Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади, разгорете ја желбата да му служите на Јехова

Млади, разгорете ја желбата да му служите на Јехова

Млади, разгорете ја желбата да му служите на Јехова

„Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“ (ПРОП. 12:1)

1. Каков повик бил упатен до децата во Израел?

ПРЕД околу 3.500 години, Јеховиниот пророк Мојсеј им дал ваква заповед на свештениците и на старешините во Израел: „Собери го народот — мажите, жените, децата... за да слушаат и да научат да се бојат од Јехова, вашиот Бог, и совесно да ги држат сите зборови на овој закон“ (5. Мој. 31:12). Забележи кој требало да дојде на собирите на кои му се оддавала чест на Јехова: мажите, жените и децата. Да, дури и децата биле меѓу оние што биле повикани да слушаат, да учат и да ги следат упатствата од Јехова.

2. Како Јехова покажал грижа за младите во христијанското собрание во првиот век?

2 Во првиот век, Јехова продолжил да покажува грижа за младите во неговиот народ. На пример, со својот дух го поттикнал апостол Павле во некои од своите писма што ги испратил до собранијата да запише и упатства конкретно за младите. (Прочитај Ефешаните 6:1; Колошаните 3:20.) Младите христијани кои се држеле за ваквите совети стекнувале уште подлабоко ценење за својот грижлив небесен Татко, а тој, пак, ги благословувал.

3. Како младите денес покажуваат дека сакаат да му служат на Бог?

3 Дали и денес сѐ уште важи поканата до младите да се собираат за да му оддаваат чест на Јехова? Да! Затоа, среќни сме кога гледаме како голем број млади слуги на Бог низ целиот свет се послушни на зборовите на Павле: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци, како што некои имаат обичај, туку да се храбриме еден со друг, толку повеќе колку што гледате дека се приближува денот“ (Евр. 10:24, 25). Освен тоа, многу деца заедно со своите родители ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство (Мат. 24:14). А како израз на својата искрена љубов кон Јехова, илјадници млади секоја година се крштаваат и се радуваат на благословите што доаѓаат со тоа да се биде Христов ученик (Мат. 16:24; Мар. 10:29, 30).

Прифати ја поканата — сега

4. Кога можат младите да почнат да му служат на Бог?

4 Во Проповедник 12:1 пишува: „Сеќавај се на својот Величествен Творец во деновите на младоста своја“. Колку години треба да има едно дете за да може да ја прифати оваа срдечна покана да му оддава чест и да му служи на Јехова? Во Библијата не е наведена конкретна возраст. Според тоа, не одолговлекувај, мислејќи дека си премлад за да го слушаш Јехова и да му служиш. Без разлика колку години имаш, без одложување прифати ја поканата.

5. Како можат родителите да им помогнат на своите деца духовно да напредуваат?

5 На мнозина од вас едниот или двајцата родители ви помагаат да напредувате духовно. Така било и со Тимотеј. Мајка му Евника и баба му Лоида го поучувале за светите списи уште од мал (2. Тим. 3:14, 15). Веројатно и тебе родителите те поучуваат на сличен начин — ја проучуваат Библијата со тебе, се молат со тебе, те носат на собраниските состаноци и на поголемите собири на Божјиот народ и заедно проповедате. Да, родителите имаат голема одговорност да те поучуваат за Јехова Бог и за неговите начела — одговорност што ја добиле од него. Ги цениш ли љубовта и грижата што ти ги покажуваат? (Изр. 23:22).

6. а) Според Псалм 110:3, каква служба го радува Јехова? б) Што ќе разгледаме сега?

6 Сепак, драги млади, како што растете, Јехова сака самите „да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“, исто како што утврдил и Тимотеј (Рим. 12:2). Ако го направите тоа, ќе бидете активни во собранието не затоа што вашите родители го бараат тоа од вас, туку затоа што вие самите сакате да ја вршите Божјата волја. Јехова многу се радува кога му служите спремно, од сѐ срце (Пс. 110:3). Тогаш, како ќе покажеш дека сакаш да ја разгориш својата желба да го слушаш Јехова и да се држиш за неговите совети? Три важни работи со кои можеш да го направиш тоа се: проучувањето, молитвата и однесувањето. Да ги разгледаме една по една.

Јехова нека ти биде реален

7. Каков пример оставил Исус во поглед на проучувањето на светите списи? Што му помогнало во тоа?

7 Првата работа со која ќе покажеш дека сакаш да ја разгориш својата желба да му служиш на Јехова е тоа што секој ден ќе ја читаш Библијата. Ако редовно ја читаш Божјата Реч, ќе можеш да ги задоволиш своите духовни потреби и ќе стекнеш скапоцено знаење од Библијата (Мат. 5:3). Исус оставил одличен пример за ова. Еднаш, кога имал 12 години, родителите го нашле во храмот „како седи меѓу учителите, слушајќи ги и поставувајќи им прашања“ (Лука 2:44-46). Исус уште како дете добро ги разбирал светите списи и имал желба да учи за нив. Што му помогнало во тоа? Без сомнение, важна улога одиграле мајка му, Марија, и неговиот очув, Јосиф. Тие биле Божји слуги и уште од раѓање го поучувале Исус за Бог (Мат. 1:18-20; Лука 2:41, 51).

