Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Користи го вешто „мечот на духот“

Користи го вешто „мечот на духот“

Користи го вешто „мечот на духот“

„Земете го... мечот на духот, односно речта Божја“ (ЕФ. 6:17)

1, 2. Како треба да реагираме на потребата од повеќе објавители на Царството?

 КОГА видел колку се големи духовните потреби на мноштвата народ, Исус им рекол на своите ученици: „Жетвата е голема, а работници има малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“. Но, не останал само на тоа. Откако ги кажал тие зборови, Исус ‚ги свикал своите дванаесет ученици‘ и ги испратил да проповедаат, односно ‚да жнеат‘ (Мат. 9:35-38; 10:1, 5). Подоцна ‚одредил седумдесетмина други и ги испратил двајца по двајца‘ за да го вршат истото дело (Лука 10:1, 2).

2 И денес има огромна потреба од повеќе објавители на Царството. Во 2009 год., во целиот свет, на Спомен-свеченоста присуствуваа 18.168.323 лица. Оваа бројка е за 10 милиони поголема од вкупниот број на Јеховините сведоци. Полињата се навистина зрели за жетва! (Јован 4:34, 35). Затоа, треба да се молиме за повеќе работници. Но, како да постапуваме во склад со овие молби? Така што уште поделотворно ќе ја извршуваме службата додека ревносно проповедаме за Царството и ги поучуваме другите (Мат. 28:19, 20; Мар. 13:10).

3. Како Божјиот дух ни помага да бидеме поделотворни во службата?

3 Во претходната статија видовме како, под водството на Божјиот дух, можеме ‚смело да ја зборуваме Божјата реч‘ (Дела 4:31). Истиот тој дух може да ни помогне да бидеме и вешти проповедници и учители. Јехова Бог одлично нѐ опремил за службата со тоа што ни ја дал својата пишана Реч, Библијата, и ние можеме да станеме уште поделотворни во службата ако добро ја користиме. Таа е производ на светиот дух (2. Тим. 3:16). Нејзината порака е вдахновена од Бог. Според тоа, кога вешто ја користиме Библијата во службата, ние, всушност, дозволуваме да нѐ води светиот дух. Пред да разгледаме како може да го правиме ова, да се потсетиме колку голема моќ има таа Реч.

‚Речта Божја е делотворна‘

4. Каква преобразба може да изврши кај некого Божјата порака која се наоѓа во Библијата?

4 Колку голема моќ има Божјата реч, односно порака! (Евр. 4:12). Во преносна смисла, пораката што извира од Библијата е поостра од секаков меч направен од човек, бидејќи на симболичен начин продира дотаму што ги разделува коските и нивната срцевина. Библиската вистина допира до најдлабокиот дел на човекот и продира во неговите мисли и чувства, разоткривајќи каков, всушност, е тој. Таа вистина има моќ да преобразува и може да предизвика коренити промени кај една личност. (Прочитај Колошаните 3:10.) Да, Божјата Реч може да промени животи!

5. На кои начини може да нѐ води Библијата, и со каков резултат?

5 Освен тоа, Библијата содржи ненадминлива мудрост. Во неа има корисни информации што можат да им покажат на луѓето како да живеат во овој сложен свет. Божјата Реч ни го осветлува секој чекор, но ја осветлува и патеката пред нас (Пс. 119:105). Таа ни е од голема помош кога се справуваме со проблеми или кога донесуваме одлуки во врска со изборот на пријатели, на забава, на вработување, облекување итн. (Пс. 37:25; Изр. 13:20; Јован 15:14; 1. Тим. 2:9). Ако ги применуваме начелата од Божјата Реч, ќе имаме добри односи со другите (Мат. 7:12; Фил. 2:3, 4). Бидејќи патеката пред нас, во симболична смисла, е добро осветлена, можеме да ги согледаме и далекосежните последици од одлуките што ќе ги донесеме (1. Тим. 6:9). Библијата ја претскажува и Божјата намера за иднината, и така ни помага да водиме живот кој е во склад со таа намера (Мат. 6:33; 1. Јов. 2:17, 18). Човек навистина може да има исполнет живот ако дозволи да го водат Божјите начела!

