Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘“

„Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘“

„Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘“

„Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘... Секој што е жеден, нека дојде. Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (ОТК. 22:17)

1, 2. На кое место треба да биде Царството во нашиот живот, и зошто?

 НА КОЕ место треба да биде Царството во нашиот живот? Исус ги поттикнал своите следбеници ‚да го бараат најнапред царството‘, и ги уверил дека, ако го прават тоа, тогаш Бог ќе им даде сѐ што им е потребно (Мат. 6:25-33). Тој го споредил Божјето Царство со толку скапоцен бисер што еден трговец, откако го наоѓа, „продава сѐ што има и го купува“ (Мат. 13:45, 46). Зарем не треба најважно да ни биде да проповедаме за Царството и да им помагаме на другите да станат ученици на Христос?

2 Како што видовме во претходните две статии, тоа што смело зборуваме и вешто ја користиме Божјата Реч во службата покажува дека нѐ води Божјиот дух. Духот многу ни помага и нѐ поттикнува редовно да проповедаме за Царството. Да видиме на кој начин.

Отворена покана!

3. На каква вода се поканети да ‚дојдат‘ сите луѓе?

3 Преку светиот дух, на луѓето им се упатува една отворена покана. (Прочитај Откровение 22:17.) Тие се повикани да ‚дојдат‘ и да ја згаснат својата жед со еден посебен вид вода. Не станува збор за обична вода која се состои од два атома на водород и еден атом на кислород. Иако без дословната вода би немало живот на Земјата, Исус зборувал за една друга вода кога ѝ го рекол следново на Самарјанката крај бунарот: „Кој ќе пие од водата што ќе му ја дадам јас, нема никогаш да ожедни, туку водата што ќе му ја дадам јас ќе стане во него извор на вода, која донесува вечен живот“ (Јован 4:14). Необичната вода која луѓето се поканети да ја пијат ќе им донесе вечен живот.

4. Како се појавила потреба од водата на животот, и што претставува таа вода?

4 Потребата од таква вода се појавила кога првиот човек, Адам, и неговата жена, Ева, му станале непослушни токму на оној што ги создал — Јехова Бог (1. Мој. 2:16, 17; 3:1-6). Првата двојка била истерана од својот рајски дом „за [Адам] да не посегне со раката и да земе плод и од дрвото на животот, па да јаде и да живее вечно“ (1. Мој. 3:22). Како зачетник на човечкиот род, Адам подоцна ја пренел смртта на сите свои потомци (Рим. 5:12). Водата на животот го претставува сето она што Бог го обезбедува за да ги избави послушните луѓе од гревот и од смртта, и да им даде бескраен совршен живот во Рај на Земјата. Ова било овозможено преку откупната жртва на Исус Христос (Мат. 20:28; Јован 3:16; 1. Јов. 4:9, 10).

5. Кој нѐ поканува да дојдеме и ‚бесплатно да земеме од водата на животот‘? Објасни.

5 Од кого потекнува поканата луѓето да дојдат и ‚да земат бесплатно од водата на животот‘? Сето она што ќе им помогне на луѓето да добијат живот благодарение на улогата што ја има Исус, а кое во целост ќе им биде достапно во текот на илјадагодишното Царство, е претставено со „река со вода на животот, бистра како кристал“. Оваа река „тече од престолот на Бог и на Јагнето“ (Отк. 22:1). Според тоа, Јехова, Дарителот на животот, е Изворот на водата што дава живот (Пс. 36:9). Тој ни ја става оваа вода на располагање преку „Јагнето“, Исус Христос (Јован 1:29). Преку оваа симболична река, Јехова ќе ја отстрани сета штета што ја претрпело човештвото поради непослушноста на Адам. Значи, поканата ‚да дојдеме‘ потекнува од Јехова Бог.

6. Кога започнала да тече ‚реката со вода на животот‘?

