Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Всадувај во своите деца љубов кон читањето и проучувањето

Всадувај во своите деца љубов кон читањето и проучувањето

Всадувај во своите деца љубов кон читањето и проучувањето

КАКО би можел еден родител да им помогне на своите деца да имаат убава иднина? Една од најважните работи е да ги научи да читаат и да проучуваат. Ова може да биде извор на голема радост! На некои луѓе, моментите кога нивните родители им читале додека биле мали им се меѓу најдрагите спомени од детството. Освен што може да биде пријатно, читањето може да донесе и добри резултати. Ова особено важи за Божјите слуги, чија духовна зрелост во голема мера зависи од проучувањето на Библијата. Еден татко, кој е христијанин, рекол: „Работите што најмногу ни значат се поврзани со читањето и проучувањето“.

Ако твоите деца стекнат добра навика да проучуваат, тоа ќе им помогне да станат поблиски со Бог (Пс. 1:1-3, 6). Иако способноста за читање сама по себе не е услов за спасение, Библијата покажува дека таа може да ни донесе многу користи. На пример, Откровение 1:3 вели: „Среќен е оној што чита и оние што ги слушаат зборовите на ова пророштво“. Освен тоа, кога проучуваме, многу е важно и да сме сконцентрирани на она што го читаме, а тоа јасно се гледа од советот што апостол Павле му го дал на Тимотеј: „Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа“. Зошто? „За твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тим. 4:15).

Се разбира, самото тоа што некој знае да чита и да проучува не е гаранција дека ќе извлече корист од тие вештини. Мнозина ги запоставуваат читањето и проучувањето, и се посветуваат на помалку важни активности. Како би можеле родителите да всадат желба кај своите деца да црпат знаење што ќе им користи во животот?

Поучувај со љубов и со пример

Децата ќе научат да уживаат во проучувањето ако родителите ги поучуваат со љубов. Овен и Клаудија, брачен пар христијани, го велат следново во врска со своите деца: „Едвај чекаа да проучуваме бидејќи за нив тоа беше посебна прилика — се чувствуваа заштитено и пријатно. Тоа за нив беше време на топла семејна атмосфера“. Дури и кога децата навлегуваат во тинејџерски години — период што обично носи многу предизвици — семејното проучување во атмосфера полна со љубов и понатаму ќе влијае врз нивните ставови и чувства. Синот и ќерката на Овен и Клаудија сега се пионери, а љубовта што родителите им ја всадиле кон читањето и проучувањето сѐ уште многу им помага во животот.

Друго нешто кое може многу да им помогне на децата е родителскиот пример. Децата што често ги гледаат родителите како читаат и проучуваат поверојатно ќе ги сметаат овие активности за нормален дел и од својот живот. Но, како би можел ти, како родител, да им бидеш добар пример иако самиот не си многу по читањето? Можеби ќе треба да го смениш својот став кон читањето или, пак, да направиш промени за да ги ставиш поважните работи на прво место (Рим. 2:21). Ако читањето стане важен дел од твоето секојдневие, тоа сигурно ќе влијае длабоко и врз твоите деца. Доколку трудољубиво ја читаш Библијата, се подготвуваш за состаноците и проучуваш со семејството, јасно ќе им покажеш колку е важно сето тоа.

Значи, твојата љубов и добар пример се неопходни за да всадиш кај своите деца желба да читаат. Но, кои конкретни чекори можеш да ги преземеш за да ги поттикнеш да го прават тоа?

Помогни им на децата да го засакаат читањето

Кои се некои важни работи со кои ќе му помогнеш на своето дете да го засака читањето? Уште од мало нека биде опкружено со книги. Еден христијански старешина, чии родители му всадиле љубов кон читањето, препорачува: „Добро е децата да се навикнуваат да држат книги во рацете. Така книгите ќе станат нивни пријатели и дел од нивниот живот“. Библиските публикации, како што се Учи од Големиот Учител и Мојата книга со библиски приказни, им станале блиски пријатели на многу деца долго пред да научат да читаат. Кога читаш вакви публикации со своите деца, не само што им го збогатуваш речникот туку ги учиш и на ‚духовни работи‘ и „духовни зборови“ (1. Кор. 2:13).

Читај им наглас секој ден. Стекни навика секојдневно да читаш со своите деца. Тоа ќе им помогне точно да ги изговараат зборовите и ќе ги поттикне и самите да читаат. Важен е и начинот на кој им читаш. Ако го правиш тоа со воодушевување, и тие ќе бидат воодушевени. Всушност, можеби ќе бараат одново и одново да им читаш една иста приказна. Прави го тоа! Со текот на времето, ќе посакаат да им прочиташ и нешто ново. Но, внимавај да не го присилуваш детето да читате. Исус дал пример така што ги поучувал слушателите само толку ‚колку што можеле да разберат‘ (Мар. 4:33). Ако не ги тераш децата со сила, тие со душа ќе чекаат да дојде време за читање и така ќе бидеш сѐ поблиску до својата цел да им всадиш љубов кон читањето.

Вклучи ги и нив додека читаш и зборувајте за она што го читате. Неизмерно ќе се радуваш кога набрзо ќе видиш како твоите дечиња ги препознаваат зборовите, ги изговараат и го сфаќаат нивното значење. Брзо ќе напредуваат и ако разговарате за она што го читате. Разговорот им помага на децата „да ги научат зборовите што подоцна, кога самите ќе читаат, ќе треба да ги препознаат и разберат“, стои во една книга која зборува за тоа како да им се помогне на децата да станат добри читачи. Во истата книга се вели: „На малите деца, чии мозочиња се напрегаат да научат да читаат и да пишуваат, смисловниот разговор им е неопходен“.

