Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Раното христијанство и римските богови

Раното христијанство и римските богови

Раното христијанство и римските богови

ВО ЕДНО писмо до римскиот император Трајан, Плиниј Помладиот, управител на Витинија, напишал: „Вака постапував со оние што беа обвинети дека се христијани: прво ги прашував дали се христијани, а ако признаеја дека се, ги прашував по втор и по трет пат, заканувајќи им се со казна. Ако останеа на своето, наредував да ги погубат“. Во врска со оние, пак, што ќе порекнеле дека се христијани на тој начин што ќе го проколнеле Христос и ќе се поклонеле пред статуата на императорот и пред киповите на боговите кои Плиниј ги имал поставено во судницата, напишал: „Сметав дека е праведно да ги пуштам“.

Првите христијани биле прогонувани затоа што одбивале да го обожаваат императорот и да се поклонуваат пред киповите на различни богови. А како било со припадниците на другите религии во Римското Царство? Какви богови имале тие, и како гледале Римјаните на нив? Зошто христијаните биле прогонувани поради тоа што не сакале да им принесуваат жртви на римските богови? Одговорот на овие прашања ќе ни помогне да знаеме што да правиме кога и нам денес на сличен начин ќе ни биде испитана лојалноста кон Јехова.

Религиите во Царството

Во Римското Царство се обожавале најразлични богови, исто како што имало и најразлични јазици и култури. Колку и да им изгледал чуден јудаизмот, Римјаните го сметале за религио ликита, односно за призната религија заштитена со законот. Двапати на ден во храмот во Ерусалим се жртвувале по две јагниња и едно говедо за цезарот и за римскиот народ. На Римјаните не им било важно дали овие жртви ќе одоброволат еден бог или повеќе богови. Ним им било важно што со тој гест Евреите ја покажувале својата лојалност кон Рим.

Во локалните култови, паганството било застапено во најразлични облици. Нашироко прифатена била и грчката митологија, а гатањето било нешто сосема вообичаено. Таканаречените мистични религии од Истокот им ветувале на верниците бесмртност, директни божествени објави и пристап до боговите преку мистични обреди. Овие религии се рашириле низ целото царство. Во првите векови од нашата ера, многу популарни биле култовите на египетските божества Серапис и Изида, култот на сириската божица-риба Атаргатис и култот на персискиот бог на сонцето Митра.

Во библиската книга Дела, многу јасно е опишана паганската атмосфера што го опкружувала раното христијанство. На пример, римскиот проконзул на Кипар се дружел со еден еврејски гаталец (Дела 13:6, 7). Во Листра, мештаните погрешно заклучиле дека Павле и Варнава се грчките богови Хермес и Зевс (Дела 14:11-13). Кога бил во Филипи, Павле сретнал една слугинка која гатала (Дела 16:16-18). Во Атина, пак, забележал дека жителите ‚се некако попобожни од другите‘. Во тој град видел и еден жртвеник со натпис: „На непознатиот Бог“ (Дела 17:22, 23). Жителите на Ефес ја обожавале божицата Артемида (Дела 19:1, 23, 24, 34). На островот Малта, луѓето мислеле дека Павле е бог затоа што не му се случило ништо лошо кога го каснала змија отровница (Дела 28:3-6). Во такви услови, христијаните морале да се чуваат од разни влијанија кои би можеле да го извалкаат обожавањето на вистинскиот Бог.

Религијата на Римјаните

Како што се ширело нивното царство, Римјаните прифаќале нови божества, верувајќи дека се истите богови што веќе ги знаеле, само во друг облик. Наместо да ги отстранат туѓите култови, римските освојувачи ги прифаќале и ги усвојувале. Така, религијата на Римјаните станала разновидна како и населението во неа. Не се барало да се обожава само еден бог. Луѓето можеле да си обожаваат неколку различни богови одеднаш.

Врховен бог на Римјаните бил Јупитер, наречен и Оптимус Максимус, што значи најдобар и најголем. За него се верувало дека се појавува во облик на ветар, дожд, молња и гром. За Јунона — сестра и жена на Јупитер — која честопати ја поврзувале со месечината, се верувало дека ги набљудува сите аспекти од животот на жените. Нејзината ќерка Минерва била божица на сите занаети и професии, на уметноста и на војната.

Римјаните обожавале безброј божества. Ларите и пенатите биле семејни богови. Веста била божица на огништето. Јанус, богот со две лица, бил бог на почетоците. Секој занает си имал свој бог-заштитник. Римјаните имале богови дури и за апстрактните работи. Божицата Пакс го чувала мирот, Салус го чувала здравјето, Пудициција била божица на скромноста и срамежливоста, Фидес била персонификација на верноста, Виртус бил бог на храброста, а Волупија била божица на уживањата. Се верувало дека сѐ што се случувало во римскиот јавен и приватен живот е волја на боговите. Затоа, за да имаат успех во некој потфат, луѓето морале да го смилостиват богот поврзан со таа работа преку ритуални молитви, жртви и прослави.

Еден начин на кој можела да се дознае одлуката на божествата било гледањето на знаци. Тоа најчесто се правело со читање на внатрешните органи на жртвуваните животни. Се верувало дека состојбата и изгледот на органите покажувале дали боговите одобруваат некој потфат или не.

