Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Вежбај ја својата моќ на согледување

Вежбај ја својата моќ на согледување

Вежбај ја својата моќ на согледување

КОЛКУ е убаво да се гледа искусен гимнастичар кој лесно изведува елегантни движења! Библијата ги поттикнува христијаните да ја вежбаат својата способност за расудување исто како што вежба еден гимнастичар.

Во писмото до Евреите, апостол Павле напишал: „Тврдата храна е за зрелите, за оние чија моќ на согледување [буквално: „сетилни органи“] преку искуство им е извежбана [како кај гимнастичар] да разликува добро и зло“ (Евр. 5:14). Зошто Павле ги советувал еврејските христијани да ја вежбаат својата способност за расудување исто како што еден искусен гимнастичар ги вежба своите мускули? Како да ја вежбаме својата моќ на согледување?

„Требаше веќе да бидете учители“

Кога објаснил каква положба има Исус како „првосвештеник сличен на Мелхиседек“, Павле напишал: „За него [Исус] имаме многу нешто да кажеме, но тоа е тешко да се објасни, бидејќи сте станале мрзливи да слушате. Зашто, иако по толку време требаше веќе да бидете учители, вас пак треба некој да ве поучува од почеток за основните свети Божји објави. Станавте такви на кои им треба млеко, а не тврда храна“ (Евр. 5:10-12).

Очигледно, некои еврејски христијани од првиот век не отишле напред во разбирањето и не напредувале духовно. На пример, им било тешко да го прифатат разјаснувањето во врска со Законот и обрежувањето (Дела 15:1, 2, 27-29; Гал. 2:11-14; 6:12, 13). На други им било тешко да ги остават традициите поврзани со држењето на седмичната сабота и годишниот Ден на очистување (Кол. 2:16, 17; Евр. 9:1-14). Затоа, Павле ги охрабрил да ја вежбаат својата моќ на согледување за да можат да разликуваат добро и зло, односно исправно и погрешно, и им рекол ‚да напредуваат кон зрелост‘ (Евр. 6:1, 2). Неговата опомена сигурно поттикнала некои да размислат како ја користат способноста за расудување и веројатно им помогнала духовно да напредуваат. А како е со нас?

Вежбај ја моќта на согледување

Како да ја вежбаме способноста за расудување за да станеме духовно зрели? „Преку искуство“, рекол Павле. Исто како гимнастичарите, кои со тренирање го вежбаат телото за да може да прави грациозни и сложени движења, и ние треба да ја вежбаме способноста за расудување да разликува исправно и погрешно.

„Најдоброто нешто што можете да го направите за својот мозок е да го вежбате“, вели Џон Рејти, вонреден професор по психијатрија на Медицинскиот факултет на Харвард. Според Џин Коен, директор на Центарот за геријатрија, здравје и хуманистички науки при Универзитетот Џорџ Вашингтон, „кога го напрегаме мозокот, мозочните клетки пуштаат нови дендрити, што води до зголемен број синапси, односно места на контакт“.

Затоа, мудро е да ја вежбаме способноста за расудување и да учиме уште повеќе за Божјата Реч. На тој начин ќе бидеме подобро опремени да ја вршиме ‚совршената Божја волја‘ (Рим. 12:1, 2).

Стекни желба за ‚тврда храна‘

Ако сакаме „да напредуваме кон зрелост“, треба да се прашаме: ‚Дали сѐ подобро ја разбирам библиската вистина? Дали другите гледаат во мене духовно зрела личност?‘ Една мајка е среќна кога го храни своето доенче со млеко и со бебешка храна. Но, замисли си колку би била загрижена ако годините минуваат, а детето сѐ уште не јаде тврда храна. Слично на тоа, се радуваме кога гледаме како некој со кого ја проучуваме Библијата напредува и донесува одлука да му го заветува својот живот на Јехова и да се крсти. Но, што ако тоа лице потоа не напредува духовно? Зар не би се разочарале? (1. Кор. 3:1-4). Учителот се надева дека во свое време и новиот ученик ќе стане учител.

За да ја користиме својата моќ на согледување треба да размислуваме, а тоа бара напор (Пс. 1:1-3). Не смееме да дозволиме некои работи што ни го одвлекуваат вниманието — како што е телевизијата или хобијата, за кои не треба да се вложи голем умствен напор — да нѐ спречат да размислуваме за важни работи. За да ја развиеме нашата способност за расудување, неопходно е да ја стекнеме и задоволуваме желбата да ја проучуваме Библијата и публикациите што ги издава „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45-47). Освен што редовно ќе ја читаме Библијата, важно е да си одвојуваме време за Семејната вечер и за длабоко истражување на различни библиски теми.

Херонимо, патувачки надгледник во Мексико, вели дека го проучува секое издание на Стражарска кула веднаш штом ќе го добие. Исто така, одвојува време да проучува со жена си. Тој вели: „Како брачна двојка имаме обичај заедно да ја читаме Библијата секој ден, и притоа ја користиме брошурата ‚Добрата земја‘“. Еден христијанин по име Роналд спомнува дека секогаш е во чекор со собраниското читање на Библијата. Освен тоа, има еден или два подолги проекти за лично проучување. „Кога ќе помислам на нив, едвај чекам да проучувам пак“, вели Роналд.

Како е со нас? Дали одвојуваме доволно време за да ја проучуваме Библијата и да размислуваме за неа? Дали ја вежбаме нашата способност за расудување и дали учиме да донесуваме одлуки во склад со библиските начела? (Изр. 2:1-7). Да си поставиме за цел да бидеме духовно зрели лица, благословени со знаењето и мудроста што ги имаат оние кои ја извежбале својата моќ на согледување да разликува исправно и погрешно!

[Слика на страница 23]

Ја вежбаме нашата способност за расудување „преку искуство“