Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Го следиш ли Христос во сѐ?

Го следиш ли Христос во сѐ?

Го следиш ли Христос во сѐ?

‚Вие така и живеете, па ве поттикнуваме уште повеќе да напредувате во тоа‘ (1. СОЛ. 4:1)

1, 2. а) Кои величествени работи ги виделе многу луѓе во времето на Исус? б) Зошто и нашево време е многу значајно?

СИ РАЗМИСЛУВАЛ ЛИ некогаш колку би било убаво да си живеел во времето на Исус? Да си бил тешко болен, ќе можел да те излекува и да те поштеди од маките. Колку ќе било убаво и само да си бил во негово друштво и да си го слушал — да си учел од него или да си видел како прави некое чудо! (Мар. 4:1, 2; Лука 5:3-9; 9:11). Навистина, колку прекрасно би било со свои очи да си можел да гледаш сѐ што правел Исус! (Лука 19:37). Ниту едно поколение оттогаш наваму не доживеало нешто слично. А и она што го постигнал на Земјата „со својата жртва“ никогаш повеќе нема да се повтори (Евр. 9:26; Јован 14:19).

2 Сепак, и нашево време е многу значајно. Зошто? Затоа што живееме во „времето на крајот“ и во „последните денови“, кои биле проречени во Библијата (Дан. 12:1-4, 9; 2. Тим. 3:1). Во овој период, Сатана бил исфрлен од небото, а наскоро ќе биде врзан и фрлен „во бездната“ (Отк. 12:7-9, 12; 20:1-3). Исто така, во ова време имаме посебна чест да учествуваме во едно дело кое никогаш повеќе нема да се повтори — да ја објавуваме ‚добрата вест за царството‘ низ целиот свет и да им кажуваме на луѓето дека наскоро Земјата ќе биде рај (Мат. 24:14).

3. Што им рекол Исус на своите следбеници пред да се вознесе на небото, и што значело тоа?

3 Пред да се вознесе на небото, Исус им рекол на своите следбеници: „Ќе ми бидете сведоци во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Тоа значело дека ќе треба да се поучуваат луѓето низ целиот свет. Со каква цел? Да се прават ученици, односно уште следбеници на Христос — пред да дојде крајот (Мат. 28:19, 20). Што мораме да правиме ние за успешно да ја извршиме оваа задача што ни ја дал Христос?

4. а) Што нагласува Петар во својот совет кој е запишан во 2. Петрово 3:11? б) Што не смееме да дозволиме?

4 Забележи каков совет дал апостол Петар: „Вашите дела нека бидат свети и по нив нека се види дека сте му оддадени на Бог додека го очекувате и го имате на ум Јеховиниот ден“ (2. Пет. 3:11, 12). Со овие зборови, Петар истакнува колку е важно во овие последни денови да внимаваме главно нешто во животот да ни бидат делата од кои ќе се види дека сме му оддадени на Бог. Едно од тие дела е проповедањето на добрата вест. Затоа ни причинува огромна радост кога гледаме со колкава ревност нашите браќа низ целиот свет ја извршуваат задачата што ни ја дал Христос! Во исто време, јасно ни е дека не смееме да дозволиме секојдневните притисоци од Сатановиот свет и нашите вродени телесни склоности да ни ја згаснат ревноста со која ја вршиме службата за Бог. Да видиме што ќе ни помогне да продолжиме да го следиме Христос.

Прифати ги одговорностите што ти ги дава Бог

5, 6. а) За што ги пофалил Павле своите соверници во Ерусалим, и какво предупредување им дал? б) Зошто не треба да ги сфаќаме површно одговорностите што ни ги дава Бог?

5 Во писмото до христијаните во Ерусалим, апостол Павле ги пофалил за тоа што останале верни дури и кога биле прогонувани. Тој рекол: „Сеќавајте се на поранешните денови кога, откако бевте просветлени, издржавте голема борба и страдање“. Да, Јехова се сеќавал на нивната верност (Евр. 6:10; 10:32-34). Срдечната пофалба на Павле сигурно многу ги охрабрила тие еврејски христијани. Меѓутоа, во истото писмо, Павле ги предупредил да се пазат од една човечка склоност која, ако не се контролира, може да ја ослабне ревноста во службата за Бог. Тој рекол дека христијаните треба да внимаваат да не почнат да си бараат изговори за да им ‚бидат непослушни‘ на Божјите заповеди (Евр. 12:25).

