел дека ќе биде ставен на жесток испит и дека ќе биде убиен (Мат. 20:18, 19; Евр. 4:15). Како наш Пример, тој нѐ поучил како да останеме беспрекорни.
15 Кратко откако Исус се крстил, Сатана го искушал да отстапи од најдобриот животен пат, но залудно (Мат. 4:1-11). Од ова учиме дека, сеедно што ќе направи Сатана, ние можеме да останеме беспрекорни. Тој веројатно ќе го насочи своето внимание на оние што се пред крштавање, како и на оние кои штотуку се крстиле (1. Пет. 5:8). Противењето може да дојде од добронамерни, но недоволно или погрешно информирани членови на семејството. Сепак, таквите испити ни даваат можност, кога им одговараме на прашањата и им сведочиме, да покажеме убави христијански особини, како што се почит и обѕир (1. Пет. ). На крајот, сето ова можеби поволно ќе влијае врз оние што нѐ слушаат ( 3:151. Тим. 4:16).
Остани на најдобриот животен пат!
16, 17. а) Кои три главни барања за живот се запишани во 5. Мојсеева 30:19, 20? б) Како Исус, Јован и Павле го потврдиле она што го напишал Мојсеј?
16 Околу 1.500 години пред Исус да дојде на Земјата, Мојсеј ги поттикнал Израелците да го изберат најдобриот животен пат во тоа време. Тој им рекол: „Ги земам денес за сведоци против вас небото и земјата: дека пред вас ставам живот и смрт, благослов и проклетство. Затоа избери го животот за да останеш жив, ти и твоето потомство, така што ќе го сакаш Јехова, својот Бог, ќе го слушаш неговиот глас и ќе се држиш за него“ (5. Мој. 30:19, 20). Израел не му останал верен на Бог, но трите главни работи што се потребни за живот, кои ги навел Мојсеј, не се промениле. Подоцна, Исус и други лица ги повториле истите барања.
17 Прво, мора ‚да го сакаме Јехова, својот Бог‘. Покажуваме дека го сакаме Бог ако постапуваме во склад со неговите праведни мерила (Мат. 22:37). Второ, мора ‚да го слушаме неговиот глас‘ така што ќе ја проучуваме Божјата Реч и ќе им бидеме послушни на неговите заповеди (1. Јов. 5:3). Ова значи дека редовно треба да одиме на христијанските состаноци, каде што се зборува за Библијата (Евр. 10:23-25). Трето, мора ‚да се држиме за Јехова‘. Сеедно со што ќе се соочиме, секогаш да покажуваме вера во Бог и да го следиме неговиот Син (2. Кор. 4:16-18).
18. а) Како Стражарска кула ја опишала вистината уште во 1914 год.? б) Што треба да мислиме за светлината на вистината денес?
18 Колкав благослов е да се живее во согласност со библиската вистина! Во 1914 год., во Стражарска кула излезе следнава значајна изјава: „Зарем не сме благословен, среќен народ? Зарем нашиот Бог не е верен? Ако некој знае за нешто подобро, нека го земе. Ако кој и да било од вас некогаш најде нешто подобро, се надеваме дека ќе ни каже. Не знаеме за ништо подобро, па дури ни половина толку добро од она што го дознавме од Божјата Реч... Ниту еден јазик и ниту едно перо не може да го опише мирот, радоста и благословите што ги донесе чистото знаење за вистинскиот Бог во нашето срце и во нашиот живот. Библискиот запис за Божјата мудрост, правда, моќ и љубов во потполност го задоволуваат копнежот и на нашиот ум и на нашето срце. Нема што друго да бараме. Нема што друго да посакуваме освен да стекнеме уште појасна слика за Бог и за неговите намери“ (Стражарска кула, 15 декември 1914, страници 377, 378 [англ.]). Нашата благодарност за духовната светлина и вистина не се променила. Всушност, сега имаме уште поголема причина да се радуваме што „одиме во Јеховината светлина“ (Иса. 2:5; Пс. 43:3; Изр. 4:18).
19. Зошто оние кои ги исполнуваат условите за да се крстат треба без одложување да го сторат тоа?
19 Ако сакаш да ‚одиш во Јеховината светлина‘, но сѐ уште не си му го заветувал својот живот на Бог и не си се крстил како христијанин, не одложувај. Направи сѐ што е потребно за да ги исполниш библиските барања за крштавање бидејќи тоа е единствен начин да ја покажеш својата благодарност за она што Бог и Христос го направиле за нас. Дај му го на Јехова најскапоценото нешто што го имаш — својот живот. Покажи дека си решен да ја вршиш Божјата волја така што ќе го следиш неговиот Син (2. Кор. 5:14, 15). Нема сомнение, тоа е најдобриот животен пат!
Како би одговорил?
• Што претставува нашето крштавање?
• Какви благослови добиваме откако ќе му се заветуваме на Јехова и ќе се крстиме?
• Зошто е многу важно да учиме од Исус?
• Што ќе ни помогне да останеме на најдобриот животен пат?
[Прашања]
[Слика на страница 25]
Со своето крштавање покажуваш дека си го избрал најдобриот животен пат
[Слики на страница 26]
Дали си на безбедно во „тајното засолниште“?