Остани со ‚чисто срце‘ во овие тешки времиња
Остани со ‚чисто срце‘ во овие тешки времиња
ВО ВРСКА СО секс-скандалите кои неодамна ја потресоа католичката црква во Италија, католичкиот новинар Виторио Месори ја даде следнава изјава: „Никој не може да одрече дека денес Црквата има проблем со моралната чистота... Овој проблем не може да се реши со укинување на целибатот затоа што во 80 отсто од случаите се работи за хомосексуалност — односно за сексуално застранување кај свештеници кои злоупотребуваат мажи и машки деца“ (La Stampa).
Нема сомнение, раширената злоба е знак дека живееме во „последните денови“ на сегашниов поредок (2. Тим. 3:1-5). Како што се гледа од новинските извештаи, моралниот распад кој е последица на таа злоба има негативно влијание врз луѓето воопшто, но и врз оние што себеси се нарекуваат Божји луѓе. Нивното расипано и нечисто срце ги наведува на изопачени постапки (Еф. 2:2). Исус со добра причина предупредил дека „од срцето излегуваат зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Мат. 15:19). Но, Јехова Бог сака неговите слуги да ја сакаат „чистотата на срцето“ (Изр. 22:11). Според тоа, како може еден христијанин да остане со чисто срце во овие тешки времиња?
Што значи да се има „чисто срце“?
Во Библијата, зборот „срце“ честопати се користи во симболична смисла. Според еден речник, библискиот збор за „срце“ ја означува „внатрешната личност“, и тоа е „оној дел од човекот што му е најважен на Бог, каде што се воспоставува односот со Него и кој одредува како ќе се однесуваме во морален поглед“. Значи, срцето го означува она што сме навистина однатре. Како што е нагласено и во горенаведениот речник, токму тој дел Јехова го испитува и го цени кај своите слуги (1. Пет. 3:4).
Во Библијата, зборот „чист“ може да укажува на нешто што е чисто во дословна смисла на зборот. Но, исто така се применува и на нешто што е незагадено — неизопачено, неизвалкано или нерасипано — во морален и во религиозен поглед. Во својата Проповед на Гората, Исус изјавил: „Среќни се оние што имаат чисто срце“. Тој зборувал за оние што, всушност, се чисти однатре (Мат. 5:8). Нивните желби и мотиви се чисти. Мотивирани од благодарност, тие го сакаат Јехова со сето свое срце, искрено и нелицемерно (Лука 10:27). Сигурно и ти сакаш да бидеш чист во таа смисла, зарем не?
Не е лесно да се остане со ‚чисто срце‘
Еден слуга на Јехова не само што треба да има ‚невини раце‘ туку и ‚чисто срце‘ (Пс. 24:3, 4). Но, денес станува сѐ потешко Божјите слуги да останат со ‚чисто срце‘. Сатана и овој свет со кој владее тој, како и нашето сопствено несовршено тело, вршат силен притисок за да нѐ оддалечат од Јехова. За да им се спротивставиме на овие притисоци, од пресудна важност е да сакаме да сме ‚чисти во срцето‘ и цврсто да сме решени да останеме такви. Ова ќе нѐ штити и ќе ни помогне и понатаму да бидеме Божји пријатели. Како можеме да останеме со ‚чисто срце‘?
Во Евреите 3:12 стои следново предупредување: „Браќа, чувајте се некој од вас да не отстапи од живиот Бог, та во него да се развие злобно срце во кое нема вера“. Не можеме да останеме со ‚чисто срце‘ ако дозволиме во нас да се развие срце „во кое нема вера“. Кои идеи ги шири Сатана Ѓаволот за да ја поткопа верата во Бог? Некои од нив се теоријата на еволуција, моралниот и верскиот релативизам и сомневањето дека Библијата навистина е од Бог. Не смееме да дозволиме таквото погубно размислување да влијае и врз нас (Кол. 2:8). Најдобро можеме да се одбраниме од ваквите напади ако секојдневно ја читаме Библијата и ако длабоко размислуваме за неа. Точното разбирање на Божјата Реч ќе ја разгори нашата љубов кон Бог и ќе ни помогне да ги сфатиме неговите постапки. Таквата љубов и разбирање се неопходни ако сакаме да ги отфрлиме лажните мудрувања и да зачуваме силна вера во Јехова, која ќе ни помогне да останеме со чисто срце (1. Тим. 1:3-5).
Кога ќе се најдеме под притисок на телесните желби
Друго што може да врши притисок врз нас додека се трудиме да зачуваме ‚чисто срце‘ се нашите телесни и материјалистички желби (1. Јов. 2:15, 16). Љубовта кон парите или желбата да натрупаме богатство и материјални поседи можат да го расипат срцето на христијанинот и да го наведат да прави работи кои се спротивни на Божјата волја. Некои постапиле нечесно на работното место, измамиле некого, па дури и украле пари или предмети што не им припаѓаат (1. Тим. 6:9, 10).
