Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дај сѐ од себе во големата духовна жетва!

Дај сѐ од себе во големата духовна жетва!

Дај сѐ од себе во големата духовна жетва!

‚Бидете секогаш зафатени во делото на Господарот‘ (1. КОР. 15:58)

1. Каква покана им упатил Исус на своите ученици?

 ДОДЕКА патувал низ областа Самарија при крајот на 30 год. од н.е., Исус застанал да се одмори крај еден бунар во близина на гратчето Сихар. Во таа прилика им рекол на своите ученици: „Подигнете ги очите и погледнете ги полињата, зрели се за жетва!“ (Јован 4:35). Исус не зборувал за дословна жетва, туку за духовното собирање на искрените поединци кои ќе станеле негови следбеници. Всушност, неговите зборови биле повик за акција. Имало многу работа, а само кратко време за да се заврши!

2, 3. а) Што покажува дека живееме во време на жетва? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Овие зборови на Исус во врска со жетвата се од особено значење денес. Живееме во време кога луѓето во светот се ‚зрели за жетва‘. Секоја година, на милиони им се упатува покана да земат од животодавните води на вистината, и се крштаваат десетици илјади нови ученици. Ние имаме чест да учествуваме во најголемата жетва на сите времиња, која ја надгледува Господарот на жетвата, Јехова Бог. Дали и ти си ‚секогаш зафатен‘ со неа? (1. Кор. 15:58).

3 Во текот на три и полте години од својата служба на Земјата, Исус ги подготвил своите ученици да бидат добри жетвари. Во оваа статија ќе разгледаме три од многуте важни поуки што Исус им ги дал на учениците. Секоја поука е поврзана со некоја особина која е многу важно да ја имаме додека даваме сѐ од себе во денешното собирање на нови ученици. Да ги разгледаме овие особини една по една.

Понизноста е неопходна

4. Како покажал Исус колку е важна понизноста?

4 Претстави си ја следнава сцена: Учениците штотуку се расправале за тоа кој од нив е најголем. Веројатно на нивните лица сѐ уште може да се види недоверба и непријателство. Затоа Исус повикува едно дете, го застанува меѓу нив и им вели: „Кој ќе се понизи како ова дете, тој е најголем во царството небесно“. (Прочитај Матеј 18:1-4.) Наместо да размислуваат како светот, кој ги проценува луѓето по влијателноста, богатството и положбата што ја имаат, учениците требало да разберат дека нивната важност зависела од тоа дали ‚ќе се понизат‘ во очите на другите. Јехова ќе ги благословел и ќе ги користел само ако биле вистински понизни.

5, 6. Зошто мора да си понизен за да имаш целосен удел во жетвата? Наведи пример.

5 До ден-денес, мнозина во светот се трудат со сите сили да стекнат влијание, богатство и висока положба. Како последица на ова, имаат малку или воопшто немаат време за духовни работи (Мат. 13:22). За разлика од нив, Јеховините слуги со задоволство ‚се понизуваат‘ во очите на другите за да го добијат благословот и наклоноста на Господарот на жетвата (Мат. 6:24; 2. Кор. 11:7; Фил. 3:8).

6 Да го земеме за пример Франциско, кој служи како старешина во Јужна Америка. Како млад, се отпишал од факултет за да стане пионер. Тој вели: „Кога подоцна се свршив, можев да најдам работа со која јас и жена ми ќе бевме добро ситуирани во материјален поглед. Сепак, наместо тоа, решивме да водиме едноставен живот и да продолжиме со полновремената служба. Подоцна ни се родија деца и стана малку потешко. Но, Јехова ни помогна да си стоиме на одлуката“. Франциско заклучува: „Повеќе од 30 години служам како старешина, а имав и многу други посебни одговорности. Никогаш, ни за миг, не зажаливме што избравме да водиме едноставен живот“.

7. Како се трудиш да го примениш советот од Римјаните 12:16?

7 Ако не тежнееш по она што овој свет го смета за важно и ако дозволиш да те „привлекува она што е понизно“, и ти можеш да очекуваш многу додатни благослови и задачи во жетвата (Рим. 12:16; Мат. 4:19, 20; Лука 18:28-30).

Трудољубивоста носи добри резултати

8, 9. а) Раскажи ја накратко Исусовата споредба за талантите. б) За кого може особено да биде охрабрувачка оваа споредба?

8 Друга особина што треба да ја имаме за да даваме сѐ од себе во жетвата е трудољубивоста. Исус го нагласил ова со споредбата за талантите. * Во неа тој зборувал за еден човек кој требало да замине во туѓина, но пред тоа им го доверил својот имот на тројца робови. На првиот му дал пет, на вториот два, а на третиот еден талант. Откако господарот си заминал, првите двајца робови веднаш почнале трудољубиво да ‚тргуваат‘ со талантите. За разлика од нив, третиот роб бил „мрзлив“ и го закопал својот талант в земја. Откако се вратил, господарот ги наградил првите два роба со тоа што ‚ги поставил над многу работи‘. Но, на третиот роб му го зел талантот што му го дал и го исфрлил од својот дом (Мат. 25:14-30).

