Едно стадо, еден пастир
Едно стадо, еден пастир
„Вие што ме следевте ќе седнете на дванаесет престоли и ќе им судите на дванаесетте Израелови племиња“ (МАТ. 19:28)
1. Како постапувал Јехова со потомците на Авраам, и зошто ова не значи дека воопшто не се интересирал за сите други луѓе?
ЈЕХОВА го сакал Авраам и затоа покажал лојална љубов кон потомците на тој човек. Повеќе од 15 века, Бог го сметал израелскиот народ — кој потекнал од Авраам — за свој избран народ, за своја „најмила сопственост“. (Прочитај 5. Мојсеева 7:6.) Дали ова значи дека Јехова воопшто не се интересирал за луѓето од другите народи? Не. Во тоа време, не-Израелците кои сакале да му служат на Јехова можеле да му се придружат на неговиот посебен народ. Овие преобратеници биле сметани за дел од таа нација. Со нив Израелците требало да постапуваат како со браќа (3. Мој. 19:33, 34). Истовремено, овие дојденци требало послушно да ги држат сите Јеховини закони (3. Мој. 24:22).
2. Која изненадувачка изјава ја кажал Исус, и кои прашања ги покренува таа?
2 Сепак, Исус им ја кажал следнава изненадувачка изјава на Евреите во своето време: „Царството Божје ќе се земе од вас и ќе му се даде на народ кој ги донесува неговите плодови“ (Мат. 21:43). Кој требало да го сочинува овој нов народ, и како оваа промена влијае врз нас денес?
Новиот народ
3, 4. а) Како апостол Петар објаснил кој е новиот народ? б) Кој го сочинува овој нов народ?
3 Апостол Петар јасно кажал кој е овој нов народ. На сохристијаните, тој им го напишал следново: „Вие сте ‚избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост, за да ги објавувате доблестите‘ на оној што ве повикал од темнината во својата прекрасна светлина“ (1. Пет. 2:9). Како што било проречено, родените Евреи кои го прифатиле Исус како Месија биле првите членови на тој нов народ (Дан. 9:27а; Мат. 10:6). Подоцна, и многу не-Израелци биле вклучени во овој народ, бидејќи Петар додал: „Некогаш не бевте народ, а сега сте Божји народ“ (1. Пет. 2:10).
4 Кому му се обраќал Петар овде? Во почетокот на своето писмо, тој вели: „[Бог] повторно нѐ роди за жива надеж преку воскресението на Исус Христос од мртвите, за наследството што е нераспадливо и неизвалкано и кое не венее. Тоа е зачувано на небесата за вас“ (1. Пет. 1:3, 4). Според тоа, овој нов народ се состои од помазани христијани, кои имаат надеж за живот на небото. Тие се „Израелот Божји“ (Гал. 6:16). Во едно видение, на апостол Јован му било покажано дека вкупниот број на овие духовни Израелци изнесува 144.000. Тие се „откупени од луѓето како првина за Бог и за Јагнето“, за да служат како „свештеници“ и да „царуваат со Христос илјада години“ (Отк. 5:10; 7:4; 14:1, 4; 20:6; Јак. 1:18).
Дали се вклучени и други?
5. а) На кого се однесува изразот „Израелот Божји“? б) Зошто зборот „Израел“ понекогаш има и пошироко значење?
5 Значи, јасно е дека изразот „Израелот Божји“ во Галатите 6:16 се однесува само на помазаните христијани. Сепак, дали има случаи кога Јехова го користи израелскиот народ како претслика и за други христијани, а не само за помазаниците? Одговорот на ова прашање се наоѓа во следните зборови што Исус им ги кажал на своите верни апостоли: „Јас склучувам со вас сојуз за царство, како што мојот Татко со мене склучи сојуз, да јадете и да пиете на мојата трпеза во моето царство, и да седите на престоли и да им судите на дванаесетте Израелови племиња“ (Лука 22:28-30). Тие ќе седат на престоли и ќе судат за време на „повторното создавање“, односно за време на обновата во текот на Христовото илјадагодишно владеење. (Прочитај Матеј 19:28.)
