Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Мажи, дали сте подложни на Христовото поглаварство?

Мажи, дали сте подложни на Христовото поглаварство?

Мажи, дали сте подложни на Христовото поглаварство?

„Глава на секој маж е Христос“ (1. КОР. 11:3)

1. Што ни покажува дека Јехова е Бог на редот?

 „ДОСТОЕН СИ, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта“, пишува во Откровение 4:11, „бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено.“ Како Творец на сѐ, Јехова Бог е Севишниот Владетел на целата вселена и возвишен е над сите свои творби. Освен тоа, од начинот на кој го организирал своето семејство од ангели се гледа дека тој „не е Бог на нередот, туку на мирот“ (1. Кор. 14:33; Иса. 6:1-3; Евр. 12:22, 23).

2, 3. а) Која е првата творба на Јехова? б) Каква положба има првородениот Син во однос на својот Татко?

2 Пред да биде создадено што и да било, Бог постоел сам неброени години. Првата творба што ја создал била духовниот син познат како „Речта“, кој служел како Гласноговорник на Јехова. Преку Речта било создадено сѐ друго. Подоцна, тој дошол на Земјата како совршен човек и станал познат како Исус Христос. (Прочитај Јован 1:1-3, 14.)

3 Што ни кажува Светото писмо за положбата која ја има првородениот Син во однос на Бог? Под водство на светиот дух, апостол Павле напишал: „Сакам да знаете дека глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог“ (1. Кор. 11:3). Значи, глава на Христос е неговиот Татко. Поглаварството и подложноста се неопходни за да владее ред и мир меѓу суштествата обдарени со разум. Дури и оној ‚преку кого е создадено сѐ‘ мора да му биде подложен на Бог како на свој поглавар (Кол. 1:16).

4, 5. Како гледал Исус на положбата што ја имал во однос на Јехова?

4 Како гледал Исус на тоа што требало да му биде подложен на Јехова и да дојде на Земјата? Библијата вели: „Христос Исус... иако беше во Божји облик, не помислуваше да се граба — да биде еднаков со Бог. Напротив, се одрече од самиот себе и зеде облик на роб и стана сличен на луѓето. Освен тоа, кога по облик стана човек, се понизи и стана послушен сѐ до смртта, и тоа смрт на маченички столб“ (Фил. 2:5-8).

5 Исус секогаш понизно се подложувал на волјата на својот Татко. Тој рекол: „Јас не можам ништо да правам сам од себе... мојот суд е праведен, зашто не ја барам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати“ (Јован 5:30). „Јас секогаш го правам она што [на мојот Татко] му е по волја“, изјавил тој (Јован 8:29). При крајот на неговиот живот на Земјата, во една молитва му рекол на својот Татко: „Јас те прославив тебе на земјата, довршувајќи го делото што ми го даде да го извршам“ (Јован 17:4). Очигледно, на Исус не му било тешко да признае и да прифати дека Бог му е поглавар.

Подложноста кон Таткото е благослов за Синот

6. Какви прекрасни особини покажувал Исус?

6 Кога бил на Земјата, Исус покажал многу убави особини. Една од нив била големата љубов кон својот Татко. „Го сакам Таткото“, рекол тој (Јован 14:31). Покажал голема љубов и кон луѓето. (Прочитај Матеј 22:35-40.) Исус бил љубезен и обѕирен, а не груб и горделив. „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам“, рекол тој. „Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души! Зашто, мојот јарем е пријатен и мојот товар е лесен“ (Мат. 11:28-30). Кротките лица, без разлика на нивната возраст, а особено оние што биле угнетени и обесправени, нашле голема утеха во прекрасните особини на Исус и во неговата охрабрувачка порака.

7, 8. Според Законот, како се гледало на жената што страдала од крвавење? Како постапил Исус со неа?

7 Да видиме и како постапувал Исус со жените. Низ историјата, голем број мажи се однесувале многу лошо со жените. Такви биле и верските водачи во древниот Израел. Но, Исус покажувал почит кон жените. Ова многу јасно се гледа од начинот на кој постапил со една жена која 12 години страдала од крвавење. Таа ‚претрпела големи маки‘ од многу лекари и потрошила сѐ што имала за да оздрави. Но, и покрај сите напори, ‚ѝ било уште полошо‘. Според Законот, била сметана за нечиста, а и секој што ќе ја допрел станувал нечист (3. Мој. 15:19, 25).

