Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Живеј според духот и според заветот што си го дал

Живеј според духот и според заветот што си го дал

Живеј според духот и според заветот што си го дал

„Живејте според духот, па нема да им угодувате на желбите на телото“ (ГАЛ. 5:16)

1. Какви крштавања имало на Педесетница?

 ОТКАКО биле крстени со свет дух на Педесетница 33 год. од н.е., следбениците на Исус почнале да зборуваат на разни јазици. Тоа бил чудесен дар на духот (1. Кор. 12:4-10). Какво влијание имале овој дар и говорот што го одржал апостол Петар? Мнозина биле ‚прободени в срце‘. На поттик од Петар, се покајале и се крстиле. Историскиот извештај вели: „Оние што со сето срце го прифатија она што тој го зборуваше, беа крстени, и тој ден на учениците им се придружија околу три илјади души“ (Дела 2:22, 36-41). Во склад со налогот што го дал Исус, тие биле крстени во името на Таткото, на Синот и на светиот дух (Мат. 28:19).

2, 3. а) Која е разликата помеѓу тоа да се биде крстен со свет дух и да се биде крстен во името на светиот дух? б) Зошто сите што стануваат христијани денес мораат да се крстат во вода?

2 Меѓутоа, има ли разлика помеѓу тоа да се биде крстен со свет дух и да се биде крстен „во името на“ светиот дух? Да. Оние што се крстени со свет дух, преку духот се родени повторно како синови на Бог (Јован 3:3). Тие се помазани за да бидат цареви и свештеници во Божјето небесно Царство заедно со Христос и се дел од неговото духовно тело (1. Кор. 12:13; Гал. 3:27; Отк. 20:6). Значи, ваквото крштавање со свет дух го извршил Јехова кога, на Педесетница а и подоцна, ги избрал оние што ќе бидат Христови сонаследници (Рим. 8:15-17). Но, што може да се каже за крштавањето во името на светиот дух, кое редовно се извршува со нурнување во вода на денешните собири и конгреси на Јеховиниот народ?

3 Вистинските христијани се крштаваат во вода за да покажат дека безрезервно му се заветувале на Јехова Бог. Вака се крштаваат оние што имаат небесна надеж. Но, крштавањето во вода е нешто што мораат да го направат и милионите мажи и жени кои имаат надеж дека ќе живеат вечно на Земјата. Сеедно каква надеж има некој, за Бог да го прифати, мора да биде крстен во вода во името на Таткото и на Синот и на светиот дух. Од сите христијани што се крштаваат така, се очекува ‚да живеат според духот‘. (Прочитај Галатите 5:16.) Дали и ти живееш според духот и според заветот што си го дал?

Што значи ‚да се живее според духот‘

4. Што во основа значи ‚да се живее според духот‘?

4 ,Да живееш според духот‘ значи да му дозволиш на светиот дух да дејствува или да влијае врз тебе. Со други зборови, тоа значи да му дозволиш на светиот дух да те води во сѐ што правиш. Во 5. поглавје од Галатите е објаснето која е разликата кога некој е под влијание на светиот дух и под влијание на телото. (Прочитај Галатите 5:17, 18.)

5. Какви дела нема да правиш ако си под влијание на светиот дух?

5 Ако си под влијание на светиот дух, тогаш нема да ги правиш делата на телото. Во нив спаѓаат „блуд, нечистотија, бесрамност, идолопоклонство, гатање, непријателства, караници, љубомора, изливи на гнев, судири, поделби, секти, завист, пијанки, разуздани гозби“ (Гал. 5:19-21). На некој начин, ‚преку духот ги усмртуваш делата на телото‘ (Рим. 8:5, 13). Тоа ќе ти помогне да размислуваш за она што му е својствено на духот и да дозволиш тој да те води, наместо да оставиш да те контролираат желбите на телото.

6. Објасни со пример што е неопходно за да ги покажуваме плодовите на духот.

6 Кога светиот дух дејствува врз тебе, покажуваш особини какви што има Бог, односно ги покажуваш „плодовите на духот“ (Гал. 5:22, 23). Но, сигурно сфаќаш дека тоа бара труд од твоја страна. Да го објасниме ова со еден пример: Еден земјоделец ја обработува нивата. Се разбира, за да може таа да роди, неопходни се сончева светлина и вода. Светиот дух можеме да го споредиме со сончевата светлина. Тој ни е неопходен за да ги покажуваме плодовите на духот. Но, што ќе роди нивата ако земјоделецот не ја работи трудољубиво? (Изр. 10:4). Значи, од тоа како ја обработуваш почвата на своето срце многу зависи со каков квалитет ќе бидат и во колкава мера ќе ги покажуваш плодовите на светиот дух. Затоа размисли: ‚Му дозволувам ли на светиот дух да ги даде своите плодови така што соработувам со него?‘

7. Зошто е толку важно да проучуваш и да размислуваш ако сакаш да ги развиваш плодовите на светиот дух?

