Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова сака да бидеш „жив и здрав“

Јехова сака да бидеш „жив и здрав“

Јехова сака да бидеш „жив и здрав“

КОГА ќе почне Армагедон, најопасниот настан во човечката историја, Семоќниот Бог ќе се погрижи сите што ја имаат неговата наклоност да ‚бидат спасени‘ (Јоил 2:32). Но, вистината е дека Јехова отсекогаш сакал да ги заштити луѓето од лошо. Бидејќи „во [него] е изворот на животот“, за него сите луѓе се скапоцени, достојни да бидат заштитени (Пс. 36:9).

Божјите верни слуги во древни времиња гледале на животот онака како што гледа Бог. Според 1. Мојсеева 33:18, Јаков и неговото семејство го завршиле своето опасно патување ‚живи и здрави‘. Јаков сметал на заштитата од Јехова, но презел и практични чекори за да ги заштити сите што патувале со него (1. Мој. 32:7, 8; 33:14, 15). Ако ги применуваш библиските начела, ќе ја зголемиш својата безбедност и безбедноста на другите. Да разгледаме како ова се однесува на оние што работат на изградба на Сали на Царството и слични проекти, како и на оние што се вклучени во давањето помош при катастрофи.

Безбедноста и Мојсеевиот закон

Според Мојсеевиот закон, од Божјиот народ се барало да се придржува за одредени безбедносни мерки. На пример, ако еден Израелец градел куќа, на покривот морал да направи и ограда. Бидејќи луѓето минувале доста време на покривот, оградата служела како заштита да не паднат од него (1. Сам. 9:26; Мат. 24:17). Ако се случела несреќа затоа што овој закон не бил почитуван, Јехова го сметал за виновен сопственикот на куќата (5. Мој. 22:8).

Казните од Законот важеле и доколку некое домашно животно повредело некого. Ако бик убодел и усмртел човек, сопственикот морал да го убие бикот за да не повреди и други луѓе. За сопственикот тоа би претставувало голема загуба, бидејќи не смеел ниту да го јаде месото ниту, пак, да им го продава на другите како храна. Но, да речеме дека еден бик повредил некого, а потоа сопственикот не припазувал на него. Што тогаш? Ако истиот бик подоцна убиел некој друг, тогаш и бикот и неговиот сопственик требало да бидат убиени. Овој закон ги терал да се замислат сите што не внимавале на својот добиток (2. Мој. 21:28, 29).

Законот поттикнувал и исправно да се користат алатите. Многу Израелци сечеле дрва со секири. Ако сечилото случајно излетало од дршката и убиело некого во близина, оној што ги сечел дрвата морал да бега во еден од градовите-прибежишта. Таму требало да остане сѐ до смртта на првосвештеникот, што значело дека еден ненамерен убиец со години бил одвоен од семејството и домот. Сето ова ги учело Израелците дека животот е свет во Јеховини очи. Оној што гледал на животот како што гледа Бог, добро ги одржувал своите алати и внимателно ракувал со нив (4. Мој. 35:25; 5. Мој. 19:4-6).

Со ваквите закони, Јехова јасно ставил на знаење дека сака неговите слуги да обрнат внимание на безбедноста и во својот дом и надвор од него. Оние што ќе предизвикале нечија смрт или ќе повределе некого, макар и случајно, биле одговорни пред Бог. Јехова до ден-денес не го променил својот став во врска со безбедноста (Мал. 3:6). Тој не сака луѓето да се повредуваат ниту себеси ниту другите. Ова е особено важно кога градиме или кога се грижиме за објектите во кои се обожава вистинскиот Бог.

Безбедноста и градежните проекти

Сметаме дека е голема чест да се градат и да се одржуваат Сали на Царството, Конгресни сали и Бетели. Истото може да се каже и за помошта што ја пружаме кога ќе се случи некоја катастрофа. Сакаме секогаш вешто да ја извршуваме својата работа затоа што, во спротивно, дури и при едноставни задачи, тоа може да биде опасно и за нас и за другите (Проп. 10:9). Факт е дека, ако стекнеме навика да работиме внимателно, може да избегнеме повреди.

Библијата вели: „Убавина на младичите е нивната сила, а украс на старците е нивната седа коса“ (Изр. 20:29). Силата што ја имаат младите е потребна за да се завршат тешки физички работи. Но, работниците со седа коса — оние што имаат големо искуство во градежни работи — се тие што со своите раце и алати ги прават завршните финеси. А оние што сега се постари, некогаш ја користеле својата младешка сила за да завршат тешки работи. Ако си нов доброволец, набљудувај како работат искусните работници и следи ги нивните упатства. Ако сакаш да учиш, браќата што имаат искуство во градежништвото ќе те научат многу работи. На пример, ќе те поучат како внимателно да ракуваш со опасни материјали и како да креваш тежок товар. Така ќе работиш продуктивно, безбедно и радосно.

Оние што работат на градежни проекти мораат секогаш да бидат внимателни. Околностите на едно градилиште брзо се менуваат. Таму каде што претходно било рамно, сега можеби има дупка. Некои работници можеби преместиле скала, талпа или канта со боја. Ако не внимаваш, може лесно да се повредиш. Законите за безбедност обично налагаат оние што работат на градилиште да носат заштитна опрема. Заштитните очила, шлемот и соодветните обувки можат да те заштитат од многу опасности. Но, ќе бидеш заштитен само ако добро ја одржуваш својата опрема и, се разбира, ако ја носиш!

