Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Испитите ни ја зајакнаа довербата во Јехова

Испитите ни ја зајакнаа довербата во Јехова

Испитите ни ја зајакнаа довербата во Јехова

Раскажала Ада Дело Стрито

Го препишав целиот дневен стих во мојата тетратка. Имам 36 години, но ми требаа два часа за да ги напишам тие неколку редови. Зошто толку време? Мајка ми ќе ви објасни (Џоел)

ЈАС и маж ми се крстивме како Јеховини сведоци во 1968 год. Откако родив два здрави сина, Дејвид и Марк, го добивме и нашиот трет син, Џоел. Тој се роди во 1973 год., но се роди предвреме во една болница во градот Бенш во Белгија, околу 60 километри јужно од Брисел. Имаше само 1 килограм и 700 грама. Кога ме пуштија од болница, тој мораше да остане за да добие на тежина.

Неколку седмици подоцна, кога кај него сѐ уште немаше никакви знаци на подобрување, јас и маж ми, Луиџи, го однесовме на педијатар. Откако го прегледа, лекарот ни рече: „Жал ми е. Изгледа дека Џоел ги има сите проблеми што неговите браќа ги немаат“. Настана долга тишина. Во тој момент, сфатив дека нашето синче има сериозен здравствен проблем. Тогаш докторот го тргна маж ми настрана и му рече: „Вашето бебе има тризомија 21“, болест позната и како Даунов синдром. *

Дијагнозата на педијатарот нѐ разочара и решивме да побараме мислење и од друг специјалист. Тој внимателно го прегледуваше малиот Џоел речиси цел час без да каже ниту збор. Мене и на Луиџи ни се чинеше како прегледот да трае цела вечност. На крајот, лекарот нѐ погледна и рече: „Вашето дете ќе биде многу зависно од вас“. Потоа, со голема нежност во гласот, додаде: „Но, Џоел ќе биде среќен затоа што родителите го сакаат!“ Гушејќи се од емоции, нежно го зедов Џоел в раце и го однесовме дома. Тогаш веќе имаше осум седмици.

Црпиме сила од христијанските состаноци и од службата

Со понатамошни испитувања беше утврдено дека Џоел има и сериозно оштетување на срцето и тежок облик на рахитис. Бидејќи срцето му беше многу големо, му ги притискаше белите дробови и затоа беше подложен на инфекции. По кратко време, кога имаше четири месеци, Џоел доби бронхопневмонија и моравме да го однесеме во болница, каде што беше ставен во карантин. Срцето ни се кинеше кога го гледавме како се мачи. Колку сакавме да го држиме в раце и да го галиме! Но, десет тешки седмици не смеевме да го допреме. Мене и на Луиџи не ни преостана ништо друго освен да го гледаме, да се држиме в прегратка и да се молиме.

Во тој тежок период, продолживме да одиме на собраниските состаноци со Дејвид и со Марк — Дејвид имаше 6, а Марк 3 години. Секојпат кога бевме во Салата на Царството се чувствувавме како Јехова да нѐ држи во својата прегратка. Додека бевме во Салата, опкружени со нашите христијански браќа и сестри, знаевме дека можеме да го фрлиме своето бреме на Јехова и чувствувавме внатрешен мир (Пс. 55:22). Дури и медицинските сестри што се грижеа за Џоел рекоа дека забележале колку многу ни помагаат христијанските состаноци да задржиме рамнотежа во животот.

Во тој период, го преколнував Јехова да ми даде сили да проповедам. Наместо да останам дома и да плачам, сакав да зборувам со другите и да им кажувам зошто ми дава сила довербата дека Бог ќе го исполни своето ветување за еден свет без болести. Секојпат кога бев во служба, чувствував дека Јехова ми одговара на молитвите.

„Ова е неверојатно!“

Бевме пресреќни кога конечно можевме да го донесеме Џоел дома! Но, веќе следниот ден нашата радост се претвори во тага. На Џоел му се влоши состојбата и веднаш моравме пак да го вратиме во болница. Откако го прегледаа, лекарите ни рекоа: „Џоел ќе живее најмногу уште шест месеци“. Два месеца подоцна, кога Џоел имаше околу осум месеци, се чинеше дека ќе се обистинат прогнозите на лекарите бидејќи состојбата многу му се влоши. Еден лекар нѐ седна и ни рече: „Жал ми е. Не можеме да направиме ништо повеќе за него“. Потоа додаде: „Сега, само Јехова може да му помогне“.

