Прашања од читателите
Прашања од читателите
Од кои причини можеби некој ќе размисли дали ќе треба повторно да се крсти?
Во некои случаи, можеби има потреба едно крстено лице да размисли за полноважноста на своето крштавање и да одлучи повторно да се крсти. На пример, кога некој се крстил, можеби тајно живеел на неисправен начин или правел нешто поради кое би бил исклучен доколку веќе бил крстен Сведок. Дали можел да му се заветува на Бог во такви околности? Можел вистински да му се заветува на Јехова само ако престанал со небиблиското постапување. Според тоа, оној што се крстил додека постоела ваква сериозна пречка можеби треба да размисли дали ќе мора повторно да се крсти.
Да разгледаме една друга ситуација. Можеби некој не правел грев кога се крстил, но згрешил по своето крштавање, и поради тоа морало да се формира правен одбор. Што ако тогаш тврди дека не знаел што прави кога се крстил и дека, поради тоа, неговото крштавање не е полноважно? Кога ќе се состанат со некој што направил грев, старешините не треба да покренуваат прашања во врска со неговото крштавање и да прашуваат дали тој смета дека неговото заветување на Бог и крштавањето се полноважни. Впрочем, тој го слушал библиското предавање во кое било објаснето значењето на крштавањето. Одговорил потврдно на прашањата поврзани со заветувањето и крштавањето. Потоа се преслекол и дословно бил потопен во вода. Според тоа, разумно е да се смета дека потполно сфаќал колку е сериозен чекорот што го прави. Затоа, старешините треба да постапуваат со него како со крстено лице.
Ако тој покрене прашање за полноважноста на своето крштавање, старешините можат да го советуваат да ги разгледа информациите од англиските изданија на Стражарска кула од 1 март 1960 год. страници 159-160, и Стражарска кула од 15 февруари 1964 год., страници 123-126, каде што во детали се зборува за повторното крштавање. Лична одлука е дали можеби некој повторно ќе сака да се крсти поради одредени околности (како, на пример, ако не ја разбирал доволно Библијата кога бил крстен).
Кои фактори треба да ги земат предвид христијаните кога одлучуваат каде и со кого ќе живеат?
Секој треба да живее некаде. Но, денес многу луѓе немаат свој дом. Поради финансиската состојба, здравјето или други фактори, понекогаш некои пошироки семејства — во кои спаѓаат многу роднини — мораат да живеат заедно. Во некои делови од светот, можеби повеќе роднини живеат заедно во една соба и немаат речиси никаква приватност.
Јеховината организација не е должна да обезбеди долг список со правила во врска со тоа каде и со кого смее да живее секој поединец што му припаѓа на меѓународното христијанско собрание. За да разберат што би било прифатливо за Бог во овој поглед,
а што не, христијаните се поттикнати да размислат за одредени библиски начела. Да наведеме некои од тие начела.Главна работа на која треба да мислиме е како животот со други луѓе ќе влијае врз нас и врз нашата духовност. Со кого ќе живееме? Дали тие луѓе му служат на Јехова? Дали живеат во склад со библиските мерила? „Не залажувајте се!“, напишал апостол Павле. „Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Кор. 15:33).
Библијата објаснува дека Јехова ги осудува блудот и прељубата (Евр. 13:4). Според тоа, јасно е дека за Бог е неприфатливо двајца од спротивен пол кои не се во брак да живеат и да спијат заедно како да се маж и жена. Не би било во ред еден христијанин да престојува онаму каде што се толерира неморал.
Освен тоа, Библијата ги поттикнува сите што ја бараат Божјата милост да ‚бегаат од блуд‘ (1. Кор. 6:18). Затоа, би било мудро христијаните да не живеат на начин или на место каде што би можеле да се најдат на искушение да постапат неморално. На пример, да речеме дека неколку христијани спијат во иста куќа или стан. Дали поради ова би можеле да се најдат во некоја искушувачка ситуација? Што ако двајца кои не се во брак одеднаш се најдат сами затоа што другите, кои обично се во куќата, во тој момент се отсутни? Слично на ова, би било опасно во морален поглед за двајца неженети христијани кои се во врска да живеат во ист дом. Мудро е да не дозволиме да се најдеме во вакви ситуации.
Исто така, не би било во ред и оние што се развеле да продолжат да живеат под ист покрив. Бидејќи било вообичаено да имаат полови односи, лесно можат да се најдат на искушение да направат неморал (Изр. 22:3).
И последна, но исто толку важна работа, е да се земе предвид како гледа околината на одлуката што ќе ја донесе некој во врска со ова. Еден христијанин треба добро да размисли доколку луѓето во околината зборуваат лошо за неговата одлука, иако според него е во ред да живее како што избрал. Никогаш не би сакале со своето однесување да му нанесеме срам на Јеховиното име. Во врска со ова, Павле го напишал следново: „Не бидете им за спрепнување ниту на Евреите, ниту на Грците, ниту на Божјето собрание, како што и јас им угодувам на сите во сѐ, не барајќи ја својата корист, туку користа на мнозина, за да бидат спасени“ (1. Кор. 10:32, 33).
За оние што сакаат да живеат според Јеховините праведни мерила може да биде вистински предизвик да најдат каде и со кого да живеат. Сепак, христијаните мора ‚да испитуваат што е прифатливо за Господарот‘. Мора да бидат сигурни дека во нивниот дом не се случува ништо непристојно (Еф. 5:5, 10). Затоа, треба да го молат Бог за водство и да прават сѐ што можат да се заштитат во физички и морален поглед, а и да го зачуваат доброто име на Јехова.