8 Кога оваа жена чула дека Исус ги лекува болните, му се приближила одзади во мноштвото што се насобрало околу него, мислејќи си: „Ако ја допрам само неговата облека, ќе оздравам“. Кога го допрела, веднаш оздравела. Исус знаел дека не требало да му ја допре облеката. Но, не ја прекорил. Напротив, бил љубезен со неа. Сфатил колку мора да ѝ било тешко сите тие години додека била болна и му било јасно дека очајно барала помош. Затоа, сочувствително ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава“ (Мар. 5:25-34).

9. Што рекол Исус кога неговите ученици се обиделе да ги спречат децата да доаѓаат кај него?

9 Дури и децата биле слободни со Исус. Во една прилика, кога луѓето му доведувале деца, неговите ученици почнале да ги прекоруваат, најверојатно мислејќи дека тој не би сакал да си го троши времето со децата. Но, Исус не мислел така. Во Библијата читаме: „Кога го виде тоа, Исус се налути и им рече [на учениците]: ‚Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене. Не забранувајте им, зашто на таквите им припаѓа Божјето царство‘“. А потоа ‚ги зел децата во прегратка и ги благословувал, положувајќи ги рацете врз нив‘. Исус не само што можел да ги трпи децата туку му било и убаво со нив (Мар. 10:13-16).

10. Како Исус ги стекнал особините што ги покажувал?

10 Како Исус ги стекнал особините што ги покажувал додека бил на Земјата? Пред да стане човек, тој неброени векови го набљудувал својот небесен Татко и го усвоил неговиот начин на размислување и постапување. (Прочитај Изреки 8:22, 23, 30.) На небото, гледал како Јехова со љубов го спроведува своето поглаварство над сите свои творби и почнал и самиот да постапува така. Дали Исус ќе можел да го направи тоа ако не бил подложен? За него било задоволство да му биде подложен на својот Татко, а Јехова се радувал што има таков Син. Кога бил на Земјата, Исус совршено ги покажувал прекрасните особини на својот небесен Татко. Ние навистина имаме огромна чест да му бидеме подложни на Христос, Царот кого Бог го поставил над своето небесно Царство!

Да ги покажуваме Христовите особини

11. а) Чиј пример треба да се трудиме да го следиме? б) Зошто особено мажите во собранието треба да се трудат да го следат примерот на Исус?

11 Сите во христијанското собрание, а особено мажите, треба постојано да се трудат да ги покажуваат Христовите особини. Како што веќе беше спомнато, Библијата вели: „Глава на секој маж е Христос“. Исто како што Христос го следел примерот на својот Поглавар, вистинскиот Бог, така и христијанските мажи треба да се трудат да го следат примерот на оној што ним им е поглавар — Христос. Кога станал христијанин, апостол Павле го направил токму тоа. Тој ги поттикнал сохристијаните: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христос“ (1. Кор. 11:1). А апостол Петар рекол: „На тоа сте и повикани, бидејќи и Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. Пет. 2:21). Советот да се угледаат на Христос е особено важен за мажите и од една друга причина. Мажите се тие што можат да станат старешини и слуги-помошници. Како што на Исус му причинувало радост да го следи примерот на Јехова, така и на христијанските мажи треба да им причинува радост да го следат примерот на Христос и да ги покажуваат неговите особини.

12, 13. Како треба старешините да постапуваат со овците што им се доверени?

12 Старешините во христијанското собрание се должни да научат да бидат како Христос. На старешините, Петар им го дал овој совет: „Пасете го Божјето стадо кое ви е доверено — не со сила, туку доброволно; не поради нечесна добивка, туку горливо; не како да господарите над оние што се Божја сопственост, туку бидете му пример на стадото“ (1. Пет. 5:1-3). Христијанските старешини не треба да се однесуваат надмено, да ги угнетуваат другите, да ја наметнуваат својата волја или да бидат груби. Следејќи го примерот на Христос, тие треба да се трудат да бидат љубезни, обѕирни, понизни и срдечни со овците што им се доверени.

13 Оние што предводат во собранието се несовршени, и постојано мора да бидат свесни за тоа (Рим. 3:23). Од таа причина, мораат спремно да учат за Исус и да покажуваат љубов како што покажувал тој. Треба длабоко да размислуваат за начинот на кој Бог и Христос постапуваат со луѓето и да се трудат да го следат нивниот пример. Петар нѐ поттикнува: „Сите вие, во меѓусебното однесување, опашајте се со понизност, бидејќи Бог им се спротивставува на вообразените, а им укажува незаслужена доброта на понизните“ (1. Пет. 5:5).

