Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Браќа — сејте во духот и бидете спремни да служите!

Браќа — сејте во духот и бидете спремни да служите!

Браќа — сејте во духот и бидете спремни да служите!

„Кој сее во духот, од духот ќе пожнее вечен живот“ (ГАЛ. 6:8)

1, 2. Како се исполнува Матеј 9:37, 38, и каква потреба се наметнува во собранијата?

 ИСТОРИЈАТА се пишува пред наши очи! Делото за кое зборувал Исус Христос е во полн замав. „Жетвата е голема, а работници има малку“, рекол тој. „Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Мат. 9:37, 38). Јехова Бог одговара на ваквите молитви во досега невидени размери. Во текот на 2009 службена година, бројот на собранија на Јеховините сведоци порасна за 2.031, и сега изнесува 105.298. Во просек, преку 757 лица се крштаваа секој ден!

2 Ваквиот пораст наметнува потреба од способни браќа кои ќе предводат во поучувањето и грижата за собранијата (Еф. 4:11). Низ годините, Јехова поставувал способни мажи да се грижат за потребите на неговите овци, и уверени сме дека ќе го прави тоа и понатаму. Пророштвото запишано во Михеј 5:5 нѐ уверува дека во последните денови Јеховиниот народ ќе има „седум пастири“ и „осум кнезови“, што симболично значи дека ќе има голем број способни мажи кои ќе го предводат.

3. Објасни што значи ‚да се сее во духот‘.

3 Ако си крстен брат, што може да ти помогне да имаш желба да правиш повеќе во собранието? Клучен фактор е ‚да сееш во духот‘ (Гал. 6:8). Тоа значи дека треба да живееш на начин со кој ќе му дозволиш на Божјиот свет дух да влијае во твојот живот. Биди решен да не ‚сееш во своето тело‘. Не дозволувај удобноста, рекреацијата, забавата и слично да ти ја задушат желбата да даваш повеќе во службата за Бог. Сите христијани треба ‚да сеат во духот‘, а со текот на времето, мажите кои го прават тоа може да ги исполнат условите да имаат повеќе одговорности во собранието. Бидејќи има голема потреба од слуги-помошници и старешини, оваа статија им е упатена особено на браќата. Затоа, браќа, ве поттикнуваме да размислувате и да се молите за мислите изнесени во неа.

Труди се да ги исполниш условите за поголеми одговорности

4, 5. а) Какви одговорности во собранието треба да посакуваат крстените браќа? б) Како некој ќе покаже дека сака да служи во поголема мера во собранието?

4 Еден брат не станува надгледник автоматски. Тој мора да сака да ја врши таа „служба вредна за пофалба“ и да работи на таа цел (1. Тим. 3:1). Меѓу другото, тоа значи дека треба да им служи на соверниците така што вистински ќе се грижи за нивните потреби. (Прочитај Исаија 32:1, 2.) Оној што посакува ваква служба од исправни мотиви не е амбициозен. Напротив, тој има несебична желба да им прави добро на другите.

5 Оној што би сакал да биде слуга-помошник или да служи како надгледник, треба да се труди да ги исполни условите што се наведени во Светото писмо (1. Тим. 3:1-10, 12, 13; Тит 1:5-9). Ако си крстен Сведок, запрашај се: ‚Дали давам сѐ од себе во проповедањето, и дали им помагам и на другите да го прават тоа? Дали ги изградувам соверниците со тоа што искрено се интересирам за нивното добро? Дали сум познат по тоа дека редовно и длабоко ја проучувам Божјата Реч? Дали се трудам да ги подобрам своите коментари? Дали совесно си ги извршувам задачите што ми ги доверуваат старешините?‘ (2. Тим. 4:5). Ваквите прашања заслужуваат сериозно да размислиш за нив.

6. Кој фактор е многу важен за некој да ги исполни условите за поголеми одговорности во собранието?

6 За да можеш да вршиш поголеми одговорности во собранието, важно е и ‚да го зајакнеш својот внатрешен човек со силата што доаѓа преку Божјиот дух‘ (Еф. 3:16). Слуга-помошник или старешина во христијанското собрание не се станува по пат на избори. Единствен начин некој да биде именуван за таква служба е ако расте духовно. Како се постигнува тоа? Една работа е ‚да живееш според духот‘ и да ги развиваш неговите плодови (Гал. 5:16, 22, 23). Кога ги покажуваш духовните особини кои се потребни за да можеш да извршуваш дополнителни задачи и кога ги применуваш советите кои ти се дадени за да се подобруваш, твојот ‚напредок ќе им биде видлив на сите‘ (1. Тим. 4:15).

Потребна е самопожртвуваност

7. На што треба да е спремен оној што сака да им служи на другите?

7 За некој да им служи на другите, треба да е спремен напорно да работи и да прави жртви. Бидејќи христијанските надгледници се духовни пастири, проблемите на стадото ги засегаат и нив. Да видиме како одговорностите што ги имал како пастир влијаеле врз апостол Павле. На соверниците во Коринт им рекол: „Ви пишав поттикнат од голема грижа и мака во срцето, со многу солзи, не за да се разжалостите, туку да ја спознаете големата љубов што ја чувствувам кон вас“ (2. Кор. 2:4). Очигледно, Павле безрезервно ја вршел својата служба.