8. а) Кога треба родителите да почнат да им всадуваат на своите деца љубов кон Божјата Реч? б) Раскажи искуство кое потврдува колку е важно децата да се поучуваат уште откако ќе се родат.

8 Слично на тоа, и денес богобојазливите родители сфаќаат колку е важно да почнат да им всадуваат љубов кон библиската вистина на своите деца уште откако ќе се родат (5. Мој. 6:6-9). Токму тоа го направила и Руби кога го родила својот прв син Џозеф. Секој ден му читала од книгата Мојата книга со библиски приказни. Додека растел, го учела да запамти разни стихови. Дали Џозеф имал корист од ваквата поука? Набрзо откако научил да зборува, можел да раскаже многу библиски приказни со свои зборови. А на пет години го одржал својот прв говор во Теократската школа за служба.

9. Зошто е важно да ја читаш Библијата и да размислуваш за она што го читаш?

9 Драги млади, за да напредувате духовно, стекнете си навика секој ден да ја читате Библијата и продолжете со таа навика и како тинејџери и како возрасни (Пс. 71:17). Зошто читањето на Библијата ќе ви помогне да напредувате? Видете што му рекол Исус во молитва на својот Татко: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог“ (Јован 17:3). Да, колку повеќе учиш за Јехова толку пореален ќе ти биде и уште повеќе ќе го сакаш (Евр. 11:27). Затоа, секојпат кога ја читаш Библијата, гледај на тоа како на можност да дознаеш повеќе за Јехова. Размисли: ‚Што учам од овој извештај за Јехова како Личност? Како овие стихови покажуваат дека Бог ме сака и се грижи за мене?‘ Ако си одвоиш време да размислуваш за вакви прашања, ќе сфатиш како размислува Јехова, какви чувства има и што очекува од тебе. (Прочитај Изреки 2:1-5.) Како младиот Тимотеј, и ти ќе ‚се увериш‘ во она што го учиш од Библијата и ќе бидеш поттикнат да му служиш на Јехова од сѐ срце (2. Тим. 3:14).

Како молитвата ја продлабочува твојата љубов кон Јехова

10, 11. Како молитвата ќе ти помогне да ја разгориш желбата да му служиш на Јехова?

10 Втората работа што ќе ти помогне да ја разгориш желбата од сѐ срце да му служиш на Јехова е молитвата. Во Псалм 65:2 читаме: „Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек“. Дури и во времето кога Израел бил Божји избран народ, туѓинците кои доаѓале во Јеховиниот храм можеле слободно да му се обратат на Јехова во молитва (1. Цар. 8:41, 42). Бог не е пристрасен. Тој нѐ уверува дека ќе ги чуе молитвите на оние што ги држат неговите заповеди (Изр. 15:8). Се разбира, со зборовите „секој човек“ опфатени сте и вие, драги млади.

11 Добро знаеш дека темелот за едно пријателство е добрата комуникација. Сигурно сакаш да ги споделиш своите мисли, грижи и чувства со некој близок пријател. Слично на тоа, кога од срце се молиш, ти комуницираш со својот Величествен Творец (Фил. 4:6, 7). Зборувај со Јехова за своите најдлабоки чувства, исто како што би зборувал со својот родител или со некој близок пријател. Всушност, има многу голема врска помеѓу тоа како се молиш и што чувствуваш за Јехова. Ќе забележиш дека, колку поблизок стануваш со Јехова толку подлабоки ќе бидат твоите молитви.

12. а) Зошто длабоката молитва вклучува повеќе отколку само зборови? б) Што ќе ти помогне да сфатиш дека Јехова е близу до тебе?

12 Но, не заборавај дека длабоката молитва опфаќа повеќе отколку само зборови. Во неа се вклучени и најдлабоките чувства. Од твоите молитви, нека се гледа дека многу го сакаш и го цениш Јехова и дека потполно се потпираш на него. Кога ќе видиш како Јехова одговара на твоите молитви, ќе се увериш како никогаш порано дека „Јехова е близу до сите што го повикуваат“ (Пс. 145:18). Да, Јехова ќе ти се приближи и ќе ти даде сила да му се спротивставиш на Ѓаволот и да донесеш исправни одлуки во животот. (Прочитај Јаков 4:7, 8.)

13. а) Како пријателството со Бог ѝ помогнало на една сестра? б) Како пријателството со Бог ти помага да одолееш на притисокот од околината?