6 Иако ‚реката со вода на животот‘ ќе тече во потполна смисла во илјадагодишното Царство на Христос, таа почнува да тече во „денот на Господарот“, кој самна во 1914 год., кога беше устоличено „Јагнето“ на небото (Отк. 1:10). Така, некои од работите што даваат живот станаа достапни кратко потоа. Во нив спаѓа и пораката од Божјата Реч, Библијата, бидејќи таа порака е споредена со „вода“ (Еф. 5:26). Поканата да ‚земат од водата на живот‘ со тоа што ќе ја слушаат и прифатат добрата вест за Царството е отворена за сите. Но, кој конкретно ги поканува луѓето во денот на Господарот?

„Невестата“ вели: „Дојди!“

7. Во „денот на Господарот“, кој прв ја упатува поканата „Дојди!“, и кому?

7 Членовите на „невестата“, односно христијаните помазани со дух, се првите што почнале да ја упатуваат поканата „Дојди!“ Но, кому? „Невестата“ не се кани себеси, туку ги кани оние што се надеваат да живеат вечно на Земјата откако ќе заврши „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“. (Прочитај Откровение 16:14, 16.)

8. Од каде се гледа дека помазаните христијани ја упатувале Јеховината покана уште од 1918 год.?

8 Помазаните следбеници на Христос ја упатуваат оваа покана уште од 1918 год. Таа година, во јавното предавање со наслов „Милиони што живеат сега нема никогаш да умрат“, беше објаснето дека мнозина ќе имаат можност да живеат вечно во Рајот на Земјата откако ќе заврши војната Армагедон. Во еден говор што беше изнесен на конгресот на Истражувачите на Библијата во Седар Поинт (Охајо, САД), во 1922 год., присутните беа поттикнати да го ‚објавуваат Царот и неговото Царство‘. Овој повик им помогна на преостанатите од класата на невестата да им ја упатат поканата на уште повеќе луѓе. Во 1929 год., во Стражарска кула од 15 март, излезе статија со наслов „Великодушна покана“, чие мото беше Откровение 22:17. Во оваа статија, меѓу другото, пишуваше: „Верниот остаток му се придружува на [Севишниот] во упатувањето на великодушната покана и вели: ‚Дојди‘. Оваа порака треба да им се објави на оние што копнеат по правда и вистина. И, ова мора да се стори сега“. Класата на невестата продолжува да ја упатува таа покана до ден-денес.

„Секој што слуша, нека рече: ‚Дојди!‘“

9, 10. Како оние што ја чуле поканата биле повикани и самите да велат „Дојди!“?

9 А што е со оние кои ја слушаат оваа покана? И тие се повикани на другите да им велат: „Дојди!“ На пример, во Стражарска кула од 1 август 1932 год., на 232. страница стоеше: „Помазаниците нека ги поттикнат сите што сакаат и самите да зборуваат со другите за добрата вест за Царството. Не мора да се помазани од Господарот за да ја објавуваат неговата порака. За Јеховините сведоци е многу утешно што знаат дека им е дозволено да ги носат водите на животот до една група луѓе кои можат да го преживеат Армагедон и да живеат вечно на Земјата“.

10 Укажувајќи дека оние што ја слушаат поканата и самите имаат одговорност да кажат: „Дојди!“, Стражарска кула од 15 август 1934 год., на 249. страница изјави: „Членовите на групата на Јонадав мора да им се придружат на оние што се претставени со Јуј, односно на помазаниците, и да ја објавуваат пораката за Царството, иако не се помазани Сведоци на Јехова“. Во 1935 год., беше разјаснето кој го сочинува ‚големото мноштво‘ кое се спомнува во Откровение 7:9-17. Ова му даде силен замав на ширењето на Божјата покана. Оттогаш наваму, сѐ поголем број на вистински обожаватели од големото мноштво — сега веќе над седум милиони — ја прифатиле оваа покана. Откако со ценење ја ислушале пораката, тие му се заветувале на Бог, се крстиле во вода и ѝ се придружиле на класата на невестата така што активно ги канат другите ‚да дојдат и да пијат бесплатно од водата на животот‘.