6 Ова предупредување во врска со склоноста да се бараат изговори за да не се прифатат одговорностите што ги дава Бог важи и за христијаните денес. Јасно е дека треба да бидеме решени да не ги сфаќаме површно нашите христијански одговорности и да не дозволиме да ни спласне ревноста со која му служиме на Бог (Евр. 10:39). Впрочем, од тоа дали ќе ја вршиме светата служба зависат животи (1. Тим. 4:16).

7, 8. а) Што ќе ни помогне да ја задржиме ревноста во службата за Бог? б) Ако ни ослабнала ревноста што сме ја имале во почетокот, што треба да имаме на ум во врска со Јехова и Исус?

7 Што ќе ни помогне да не си бараме изговори во врска со обврските што ги имаме кон Бог? Еден важен начин да се бориме против ваквата склоност е редовно да размислуваме за важноста на заветот што му го дадовме. Во основа, ние му ветивме на Јехова дека ќе го ставиме вршењето на неговата волја на прво место во својот живот и сакаме да си го одржиме тоа ветување. (Прочитај Матеј 16:24.) Затоа, добро е одвреме-навреме да размислиме: ‚Дали сѐ уште сум исто толку решен да живеам во склад со заветот што му го дадов на Бог како и кога се крстив? Или, пак, дозволив низ годините полека да ослабне ревноста што ја имав во почетокот?‘

8 Ако по едно такво искрено самоиспитување увидиме дека сме попуштиле во службата за Јехова, добро е да се сетиме на охрабрувачките зборови што ги кажал пророкот Софонија. Тој рекол: „Нека не ти премалат рацете! Јехова, Богот твој, е во твојата средина. Силен е и ќе те спаси. Радосно ќе извикува поради тебе“ (Соф. 3:16, 17). Овие утешни зборови прво се однесувале на древните Израелци кои се вратиле во Ерусалим од ропството во Вавилон. Но, ова охрабрување сѐ уште важи и за Божјите слуги денес. Бидејќи делото што го вршиме не е наше туку Јеховино, треба да задржиме на ум дека и Тој и неговиот Син нѐ поддржуваат и нѐ зајакнуваат за да можеме потполно да ги извршиме доверените одговорности (Мат. 28:20; Фил. 4:13). Ако се трудиме и понатаму со ревност да го вршиме Божјето дело, тој ќе нѐ благословува и ќе ни помага духовно да напредуваме.

Ревносно ‚барај го најнапред царството‘

9, 10. Која е поентата од споредбата на Исус за големата вечера, и што можеме да научиме од неа?

9 Еднаш, кога бил во куќата на еден фарисејски поглавар, Исус кажал споредба за една голема вечера. Во споредбата, всушност, зборувал за можноста што им била дадена на разни луѓе да бидат владетели во небесното Царство. Исто така, во неа навел примери како може некој ‚да се изговара‘. (Прочитај Лука 14:16-21.) Поканетите во оваа споредба си наоѓале разни изговори зошто не можат да присуствуваат на гозбата. Еден рекол дека треба да оди и да ја види нивата која штотуку ја купил. Друг рекол дека купил говеда и дека сака да ги испроба. Трет, пак, рекол: ‚Не можам да дојдам. Штотуку се оженив‘. Но, ова биле слаби изговори. Некој што купува нива или говеда обично ги проверува пред да ги купи, па затоа нема некоја голема потреба отпосле да оди да гледа какви се. Освен тоа, зошто стапувањето во брак би спречило некого да прифати таква важна покана? Не е ни чудо што домаќинот од споредбата се разгневил!