6. Колку моќно оружје е Библијата во нашата духовна војна?

6 Размисли и за тоа колку моќно оружје е Библијата во нашата духовна војна. Павле ја нарекол Божјата реч „мечот на духот“. (Прочитај Ефешаните 6:12, 17.) Кога е изнесена на делотворен начин, пораката од Библијата може да ги ослободи луѓето од духовното ропство на Сатана. Таа е меч кој спасува животи наместо да ги уништи. Зарем не треба да се трудиме вешто да ја користиме?

Служи се исправно со неа

7. Зошто е важно да научиме добро да се служиме со „мечот на духот“?

7 Еден војник ќе може добро да се служи со своето оружје во војна само ако вежбал и научил вешто да го користи. Истото важи и за користењето на „мечот на духот“ во нашата духовна војна. Апостол Павле напишал: „Дај сѐ од себе за да стекнеш признание од Бог, да бидеш работник кој нема од што да се срами, кој исправно се служи со речта на вистината“ (2. Тим. 2:15).

8, 9. Што ќе ни помогне точно да разбереме што вели Библијата? Наведи пример.

8 Што ќе ни помогне ‚исправно да се служиме со речта на вистината‘ во нашата служба? Пред да можеме јасно да им го пренесеме на другите она што го вели Библијата, најпрвин мора ние добро да го разбереме. Затоа, потребно е да обрнеме внимание на контекстот во кој се наоѓа даден стих или пасус. Според еден речник, контекстот се однесува на „делови од писмен или усен исказ што му претходат на некој збор или на некој извадок или следуваат по некој збор или извадок, а влијаат врз значењето на тој збор или извадок“.

9 За точно да разбереме некои стихови од Библијата, треба да го разгледаме текстот пред и по нив. Како пример за ова, може да ја наведеме изјавата на Павле од Галатите 5:13. Тој напишал: „А вие, браќа, повикани сте на слобода. Само таа слобода нека не ви служи како поттик за грешното тело, туку со љубов робувајте си еден на друг“. За каква слобода зборувал Павле овде? Дали мислел на слобода од грев и смрт, од ропството на лажните верувања или, пак, на нешто трето? Контекстот ни открива дека Павле зборувал за слобода или ослободување „од проклетството на Законот“ (Гал. 3:13, 19-24; 4:1-5). Тој мислел на слободата што ја имаме како христијани. Оние што ја ценеле таквата слобода си робувале еден на друг од љубов. Оние што немале љубов, се клеветеле и се карале едни со други (Гал. 5:15).

10. За точно да ги разбереме библиските стихови, за кои информации треба да размислиме, и каде може да ги најдеме?

10 Зборот „контекст“ има и друго значење. Тој може да означува и ‚општествено или физичко опкружување‘, како и „сплет на околности и факти поврзани со некој настан, со некоја ситуација и сл[ично]“. Според тоа, за да можеме точно да разбереме што значи некој стих, треба да размислиме и за некои околности што се поврзани со него како, на пример, кој ја напишал библиската книга во која се наоѓа, кога била напишана и во какви услови. Корисно е да знаеме и зошто била напишана книгата а, ако е можно, и обичаите, однесувањето и вредностите на луѓето во тоа време, како и нивната религија. a

11. На што треба да внимаваме кога ги објаснуваме библиските стихови?