14. Каква почит треба да им искажуваат старешините на другите?

14 Именуваните мажи во собранието треба да покажуваат убави особини во постапките со овците од Божјето стадо. Во Римјаните 12:10 се вели: „Со братска љубов сакајте се срдечно еден со друг. Предводете во искажувањето почит еден кон друг“. Старешините и слугите-помошници покажуваат почит кон другите. Овие мажи, како и сите други христијани, ‚не треба да прават ништо од честољубие, ниту од суета, туку од понизност да ги сметаат другите за поголеми од себе‘ (Фил. 2:3). Од оние што предводат се очекува да гледаат на другите како на поголеми од себе. Така именуваните мажи ќе покажат дека го следат советот на Павле: „Ние силните мораме да ги носиме слабостите на оние што не се силни, а не да си угодуваме себеси. Секој од нас нека му угодува на својот ближен во она што е добро за изградување. Зашто, ниту Христос не си угодуваше себеси“ (Рим. 15:1-3).

‚Почитувајте ги жените‘

15. Како треба мажите да се однесуваат со своите жени?

15 Да го разгледаме сега советот што Петар им го дал на оженетите мажи. Тој напишал: „Вие, мажи, живејте со своите жени во склад со она што сте го научиле, почитувајќи ги како послаби садови“ (1. Пет. 3:7). Да почитуваш некого значи да го цениш тој човек. Затоа ќе ги земеш во обѕир неговото мислење, потреби и желби, и може да оставиш да биде по негово, освен ако нема некоја многу важна причина да не биде така. На ваков начин треба да се однесува еден маж со својата жена.

16. Какво предупредување им дава Божјата Реч на мажите во врска со покажувањето почит кон жените?

16 Кога им вели на мажите да ги почитуваат своите жени, Петар додава и едно предупредување: „Во спротивно, вашите молитви ќе наидат на препрека“ (1. Пет. 3:7). Овие зборови јасно покажуваат колку сериозно гледа Јехова на тоа како еден маж се однесува со својата жена. Ако не ја почитува, Јехова нема да ги слуша неговите молитви. Освен тоа, зарем не е вистина дека жените, општо земено, подобро реагираат кога нивните мажи им покажуваат дека ги почитуваат?

17. Колку треба еден маж да ја сака својата жена?

17 Во врска со тоа дека мажот треба да ја сака својата жена, во Божјата Реч е даден следниов совет: „Мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела... Зашто, никој не го мрази своето тело, туку го храни и го негува, како и Христос собранието... така и секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе“ (Еф. 5:28, 29, 33). Колку треба еден маж да ја сака својата жена? Павле напишал: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Еф. 5:25). Да, мажот треба да биде спремен дури и да го даде животот за својата жена, исто како што Христос го дал за другите. Кога еден христијанин е нежен, сочувствителен, внимателен и несебичен со својата жена, нејзе ѝ е полесно да му биде подложна како на свој поглавар.

18. Што ќе им помогне на мажите да си ги исполнуваат одговорностите што ги имаат во бракот?

18 Дали е премногу да се очекува од мажите да им искажуваат ваква почит на своите жени? Не, Јехова никогаш не би барал од нив нешто што е над нивните можности. Освен тоа, на слугите на Јехова им е достапна најмоќната сила во вселената — Божјиот свет дух. Исус рекол: „Ако вие, иако сте зли, знаете да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа!“ (Лука 11:13). Во своите молитви, мажите можат да го молат Јехова со својот свет дух да им помогне во односите со другите, меѓу кои се и нивните жени. (Прочитај Дела 5:32.)

19. Што ќе разгледаме во следната статија?

19 Мажите навистина имаат голема одговорност да научат да му бидат подложни на Христос и да бидат поглавари каков што е тој. Но, како е со жените, особено со оние што се во брак? Во следната статија ќе биде разгледано како треба тие да гледаат на улогата што Јехова им ја дал во семејството.

Се сеќаваш ли?

• Кои особини на Исус треба да ги развиваме?

• Како треба старешините да постапуваат со овците?

• Како треба еден маж да се однесува со својата жена?

[Прашања]

[Слики на страница 10]

Угледај се на Исус така што ќе покажуваш почит кон другите