10 Сите Божји слуги можат да научат нешто од оваа споредба на Исус. Што е тоа? Никогаш не треба да дозволиме личните работи, како оние што ги спомнал Исус, да ни станат толку важни што службата за Бог ќе ја ставиме во втор план. Ако еден христијанин не ги стави личните работи на исправно место во животот, неговата ревност за службата малку по малку ќе спласне. (Прочитај Лука 8:14.) За да не се случи такво нешто, се трудиме да живееме во склад со советот на Исус: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност“ (Мат. 6:33). Многу сме охрабрени кога гледаме како Божјите слуги — и млади и стари — се држат за овој важен совет! Всушност, мнозина си го поедноставиле животот за да посветат повеќе време на проповедањето. Тие на своја кожа чувствуваат дека, тоа што ревносно го бараат најнапред Царството, им носи вистинска среќа и задоволство.

11. Од кој библиски пример учиме колку е важно да му служиме на Бог со ревност и со сета душа?

11 За да сфатиме колку е важно да бидеме ревносни во службата за Бог, да разгледаме еден настан што се случил во времето на израелскиот цар Јоас. Загрижен поради опасноста Сирија да го освои Израел, Јоас плачејќи отишол кај Елисеј. Пророкот му рекол да истрела една стрела од прозорецот во правец на Сирија. Тоа било знак дека Јехова ќе му даде победа во една битка против тој народ. Ова сигурно требало да го охрабри царот. Потоа Елисеј му рекол на Јоас да ги земе стрелите и да удира со нив по земјата. Јоас удрил трипати, и престанал. Кога го видел тоа, Елисеј се разлутил, зашто ако царот удрел по земјата пет или шест пати, тоа ќе значело дека ‚ќе ја порази Сирија докрај‘. Но, бидејќи не го сторил тоа, Јоас извојувал само три делумни победи. Затоа што му фалела ревност, Јоас немал голем успех (2. Цар. 13:14-19). Што можеме да научиме од овој пример? Учиме дека Јехова богато ќе нѐ благослови само ако го вршиме неговото дело со ревност и со сета душа.

12. а) Што ќе ни помогне да ја зачуваме ревноста во службата за Бог, и покрај проблемите во животот? б) Објасни како тебе ти користи тоа што си зафатен во службата.

12 Проблемите во животот ги ставаат на испит нашата ревност и оддаденост во службата за Бог. Многу браќа и сестри живеат во тешки економски услови. Други се разочарани затоа што поради некоја тешка болест не можат да прават толку колку што би сакале во службата за Јехова. Сепак, секој од нас може да преземе нешто за да ја зачува својата ревност и да продолжи да го следи Христос во сѐ. Разгледај ги предлозите и стиховите наведени во рамката „Што ќе ти помогне и понатаму да ги следиш Христовите стапки?“ Размисли кој би бил најдобриот начин да ги примениш. Тоа ќе ти биде од голема корист. Кога сме зафатени во службата, водиме поурамнотежен, поисполнет живот и чувствуваме поголем мир и среќа (1. Кор. 15:58). Освен тоа, кога му служиме на Бог со сета душа, тоа ни помага ‚да го имаме на ум Јеховиниот ден‘ (2. Пет. 3:12).

Направи искрена проценка

13. Како можеме да одредиме што значи за нас лично да му служиме на Бог со сета душа?

13 Добро е да имаме на ум дека времето што го поминуваме во службата само по себе не е показател за тоа дали му служиме на Бог со сета душа. Нашите околности се разликуваат. Некој што поминува само час или два во службата секој месец може да му биде многу мил на Јехова ако, поради лошото здравје, навистина тоа е сѐ што може. (Спореди со Марко 12:41-44.) Според тоа, за да одредиме што значи за нас лично да му служиме на Бог со сета душа, треба да направиме искрена проценка на своите способности и околности. Како следбеници на Христос, сакаме и нашето гледиште да биде во склад со неговото. (Прочитај Римјаните 15:5; 1. Кор. 2:16.) Што му било на Исус најважно во животот? На едно мноштво луѓе во Капернаум им рекол: „Морам да... ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:43; Јован 18:37). Имајќи на ум со каква ревност проповедал и поучувал Исус, размисли внимателно за своите околности за да видиш дали би можел да правиш повеќе во службата (1. Кор. 11:1).

14. Како би можеле уште повеќе да ја зголемиме нашата служба?

