Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Остани духовно јак додека се грижиш за болен во семејството

Остани духовно јак додека се грижиш за болен во семејството

Остани духовно јак додека се грижиш за болен во семејството

ОТКАКО бил пронајден тумор во ’рбетот на Ким, која е Јеховин сведок, се утврдило дека има рак. * „Штом туморот беше отстранет по хируршки пат“, вели нејзиниот сопруг Стив, „Ким мораше да оди на зрачење и на хемотерапија. Како последица од терапијата, многу се исцрпи. Едвај можеше да се движи.“

Можеш ли да си замислиш колку му било тешко на Стив додека гледал како неговата мила сопруга се бори со таа тешка болест? Можеби и ти имаш некој близок член од семејството што боледува од дегенеративна болест или страда од последиците на староста (Проп. 12:1-7). Ако е така, и самиот знаеш дека, за да можеш добро да го негуваш својот близок, мора да се грижиш и за себе. Ако ослабнеш духовно, може да се наруши и твоето емоционално и физичко здравје и нема да бидеш во состојба да му ја дадеш потребната помош. Како да задржиш духовна рамнотежа додека се грижиш за болен или остарен член од семејството? Што можат да направат другите од собранието за да покажат обѕир кон таквите болни?

Како да задржиш рамнотежа?

За да задржиш духовна рамнотежа и добро физичко здравје, треба да си приспособлив и мудро да ги користиш времето и силите што ги имаш додека се грижиш за болниот. Во Изреки 11:2 пишува: „Мудроста е кај скромните“. Во овој контекст, зборот ‚скромен‘ значи да се биде свесен за своите ограничувања. За да не се случи да се преоптовариш, можеби ќе треба да го преиспиташ распоредот и одговорностите што ги имаш.

Стив постапил мудро и скромно со тоа што одмерил колку обврски има. Освен што одел на работа, тој служел и како координатор на старешинството и како надгледник за служба во локалното собрание на Јеховините сведоци во Ирска. Исто така, бил член и на Одборот за контактирање со болници во неговото место. „Ким никогаш не се жалеше дека ја запоставувам со тоа што им посветував преголемо внимание на тие одговорности“, вели Стив. „Но, сфатив дека претерав.“ Што направил во врска со тоа? „Откако размислував во молитва“, вели тој, „одлучив да не служам повеќе како координатор во собранието. Продолжив да служам како старешина, но со тоа што и на други им префрлив некои од собраниските одговорности, можев да ѝ ги посветам на Ким времето и вниманието што ѝ беа потребни“.

Со текот на времето, здравствената состојба на Ким се подобрила. Откако одново размислиле за нивната ситуација, со поддршка од Ким, Стив повторно почнал да ги извршува своите поранешни задачи во собранието. „Двајцата научивме да правиме сѐ што можеме во границите што ни ги наметна болеста“, објаснува Стив. „Многу сум му благодарен на Јехова за помошта, како и на жена ми за поддршката што ми ја дава без да се жали, и покрај тоа што има слабо здравје.“

Размисли и за Џери и Марија, кои се во патувачка служба. Тие требало да ги променат целите што си ги поставиле за да можат да се грижат за своите остарени родители. „И маж ми и јас имавме цел да служиме како мисионери во друга земја“, вели Марија. „Но, Џери нема браќа и сестри, а на неговите родители им беше потребна нега. Затоа решивме да останеме во Ирска за да се грижиме за нив. Така можевме цело време да бидеме покрај татко му на Џери кој лежеше во болница пред да умре. Сега секојдневно сме во контакт со мајка му и живееме блиску до неа за да сме тука ако ѝ затреба нешто. Собранието во кое оди таа многу ни помага, па затоа можеме да останеме во патувачката служба.“

Како можат да помогнат другите

Кога зборувал за тоа каква материјална помош да им се дава на остарените вдовици во собранието, апостол Павле напишал: „Ако некој не се грижи за своите, а посебно за домашните, се одрекол од верата и полош е од неверник“. Павле ги потсетил сохристијаните дека, за да може нивните дела да бидат ‚прифатливи за Бог‘, мора материјално да се грижат за своите остарени родители, баби и дедовци (1. Тим. 5:4, 8). Меѓутоа, и другите од собранието можат и треба да помогнат.

Да видиме што имаат да кажат Хокан и Ингер, постара брачна двојка од Шведска. „Кога на жена ми ѝ открија рак“, вели Хокан, „двајцата бевме во шок. Ингер отсекогаш беше здрава и цврста. Но, оттогаш секој ден требаше да одиме во болница, а терапијата многу ја исцрпуваше. Во тој период Ингер остануваше дома, а требаше да останам и јас за да ја негувам“. Како им помогнало собранието?

Старешините им овозможиле на Хокан и на Ингер да ги слушаат христијанските состаноци преку телефон. Освен тоа, браќата и сестрите често ги посетувале и им се јавувале. Им испраќале писма и картички. „Ја чувствувавме поддршката од сите браќа, како и Јеховината помош“, вели Хокан. „Ваквото внимание беше многу важно за да останеме духовно јаки. Среќни сме што Ингер закрепна и повторно можеме да одиме на состаноците во Салата на Царството.“ Кога членовите на собранието даваат сѐ од себе за да им помогнат на болните и остарените меѓу нив, стануваат ‚вистински пријатели што сакаат во секое време, и браќа во неволја‘ (Изр. 17:17).

Јехова го цени твојот труд

Сигурно е многу напорно да се грижиш за болен член од семејството. Сепак, цар Давид напишал: „Среќен е оној што постапува обѕирно со бедниот“, како што е оној на кого му треба помош затоа што е болен (Пс. 41:1).

Зошто можат да бидат среќни оние што се грижат за болните? „Кој е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова, и Тој ќе му плати за неговите дела“, пишува во Изреки 19:17. Вистинскиот Бог е особено заинтересиран за своите верни слуги што се болни, и го благословува оној што им помага. Псалмистот Давид во песна рекол: „Јехова ќе го поткрепи [таквиот] кога ќе лежи болен в постела. Ќе се грижиш за него додека е болен“ (Пс. 41:3). Можеме да бидеме уверени дека, ако оној што со љубов се грижи за болниот и самиот доживува неволји, Јехова ќе му помогне.

Колку е убаво кога ќе помислиме дека Јехова Бог го забележува и го цени она што го правиме во грижата за болниот член од семејството! Иако не ни е лесно да му помагаме на болниот, Светото писмо нѐ уверува дека „со таквите жртви му се угодува на Бог“ (Евр. 13:16).

[Фуснота]

^ пас. 2 Имињата се сменети.

[Слики на страница 18]

Задржи духовна рамнотежа и прифати ја помошта од другите