Поттикни ги децата да ти читаат, а потоа да ти поставуваат прашања. Би можел и ти да им поставуваш прашања и да посочиш неколку можни одговори. Така децата учат дека книгите се извор на информации и дека зборовите што ги читаат имаат значење. Овој пристап е особено корисен кога она што го читаш се темели на Божјата Реч, најважната од сите книги (Евр. 4:12).

Сепак, никогаш не губи од вид дека читањето е сложена вештина. Потребно е време и вежбање за некој да ја совлада. * Затоа, всадувај сѐ поголема љубов кон читањето кај твоите малечки со тоа што великодушно ќе ги пофалуваш. Пофалбите ќе им помогнат да го засакаат читањето.

Читањето е пријатно и корисно

Читањето ќе има поголема смисла ако децата научат да проучуваат. Проучувањето значи да се дознаат факти и да се разбере како се поврзани тие факти. За тоа е потребна способност да се подредат информациите, да се запомнат и да се користат. Штом детето ќе научи како да проучува и ќе сфати како му користи она што го учи, ќе го смета за корисно потрошено време и за нешто пријатно (Проп. 10:10).

Научи ги како да проучуваат. Семејната вечер, секојдневното разгледување на дневниот стих и сличните прилики се одлична можност да ги поучиш децата како да проучуваат. Тоа што пократки периоди ќе седат мирни и ќе го насочат вниманието на одредена тема ќе ги научи да се концентрираат, што ќе им биде неопходно при учењето. Освен тоа, би можел да го замолиш детето да ти каже како она што го научило сега е поврзано со она што веќе го знае. Така учи да ги споредува работите. Би можел ли да го замолиш во кратки црти да ти го прераскаже она што го прочитало? Ова ќе му помогне да го сфати значењето и да го запомни. Повторувањето на главните мисли од некоја статија е уште една работа што ќе му помогне да го запамти она што го научило. Малите деца можат да научат и да фаќаат кратки белешки додека проучувате или на собраниските состаноци. Ова може многу да им помогне да се концентрираат. Со овие едноставни методи, учењето може да биде интересно и смисловно и за тебе и за твоите деца.

Обезбеди услови за проучување. Полесно е да се концентрираме ако проучуваме во добро проветрена и осветлена просторија каде што е тивко и каде што можеме удобно да се сместиме. Се разбира, многу е важно каков став имаат родителите кон проучувањето. Една мајка вели: „Клучна работа е родителите да направат план за редовно читање и проучување и да се држат за тој план. Ова им помага на децата да научат да се организираат. Така сфаќаат дека сѐ си има свое време“. Многу родители едноставно не дозволуваат децата да прават нешто друго кога е време за проучување. Според еден стручњак на ова поле, таквиот пристап многу помага децата да научат добро да проучуваат.

Нагласи колку е важно проучувањето. На крајот, помогни им на децата да сфатат како им користи она што го учат. Вистинската цел на проучувањето е да го спроведат наученото во пракса. Еден млад брат признава: „Ако не ми е јасно како ќе ми користи она што го проучувам, со сила се терам да го проучувам. Но, ако проучувам нешто што можам да го применам во својот живот, тогаш сакам добро да го проучам и да го разберам“. Ако младите гледаат на проучувањето како на средство за постигнување на важна цел, ќе му се посветат со сета душа. Ќе го засакаат исто како што го засакале и читањето.

Најубавата награда

Тоа што ќе им помогнеш на децата да го засакаат читањето има безброј позитивни страни. Освен што сами по себе носат вистинско задоволство, читањето и проучувањето придонесуваат и за успех на училиште, во работата, во меѓучовечките односи, во разбирањето на светот во кој живееме и во градењето блиска врска полна со љубов меѓу родителот и детето.

Пред сѐ, љубовта кон проучувањето може да им помогне на твоите деца да станат духовни личности. Таа е клучот што ќе им помогне да ја разберат „ширината и должината и височината и длабочината“ на библиската вистина и со умот и со срцето (Еф. 3:18). Се разбира, христијанските родители треба да ги поучат децата за многу работи. Додека им посветуваат време и внимание и прават сѐ што можат за да ги изведат на прав пат, тие се надеваат дека децата еден ден ќе изберат да му служат на Јехова. Кога им помагаш на твоите деца да научат добро да проучуваат, ги оспособуваш да изградат еден добар однос со Бог и да останат блиски со него. Според тоа, навистина имаш добра причина да го молиш Јехова да те благослови додека се трудиш во своите деца да всадиш љубов кон читањето и проучувањето (Изр. 22:6).

[Фуснота]

^ Читањето и проучувањето се посебен проблем за деца кои имаат тешкотии во учењето. Во Разбудете се! од јануари 2009, страници 10-11, има повеќе информации за тоа како родителите можат да им помогнат.

[Рамка/слики на страница 26]

Читање...

• Опкружи ги децата со книги

• Читај им наглас

• Вклучи ги и децата додека читаш

• Зборувајте за она што го читате

• Поттикни ги децата да ти читаат

• Поттикни ги да ти поставуваат прашања

Проучување...

• Дај добар пример како родител

• Научи ги...

○ да се концентрираат

○ да споредуваат

○ да прераскажат во кратки црти

○ да повторат

○ да фаќаат белешки

• Обезбеди услови за проучување

• Нагласи колку е важно проучувањето