7 За да добие добар род, земјоделецот мора и да ги наводнува посевите. За да ги развиваш плодовите на духот, потребни ти се водите на вистината кои се наоѓаат во Библијата и кои денес ги добиваме преку христијанското собрание (Иса. 55:1). Веројатно на мнозина си им кажал дека Светото писмо е производ на светиот дух (2. Тим. 3:16). Исто така, верниот и разборит роб ни помага да ги разбереме чистите води на библиската вистина, нешто што многу ни е потребно (Мат. 24:45-47). Поентата е јасна: за да му дозволиме на светиот дух да влијае врз нас, мораме да ја читаме Божјата Реч и длабоко да размислуваме за она што го читаме. Ако го правиш тоа, тогаш го следиш убавиот пример на пророците, кои ‚внимателно ги испитувале и ги истражувале‘ информациите што ги добивале. Интересно е да се забележи дека и ангелите многу се интересирале за духовните вистини во врска со ветеното потомство и со собранието од помазани христијани. (Прочитај 1. Петрово 1:10-12.)

Како се изложуваме на влијанието на светиот дух?

8. Зошто е важно да го молиш Јехова да ти го даде својот дух?

8 Не е доволно само да ја проучуваш Библијата и да размислуваш за неа. Треба постојано да го молиш Јехова да ти помага и да те води. Тој може „да направи неизмерно повеќе од сѐ што молиме или ќе го замислиме“ (Еф. 3:20; Лука 11:13). Но, како би одговорил ако некој те праша: „Зошто да го молам Бог ако тој веќе знае ‚што ми треба уште пред да го замолам‘?“ (Мат. 6:8). Па, една работа е тоа што, кога се молиш за свет дух, покажуваш дека се потпираш на Јехова. На пример, ако некој те замоли да му помогнеш, ќе направиш сѐ што можеш за да му излезеш во пресрет, ако не за друго, барем затоа што те замолил и покажал доверба во тебе. (Спореди со Изреки 3:27.) Слично на тоа, на Јехова му е мило кога го молиш за свет дух, и сигурно ќе ти го даде (Изр. 15:8).

9. Како присуството на христијанските состаноци ќе ти помогне да се изложиш на влијанието на Божјиот дух?

9 Најверојатно знаеш дека друг начин на кој се изложуваме на влијанието на Божјиот дух се нашите состаноци, собири и конгреси. Многу е важно да вложиш напор да бидеш присутен и да внимаваш на програмата. Тоа ќе ти помогне да ги разбереш „Божјите длабочини“ (1. Кор. 2:10). Од голема корист ќе ти биде и ако редовно коментираш. Размисли за состаноците на кои си бил во изминатите четири седмици. Колку често крена рака за да коментираш, односно да дадеш изјава за својата вера? Можеш ли да се подобриш во врска со ова? Ако да, реши да смениш нешто во наредните седмици. Јехова ќе ја види твојата спремност да коментираш и ќе ти го даде својот дух, а тоа ќе ти помогне да извлечеш уште поголема корист од состаноците.

10. За да живееме според духот, која покана треба да им ја упатуваме на другите?

10 Да живееш според духот значи да ја прифатиш поканата запишана во Откровение 22:17: „Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘ И секој што слуша, нека рече: ‚Дојди!‘ И секој што е жеден, нека дојде. Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“. Духот, кој дејствува преку „невестата“, односно класата на помазаниците, ја упатува оваа покана во врска со водата на животот. Ако си се оѕвал на повикот „Дојди!“, дали си решен и ти да им велиш на другите „Дојди!“? Огромна чест е што можеме да учествуваме во ова животоспасувачко дело!

11, 12. Каква улога има светиот дух во проповедањето?

11 Ова важно дело сега се извршува под водство на светиот дух. Читаме дека светиот дух одиграл улога во првиот век со тоа што ги упатувал мисионерите на нови подрачја. На апостол Павле и на неговите придружници духот ‚им забранил да ја проповедаат речта во Азија‘. Не им било дозволено да одат ни во Витинија. Не знаеме како точно ги спречил духот во тоа, но јасно е дека го упатил Павле да проповеда во Европа, која била огромно подрачје. Павле добил видение во кое еден Македонец го молел за помош (Дела 16:6-10).

12 И денес Јеховиниот дух го води проповедањето во целиот свет. Денес Јехова не го дава водството преку виденија, туку така што ги води помазаниците со својот дух. А духот ги поттикнува браќата и сестрите да даваат сѐ од себе за да проповедаат и да поучуваат. Сигурно и ти радосно учествуваш во ова важно дело. Би можел ли да чувствуваш поголема радост со тоа што ќе правиш повеќе?

13. Како можеш да се подложиш на водството на светиот дух? Наведи пример.