„Духот“ вели: „Дојди!“

11. Каква улога имал светиот дух во проповедничкото дело во првиот век од н.е.?

11 Кога проповедал во една синагога во Назарет, Исус го отворил свитокот на пророкот Исаија и го прочитал следново: „Јеховиниот дух е врз мене, зашто Бог ме помаза да им објавам добра вест на сиромасите, ме испрати да проповедам ослободување на заробените и враќање на видот на слепите, да ги пуштам на слобода здробените, да ја проповедам Јеховината година на милоста“. Потоа Исус ги применил овие зборови на себе, велејќи: „Денес се исполнија овие зборови од Писмото, кои штотуку ги чувте“ (Лука 4:17-21). Пред да се вознесе на небото, тој им рекол на своите ученици: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде врз вас, и ќе ми бидете сведоци... сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Во првиот век, светиот дух играл прилично голема улога во проповедничкото дело.

12. Каква улога има Божјиот дух во упатувањето на поканата во нашево време?

12 Каква улога има светиот дух во ширењето на поканата до луѓето во нашево време? Јехова е Изворот на светиот дух. Тој го користи за да го отвори срцето и умот на класата на невестата за да може да ја разбере неговата Реч, Библијата. Духот ги тера членовите на невестата да ја упатуваат поканата и да им ги објаснат библиските вистини на оние што имаат надеж да живеат засекогаш во Рај на Земјата. А што е со оние кои ја прифаќаат поканата, стануваат ученици на Исус Христос и им ја упатуваат поканата на уште многу други луѓе? Духот им помага и ним. Бидејќи се крштаваат ‚во името на светиот дух‘, тие соработуваат со духот и се потпираат на него за помош (Мат. 28:19). Размисли и за пораката што ја проповедаат помазаниците и сѐ побројното големо мноштво. Таа доаѓа од Библијата — книгата што била напишана под директно влијание на Божјиот дух. Според тоа, поканата се упатува преку светиот дух. Всушност, ние сме водени од тој дух. Како треба ова да влијае врз тоа во колкава мера самите ги покануваме другите?

Тие постојано „велат: ‚Дојди!‘“

13. Што покажува тоа што глаголот преведен со „велат“ во изворниот јазик означува трајно дејство?

13 „Духот и невестата“ велат: „Дојди!“ Глаголот што е преведен со „велат“ на изворниот јазик означува трајно дејство. Ова покажува дека Божјата покана треба да им се упатува на луѓето на редовна основа. Што треба да прават оние што ја слушаат и ја прифаќаат? И тие велат: „Дојди!“ За големото мноштво обожаватели на вистинскиот Бог се вели дека ‚служат ден и ноќ во Јеховиниот храм‘ (Отк. 7:9, 15). Во која смисла „служат ден и ноќ“? (Прочитај Лука 2:36, 37; Дела 20:31; 2. Солуњаните 3:8.) Од примерот на старата пророчица Ана и на апостол Павле се гледа дека, да се ‚служи ден и ноќ‘ значи да се служи постојано и да се вложуваат сесрдни напори во службата.

14, 15. Како Даниел покажал дека е важно да му служиме постојано на Бог?

14 И пророкот Даниел покажал колку е важно да бидеме постојани во службата за Бог. (Прочитај Даниел 6:4-10, 16.) Тој ниту еден месец не направил отстапка во своите духовни навики — меѓу кои била и навиката да му се моли на Бог ‚по трипати на ден како што го правел ова редовно и пред тоа‘ — иако поради тоа се нашол во опасност да биде фрлен во лавовска јама. Со своите постапки, сосема јасно им покажал на набљудувачите дека ништо друго не му е поважно отколку постојано да го обожава Јехова! (Мат. 5:16).