Кон крајот на вториот век пр.н.е., Римјаните почнале да ги поистоветуваат своите главни божества со божествата од грчкиот пантеон — Јупитер со Зевс, Јунона со Хера и така натаму. Заедно со грчките богови, ја прифатиле и грчката митологија. Во овие легенди, боговите, кои ги имале истите маани и ограничувања како луѓето, не биле прикажани во најубаво светло. На пример, Зевс бил прикажан како силувач и педофил кој имал полови односи со смртници и со наводни бесмртници. Бесрамното однесување на боговите — честопати поздравено со бурен аплауз во античките театри — им давало слобода и на нивните поклоници да живеат развратно.

Веројатно само малкумина образовани луѓе ги сфатиле легендите дословно. Некои ги толкувале како алегории. Можеби затоа Понтиј Пилат прашал: „Што е вистина?“ (Јован 18:38). Се вели дека неговото прашање е одраз на „распространетото мислење на образованите мажи дека е невозможно да се знае апсолутната вистина за нешто“.

Обожавање на императорот

Со владеењето на Август (од 27 пр.н.е. до 14 год. од н.е.) било воведено и обожавањето на императорот. Особено во источните провинции во кои се зборувало грчки, мнозина од срце му биле благодарни на цезарот Август, кој донел благосостојба и мир по еден долг период исполнет со војни. Луѓето сакале да ги штити некој што можеле да го видат. Сакале институција која ќе ги надмине верските разлики, ќе го разгори патриотизмот и ќе го обедини светот под еден „спасител“. Како резултат на тоа, почнале да го обожаваат императорот како бог.

Иако додека бил жив Август не дозволувал другите да го нарекуваат бог, барал да биде обожавана божицата Рома Деа, персонификацијата на Рим. Август бил прогласен за бог по неговата смрт. На тој начин, локалните верски чувства и патриотизмот во провинциите биле насочени и кон центарот на империјата и кон нејзините владетели. Овој нов вид на обожавање — обожавање на императорот — кое набрзо се раширило во сите провинции, станало начин на кој се искажувала почит и лојалност кон државата.

Домицијан, кој владеел од 81 до 96 год. од н.е., бил првиот римски владетел кој барал да биде обожаван како бог. Во негово време, Римјаните веќе правеле разлика помеѓу христијаните и Евреите и се противеле на она што го сметале за нов култ. Најверојатно за време на владеењето на Домицијан апостол Јован бил протеран на островот Патмос затоа што ‚сведочел за Исус‘ (Отк. 1:9).

Додека бил на Патмос, Јован ја напишал книгата Откровение. Тој го спомнува Антипа, христијанин убиен во Пергам, кој бил важен центар на обожавањето на императорот (Отк. 2:12, 13). Најверојатно во тоа време законот веќе налагал христијаните да учествуваат во ритуалите на државната религија. Без разлика дали било така или не, во 112 год. од н.е., како што покажува писмото до Трајан спомнато во почетокот од оваа статија, Плиниј барал христијаните во Витинија да ги прават тие ритуали.

Трајан го пофалил Плиниј за начинот на кој ги решавал случаите што се изнесувале пред него и наредил да бидат погубени сите христијани кои ќе одбијат да ги обожаваат римските богови. „Меѓутоа“, напишал Трајан, „кога некој ќе одрече дека е христијанин и јасно го покажува тоа така што ги повикува нашите богови, нека му биде простено откако ќе се покае (и покрај сите претходни сомневања)“.

За Римјаните било несфатливо некоја религија да бара од своите верници да обожаваат само еден бог. Римските богови не барале такво нешто, па зошто би барал Богот на христијаните? Се сметало дека обожавањето на државните божества едноставно било показател за признавање на политичкиот систем. Затоа, кога некој одбивал да ги обожава, бил сметан за предавник. Како што увидел и Плиниј, никаква сила не можела да ги натера повеќето христијани да попуштат. За нив, таквиот чин би значел нелојалност кон Јехова, и затоа голем број од првите христијани попрво би умреле отколку да учествуваат во идолопоклоничкото обожавање на императорот.

Зошто ова треба да нѐ интересира нас денес? Во некои земји, од граѓаните се очекува да им оддаваат чест на државните симболи. Се разбира, како христијани ние го почитуваме авторитетот на световните власти (Рим. 13:1). Но, кога станува збор за свечености во кои е вклучено државното знаме, ние го почитуваме барањето на Јехова Бог да му бидеме оддадени само нему и послушни сме на советот во неговата Реч ‚да бегаме од идолопоклонство‘ и ‚да се чуваме од идоли‘ (1. Кор. 10:14; 1. Јов. 5:21; Наум 1:2). Исус рекол: „Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му“ (Лука 4:8). Затоа, да му останеме лојални на Богот кому му служиме.

[Истакната мисла на страница 5]

Вистинските христијани му се оддадени само на Јехова

[Слики на страница 3]

Првите христијани одбивале да го обожаваат императорот или киповите на боговите

Императорот Домицијан

Зевс

[Извори на слики]

Императорот Домицијан: Todd Bolen/Bible Places.com; Зевс: фотографија на Todd Bolen/Bible Places.com, сликана во Археолошкиот музеј во Истанбул

[Слика на страница 4]

Христијаните во Ефес одбиле да ја обожаваат божицата Артемида (Дела 19:23-41)