Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Во чие име сме крстени?

Во чие име сме крстени?

Во чие име сме крстени?

„Одете и правете ученици... крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (МАТ. 28:19)

1, 2. а) Што се случило во Ерусалим на Педесетница 33 год. од н.е.? б) Зошто мнозина биле поттикнати да се крстат?

 ВО ЕРУСАЛИМ вриело како во кошница. Во 33 год. од н.е., додека се одржувал големиот празник Педесетница, се собрале многу луѓе од најразлични земји. Но, се случило нешто необично, по што апостол Петар одржал еден говор кој оставил силен впечаток кај луѓето. Околу 3.000 Евреи и луѓе преобратени во еврејската вера биле трогнати од неговите зборови, се покајале и се крстиле во вода. Со тоа му се придружиле на новооснованото христијанско собрание (Дела 2:41). Ова мноштво луѓе што се крштавале во езерцата и резервоарите за вода во околината на Ерусалим сигурно предизвикало прилично голем метеж!

2 Зошто толку многу луѓе биле поттикнати да се крстат? Претходно тој ден, ‚настанал шум од небото, како при налет на силен ветар‘. Притоа, околу 120 ученици на Исус, кои се наоѓале во една соба, се исполниле со свет дух. Откако се случило тоа, се собрале голем број побожни мажи и жени кои се зачудиле кога слушнале како учениците „зборуваат на разни јазици“. Кога ги чуле зборовите на Петар, вклучувајќи ги и директните изјави за смртта на Исус, мнозина биле ‚прободени в срце‘. Што требало да направат? Петар рекол: „Покајте се и секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос... и ќе го примите бесплатниот дар на светиот дух“ (Дела 2:1-4, 36-38).

3. Што требало да направат покајничките Евреи и преобратеници на празникот Педесетница?

3 Размисли за Евреите и преобратениците што го слушале Петар тој ден. Тие веќе претходно го имале прифатено Јехова како свој Бог. Од Хебрејските списи знаеле и за светиот дух, односно силата со која се служел Бог кога создавал, а и потоа (1. Мој. 1:2; Суд. 14:5, 6; 1. Сам. 10:6; Пс. 33:6). Но, тоа не било доволно. Морале да сфатат преку кого Јехова им овозможува спасение — Месијата, Исус — и да го прифатат. Затоа, Петар нагласил дека треба да ‚се крстат во името на Исус Христос‘. Неколку дена пред тоа, воскреснатиот Исус им заповедал на Петар и на другите да ги крштаваат луѓето „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (Мат. 28:19, 20). Тоа имало длабоко значење во првиот век, а има и денес. Какво значење?

Во името на Таткото

4. До какви промени дошло во поглед на она што Јехова го очекувал од сите што сакале да имаат близок однос со него?

4 Како што беше спомнато, оние што го слушале говорот на Петар веќе биле слуги на Јехова и имале близок однос со него. Се труделе да го држат Законот и токму затоа во Ерусалим имало дојдено луѓе од други земји (Дела 2:5-11). Меѓутоа, Бог тукушто направил многу значајна промена во својот однос со луѓето. Ги отфрлил Евреите како свој посебен народ, и тие повеќе не можеле да ја добијат неговата милост со тоа што ќе го држат Законот (Мат. 21:43; Кол. 2:14). Ако сакале и понатаму да имаат близок однос со Јехова, требало нешто друго.

5, 6. Што направиле мнозина Евреи и преобратеници од првиот век за да имаат добар однос со Бог?

5 Сигурно не требало да отстапат од Јехова, Оној што им го дал животот (Дела 4:24). Напротив, оние што го слушале говорот на Петар можеле многу јасно да видат дека Јехова е добар Татко. Тој го испратил Месијата да ги избави и бил спремен да им прости дури и на оние на кои Петар им рекол: „Сиот дом Израелов нека знае со сигурност дека Бог него го направи и Господар и Христос, тој Исус кого вие го приковавте на столб“. Всушност, тие што ги послушале зборовите на Петар сега имале уште поголема причина да бидат благодарни за она што Таткото го направил за сите што сакаат да имаат близок однос со него! (Прочитај Дела 2:30-36.)