6, 7. На кого се однесува изразот „дванаесетте Израелови племиња“ во контекстот на Матеј 19:28 и Лука 22:30?
6 Во текот на илјадагодишното владеење, 144-те илјади ќе служат како небесни цареви, свештеници и судии (Отк. 20:4). Кого ќе го судат и над кого ќе царуваат? Во Матеј 19:28 и во Лука 22:30 се вели дека тие ќе им судат на „дванаесетте Израелови племиња“. Кого го претставуваат „дванаесетте Израелови племиња“ во овој контекст? Тие ги претставуваат сите оние што имаат надеж дека ќе живеат вечно на Земјата — оние што веруваат во жртвата на Исус, но не спаѓаат во групата на цареви и свештеници. (Свештеничкото племе на Леви не било вброено во 12-те племиња на родените Израелци.) Во овој контекст, 12-те Израелови племиња се претслика за луѓето што ќе имаат духовна корист од свештеничката служба на 144-те илјади. Иако не се свештеници, тие исто така се Божји народ, и Тој ги сака и ги прифаќа. Според тоа, соодветно е што се споредени со неговиот народ од старо време.
7 Откако апостол Јован го видел конечното запечатување на 144-те илјади духовни Израелци пред големата неволја, тој видел и безбројно „големо мноштво... од сите народи“ (Отк. 7:9). Овие ќе ја преживеат големата неволја и ќе живеат во текот на Христовото илјадагодишно Царство. Тогаш ќе им се придружат милијарди други луѓе што ќе бидат воскреснати (Јован 5:28, 29; Отк. 20:13). Сите тие ќе ги сочинуваат „дванаесетте Израелови племиња“ на кои ќе им судат Исус и неговите 144.000 совладетели (Дела 17:31; 24:15; Отк. 20:12).
8. Како настаните на годишниот Ден на очистувањето ја предочуваат поврзаноста меѓу 144-те илјади и останатите луѓе?
8 Оваа поврзаност меѓу 144-те илјади и останатите луѓе била предочена со настаните што се случувале на годишниот Ден на очистување (3. Мој. 16:6-10). Првосвештеникот најпрво морал да принесе јунец како жртва за грев „за себе и за својот дом“. Соодветно на ова, жртвата на Исус најпрво се применува на неговото домаќинство од други свештеници, кои ќе служат заедно со него на небото. Во старо време, на Денот на очистувањето морало да се принесат и два јарца за гревовите на другите Израелци. Во овој контекст, каде што свештеничкото племе ги претставува 144-те илјади, преостанатите Израелци ги претставуваат оние што имаат надеж да живеат вечно на Земјата. Затоа, кога во Матеј 19:28 се спомнува изразот „дванаесетте Израелови племиња“, може да се каже дека не ги предочува Исусовите свештеници помазани со дух, туку сите други што имаат вера во жртвата на Исус. a
9. Кого го претставуваат свештениците во видението за храмот што го добил Езекиел, и кого го претставуваат несвештеничките Израелци?
9 Размисли за уште еден пример. На пророкот Езекиел му било дадено детално видение за Јеховиниот храм (Езек., погл. 40 — 48). Во тоа видение, свештениците служеле во храмот и поучувале, но и добивале совети и исправки од Јехова (Езек. 44:23-31). Во истото видение, поединци од разните племиња доаѓале да го обожаваат Бог и да му принесуваат жртви (Езек. 45:16, 17). Според тоа, во овој контекст, свештениците ги претставуваат помазаниците, а Израелците од несвештеничките племиња ги претставуваат оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. Во видението е истакнато дека двете групи сложно соработуваат, при што свештеничката класа предводи во обожавањето на вистинскиот Бог.
10, 11. а) Кое исполнување на Исусовите зборови го гледаме што ни ја зајакнува верата? б) Кое прашање се наметнува во врска со другите овци?