15 Откако Даниел поминал една ноќ во лавовската јама, царот лично отишол таму и повикал: „Даниеле, слуго на живиот Бог, дали твојот Бог, кому постојано му служиш, можеше да те избави од лавовите?“ А Даниел веднаш му одговорил: „Царе, да си жив довека! Мојот Бог испрати свој ангел и им ја затвори устата на лавовите, така што не ми наштетија, зашто пред него се најдов невин, а и тебе, царе, не сум ти направил никакво зло“. Јехова го благословил Даниел затоа што ‚му служел постојано‘ (Дан. 6:19-22).

16. Поттикнати од примерот на Даниел, кои прашања треба да си ги поставиме во врска со нашето учество во службата?

16 Даниел бил поспремен да умре отколку да ја прекине својата служба за Бог макар и за само кратко време. А што е со нас? Кои жртви ги правиме или сме спремни да ги направиме за да ја објавуваме постојано добрата вест за Божјето Царство? Всушност, не треба да дозволиме да помине ни еден месец без да зборуваме за Јехова со другите! Ако е можно, зарем не треба да се трудиме да одиме во служба секоја седмица? Дури и ако сме многу ограничени поради здравјето или староста, па можеме да сведочиме само 15 минути во текот на месецот, треба да го известиме тоа. Зошто? Затоа што, заедно со духот и со невестата, имаме желба и понатаму да велиме: „Дојди!“ Сакаме да сториме сѐ што е во наша моќ за да бидеме редовни објавители на Царството.

17. Кои прилики не треба да ги пропуштаме да ја упатуваме Јеховината покана?

17 Треба да се трудиме да ја упатуваме Јеховината покана во секоја прилика, а не само во времето што сме го одвоиле за служба. Голема чест е во секое време да ги каниме жедните ‚да дојдат и бесплатно да земат од водата на животот‘, на пример, кога пазаруваме, кога патуваме, кога сме на одмор, на работа или на училиште. Дури и властите да го забранат нашето проповедање, ние продолжуваме претпазливо да проповедаме — така што можеби нема да одиме со ред на секоја врата или, пак, повеќе ќе сведочиме неформално.

Постојано вели: „Дојди!“

18, 19. Како покажуваш дека ја цениш честа што си му соработник на Бог?

18 Веќе над девет децении, духот и невестата им велат „Дојди!“ на сите што жедуваат за водата на животот. Дали и ти си ја чул оваа возбудлива покана? Ако си ја чул, тогаш си поттикнат да им ја упатуваш и на другите.

19 Не знаеме уште колку долго Јехова со љубов ќе ја упатува својата покана, но со тоа што ја прифаќаме и и самите велиме „Дојди!“, ние стануваме Божји соработници (1. Кор. 3:6, 9). Колку голема чест е тоа за нас! Да покажеме дека многу ја цениме таа предност и „секогаш [да] му принесуваме на Бог жртва на фалба“ со тоа што редовно ќе проповедаме (Евр. 13:15). Заедно со класата на невестата, оние што имаат надеж за живот на Земјата постојано нека велат: „Дојди!“ И уште многу други нека ‚земат бесплатно од водата на животот‘!

Што научи?

• Кому му е упатена поканата: „Дојди!“?

• Зошто може да се каже дека поканата „Дојди!“ потекнува од Јехова?

• Каква улога има светиот дух во упатувањето на поканата „Дојди!“?

• Зошто треба да се трудиме да бидеме редовни во службата?

[Прашања]

[Табела/слики на страница 16]

(Види во публикацијата)

Постојано вели: „Дојди!“

1914

5.100 објавители

1918

Мнозина ќе живеат вечно во Рајот на Земјата

1922

„Објавувајте, објавувајте, објавувајте го Царот и неговото Царство“

1929

Верниот остаток вели: „Дојди!“

1932

И други освен помазаниците ја упатуваат поканата „Дојди!“

1934

Групата на Јонадав е поканета да проповеда

1935

Објаснето е кое е ‚големото мноштво‘

2009

7.313.173 објавители