9 Без сомнение, и ти сигурно имаш силна желба да бидеш како трудољубивите робови од споредбата на Исус и да имаш што е можно поголем удел во поучувањето на луѓето за Библијата. Но, што ако твоите околности во голема мера те ограничуваат во она што моментално можеш да го правиш? Можеби поради тешките економски услови мораш да работиш многу часови за да го издржуваш семејството. Или, пак, поради годините, здравјето и силата веќе не те служат како порано. Ако е така, споредбата за талантите има охрабрувачка порака за тебе.

10. Како покажал господарот во споредбата за талантите дека е разумен, и зошто тоа те охрабрува?

10 Забележи дека господарот од споредбата бил свесен дека неговите робови не можат да прават исто, и го покажал ова така што секому му дал таланти „според неговата способност“ (Мат. 25:15). Како што очекувал, првиот роб тргувал многу подобро од вториот. Сепак, господарот покажал дека го цени тоа што и двајцата трудољубиво ја извршиле својата задача. Ги пофалил дека се ‚добри и верни‘ и им дал исти награди (Мат. 25:21, 23). И Господарот на жетвата, Јехова Бог, знае дека твоите околности влијаат врз она што можеш да го правиш во службата за него. Тој гледа дека се трудиш да му служиш со сета душа и ќе те награди за тоа (Мар. 14:3-9; прочитај Лука 21:1-4).

11. Наведи пример за тоа како трудољубивоста покажана во тешки околности може да донесе богат благослов.

11 Примерот на Селмира, една христијанка од Бразил, покажува дека можеме трудољубиво да му служиме на Бог дури и ако живееме во тешки околности. Пред 20 години, мажот на Селмира бил убиен при еден грабеж и таа останала вдовица со три дечиња. Како куќна помошничка, морала напорно да работи по цел ден и да патува долго користејќи го пренатрупаниот градски превоз. И покрај овие тешкотии, таа си ги прераспоредила обврските за да може да служи како општ пионер. Две од нејзините три ќерки подоцна исто така почнале со пионерска служба. „Низ годините, ја проучував Библијата со повеќе од 20 луѓе кои сега се дел од моето ‚семејство‘“, вели таа. „До ден-денес сме добри пријатели и многу се сакаме. Тоа е богатство што не може да се купи со никакви пари!“ Господарот на жетвата навистина ја наградил трудољубивоста на Селмира!

12. Како можеме трудољубиво да проповедаме?

12 Иако поради моменталните околности можеби немаш толку многу време за служба, сепак можеш да го зголемиш својот удел во жетвата така што ќе проповедаш поделотворно. Ако внимателно ги применуваш корисните предлози од седмичниот Состанок за нашата служба, ќе можеш да проповедаш уште подобро, а и да сведочиш на различни начини (2. Тим. 2:15). Освен тоа, ако околностите ти дозволуваат, би можел да жртвуваш некои не толку важни активности или да ги одложиш за друго време со цел редовно да присуствуваш на собраниските состаноци за проповедање (Кол. 4:5).

13. Која е главната работа што ќе ти помогне да бидеш трудољубив?

13 Имај на ум дека трудољубивоста извира од срце што е полно со љубов и благодарност кон Бог (Пс. 40:8). Третиот роб во споредбата на Исус се плашел од својот господар, сметајќи дека е неразумен и дека премногу бара. Поради тоа, робот го закопал својот талант наместо да тргува со него за да го зголеми имотот на господарот. За да не бидеме немарни како овој роб, треба да стануваме сѐ поблиски со Јехова, Господарот на жетвата. Затоа, одвој време да проучуваш и да размислуваш за неговите прекрасни особини — за неговата љубов, стрпливост и милост. Тоа ќе те поттикне од срце да даваш сѐ од себе во службата за него (Лука 6:45; Фил. 1:9-11).

„Бидете свети“

14. Кое важно барање мора да го исполнат оние што сакаат да бидат жетвари?

14 Цитирајќи од Хебрејските списи, апостол Петар јасно кажува која е Божјата волја за Неговите слуги на Земјата, кога вели: „Како што е свет оној што ве повикал, и вие бидете свети во сѐ што правите, бидејќи е напишано: ‚Бидете свети, зашто јас сум свет‘“ (1. Пет. 1:15, 16; 3. Мој. 19:2; 5. Мој. 18:13). Оваа изјава нагласува дека жетварите треба да бидат морално и духовно чисти. Можеме да го исполниме ова важно барање ако преземеме чекори да се очистиме во симболична смисла. Како може да го направиме тоа? Со помош на вистината од Божјата реч.

15.Што може да направи вистината од Божјата реч за нас?