13 Можеш да се изложиш на влијанието на светиот дух со тоа што ќе ги применуваш упатствата што ги добиваме како Божји народ. Да ја земеме за пример младата Миоко од Јапонија. Кога станала пионер, сметала дека не е многу вешта со повторните посети, мислејќи си дека не знае како да им го привлече интересот на оние што ги посетува. Отприлика во тоа време, во Нашата служба за Царството беа дадени некои практични предлози за тоа како да се прават кратки повторни посети. Потоа излезе брошурата Задоволувачки живот — како да се постигне. Во Јапонија, таа брошура се покажа многу практична. Миоко ги применила предлозите за тоа како да се користи брошурата, особено оние поврзани со тоа како да се прават кратки повторни посети. Набрзо почнала да проучува со некои од оние што претходно не сакале да проучуваат. Таа вели: „Имав толку многу студии — едно време имав дури 12 — што некои луѓе морав да ги замолам да почекаат!“ Навистина, кога живееш според духот и ги применуваш упатствата што ги добиваме како Јеховини слуги, можеш да жнееш богат род.

Потпри се на Божјиот дух

14, 15. а) Иако сме несовршени, како можеме да живееме во склад со својот завет? б) Како можеш да најдеш добри пријатели?

14 Како крстен слуга на Јехова, имаш одговорност да проповедаш (Рим. 10:14). Можеби не се чувствуваш доволно способен за таа одговорност. Но, исто како што е случај со помазаниците, и твојата способност доаѓа од Бог. (Прочитај 2. Коринќаните 3:5.) Можеш да живееш во склад со својот завет така што ќе даваш сѐ од себе и ќе се потпираш на Божјиот дух.

15 Точно, не е лесно како несовршени луѓе да живееме во склад со заветот што сме му го дале на нашиот совршен Бог, Јехова. Една работа што може да ти отежнува е тоа што некои од оние со кои порано си се дружел сега се чудат на твојот нов начин на живот и можеби ‚зборуваат срамно за тебе‘ (1. Пет. 4:4). Но, не заборавај дека сега имаш нови пријатели, а најважно е што за пријатели ги имаш Јехова и Исус Христос. (Прочитај Јаков 2:21-23.) Исто така, важно е подобро да се запознаеш со браќата и сестрите од твоето собрание, кои се дел од нашето меѓународно братство (1. Пет. 2:17; Изр. 17:17). Со својот дух, Јехова ќе ти помогне да имаш пријатели кои добро ќе влијаат врз тебе.

16. Зошто можеш и ти, исто како Павле, ‚да уживаш во слабостите‘?

16 Дури и ако имаш добри пријатели во собранието, можеби сѐ уште ти е тешко да се носиш со секојдневните проблеми. Можеби понекогаш таа борба те исцрпува, зашто само што ќе излезеш од еден, се појавува нов проблем. Токму тогаш треба да бараш помош од Јехова и да го молиш да ти го даде својот свет дух. Апостол Павле напишал: „Кога сум слаб, тогаш сум силен.“ (Прочитај 2. Коринќаните 4:7-10; 12:10.) Тој знаел дека Божјиот дух може да ги надомести човечките слабости, сеедно какви се. Според тоа, Бог може да те зајакне со својата сила секогаш кога се чувствуваш слаб или кога ти треба помош. Павле напишал дека можел да „ужива во слабостите“. Зошто? Затоа што токму кога бил слаб, чувствувал како светиот дух дејствува врз него. И ти можеш да го почувствуваш тоа! (Рим. 15:13).

17. Како може светиот дух да ти помогне да стигнеш до своето одредиште?

17 Божјиот дух ни е потребен за да можеме да живееме во склад со заветот што сме го дале. Замисли си дека си капетан на едреник. Твојата цел е вечно да му служиш на Јехова. Светиот дух е како ветрот што сакаш да го фатиш за безбедно да стигнеш до своето одредиште. Не сакаш духот на Сатановиот свет да те носи ваму-таму (1. Кор. 2:12). Затоа мораш да препознаеш од каде дува исправниот ветар, така да се каже, и да го фатиш. Тој ветар е светиот дух. Преку Божјата Реч и преку Божјата организација, светиот дух ќе те води во исправниот правец.

18. На што си решен сега, и зошто?

18 Ако проучуваш со Јеховините сведоци и одиш на христијанските состаноци каде што се дружиш со нив, но сѐ уште не си му се заветувал на Бог и не си се крстил, размисли: ‚Зошто да се двоумам?‘ Ако сфаќаш како дејствува светиот дух и каква улога има во остварувањето на Јеховината намера денес, направи го она што знаеш дека е исправно. Јехова богато ќе те благослови. Тој великодушно ќе ти го дава својот дух. Ако веќе со години или со децении си крстен, сигурно си го почувствувал влијанието на светиот дух. Си видел и си осетил како Бог те зајакнува со својот дух. И понатаму можеш да го чувствуваш тоа — дури во сета вечност. Затоа, биди решен да продолжиш да живееш според духот.

Се сеќаваш ли?

• Што значи ‚да живееш според духот‘?

• Што ќе ти помогне ‚да живееш според духот‘?

• Како можеш да живееш во склад со твојот завет?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Треба да вложиш труд за да ја обработуваш почвата на своето срце

[Слики на страници 16 и 17]

Дали Божјиот дух влијае врз тебе?