6 Тогаш тие Евреи и преобратеници сфатиле дека односот со Јехова значи да признаат дека тој го овозможува спасението преку Исус. Јасно е, тогаш, зошто се покајале за своите гревови, меѓу кои било и тоа што, свесно или несвесно, учествувале во убиството на Исус. Јасно е и зошто следните денови ‚му се посветиле на апостолското учење‘ (Дела 2:42). Затоа можеле и ‚пристапиле со слобода на говорот кон престолот на незаслужената доброта‘ (Евр. 4:16).

7. Како мнозина денес го смениле своето мислење за Бог и се крстиле во името на Таткото?

7 Денес, милиони луѓе со различно потекло ја дознаваат вистината за Јехова запишана во Библијата (Иса. 2:2, 3). Некои од нив биле атеисти или деисти, a но се увериле дека постои Творец со кого можат да бидат блиски. Други, пак, служеле на троеден бог или на разни идоли. Но, дознале дека Јехова е единствениот семоќен Бог, и сега му се обраќаат по име. Ова е во склад со тоа што Исус рекол дека неговите ученици треба да бидат крстени во името на Таткото.

8. Што требало да сфатат во врска со Таткото оние на кои не им била позната вистината за наследниот грев од Адам?

8 Дознале уште една работа — дека наследиле грев од Адам (Рим. 5:12). Тоа било нешто ново што морале да го прифатат како факт. Овие лица можеме да ги споредиме со еден болен човек кој не бил свесен за својата болест. Можеби имал некои симптоми, на пример можеби имал болки одвреме-навреме. Сепак, бидејќи не била поставена дијагноза за конкретна болест, си мислел дека е прилично здрав. Но, фактите покажале нешто друго. (Спореди со 1. Коринќаните 4:4.) Што ќе било ако добиел точна дијагноза? Зарем немало да побара и да прифати лекување кое веќе е докажано и ефикасно? Слично на тоа, кога ја дознале вистината за наследниот грев, мнозина ја прифатиле „дијагнозата“ што ја поставува Библијата и сфатиле дека Бог го има „лекот“. Да, сите што се отуѓени од Таткото треба да се вратат кај Оној што може да ги „излекува“ (Еф. 4:17-19).

9. Што направил Јехова за да можат луѓето да имаат близок однос со него?

9 Ако веќе си му го заветувал својот живот на Јехова Бог и си се крстил како христијанин, знаеш дека е од непроценлива вредност да имаш близок однос со него. Знаеш колку те сака нашиот Татко, Јехова. (Прочитај Римјаните 5:8.) Иако Адам и Ева му згрешиле, Бог презел чекори за да можат нивните потомци — меѓу кои сме и ние — да имаат добар однос со него. За да го оствари тоа, морал да гледа како неговиот сакан Син страда и умира. Зарем ова не ни помага да го прифатиме авторитетот на Бог и од љубов да бидеме послушни на неговите заповеди? Ако сѐ уште не си му се заветувал на Бог и не си се крстил, имаш многу причини да го сториш тоа.

Во името на Синот

10, 11. а) Колку сме му должни на Исус? б) Како се чувствуваш поради тоа што Исус го дал својот живот како откупнина?

