Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Таа им помага на младите да се сеќаваат на својот Творец

Таа им помага на младите да се сеќаваат на својот Творец

Таа им помага на младите да се сеќаваат на својот Творец

„СЕЌАВАЈ СЕ на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“, напишал мудриот Соломон пред околу 3.000 години (Проп. 12:1). Младите христијани сега имаат уште една книга што ќе им помогне во тоа. На Обласните конгреси на Јеховините сведоци со тема „Нека те води Божјиот дух“, кои се одржаа низ целиот свет во периодот од мај 2008 год. до јануари 2009 год., беше издадена книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2.

Од внатрешната страна на корицата има писмо што Водечкото тело им го упатува на младите. Во еден дел од писмото се вели: „Од срце се молиме информациите од оваа книга да ти помогнат да ги издржиш притисоците и искушенијата со кои се соочуваат младите денес и да ти покажат како да донесуваш одлуки што се во склад со Божјата волја“.

Мудро е родителите да ги воспитуваат своите деца „со стега од Јехова“ и да им помагаат „да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4). Но, кога ќе влезат во тинејџерски години, голем број млади стануваат несигурни, немаат самодоверба и сакаат некој да им даде правец во животот. Ако си родител на тинејџер, како можеш да му помогнеш да извлече најголема корист од книгата? Еве неколку предлози.

Набави си своја книга и добро запознај се со неа. Тоа значи повеќе отколку само да ја прочиташ. Потруди се да сфатиш со каков тон се напишани мислите во неа. Наместо само да каже што е исправно а што не, книгата има за цел да им помогне на младите да ја извежбаат својата „моќ на согледување“ (Евр. 5:14). Во неа се дадени и практични предлози за тоа како да постапат исправно во одредена ситуација. На пример, од 15. поглавје („Како да се справам со врсниците?“) младите учат многу повеќе отколку само да речат „не“. Во него се дадени неколку корисни чекори темелени на Библијата и реалистични предлози што ќе им помогнат да научат како ‚секому да му одговорат‘ (Кол. 4:6).

Користи ги деловите од книгата во кои читателот е активно вклучен. Иако овие делови се наменети за младите, на некои места во твојата книга би можел и ти да пишуваш. a На пример, на 16. страница има две прашања за започнување врска. Пробај да се сетиш што мислеше ти кога беше колку твоето дете. Можеби ќе сакаш да го запишеш одговорот што би го запишал тогаш. Потоа, запрашај се: ‚Како низ годините се има сменето моето гледиште во врска со оваа тема? Што научив оттогаш, и како можам добро да му го пренесам тоа и на моето дете?‘

Почитувај ја приватноста на своето дете. Деловите во кои од твоето дете се бара да запише нешто се наменети да го поттикнат да се искаже или барем да размисли за одредена работа. Твојата цел е да видиш што има во срцето, а не во книгата. На 3. страница, во делот со наслов „До родителите“, даден е советот: „За да ги поттикнете своите деца искрено да го запишуваат она што го мислат, оставете им извесна мера приватност. Можеби подоцна ќе ви кажат и вам што запишале во книгата“.

Помош за семејното проучување

Книгата Младите прашуваат, том 2 е одлична публикација што можете да ја користите за време на вашата Семејна вечер посветена на Јехова. Но, како да ја користите со оглед на тоа што нема прашања за пасусите? Па, би можеле да разработите свој начин на проучување на книгата, користејќи методи што ќе бидат најефикасни со вашите деца.

На пример, кога ќе го разгледуваат делот „Како против притисокот од врсниците“, на страници 132 и 133, на некои семејства можеби ќе им биде интересно да вежбаат како би можеле децата да постапат во конкретни ситуации. Првото прашање може да му помогне на детето да сфати со кој притисок би му било најтешко да се справи. Второто прашање може да му помогне да одреди во кои ситуации веројатно би се појавил таков притисок. Откако ќе разгледа кои би биле последиците ако попушти на притисокот и кој би бил резултатот ако не попушти, детето треба да напише одговори со кои или би се сложило, или би ја одбило, или би возвратило на провокацијата. Помогни му да смисли како би можело со самодоверба и уверливо да одговори на разни провокации (Пс. 119:46).

Помош во комуникацијата

Книгата Младите прашуваат, том 2 ги поттикнува младите отворено да разговараат со своите родители. На пример, во рамките „Како да зборувам со мама или со тато за секс?“ (страници 63-64) и „Разговарај со родителите!“ (страница 189) има практични предлози како да се започне некоја осетлива тема. Една 13-годишна девојка напиша: „Оваа книга ми влеа храброст да можам да разговарам со моите родители за работи што ми се вртеа низ главата — па дури и за работи што ги имав направено“.