Иако со повеќето алати навидум лесно се ракува, за да ги користиш внимателно и вешто потребни ти се обука и пракса. Ако никогаш не си работел со алатот што ти треба, кажи му го тоа на одговорниот брат. Тој ќе организира да ја добиеш потребната обука. Скромноста, односно познавањето на твоите граници, е пожелна особина. Всушност, мора да бидеш скромен ако не сакаш да се повредиш себеси и другите на градилиштето (Изр. 11:2).

Најчеста причина за повреди на градилиште се падовите. Пред да се качиш на скала или на скеле, провери дали опремата е во добра состојба и дали ги има сите сигурносни додатоци. Ако треба да работиш на скеле или на покрив, според упатствата можеби ќе треба да бидеш врзан со сигурносни јажиња или можеби ќе треба да се постави заштитна ограда. Доколку имаш прашања за тоа како се работи на високи места, слободно прашај го братот што ја надгледува работата. *

Како што расте бројот на оние што му служат на Јехова така расте и потребата од Сали на Царството и други објекти во кои ќе го обожаваме Јехова. Оние што ја надгледуваат работата кога се гради Сала на Царството и слични проекти имаат одговорност да ги заштитат скапоцените Јеховини овци кои работат под нивен надзор (Иса. 32:1, 2). Ако имаш задача да ги надгледуваш браќата и сестрите на некој градежен проект, никогаш не губи од вид колку е важна безбедноста. Води сметка градилиштето да биде чисто и да не биде натрупано со сѐ и сешто. На оние што не се многу внимателни, љубезно, но сериозно објасни им како да работат безбедно. Не дозволувај млади или неискусни работници да работат на места каде што има голем ризик од повреди. Потруди се да предвидиш со какви опасности би се соочиле работниците и подготви ги да работат внимателно. Не заборавај, нашата цел е да го завршиме проектот без некој да се повреди.

Улогата на љубовта

Изградбата на Сали на Царството и други објекти во кои се обожава Јехова вклучува и работи кои би можеле да носат со себе опасности. Затоа, оние што учествуваат во такви проекти мораат да бидат внимателни. Ако ги почитуваш библиските начела, ги следиш упатствата за работење и добро ги проценуваш работите, ќе ги избегнеш опасностите, а ќе ги заштитиш и своите соработници.

Кој е главниот мотив за да обрнеме внимание на безбедноста? Љубовта. Да, љубовта кон Јехова нѐ мотивира да го цениме животот, како што го цени и тој. А љубовта кон луѓето ни помага да бидеме внимателни за да не направиме нешто со што би ги довеле другите во опасност (Мат. 22:37-39). Затоа, да даваме сѐ од себе сите што работат на нашите градежни проекти да бидат ‚живи и здрави‘.

[Фуснота]

^ пас. 14 Види ја рамката „Како да се работи на скала“, на страница 30.

[Рамка/слика на страница 30]

Како да се работи на скала

Во една од последниве години, над 160.000 работници во САД беа повредени при пад од скала, а околу 150 од нив го загубија животот. Без разлика каде живееш или работиш, еве неколку совети што можат да ти помогнат да избегнеш пад од скала.

◇ Не користи скала што е разнишана или оштетена и не обидувај се да ја поправиш, туку фрли ја.

◇ Сите скали имаат ограничување на тежината. Води сметка твојата тежина, заедно со тежината на алатите и материјалите што ги носиш со себе, да не ја надминува дозволената тежина на скалата што ја користиш.

◇ Постави ја скалата на рамна, тврда површина. Не поставувај ја на нестабилно тло, на пример, на скеле или врз кофи и кутии.

◇ Секогаш биди свртен со лицето кон скалата кога се симнуваш или кога се качуваш.

◇ Немој да стоиш или да седиш врз последните две пречки на скалата.

◇ Кога користиш скала за да се качиш или да се симнеш од покрив или од некоја друга површина, носачите на пречките треба да се најмалку 1 метар над покривот или површината на која е потпрена. За да не се лизне скалата, постави пред неа штица на која ќе ги врзеш или ќе ги приковаш нозете на скалата. Ако тоа не е изводливо, некој нека ја држи додека работиш на неа. Врзи го горниот крај на скалата за да не падне странично.

◇ Немој да поставуваш штици на пречките на скалата за да ги користиш како платформа.

◇ Кога работиш на високо и треба да ги испружиш рацете или нозете, скалата може да стане нестабилна. Затоа, немој да се пресегнуваш премногу додека си на неа. Секој пат кога е потребно, преместувај ја скалата за да не бидеш предалеку од она што го работиш.

◇ Ако мораш да работиш на скала што е поставена пред затворена врата, стави знак на вратата и заклучи ја. Доколку не е возможно да се заклучи, замоли некој да стои пред вратата за да ги предупредува оние што поминуваат.

◇ На скалата треба да има само еден човек, освен ако таа не е направена за двајца работници. *

[Фуснота]

^ пас. 33 Список со дополнителни совети за работа на скала има во српското издание на Разбудете се! од 8 август 1999, страници 22-24.

[Слика на страница 29]

Според Мојсеевиот закон, на рамните покриви на куќите морало да се направи ограда