10 Но, да се вратиме уште еднаш на она што Петар им го кажал на оние што го слушале. Тој нагласил дека е многу важно да го прифатат Исус, што е директно поврзано со тоа да се биде крстен „во името... на Синот“. Зошто ова било важно тогаш, и зошто е важно денес? Да го прифатиме Исус и да се крстиме во негово име значи да ја прифатиме улогата што тој ја има во нашиот однос со Творецот. Исус морал да биде прикован на маченички столб за да го отстрани од Евреите проклетството на Законот. Но, тоа не било сѐ — со својата смрт тој овозможил многу повеќе (Гал. 3:13). Ја дал откупната жртва потребна за сите луѓе (Еф. 2:15, 16; Кол. 1:20; 1. Јов. 2:1, 2). За да го постигне тоа, Исус претрпел неправди, навреди, малтретирање, а на крајот бил и убиен. Колку си благодарен за неговата жртва? Замисли дека си 12-годишно момче што патува на Титаник, бродот кој удри во санта мраз и потона во 1912 год. Сакаш да скокнеш во еден од чамците за спасување, но преполн е. Тогаш еден човек во чамецот ја бакнува жена си, скокнува на палубата и те става тебе во чамецот. Како се чувствуваш? Нормално дека си му благодарен. Така се чувствувало едно момче кое навистина го доживеало ова. b Но, Исус направил многу повеќе за тебе. Тој умрел за да можеш да живееш вечно.

11 Како се чувствуваше кога дозна што направил Божјиот Син за тебе? (Прочитај 2. Коринќаните 5:14, 15.) Сигурно си почувствувал голема благодарност. Тоа те поттикнало да му го заветуваш својот живот на Бог и ‚да не живееш повеќе за себе, туку за него, кој умрел за тебе‘. Да бидеш крстен во името на Синот значи да сфатиш што направил Исус за тебе и да ја прифатиш неговата улога како „Главниот Застапник на животот“ (Дела 3:15; 5:31). Претходно не си бил близок со својот Творец и не си имал вистинска надеж. Но, бидејќи покажуваш вера во пролеаната крв на Исус Христос и си се крстил, сега имаш близок однос со Таткото (Еф. 2:12, 13). „Вас, кои некогаш бевте отуѓени од Бог и му бевте непријатели бидејќи вашите мисли беа насочени кон зли дела“, напишал апостол Павле, „Бог сега ве помири со себе преку [Исусовото] човечко тело, преку неговата смрт, за да ве доведе пред себе свети и неизвалкани“ (Кол. 1:21, 22).

12, 13. а) Како тоа што си крстен во името на Синот треба да влијае врз тебе кога некој ќе те навреди? б) Каква одговорност имаш како христијанин крстен во името на Исус?

12 Иако си се крстил во името на Синот, многу добро знаеш дека сѐ уште си склон кон грев. Но, свесноста за тоа е корисна. На пример, ако некој те навреди, задржуваш ли на ум дека и двајцата сте грешни? И на двајцата ви треба простување од Бог, а и двајцата треба да бидете спремни да простите (Мар. 11:25). За да го нагласи ова, Исус кажал еден пример: Господарот му простил на еден роб долг од десет илјади таланти (60 милиони денарии). Подоцна, истиот тој роб не сакал да му го прости долгот на еден друг роб кој му должел 100 денарии. Исус ја истакнал оваа мисла: Јехова нема да му прости на оној што не му простува на својот брат (Мат. 18:23-35). Да, да се биде крстен во името на Синот значи да го почитуваме авторитетот на Исус и да се трудиме да ги следиме неговиот пример и учења, во што спаѓа и да бидеме спремни да им простуваме на другите (1. Пет. 2:21; 1. Јов. 2:6).

13 Бидејќи сме несовршени, не можеме потполно да бидеме како Исус. Сепак, во склад со заветот што од срце сме му го дале на Бог, сакаме да го следиме примерот на Исус најдобро што можеме. Ова значи да продолжиме да работиме на тоа да ја соблечеме старата и да ја облечеме новата личност. (Прочитај Ефешаните 4:20-24.) Кога почитуваш еден пријател, најверојатно се трудиш да учиш од неговиот пример и од неговите убави особини. Слично на тоа, да учиме од Христос и да го следиме неговиот пример.

14. Како ќе покажеш дека го прифаќаш Исус како небесен Цар?