10 Исус зборувал за ‚другите овци‘ кои нема да бидат од истото „трло“ како ‚малото стадо‘ во кое спаѓаат неговите помазани следбеници (Јован 10:16; Лука 12:32). Тој рекол: „И нив морам да ги доведам, и тие ќе го слушаат мојот глас, па сите ќе бидат едно стадо со еден пастир“. Колку ни се зајакнува верата затоа што го гледаме исполнувањето на тие зборови! Две групи луѓе се собираат заедно — малата група од помазаници и големото мноштво од други овци. (Прочитај Захарија 8:23.) Иако другите овци не служат во симболичниот внатрешен двор од духовниот храм, тие служат во неговиот надворешен двор.
11 Но, ако Јехова понекогаш ги користи несвештеничките членови на древниот Израел за да ги претстави овие други овци, дали и тие што имаат надеж да живеат вечно на Земјата треба да земаат од симболите на Спомен-свеченоста? Да го разгледаме одговорот на ова прашање.
Новиот сојуз
12. Кое ново нешто го претскажал Јехова?
12 Јехова претскажал нешто ново за својот народ кога рекол: „Ова е сојузот што ќе го склучам со домот на Израел по тие денови... Ќе го ставам својот закон во нив и ќе го запишам во нивните срца. Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат мој народ“ (Ерем. 31:31-33). Преку овој нов сојуз, ветувањето што Бог му го дал на Авраам требало да има величествено и трајно исполнување. (Прочитај 1. Мојсеева 22:18.)
13, 14. а) Кои се учесниците во новиот сојуз? б) Кој извлекува корист од него, и како тие „се држат“ за овој нов сојуз?
13 Исус го спомнал овој нов сојуз ноќта пред да умре, кога рекол: „Оваа чаша го претставува новиот сојуз на темел на мојата крв, која ќе се пролее за вас“ (Лука 22:20; 1. Кор. 11:25). Дали сите христијани се вклучени во овој нов сојуз? Не. Некои од нив, на пример апостолите кои пиеле од чашата таа вечер, се учесници во новиот сојуз. b Исус склучил уште еден сојуз со нив да владеат со него во неговото Царство (Лука 22:28-30). Тие ќе бидат наследници со Исус во Божјето Царство (Лука 22:15, 16).
14 А што е со оние кои ќе живеат на Земјата под неговото Царство? Тие извлекуваат корист од новиот сојуз (Гал. 3:8, 9). Иако самите не се учесници, тие „се држат“ за овој сојуз со тоа што се подложуваат на неговите барања, исто како што претскажал пророкот Исаија: „Туѓинците што се придружиле кон Јехова за да му служат, да го сакаат Јеховиното име и да му бидат слуги, сите што го држат денот за одмор и не го сквернават и што се држат за мојот сојуз, и нив ќе ги доведам на својата света гора и ќе ги развеселам во својот дом за молитва“. Потоа Јехова вели: „Зашто, мојот дом ќе се вика дом на молитвата за сите народи“ (Иса. 56:6, 7).
Кој треба да зема од симболите?
15, 16. а) Според апостол Павле, каква чест ќе имаат учесниците во новиот сојуз? б) Зошто оние што имаат надеж да живеат на Земјата не треба да земаат од симболите на Спомен-свеченоста?
15 Учесниците во новиот сојуз ‚имаат потполна доверба дека можат да влезат во светото место‘. (Прочитај Евреите 10:15-20.) Тие ќе ‚добијат царство кое не може да се затресе‘ (Евр. 12:28). Според тоа, само оние што ќе бидат цареви и свештеници на небото со Исус Христос треба да пијат од ‚чашата‘ која го претставува новиот сојуз. Овие учесници во новиот сојуз се оние што му се ветени за брак на Јагнето (2. Кор. 11:2; Отк. 21:2, 9). Сите други присуствуваат на годишната Спомен-свеченост само како набљудувачи полни со почит, кои не земаат од симболите.