8, 9. Наведи библиски примери кои покажуваат како мажите се грижеле за потребите на другите.

8 Самопожртвуваноста отсекогаш била одлика на мажите што се грижат за доброто на Јеховините слуги. На пример, тешко ни е дури и да замислиме дека Ное би можел да им каже на своите домашни: ‚Викнете ме кога ќе ја завршите арката, па ќе дојдам‘. Мојсеј не им рекол на Израелците во Египет: ‚Одете вие. Ќе се сретнеме кај Црвеното Море. Снајдете се до таму како знаете и умеете‘. Ниту, пак, Исус Навин рекол: ‚Кажете ми кога ќе паднат ѕидовите на Ерихон‘. А Исаија не посочил некој друг: ‚Еве го него! Него испрати го!‘ (Иса. 6:8).

9 Најистакнатиот пример за човек кој дозволил Божјиот дух да биде силата што ќе го мотивира во животот е Исус Христос. Тој спремно ја прифатил задачата да му биде Откупител на човештвото (Јован 3:16). Зарем самопрегорната љубов на Исус не треба да нѐ поттикне и ние да бидеме самопожртвувани? Кога опишал што чувствува за стадото, еден долгогодишен старешина рекол: „Зборовите што Исус му ги кажал на Петар — паси ги моите овчички — ме допираат до срце. Низ годините, сфатив дека само неколку љубезни зборови или една љубезна постапка можат да охрабрат некого. Пастирската служба е нешто во што наоѓам големо задоволство“ (Јован 21:16).

10. Што може да го поттикне еден христијанин да им служи на другите по примерот на Исус?

10 Кога станува збор за Божјето стадо, крстените мажи во собранието би требало да имаат ист став како Исус, кој рекол: „Јас ќе ве закрепнам“ (Мат. 11:28). Верата во Бог и љубовта кон собранието ги поттикнуваат христијаните да се трудат да ги исполнат условите за таа служба вредна за пофалба, и да не мислат дека таа ќе бара премногу жртви или работа од нив. Но, што ако некој нема некоја посебна желба во поголема мера да му служи на собранието? Би можел ли да развие таква желба?

Развивај желба да им служиш на другите

11. Како можеш да развиваш желба да им служиш на другите?

11 Ако мислиш дека не си доволно способен за дополнителни одговорности, добро е да се молиш за свет дух (Лука 11:13). Јеховиниот дух ќе ти помогне да ги надминеш грижите што ги имаш во врска со тоа. Самата желба да им служиме на другите доаѓа од Бог, бидејќи Јеховиниот дух е тој што ги поттикнува браќата на тоа и им ја дава силата потребна за да вршат света служба (Фил. 2:13; 4:13). Затоа, добро е да го молиш Јехова да ти помогне да развиеш желба да прифатиш повеќе одговорности. (Прочитај Псалм 25:4, 5.)

12. Како може еден брат да добие доволно мудрост за да ги извршува задачите што му се доверени?

12 Бидејќи му се чини дека потребите на собранието се комплицирани и бараат многу работа, еден христијанин можеби ќе заклучи дека не би сакал дополнителни одговорности. Или можеби мисли дека не е доволно мудар за да може да се грижи за таквите одговорности. Ако така се чувствува, би можел да добие поголема мудрост со тоа што потемелно ќе ја проучува Божјата Реч и библиските публикации. Добро е да размисли: ‚Си одвојувам ли време за да ја проучувам Божјата Реч и се молам ли за мудрост?‘ Ученикот Јаков напишал: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно и без прекорување, и ќе му ја даде“ (Јак. 1:5). Веруваш ли во вистинитоста на овие зборови напишани под водство на светиот дух? Како одговор на молитвата на Соломон, Бог му дал „мудро и разумно срце“ кое му помогнало да разликува добро од зло кога решавал судски спорови (1. Цар. 3:7-14). Точно, случајот на Соломон бил исклучителен. Сепак, можеме да бидеме уверени дека Бог ќе им дава мудрост на мажите на кои им се доверени задачи во собранието за да можат добро да се грижат за неговите слуги (Изр. 2:6).

13, 14. а) Како влијаела врз Павле „Христовата љубов“? б) Како треба „Христовата љубов“ да влијае врз нас?

13 Друго нешто што ќе ни помогне да развиваме желба да им служиме на другите е длабоко да размислуваме за сѐ што Јехова и неговиот Син направиле за нас. На пример, да размислиме за зборовите од 2. Коринќаните 5:14, 15. (Прочитај.) Како „Христовата љубов нѐ тера“? Христос покажал огромна љубов кога, според Божјата волја, го дал својот живот за нас. Колку повеќе ја разбираме и сме благодарни за таа љубов толку поголемо влијание има таа врз нас. Христовата љубов го водела Павле. Таа го спречувала да постапува себично и му помагала најважно да му биде да им служи на Бог и на оние во собранието и надвор од него.