13 Да видиме како блискиот однос со Јехова ја зајакнал Шери. Како средношколка освоила многу награди затоа што била и одличен ученик и надарен спортист. По матурата ѝ била понудена стипендија за на факултет. Таа вели: „Понудата беше привлечна, а тренерите и соучениците ми вршеа голем притисок да ја прифатам“. Но, Шери сфатила дека факултетот ќе бара голем дел од нејзиното време да го посвети на учење и на тренинзи — по што ќе ѝ остане само малку време за да му служи на Јехова. Што направила? Таа вели: „Откако му се молев на Јехова, одлучив да ја одбијам стипендијата и почнав да служам како општ пионер“. Сега, веќе пет години е пионер. Шери вели: „Воопшто не жалам за ништо. Среќна сум затоа што знам дека донесов одлука која го радува Јехова. Вистина е дека, ако го ставиш Божјето Царство на прво место, сѐ друго ќе ти се додаде“ (Мат. 6:33).

Доброто однесување покажува дека твоето „срце е чисто“

14. Зошто на Јехова му е важно твоето добро однесување?

14 Третата работа со која ќе покажеш дека му служиш на Јехова од сѐ срце е твоето однесување. Јехова ги благословува младите кои се морално чисти. (Прочитај Псалм 24:3-5.) Младиот Самоил не сакал да се однесува неморално како синовите на првосвештеникот Илиј. Неговото убаво однесување не поминало незабележано. Библијата вели: „Момчето Самоил растеше и им стануваше сѐ помило и на Јехова и на луѓето“ (1. Сам. 2:26).

15. Кои се некои причини зошто продолжуваш да се однесуваш примерно?

15 Живееме во свет полн со луѓе кои се себељубиви, надуени, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, сурови, горди, кои повеќе ги сакаат уживањата отколку Бог — а ова се само некои од карактеристиките што ги навел Павле (2. Тим. 3:1-5). Според тоа, може да биде навистина тешко да продолжиш да се однесуваш примерно кога околу тебе има толку злоба. Меѓутоа, секојпат кога ќе го направиш она што е исправно и нема да направиш нешто погрешно, докажуваш дека си на Јеховината страна во врска со прашањето за тоа кој има право да владее со вселената (Јов 2:3, 4). Исто така, ќе чувствуваш задоволство затоа што си ја послушал Јеховината срдечна молба: „Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива“ (Изр. 27:11). А кога знаеш дека го радуваш Јехова, уште повеќе се разгорува твојата желба да му служиш.

16. Како една сестра му го израдувала срцето на Јехова?

16 Една сестра што се вика Керол цврсто се држела за библиските начела кога била средношколка. Другите го забележале тоа. Што се случило? Соучениците ја исмевале Керол затоа што нејзината совест обликувана според Библијата не ѝ дозволувала да учествува во празниците и патриотските прослави. Во тие прилики понекогаш ја користела можноста да ги објасни своите верувања. Многу години подоцна, Керол добила картичка од една поранешна соученичка, во која пишувало: „Се надевав дека ќе успеам да стапам во контакт со тебе за да ти се заблагодарам. Твоето добро однесување и твојот пример како христијанка, а и твојата храброст во поглед на празниците, не поминаа незабележано. Ти беше мојот прв контакт со Јеховините сведоци“. Примерот на Керол ѝ оставил силен впечаток на нејзината соученичка, која подоцна почнала да ја проучува Библијата. Во картичката ѝ напишала на Керол дека веќе преку 40 години е Сведок! Исто како Керол, и вие, млади, кои храбро се држите за библиските начела, можете да ги поттикнете оние што ја сакаат вистината подобро да го запознаат Јехова.

Млади што го фалат Јехова

17, 18. а) Што мислиш за младите во твоето собрание? б) Каква иднина ги чека богобојазливите млади?

17 Сите ние во Јеховината организација сме пресреќни кога гледаме дека илјадници млади со сите сили му служат на Јехова! Нивната желба да му служат уште повеќе се разгорува со тоа што секој ден ја читаат Библијата, се молат и се однесуваат во склад со Божјата волја. Ваквите млади лица се извор на освежување за своите родители и за сите Јеховини слуги (Изр. 23:24, 25).

18 Во иднина, верните млади ќе бидат меѓу оние што ќе живеат во новиот свет кој го ветува Бог (Отк. 7:9, 14). Тогаш, додека стекнуваат сѐ подлабоко ценење за Јехова, ќе добијат невидени благослови и ќе можат да го фалат во сета вечност (Пс. 148:12, 13).

Можеш ли да објасниш?

• Како можат младите денес да му служат на вистинскиот Бог?

• За да ти користи она што го читаш од Библијата, зошто мора да размислуваш за прочитаното?

• Како молитвата ти помага да станеш поблизок со Јехова?

• Што се постигнува со нашето добро однесување?

[Прашања]

[Слика на страница 5]

Имаш ли навика секој ден да ја читаш Библијата?