Отидов во болничката соба на Џоел. Иако бев емотивно скршена и физички исцрпена, бев решена да не се тргнам од неговата постела. Неколку христијански сестри се менуваа за да ми прават друштво, бидејќи Луиџи мораше да се грижи за постарите синови. Помина една седмица. И тогаш, сосема неочекувано, Џоел доби срцев удар. Медицинските сестри брзо дојдоа во собата, но не можеа да му помогнат. По неколку минути, една од нив тивко рече: „Готово е...“ Истоштена, повеќе не можев да ги задржувам солзите и излегов од собата. Пробав да му се молам на Јехова, но не можев да најдам зборови за да му ја искажам болката. Околу 15 минути подоцна, една сестра ме повика: „Џоел се освести!“ Ме зеде за рака и ми рече: „Дојди, сега можеш да го видиш“. Кога отидов кај него, срцето повторно му чукаше! Веста дека се освестил брзо се рашири. Сестрите и лекарите доаѓаа да го видат, а мнозина велеа: „Ова е неверојатно!“

Неочекуван чекор на четири години

Во првите години од животот на Џоел, педијатарот многупати ни кажа: „На Џоел му треба многу љубов“. Откако се роди Џоел, јас и Луиџи осетивме колку Јехова нѐ сака и се грижи за нас, па затоа сакавме да му покажеме таква љубов и грижа и на нашиот син. Имавме многу прилики за тоа бидејќи му требаше нашата помош во сѐ што правеше.

Во првите седум години од животот на Џоел, секоја година се боревме со истите проблеми. Помеѓу октомври и март, здравствените компликации се редеа една по друга, и моравме постојано да го носиме во болница. Во исто време, се трудев на Дејвид и Марк да им посветам колку што можам повеќе време. И тие самите многу помагаа околу грижата за Џоел — и тоа со одлични резултати. На пример, неколку лекари ни рекоа дека Џоел никогаш нема да прооди. Но, еден ден, кога Џоел имаше четири години, Марк му рече: „Ајде Џоел, покажи ѝ на мама дека можеш!“ Со неверување гледав како Џоел ги прави своите први чекори! Бевме пресреќни! Како семејство му се помоливме на Јехова за да му се заблагодариме од срце. Во други прилики, кога Џоел ќе покажеше макар и најмал напредок во нешто, секогаш срдечно го пофалувавме.

Поуката за Јехова раѓа плод

Го носевме Џоел на состаноците во Салата на Царството колку што можевме почесто. За да го заштитиме од бактерии и вируси кои лесно можеа да предизвикаат некоја болест кај него, го стававме во посебна количка, затворена со проѕирна пластична навлака. Иако мораше да седи зад навлаката, Џоел уживаше да биде со браќата во собранието.

Нашите браќа и сестри ни покажуваа голема љубов и ни помагаа, а тоа нѐ полнеше со сила. Еден брат често нѐ потсетуваше на зборовите од Исаија 59:1: „Гледај, раката на Јехова не станала прекратка, па да не може да спаси, ниту неговото уво толку оглувело, па да не може да чуе“. Тие охрабрувачки зборови ни помогнаа да имаме доверба во Јехова.

Како што растеше Џоел, се трудевме службата за Јехова да му ја направиме дел од животот. Ја користевме секоја прилика да зборуваме со него за Јехова на начин со кој ќе му помогнеме да го засака својот небесен Татко. Го молевме Јехова да ги благослови нашите напори и таквите поуки да родат плод.