11 За некој „исправно [да] се служи со речта на вистината“ не е доволно само да знае точно да ги објасни библиските учења. Треба да внимаваме да не ги заплашуваме луѓето со Библијата. Иако можеме да ја користиме за да ја браниме вистината, како што правел Исус кога бил искушан од Ѓаволот, таа не е стап со кој треба да ги удираме оние што нѐ слушаат за да им докажеме дека сме во право (5. Мој. 6:16; 8:3; 10:20; Мат. 4:4, 7, 10). Напротив, треба да го послушаме советот на апостол Петар: „Христос, како Господар, нека биде свет во вашите срца и секогаш бидете спремни за одбрана пред секој што од вас бара да ја образложите надежта која е во вас, но тоа правете го благо и со длабока почит“ (1. Пет. 3:15).

12, 13. Кои ‚цврсто утврдени‘ нешта може да ги урне вистината од Божјата Реч? Наведи пример.

12 Кога исправно се служиме со вистината од Божјата реч, што може да постигне таа? (Прочитај 2. Коринќаните 10:4, 5.) Библиската вистина може да го урне „она што е цврсто утврдено“, односно да ги разоткрие лажните учења, штетните обичаи и филозофиите што се производ на несовршената човечка мудрост. Можеме да ја користиме Библијата да ги „исечеме“ сите замисли кои ‚се креваат против познавањето на Бог‘. Со учењата од Библијата можеме да им помогнеме на другите да го усогласат своето размислување со вистината.

13 Да го земеме примерот на една 93-годишна жена која живее во Индија. Уште од мали нозе, таа била поучена да верува во реинкарнација. Кога, преку писма, почнала да ја проучува Библијата со својот син кој живеел во друга земја, таа спремно го прифатила она што го учела за Јехова и за неговите ветувања. Но, учењето за реинкарнација било толку врежано во нејзиниот ум што не сакала да го прифати она што ѝ го напишал син ѝ во врска со состојбата на мртвите. Таа рекла: „Едноставно не можам да разберам каква е таа вистина во твојата Библија. Сите религии учат дека нешто во нас е бесмртно. Отсекогаш сум верувала дека телото умира, но дека еден невидлив дел одново и одново се реинкарнира во други тела околу 8.400.000 пати. Како може ова да не е вистина? Зарем повеќето религии се во грешка?“ Може ли „мечот на духот“ да „исече“ едно толку цврсто вкоренето верување? По дополнителна преписка на оваа тема од Библијата, неколку седмици подоцна таа напишала: „Конечно почнувам да разбирам што навистина се случува со мртвите. Многу ме радува помислата дека, при воскресението, ќе можеме да се сретнеме со најмилите кои ни починале. Се надевам дека Божјето Царство ќе дојде наскоро“.

Користи ја уверливо

14. Зошто е важно да им изнесуваме уверливи докази на слушателите?

14 За да се служиме вешто со Библијата во службата, не е доволно само да цитираме стихови од неа. Павле изнесувал и „уверливи докази“, а истото треба да го правиме и ние. (Прочитај Дела 19:8, 9; 28:23.) Тоа е важно бидејќи, кога некому му зборуваме за некое библиско учење, ние сакаме да му помогнеме да поверува во него и да го прифати. За да го постигнеме тоа, треба да му помогнеме на човекот да се увери во учењето, односно да сфати дека она што му го кажуваме е точно. Да разгледаме сега неколку начини на кои можеме да го правиме ова.

15. Како можеш да му помогнеш на слушателот да го цени она што стои во Божјата Реч?

15 Помогни му на слушателот да го цени она што стои во Божјата Реч. Пред да прочиташ некој стих, нагласи дека е важно да знаеме како гледа Бог на одредена работа. Откако си поставил прашање и станарот ти одговорил, би можел да кажеш: ‚Да видиме што мисли Бог за тоа‘. Или, би можел да прашаш: ‚Што има Бог да каже за оваа ситуација?‘ Ако го воведеш стихот на ваков начин, нагласуваш дека Библијата е од Бог, а тоа помага и читателот да гледа со ценење на неа. Ова е особено важно кога му сведочиме на лице кое верува во Бог, но не знае што учи Библијата (Пс. 19:7-10).

16. Што ќе ти помогне добро да ги објасниш стиховите?

