Му дозволуваш ли на Јехова ‚да те прашува‘?
Му дозволуваш ли на Јехова ‚да те прашува‘?
ВО БИБЛИЈАТА се запишани стотици прашања што продираат до длабочината на нашето срце. Всушност, и самиот Јехова Бог користи прашања за да нѐ поучи за некои важни вистини. На пример, Јехова му поставил на Каин неколку прашања кога го предупредил дека треба да го поправи својот став, кој можел да биде погубен за него (1. Мој. 4:6, 7). Во други прилики, било доволно Јехова да постави само едно прашање за да поттикне некого да направи нешто. На пример, кога го чул Јехова како прашува: „Кого да испратам? Кој ќе оди за нас?“, пророкот Исаија веднаш рекол: „Еве ме мене, испрати ме мене“ (Иса. 6:8).
И Големиот Учител Исус многу вешто користел прашања. Во евангелијата се запишани над 280 прашања што ги поставил тој. Иако понекогаш користел прашања за да ги замолкне противниците, најчесто неговата намера била да допре до срцето на оние што го слушале и да ги поттикне да размислат за својот однос со Бог (Мат. 22:41-46; Јован 14:9, 10). Слично на него, и апостол Павле, кој напишал 14 книги од Христијанските грчки списи, мошне уверливо користел прашања (Рим. 10:13-15). На пример, неговото писмо до Римјаните содржи многу прашања. Тие ги поттикнуваат неговите читатели да ја откријат и да ја ценат ‚длабочината на Божјето богатство, мудрост и знаење‘ (Рим. 11:33).
На некои прашања се очекува да дадеме одговор, додека други се наменети да нѐ натераат длабоко да размислиме за некои работи. Од евангелијата се гледа дека Исус многу користел прашања што тераат на размислување. Во една прилика, тој ги предупредил своите ученици: „Чувајте се од квасецот на фарисеите и од квасецот Иродов“, мислејќи на нивното лицемерство и лажни учења (Мар. 8:15; Мат. 16:12). Учениците на Исус не сфатиле за што им зборува и почнале да се расправаат зошто заборавиле да донесат леб. Забележи како Исус се послужил со прашања во краткиот разговор што следел. „Исус... им рече: ‚Зошто расправате околу тоа што немате леб? Зар уште не разбирате и не сфаќате? Не може ли вашето срце да го разбере тоа? Зарем ‚очи имате, а не гледате, и уши имате, а не слушате‘?.. Зарем сѐ уште не сфаќате?‘“ Тој ги поставил овие прашања за да им помогне на своите ученици да размислат за вистинското значење на неговите зборови (Мар. 8:16-21).
„Пушти ме да те прашувам“
Јехова Бог користел прашања за да го исправи размислувањето на својот слуга Јов. Поставувајќи му голем број прашања, Јехова му помогнал на Јов да сфати колку е мал и безначаен во споредба со својот Создател (Јов, погл. 38 — 41). Дали Јехова очекувал Јов да му одговори на секое прашање? Најверојатно не. Прашањата како: „Каде беше ти кога ѝ ги поставив темелите на земјата?“, очигледно имале за цел да допрат до умот и до срцето на Јов. По сите овие длабоки прашања, Јов останал без зборови. Едноставно рекол: „Што да ти одговорам? Си ја ставам раката на устата“ (Јов 38:4; 40:4). Јов ја сфатил поентата и се понизил. Но, намерата на Јехова не била само да го научи Јов на понизност туку и да го исправи неговото размислување. Како?
Иако Јов бил „човек беспрекорен и праведен“, понекогаш од неговите зборови се гледало дека имал погрешен став за некои работи. Елиу го забележал тоа и го опоменал Јов затоа што ‚за својата душа тврдел дека е поправедна од Бог‘ (Јов 1:8; 32:2; 33:8-12). Така, со своите прашања, Јехова ги исправил и погрешните гледишта на Јов. Обраќајќи му се од еден виор, Бог му рекол: „Кој е тој што ја замрачува Божјата намера со зборови во кои нема знаење? Те молам, заврати си ги скутовите на облеката како човек и пушти ме да те прашувам, а ти поучи ме“ (Јов 38:1-3). Потоа, преку низа прашања, Јехова укажал на својата бескрајна мудрост и моќ кои се гледаат од неговите чудесни дела. Тоа му помогнало на Јов да има уште поголема доверба во начинот на кој Јехова ги проценува и ги прави работите. Какво незаборавно искуство било тоа за Јов — лично Семоќниот Бог да му поставува прашања!
Како може да му дозволиме на Јехова да нѐ прашува
А како е со нас? Може ли и нам да ни помогнат прашањата запишани во Библијата? Секако дека можат! Ако застанеме за момент и размислиме за нив, може да извлечеме голема духовна поука. Длабоките прашања се една од причините поради кои Божјата Реч има толку силно влијание врз луѓето. И навистина, „речта Божја е... делотворна... па може да ги процени мислите и намерите на срцето“ (Евр. 4:12). Но, ваквите прашања ќе ни помогнат само ако гледаме на нив како Јехова да ни ги поставува нам (Рим. 15:4). Да разгледаме некои примери.