Кога влезе во тинејџерските години, многу бевме радосни кога видовме дека Џоел сака да им ги кажува библиските вистини на луѓето што ги среќаваше. Додека закрепнуваше од една тешка операција кога имаше 14 години, бев пресреќна кога Џоел ме праша: „Мамо, може ли да му ја дадам на хирургот книгата Живеј засекогаш?“ По неколку години, Џоел мораше пак да оди на операција. Бевме свесни дека можеби нема да ја преживее. Пред операцијата, Џоел им даде на своите доктори писмо што го напишавме заедно. Во него беше објаснето каков е ставот на Џоел во врска со употребата на крв. Хирургот го праша Џоел: „Ти се согласуваш со ова?“ Џоел одлучно му одговори: „Да, докторе“. Бевме многу горди што нашиот син имаше толкава доверба во својот Творец и што беше решен да го прави она што Нему му е по волја. Целиот медицински персонал ни даде голема поддршка, за што им бевме многу благодарни.

Џоел духовно напредува

Кога имаше 17 години, Џоел му го завети својот живот на Бог и се крсти во вода. Тоа беше незаборавен ден за нас! Многу сме радосни кога гледаме дека духовно напредува. Од денот кога се крсти, неговата љубов кон Јехова и ревноста за вистината горат со ист жар. Всушност, на секого со кој ќе се запознае, Џоел му вели: „Вистината е мојот живот!“

Во доцните тинејџерски години, Џоел научи да чита и да пишува. За тоа требаше многу труд. Секој мал збор што ќе успееше да го напише претставуваше вистинска победа. Оттогаш, секој ден го почнува со разгледување на дневниот стих од брошурката Секојдневно истражување на Писмото. Потоа, го препишува стихот во тетратка, што е прилично макотрпна работа за него. Но, сега веќе има доста голема колекција од такви тетратки!

Во деновите кога имаме состанок, Џоел гледа да стигнеме во Салата на Царството порано затоа што сака да биде таму навреме и да им изрази срдечно добредојде на сите што доаѓаат. За време на состаноците сака да коментира и да учествува во прикази. Исто така, помага околу микрофоните, а има и други задолженија. Секоја седмица, ако му дозволува здравјето, доаѓа со нас во служба на проповедање. Во 2007 год., пред целото собрание беше прочитано известување дека Џоел е именуван да служи како слуга-помошник. Ни потекоа солзи радосници. Тоа беше многу убав благослов од Јехова!

Чувствуваме дека Јехова ни помага

Во 1999 год., доживеавме уште една несреќа. Еден несовесен возач удри во нашиот автомобил, при што Луиџи беше тешко повреден. Мораа да му ја ампутираат едната нога, а му направија и неколку потешки операции на ’рбетот. Повторно ја положивме нашата доверба во Јехова и ја почувствувавме силата што тој им ја дава на своите слуги кога се во неволја (Фил. 4:13). Иако Луиџи остана инвалид, се трудиме да бидеме оптимисти. Бидејќи не може да работи, сега има повеќе време да се грижи за Џоел. Тоа, пак, мене ми остава повеќе време за духовни активности. Исто така, Луиџи може да обрне поголемо внимание на духовните потреби на нашето семејство и на собранието, каде што и понатаму служи како координатор на старешинството.

Поради нашите околности, поминуваме многу време заедно како семејство. Со текот на времето, научивме да бидеме разумни и да не очекуваме повеќе од возможното. Во деновите кога се чувствуваме обесхрабрени, му ги искажуваме своите чувства на Јехова во молитва. За жал, некое време откако нашите синови Дејвид и Марк се отселија од дома, престанаа да му служат на Јехова. Се надеваме дека еден ден ќе му се вратат (Лука 15:17-24).

Низ годините, чувствувавме дека Јехова ни помага и научивме да се потпираме на него што и да нѐ снајде. Особено ни се драги зборовите од Исаија 41:13: „Зашто јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“. Голема утеха ни е мислата дека Јехова цврсто нѐ држи за рака. И навистина можеме да кажеме дека испитите ни ја зајакнаа довербата во нашиот небесен Татко, Јехова.

[Фуснота]

^ пас. 5 Тризомија 21 е вродено нарушување кое предизвикува ментална ретардираност. Хромозомите нормално одат во парови, но бебињата што се раѓаат со тризомија имаат хромозом повеќе во еден од паровите. Тризомија 21 го погодува хромозомот 21.

[Слики на страници 16 и 17]

Џоел и мајка му Ада

[Слика на страница 18]

Ада, Џоел и Луиџи

[Слика на страница 19]

Џоел сака да ги пречекува браќата и сестрите во Салата на Царството