16 Немој само да ги читаш стиховите туку и објасни ги. Павле имал обичај да ги ‚објаснува и да ги докажува со она што е напишано‘ работите за кои поучувал (Дела 17:3). Еден библиски стих обично содржи неколку мисли, и можеби ти треба да ги издвоиш главните изрази што се поврзани со темата за која зборуваш со слушателот. Можеш да го направиш ова така што ќе ги повториш зборовите кои ја нагласуваат мислата што ја изнесуваш или, пак, ќе поставиш прашања што ќе му помогнат на станарот сам да ги препознае. Потоа објасни што значи тој дел од стихот. Откако ќе го сториш тоа, помогни му на слушателот да разбере како тој стих се однесува на него лично.

17. Како можеш да користиш уверливи докази од Библијата кога разговараш со некого?

17 Кога разговараш со некого, користи уверливи докази од Библијата. Со искрен пристап и здрава логика, Павле уверливо ‚расправал со другите на темел на Писмата‘ (Дела 17:2, 4). Исто како него, труди се и ти да допреш до срцето на твојот слушател. ‚Исцрпи го‘ она што е во неговото срце така што ќе поставуваш љубезни прашања од кои ќе види дека си искрено заинтересиран (Изр. 20:5). Внимавај да не испаднеш груб. Изнеси ги аргументите на јасен и логичен начин. Треба да ги поткрепиш со задоволувачки докази. Она што ќе го кажеш треба цврсто да се темели на Божјата Реч. Подобро е да прочиташ еден стих и добро да го објасниш и да ја наведеш неговата примена, отколку да прочиташ два-три стиха набрзина. Ако изнесеш и други докази што одат во прилог на она што си го кажал, ќе им ‚додадеш уверливост на своите усни‘ (Изр. 16:23). Можеби понекогаш ќе биде неопходно додатно да истражуваш за да изнесеш и дополнителни информации. Жената што беше спомната погоре сакала да знае зошто учењето за бесмртна душа (или дух) е толку раширено. Го прифатила она што Библијата го вели на таа тема дури откако дознала од каде потекнува тоа учење и како навлегло во повеќето светски религии. b

Продолжи вешто да ја користиш Библијата

18, 19. Зошто треба да продолжиме вешто да го користиме „мечот на духот“?

18 „Се менува лицето на овој свет“, вели Библијата. Лошите луѓе напредуваат од лошо на полошо (1. Кор. 7:31; 2. Тим. 3:13). Затоа е многу важно да продолжиме да го уриваме „она што е цврсто утврдено“ со помош на „мечот на духот, односно речта Божја“.

19 Колку сме среќни што ја имаме Божјата Реч, Библијата, и што ја користиме нејзината моќна порака за да ги искорениме лажните учења и да им помогнеме на искрените лица! Ништо што е цврсто утврдено не е посилно од таа порака. Затоа, да дадеме сѐ од себе вешто да го користиме „мечот на духот“ во нашето дело на објавување на Царството, кое ни го доверил Бог.

[Фусноти]

a Дополнителни информации за библиските книги можеш да најдеш во публикацијата „Све је Писмо од Бога надахнуто и корисно“, во енциклопедијата Увид во Светото писмо [англ.], а и во некои статии од Стражарска кула, како што е рубриката „Јеховината реч е жива“.

b Види ја брошурата Што ни се случува кога ќе умреме?, страници 5-16.

Што научи?

• Колку е моќна Божјата Реч?

• Како можеме ‚исправно да се служиме со речта на вистината‘?

• Што може да направи пораката од Библијата со „она што е цврсто утврдено“?

• Како можеш да бидеш уште поуверлив во службата?

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 12]

На кој начин уверливо да ја користиме Божјата Реч

▪ Помогни му на слушателот да ја цени Божјата Реч

▪ Објасни ги библиските стихови

▪ Користи уверливи докази за да допреш до срцето на слушателот

[Слика на страница 11]

Мораш да научиш вешто да го користиш „мечот на духот“