Од друга страна, ако развиваме здрав страв да не направиме нешто со кое ќе го повредиме Јехова, ако ја сакаме правдата и ако сме решени да зачуваме чиста совест, ние покажуваме дека сакаме да имаме ‚чисто срце‘. Таа желба нѐ тера да продолжиме „во сѐ да постапуваме чесно“ (Евр. 13:18). Кога постапуваме исправно и чесно можеме да дадеме добро сведоштво. Емилио, еден Јеховин сведок од Италија кој работи како возач во јавен превоз, нашол паричник со 470 евра. Неговите колеги се запрепастиле кога му го дал најдениот паричник на својот шеф, кој подоцна му го вратил на сопственикот што го изгубил. Некои од колегите на Емилио биле толку восхитени од неговата постапка што се заинтересирале за Библијата и почнале да ја проучуваат. Како резултат на ова, седум лица од две семејства ја прифатиле вистината. Значи, ако се однесуваме чесно од чисто срце, навистина може да им помогнеме на другите да го слават Бог (Тит 2:10).
Друго нешто кое може негативно да влијае врз чистотата на срцето на еден христијанин е изопаченото, неморално гледиште за сексот. Срцето на христијанинот може да се расипе кога гледа дека мнозина ги сметаат предбрачните, вонбрачните и хомосексуалните врски за нешто нормално. Оној што се оддава на неморал може лицемерно да води двоен живот и да крие дека прави грев. Таквиот човек сигурно нема ‚чисто срце‘.
Габриел се крстил на 15 години и веднаш почнал со пионерска служба. Но, подоцна си фатил лошо друштво и почнал да излегува со нив по ноќни барови (Пс. 26:4). Така започнал да води неморален и лицемерен живот, и затоа морал да биде исклучен од христијанското собрание. Ваквата дисциплинска мерка од Јехова го натерала длабоко да се замисли. Тој си спомнува: „Решив да го правам сето она што пред тоа не го сфаќав сериозно. Ја читав Библијата секој ден обидувајќи се да слушнам што, всушност, сака да ми каже Јехова, и почнав внимателно да ги проучувам теократските публикации. Видов колкаво задоволство може да ми донесе личното проучување и колкава сила можат да дадат читањето на Библијата и горливата молитва“. Ова му помогнало на Габриел да престане да живее неморално и повторно да стане близок со Јехова.
Сега тој повторно служи како пионер заедно со својата жена. Она што му се случило нему е доказ дека проучувањето на Библијата и на публикациите од „верниот и разборит роб“ може да му помогне на едно лице да има чисто срце и да го отфрли неморалот (Мат. 24:45; Пс. 143:10).
‚Чисто срце‘ кога сме во неволја
Некои Божји слуги се обесхрабриле кога биле соочени со притисок од противниците, економски тешкотии или тешка болест. Понекогаш тоа влијаело негативно и врз нивното срце. Дури и цар Давид поминал низ едно такво премреже. „Духот мој премале во мене, срцето ми замре во утробата“, рекол тој (Пс. 143:4). Што му помогнало да издржи во тие моменти? Давид се потсетил како Бог постапувал со своите слуги во минатото, но и како него лично го избавувал. Длабоко размислувал за она што го направил Јехова поради своето големо име. Давид продолжил да мисли на Божјите дела (Пс. 143:5). Ако и ние размислуваме за нашиот Творец и за сето она што тој го направил и го прави за нас, тоа ќе ни помогне и нам ако се најдеме во неволја.
Ако сме доживеале некоја неправда или, пак, мислиме дека ни е нанесена, би можеле да станеме огорчени. Ако постојано размислуваме за тоа, со текот на времето кај нас би можеле да се развијат негативни чувства кон нашите браќа. Би можеле да се затвориме во себе, да се повлечеме и да не се интересираме многу за другите. Но, дали една таква реакција би била во согласност со нашата желба да имаме ‚чисто срце‘? Ако навистина сакаме да имаме такво срце, многу е важно како постапуваме со нашите христијански браќа и како реагираме кога ќе дојде до несогласување.
Во овој свет кој е сѐ порасипан и морално изопачен, ние како вистински христијани се издвојуваме од другите луѓе затоа што сакаме да останеме со ‚чисто срце‘. Врз нашиот живот добро влијае душевниот мир кој го имаме благодарение на тоа што ја вршиме Божјата волја. Но, пред сѐ, имаме близок однос со нашиот Творец, Јехова Бог, кој ги сака оние што „имаат чисто срце“ (Пс. 73:1). Значи, и ние може да бидеме меѓу оние кои ќе бидат среќни затоа што, како што ветил Исус, „ќе го видат Бог“, кога тој ќе се заземе за оние што сакаат да имаат „чисто срце“ (Мат. 5:8).