„Зарем Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно?“ (1. Мој. 18:25). Авраам му го поставил ова реторичко прашање на Јехова пред Тој да ја изврши својата осуда над Содом и Гомор. За Авраам било незамисливо Јехова да постапи неправедно — да го погуби праведниот заедно со злиот. Од ова прашање се гледа колку цврсто бил уверен Авраам во Јеховината праведност.
Денес можеби некои се склони да си изнесуваат свои проценки во врска со осудите што Јехова ќе ги изврши во иднина, на пример, за тоа кој точно ќе го преживее Армагедон или кој ќе биде воскреснат. Наместо да дозволиме да нѐ вознемируваат такви мисли, да се сетиме на прашањето на Авраам. Ако сме свесни дека Јехова е добар небесен Татко и ако имаме апсолутна доверба во неговата правда и милост, како што имал и Авраам, нема да си ги трошиме времето и силата на непотребни грижи, на бесцелни дебати и на сомнежи што можат да ни ја ослабнат верата.
„Кој од вас може со својата загриженост да го продолжи својот животен век макар малку?“ (Мат. 6:27). Обраќајќи му се на едно големо мноштво луѓе, меѓу кои биле и неговите ученици, Исус го поставил ова прашање за да им нагласи дека треба да се потпираат на Јехова. Последните денови на овој злобен свет ни носат многу грижи, но ако постојано мислиме на нив, нема ниту да си го продолжиме ниту да си го подобриме животот.
Секојпат кога сме загрижени за нас или за нашите блиски, да се сетиме на прашањето на Исус, бидејќи тоа може да ни помогне исправно да гледаме на работите што нѐ загрижуваат. Може да ни помогне да ги отфрлиме грижите и негативните мисли што нѐ исцрпуваат ментално, емоционално и физички. Исус нѐ уверил дека нашиот небесен Татко, кој ги храни птиците на небото и ги облекува полските цвеќиња, многу добро знае што ни е потребно (Мат. 6:26-34).
„Може ли некој да стави оган во пазувите, а да не му се запали облеката?“ (Изр. 6:27). Во првите девет поглавја од книгата Изреки има неколку кратки поуки од еден татко кој сака да му помогне на својот син да биде мудар. Прашањето на почетокот од пасусот се однесува на горките последици од прељубата (Изр. 6:29). Ако се фатиме како флертуваме со некого или ни се јави некоја погрешна сексуална желба, ова прашање треба да почне да одѕвонува како силен аларм во нашиот ум. Општо земено, човек може да си го постави ова прашање секојпат кога е на искушение да направи нешто неразумно. Со него многу јасно е нагласено библиското начело: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“! (Гал. 6:7).
„Кој си ти да го осудуваш туѓиот слуга?“ (Рим. 14:4). Во своето писмо до Римјаните, Павле зборувал за проблемите што се појавиле во собранието во првиот век. Бидејќи потекнувале од различни култури, некои христијани биле склони да ги осудуваат одлуките и постапките на своите соверници. Прашањето на Павле ги потсетило дека треба да се прифатат еден со друг такви какви што се, а судот да му го препуштат на Јехова.
И денес Јеховините слуги потекнуваат од најразлични култури, но Јехова нѐ собрал и ни помага да живееме во скапоцено единство. Дали придонесуваме да се зачува тоа единство? Ако сме склони брзо да го осудиме некој брат затоа што постапува како што му налага совеста, добро е да се сетиме на прашањето што го поставил Павле.
Прашањата нѐ зближуваат со Јехова
Овие неколку примери покажуваат како прашањата запишани во Божјата Реч можат да нѐ поттикнат да се преиспитаме. Тоа што ќе го разгледаме контекстот на секое прашање може да ни помогне да ги примениме поуките во своите околности. А додека ја читаме Библијата, ќе забележиме и други корисни прашања. (Види ја рамката на 14. страница.)
Ако им дозволиме на длабоките прашања од Божјата Реч да продрат во нашето срце, тоа ќе ни помогне да размислуваме како Јехова. Откако Јехова му ги поставил сите тие прашања, Јов рекол: „Досега те знаев од слушање, но сега моето око те гледа“ (Јов 42:5). Да, Јехова му станал уште пореален на Јов, исто како да го гледал пред себе. Ученикот Јаков подоцна рекол: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јак. 4:8). Да дозволиме и ние сѐ што е во Божјата Реч, вклучувајќи ги и прашањата, да ни помогне духовно да растеме и уште појасно ‚да го гледаме‘ Јехова!
[Рамка на страница 14]
Како овие прашања можат да ти помогнат да гледаш на работите како Јехова?
▪ „Зар му се жртвите паленици и другите жртви исто толку мили на Јехова колку што му е мила послушноста на Јеховиниот глас?“ (1. Сам. 15:22)
▪ „Зар не може да види оној што го обликувал окото?“ (Пс. 94:9)
▪ „Кога се бара чест за себе, дали е тоа тогаш чест?“ (Изр. 25:27)
▪ „Зар имаш право да се лутиш?“ (Јона 4:4)
▪ „Од каква корист му е на човекот ако го добие целиот свет, а го загуби животот?“ (Мат. 16:26)
▪ „Кој ќе нѐ одвои од Христовата љубов?“ (Рим. 8:35)
▪ „Што е тоа што го имаш, а не си го примил?“ (1. Кор. 4:7)
▪ „Какво заедништво има светлината со темнината?“ (2. Кор. 6:14)
[Слика на страница 15]
Што научил Јов од прашањата што му ги поставил Јехова?