Книгата помага во комуникацијата и на други начини. На крајот од секое поглавје има рамка со наслов „Што мислиш?“ Освен за повторување, оваа рамка може да се користи и како темел за семејна дискусија. При крајот на секое поглавје има и рамка „План!“ Во неа младите можат да запишат конкретни начини на кои би можеле да го применат она што го научиле од поглавјето. Последната реченица од рамката гласи: „Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите...“ Тоа може да ги поттикне младите да побараат совет од своите родители.

Допри до срцето!

Твојата цел како родител е да допреш до срцето на своето дете. Книгата Младите прашуваат, том 2 може да ти помогне во тоа. Еден татко раскажува како ја користи книгата за да ја поттикне ќерка си отворено да разговара со него.

„Јас и Ребека имаме некои омилени места на кои сакаме да се шетаме, да возиме велосипед или едноставно да се повозиме со автомобилот. Гледам дека, кога сме на тие места, на Ребека ѝ е многу полесно отворено да зборува со мене.

Првото нешто што го разгледавме од книгата беше писмото од Водечкото тело и делот ‚До родителите‘. Сакав ќерка ми да знае дека, како што е кажано на 3. страница, може слободно да запише што сака во својата книга и дека нема да ѕиркам што напишала.

Ѝ дозволив на Ребека да си ги избира поглавјата што ќе ги разгледуваме онака како што нејзе ѝ одговара. Едно од првите поглавја што ги избра беше ‚Дали да играм видеоигри?‘ Никогаш не би помислил дека ќе го избере токму тоа поглавје! Но, таа си имаше причина зошто го избрала. Некои од нејзиното друштво играле една прилично ужасна игра. Немав претстава колку реално е прикажано насилството и колку вулгарен јазик имаше во играта! Но, сето ова излезе на виделина кога почнавме да ја разгледуваме рамката ‚План!‘ на 251. страница. Рамката ѝ помогна на Ребека да се подготви како да одговори ако некој ја тера да ја игра таа игра.

Досега, Ребека самата ми кажува што запишала во својата книга. Додека проучуваме, нон-стоп тече дијалог. Еднаш чита таа, еднаш јас. Потоа таа сака да зборуваме за сѐ, вклучувајќи ги и сликите и рамките. Така имам можност да ѝ раскажам како ми било мене кога сум бил на нејзини години, а таа, пак, ми кажува како стојат работите денес. Сака да зборуваме за сѐ!“

Ако си родител, сигурно беше одушевен кога ја добивме оваа книга. Сега имаш можност добро да ја искористиш. Водечкото тело се надева дека книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 2 ќе му биде од голема помош на вашето семејство. Би сакале таа да им помогне на сите — особено на нашите драги млади — ‚да живеат според светиот дух‘ (Гал. 5:16).

[Фуснота]

a Некои прашалници во книгата одговараат на сите возрасти. На пример, рамката „Контролирај го гневот“ (страница 221), освен за син ти или ќерка ти, може да ти биде од помош и тебе. Истото важи и за рамките „Како против притисокот од врсниците“ (страници 132-133), „Месечен план“ (страница 163) и „Моите цели“ (страница 314).

[Рамка на страница 30]

Што велат некои млади

„Книгава просто те тера да седнеш со молив в рака и да се задлабочиш во неа. Тоа што е направена во вид на дневник ти дава можност да си размислиш и да одредиш како е најдобро да го живееш својот живот“ (Никол).

„Многумина, дури и најдобронамерно, ми вршат притисок да си фатам дечко. Првиот дел од книгата ме увери дека, што и да велат другите, јас сѐ уште не сум спремна за тоа“ (Катарина).

„Рамката ‚Размислуваш ли да се крстиш?‘ ми помогна уште посериозно да гледам на моето крштавање. Ме поттикна да преиспитам какви се моите навики на проучување и какви се моите молитви“ (Ешли).

„Иако уште од мала родителите ме воспитуваа како христијанин, оваа книга ме натера самата да си размислам за тоа што сакам да правам во животот. А ми помогна да бидам и поотворена со нив“ (Замира).

[Слика на страница 31]

Родители, добро запознајте се со книгата

[Слика на страница 32]

Постави си цел да допреш до срцето на твоето дете