14 Има уште еден начин на кој можеш да покажеш дека сфаќаш што сѐ е вклучено во тоа да се биде крстен во името на Синот. Бог ‚му подложил сѐ под нозете и го направил Исус глава над сѐ за доброто на собранието‘ (Еф. 1:22). Затоа треба да го почитуваме начинот на кој Исус ги води оние што му се заветувале на Јехова. Христос користи несовршени луѓе во собранието, особено именуваните старешини кои се духовно зрели мажи. Тие се именувани „со цел да се насочуваат светите... и да го изградуваат Христовото тело“ (Еф. 4:11, 12). Дури и ако еден несовршен човек направи грешка, Исус како Цар на небесното Царство може да ја реши работата во свое време и на свој начин. Веруваш ли во тоа?

15. Ако сѐ уште не си крстен, на какви благослови ќе можеш да се радуваш откако ќе се крстиш?

15 Некои сѐ уште не му се заветувале на Јехова и не се крстени. Ако си и ти еден од нив, дали од ова што го разгледавме досега сфаќаш дека е разумно да го прифатиш Синот и дека со тоа ќе покажеш благодарност кон него? Ако се крстиш во името на Синот, ќе имаш можност да добиеш огромни благослови. (Прочитај Јован 10:9-11.)

Во името на светиот дух

16, 17. Што значи за тебе да бидеш крстен во името на светиот дух?

16 Што значи да се биде крстен во името на светиот дух? Како што веќе беше кажано, оние што го слушале Петар на Педесетница биле свесни за светиот дух. Всушност, тие со свои очи виделе дека Бог продолжил да го користи светиот дух. Петар бил еден од оние што ‚се исполниле со свет дух и почнале да зборуваат на разни јазици‘ (Дела 2:4, 8). Изразот „во името на“ не мора да укажува на име на личност. Денес многу работи се прават „во името на законот“, кој не е личност. Тоа едноставно значи дека се прават во склад со законот. Слично на тоа, оној што е крстен во името на светиот дух сфаќа дека тој дух не е личност, туку силата со којашто се служи Јехова. Исто така, тоа значи дека ја прифаќа улогата што светиот дух ја има во Божјата намера.

17 За светиот дух си научил преку проучување на Библијата. На пример, си разбрал дека Светото писмо било напишано под водство на светиот дух (2. Тим. 3:16). Како што си напредувал духовно, веројатно подобро си сфатил дека ‚Таткото, кој е на небото, им дава свет дух на оние што го молат за тоа‘, вклучувајќи те и тебе (Лука 11:13). Веројатно си го почувствувал влијанието на светиот дух во својот живот. Но, ако сѐ уште не си крстен во името на светиот дух, зборовите на Исус, дека Таткото дава свет дух, се гаранција дека и ти можеш да го чувствуваш влијанието на светиот дух во твојот живот.

18. Какви благослови имаат оние што се крстени во името на светиот дух?

18 Исто така, денес е очигледно дека Јехова го води христијанското собрание преку светиот дух. Овој дух нѐ води во животот и како поединци. Тоа што сме крстени во името на светиот дух значи дека ја сфаќаме неговата улога во нашиот живот и дека, од благодарност, соработуваме со тој дух. Но, можеби некои се прашуваат како можеме да живееме во склад со заветот што му го дадовме на Јехова и како е вклучен светиот дух во тоа. За ова се зборува во следната статија.

[Фусноти]

a Деистите веруваат дека Бог постои, но дека не е заинтересиран што се случува со неговите созданија.

b Види го англиското издание на Разбудете се! од 22 октомври 1981 год., страници 3-8.

Се сеќаваш ли?

• Што значи да се биде крстен во името на Таткото?

• Што значи да се биде крстен во името на Синот?

• Како ќе покажеш дека сфаќаш што значи да се биде крстен во името на Таткото и на Синот?

• Што значи да се биде крстен во името на светиот дух?

[Прашања]

[Слики на страница 10]

По Педесетница 33 год. од н.е., во каков однос стапиле новите ученици со Таткото?

[Извор на слика]

Со дозвола на Israel Museum, Ерусалим