16 И Павле ни помага да сфатиме дека оние со надеж за вечен живот на Земјата не земаат од симболите на Спомен-свеченоста. Тој им рекол на помазаните христијани: „Зашто, секогаш кога го јадете овој леб и ја пиете оваа чаша, ја објавувате смртта на Господарот, додека тој не дојде“ (1. Кор. 11:26). Кога ќе „дојде“ Господарот? Кога ќе пристигне за да го земе во својот небесен дом последниот член на својата помазана група која е споредена со невеста (Јован 14:2, 3). Јасно е дека годишното одбележување на Господаровата вечера нема да продолжи засекогаш. „Преостанатите“ потомци на жената кои сѐ уште се на Земјата ќе продолжат да земаат од симболите сѐ додека сите не ја добијат својата награда на небото (Отк. 12:17). Но, доколку оние што ќе живеат засекогаш на Земјата би имале право да земаат од симболите, тогаш одржувањето на Спомен-свеченоста би требало да продолжи во сета вечност.
„Ќе бидат мој народ“
17, 18. Како се исполнува пророштвото запишано во Езекиел 37:26, 27?
17 Јехова претскажал дека ќе постои единство кај неговиот народ, кога рекол: „Ќе склучам со нив сојуз за мир. Траен ќе биде сојузот со нив. Ќе ги утврдам во нивната земја и ќе ги умножам и ќе го поставам моето светилиште меѓу нив да биде таму засекогаш. Мојот шатор ќе биде над нив, а јас ќе бидам нивни Бог, а тие ќе бидат мој народ“ (Езек. 37:26, 27).
18 Целокупниот Божји народ има чест да извлече корист од исполнувањето на ова величествено ветување, овој сојуз за мир. Да, Јехова ветува мир за сите свои послушни слуги. Плодовите на духот јасно се гледаат кај нив. Неговото светилиште, кое овде го претставува чистото христијанско обожавање, е меѓу нив. Тие навистина станале негов народ затоа што отфрлаат секакво идолопоклонство и Јехова е единствениот Бог кому му служат.
19, 20. Кој спаѓа во оние што Јехова ги нарекува „мој народ“, и што овозможил новиот сојуз?
19 Колкава радост е што сме сведоци на обединувањето на овие две групи во нашево време! Иако сѐ побројното големо мноштво нема надеж за живот на небото, за неговите членови е чест што можат да соработуваат со оние кои ја имаат оваа надеж. Тие му се придружиле на Израелот Божји. Бидејќи го направиле тоа, тие се меѓу оние што Јехова ги нарекува „мој народ“. На нив се исполнува следново пророштво: „Многу народи во тој ден ќе појдат по мене и ќе бидат мој народ, а јас, Јехова, ќе живеам среде тебе“ (Зах. 2:11; 8:21; прочитај Исаија 65:22; Откровение 21:3, 4).
20 Јехова го овозможил сето ова преку новиот сојуз. Милиони симболични туѓинци сега се дел од Јеховиниот најмил народ (Мих. 4:1-5). Тие се решени да продолжат да се држат за сојузот така што и понатаму ќе ги прифаќаат и послушно ќе ги исполнуваат неговите барања (Иса. 56:6, 7). Правејќи го ова, заедно со Израелот Божји, тие се богато благословени со бескраен мир. Истото ова нека важи и за тебе — сега и за сета вечност!
[Фусноти]
a Слично на ова, за помазаниците главно се зборува како за „собранието“ (Евр. 12:23). Сепак, зборот ‚собрание‘ може да има и друго значење, и да се однесува на сите христијани, сеедно каква надеж имаат. (Види ја Стражарска кула од 15 април 2007, страници 21-23.)
b Исус е Посредник на овој сојуз, а не учесник. Како Посредник, тој очигледно не зел од симболите.
Се сеќаваш ли?
• Кого го претставуваат „дванаесетте Израелови племиња“ на кои ќе им судат 144-те илјади?
• Каква улога имаат помазаниците во новиот сојуз, и како другите овци извлекуваат корист од него?
• Дали сите христијани треба да земаат од симболите на Спомен-свеченоста?
• Какво единство било претскажано за нашево време?
[Прашања]
[Графикон/слики на страница 25]
(Види во публикацијата)
Мнозина сега служат заедно со Израелот Божји
1950 | 373.430
1970 | 1.483.430
1990 | 4.017.213
2009 | 7.313.173