14 Откако внимателно ќе ги преиспитаме своите околности, можеби ќе заклучиме дека би можеле да посветиме повеќе време во службата (Мат. 9:37, 38). На пример, илјадници млади кои неодамна завршиле со школувањето почнале да проповедаат во поголема мера и сега чувствуваат голема радост затоа што ревносно служат како пионери. Би сакал ли и ти да ја почувствуваш таа радост? Откако размислиле за своите околности, некои браќа и сестри увиделе дека би можеле да се преселат во некој друг дел од земјата, па дури и во друга земја каде што има поголема потреба од објавители на Царството. Други, пак, научиле уште еден јазик за да можат да им проповедаат на луѓето што го зборуваат тој јазик. Вистина, можеби ќе биде потребен напор за да ја зголемиме службата, но тоа ќе ни донесе големи благослови, а ќе можеме и да им помогнеме на уште многу други луѓе „добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:3, 4; 2. Кор. 9:6).

Библиски примери кои треба да ги следиме

15, 16. За да бидеме ревносни следбеници на Христос, чиј пример треба да го следиме?

15 Како реагирале некои од апостолите кога Христос ги повикал да станат негови ученици? Во врска со Матеј пишува: „Тој остави сѐ, стана и појде по него“ (Лука 5:27, 28). За Петар и Андреј, кои во тој момент ловеле риби, читаме: „Веднаш ги оставија мрежите и појдоа по него“. Потоа Исус ги видел Јаков и Јован, кои си ги крпеле мрежите заедно со татко им. Што направиле кога ги повикал Исус? „Веднаш го оставија чамецот и татка си, и појдоа по него“ (Мат. 4:18-22).

16 Друг убав пример е Савле, кој подоцна станал познат како апостол Павле. Иако жестоко ги прогонувал следбениците на Исус, тој се сменил и станал „избран сад“ кој го носел Христовото име. Извештајот вели: „[Павле] веднаш почна во синагогите да проповеда за Исус, дека тој е Божјиот Син“ (Дела 9:3-22). И покрај прогонството и многуте маки што ги претрпел, Павле никогаш не ја изгубил ревноста (2. Кор. 11:23-29; 12:15).

17. а) Како сакаш да го следиш Христос? б) Какви благослови имаме затоа што ја вршиме Божјата волја со сето срце и со сета сила?

17 Сигурно сакаме да го следиме убавиот пример на тие ученици и да го прифатиме Христовиот повик спремно и без колебање (Евр. 6:11, 12). Какви благослови имаме додека се трудиме ревносно да го следиме Христос во сѐ? Чувствуваме голема радост и задоволство затоа што ја вршиме Божјата волја и прифаќаме дополнителни задачи и одговорности во собранието (Пс. 40:8; прочитај 1. Солуњаните 4:1). Кога со сите сили се трудиме да го следиме Христос, добиваме големи и трајни благослови — внатрешен мир, задоволство, среќа, Божја милост и надеж за вечен живот (1. Тим. 4:10).

Се сеќаваш ли?

• Која важна задача ни е доверена, и како треба да гледаме на неа?

• Од која човечка склоност мора да се пазиме, и зошто?

• Каква искрена проценка треба да направиме?

• Што ќе ни помогне да продолжиме да го следиме Христос?

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 27]

Што ќе ти помогне и понатаму да ги следиш Христовите стапки?

▪ Читај ја Божјата Реч секој ден и размислувај за она што го читаш (Пс. 1:1-3; 1. Тим. 4:15)

▪ Често моли се Божјиот дух да ти дава сила и водство (Зах. 4:6; Лука 11:9, 13)

▪ Дружи се со оние што ја вршат службата со вистинска ревност (Изр. 13:20; Евр. 10:24, 25)

▪ Имај на ум дека крајот е многу близу (Еф. 5:15, 16)

▪ Биди свесен колку се сериозни последиците ако си бараш изговори (Лука 9:59-62)

▪ Редовно размислувај за заветот што му го даде на Јехова и за големите благослови што ги имаме затоа што му служиме и со сета душа го следиме Христос (Пс. 116:12-14; 133:3; Изр. 10:22)