14 Кога размислуваме за љубовта што Христос ја има кон луѓето, во нас расте благодарноста. Како резултат на тоа, сфаќаме дека воопшто не е на место ‚да сееме во своето тело‘, живеејќи за да си ги задоволиме пред сѐ своите себични желби. Наместо тоа, правиме промени во животот за на прво место да го ставиме делото што Бог ни го дал. Поттикнати сме од љубов ‚да им робуваме‘ на нашите браќа. (Прочитај Галатите 5:13.) Ако себеси се сметаме за робови кои понизно работат за доброто на Јеховините верни слуги, ќе се однесуваме со нив со почит. Нема да критикуваме и да осудуваме, како што прави Сатана (Отк. 12:10).

Целото семејство е вклучено

15, 16. Каква е улогата на семејството кога мажот би сакал да служи како слуга-помошник или старешина?

15 Ако еден брат е женет и има деца, кога се одлучува дали ги исполнува условите за слуга-помошник или старешина, во предвид се зема и какво е неговото семејство. Всушност, дали тој ќе биде именуван или не ќе зависи од тоа дали неговото семејство е на добар глас и дали добро стои во духовен поглед. Ова истакнува колку е важно семејството да го поддржува мажот, односно таткото, кој би сакал да служи во собранието како слуга-помошник или старешина. (Прочитај 1. Тимотеј 3:4, 5, 12.)

16 Јехова се радува кога членовите на семејството што му служат на Бог соработуваат меѓу себе (Еф. 3:14, 15). На еден семеен поглавар му е потребна рамнотежа за да ги врши собраниските одговорности и „добро да управува“ со својот дом. Затоа, многу е важно еден старешина или слуга-помошник да ја проучува Библијата со својата жена и децата за да може седмичната Семејна вечер да биде за доброто на сите. Треба редовно да оди во служба со нив. Од друга страна, пак, многу е важно сите во семејството да го поддржуваат својот поглавар.

Би можел ли пак да служиш?

17, 18. а) Ако некој повеќе не ги исполнува условите да служи како именуван брат, што можеби ќе треба да прави? б) Каков став е добро да има еден брат кој порано служел како старешина или како слуга-помошник?

17 Можеби порано си бил старешина или слуга-помошник, но сега веќе не си. Без сомнение го сакаш Јехова, и можеш да бидеш уверен дека и тој сѐ уште се грижи за тебе (1. Пет. 5:6, 7). Дали можеби ти било кажано дека треба да смениш нешто кај себе? Спремно признај си ја грешката, труди се да се поправиш и моли го Бог да ти помогне во тоа. Не дозволувај да те обземе огорченост. Биди мудар и гледај позитивно. Еден брат кој со години служел како старешина, но подоцна ја изгубил таа задача, рекол: „Бев решен да продолжам да одам на состаноците, во служба и да ја читам Библијата исто толку редовно како и кога бев старешина — цел што беше реална. Се научив на стрпливост затоа што мислев дека повторно ќе ги добијам истите одговорности за година или две, но беа потребни речиси седум години пред да почнам пак да служам како старешина. Во тој период многу ми помогна поттикот да не се уморам туку да продолжам да се трудам“.

18 Ако и ти си во слична ситуација, не се обесхрабрувај. Размислувај за тоа како Јехова ја благословува твојата служба и твоето семејство. Изградувај го своето семејство духовно, посетувај ги болните и охрабрувај ги слабите. Пред сѐ, цени ја честа што ја имаш да го славиш Бог и да ја објавуваш добрата вест за Царството како Јеховин сведок * (Пс. 145:1, 2; Иса. 43:10-12).

Размисли повторно

19, 20. а) На што се поттикнати сите крстени браќа? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Денес, повеќе од кога и да е порано, има потреба од надгледници и слуги-помошници. Затоа, ги поттикнуваме сите крстени браќа повторно да размислат за своите околности и да се запрашаат: ‚Ако не сум слуга-помошник или старешина, дали би требало да се преиспитам зошто не сум?‘ Божјиот дух нека ви помогне исправно да гледате на оваа многу важна работа.

20 Сите членови на собранието ќе имаат корист од самопожртвуваноста на своите соверници. Кога ги правиме работите несебично и од љубов, ќе бидеме радосни затоа што им служиме на другите и затоа што сееме во духот. Но, како што ќе видиме во следната статија, не смееме да го жалостиме Божјиот свет дух. Што ќе ни помогне да не го правиме тоа?

[Фуснота]

Како ќе одговориш?

• Во што нѐ уверува пророштвото запишано во Михеј 5:5?

• Објасни што значи да се биде самопожртвуван.

• Како може еден брат да развива желба да им служи на другите?

• Колку е важна поддршката од семејството за да може еден брат да ги исполни условите да служи како слуга-помошник или старешина?

[Прашања]

[Слики на страница 25]

Што можеш да правиш за да служиш како именуван брат?