15 Вистината од Божјата реч е споредена со вода, која може да очисти. На пример, апостол Павле напишал дека собранието на помазани христијани е чисто во Божји очи, како неизвалкана невеста за Христос, кој го очистил „со капење во вода, во речта Божја... [за да биде] свето и неизвалкано“ (Еф. 5:25-27). Во една прилика, и Исус зборувал за очистувачката моќ на Божјата реч која ја објавувал. Обраќајќи им се на своите ученици, тој рекол: „Вие сте веќе чисти поради Божјата реч што ви ја зборував“ (Јован 15:3). Според тоа, вистината од Божјата реч може да очисти во морален и духовен поглед. Само ако ѝ дозволиме на Божјата вистина да нѐ очисти на ваков начин, нашето служење ќе биде прифатливо за Јехова.

16. Како можеме да останеме духовно и морално чисти?

16 Значи, за да бидеме жетвари во Божјата жетва, најпрво мора да расчистиме со сите постапки што нѐ валкаат во морален и во духовен поглед. А за да ја задржиме оваа чест, мора да бидеме примерни со тоа што и понатаму ќе живееме во склад со Јеховините високи морални и духовни мерила. (Прочитај 1. Петрово 1:14-16.) Исто како што постојано се трудиме да бидеме телесно чисти, мора редовно да се чистиме и со вистината од Божјата реч. Ова значи дека треба да ја читаме Библијата и да одиме на христијанските состаноци. Исто така, значи дека треба искрено да се трудиме да ги применуваме Божјите потсетувања во животот. Ако правиме така, ќе можеме да се бориме со нашите сопствени грешни склоности, а и да им се спротивставиме на загадувачките влијанија на овој свет (Пс. 119:9; Јак. 1:21-25). Колку е утешно да се знае дека, со помош на вистината од Божјата реч, можеме да бидеме „испрани“ дури и од некој тежок грев! (1. Кор. 6:9-11).

17. Кои библиски совети мора да ги слушаме за да останеме чисти?

17 Дали со задоволство сакаш да те чисти вистината од Божјата реч? На пример, што правиш кога ќе прочиташ или слушнеш некое предупредување за опасностите што ги крие расипаната забава на овој свет? (Пс. 101:3). Дали внимаваш да не се дружиш непотребно со соучениците или колегите од работа кои не се Сведоци? (1. Кор. 15:33). Дали искрено се трудиш да ги надвладееш личните слабости кои можат да те направат нечист во Јеховини очи? (Кол. 3:5). Дали се држиш настрана од политичките расправии на овој свет и од национализмот кој е присутен во многу натпреварувачки спортови? (Јак. 4:4).

18. Како моралната и духовната чистота ќе ни помогне да бидеме добри жетвари?

18 Твојата верна послушност во овие работи ќе биде богато благословена. Споредувајќи ги своите помазани ученици со прачки на винова лоза, Исус рекол: „Секоја прачка на мене што не носи плод, [мојот Татко] ја отстранува, а секоја што носи плод, ја чисти за да донесе повеќе плод“ (Јован 15:2). Ако ѝ дозволиш на библиската вистина да те прочистува, ќе донесеш уште повеќе плод.

Сегашни и идни благослови

19. Како бил благословен трудот што учениците на Исус го вложиле во жетвата?

19 На Педесетница 33 год. од н.е., верните ученици кои ги примениле поуките што Исус им ги дал за да ги оспособи како жетвари биле зајакнати со светиот дух да бидат сведоци „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Некои служеле како членови на водечкото тело, како мисионери или како патувачки надгледници, и имале клучна улога во проповедањето на добрата вест „меѓу сите суштества под небото“ (Кол. 1:23). Колку многу благослови пожнеале, и каква радост им донеле на другите!

20. а) Какви благослови си добил поради тоа што учествуваш со сета душа во духовната жетва? б) Што си решен да правиш?

20 Значи, ако покажуваме понизност, ако сме трудољубиви и ако се држиме за високите мерила од Божјата Реч, ќе продолжиме да учествуваме со сета душа во големата духовна жетва која се одвива денес. Иако мнозина страдаат и се несреќни затоа што трчаат по богатство и по задоволствата што ги нуди овој свет, ние чувствуваме вистинска радост и исполнетост (Пс. 126:6). Што е најважно, нашиот „труд во Господарот не е залуден“ (1. Кор. 15:58). Господарот на жетвата, Јехова Бог, ќе нѐ благослови во вечноста поради ‚нашето дело и љубовта што ја покажуваме кон неговото име‘ (Евр. 6:10-12).

[Фуснота]

^ Споредбата за талантите првенствено покажува како Исус постапува со помазаниците, но содржи начела што важат за сите христијани.

Се сеќаваш ли?

Додека се трудиш да даваш сѐ од себе во жетвата...

• зошто е неопходно да си понизен?

• како можеш да бидеш трудољубив?

• зошто е важно да останеш морално и духовно чист?

[Прашања]

[Слика на страница 17]

Понизноста ќе ни помогне да водиме едноставен живот во кој најважното нешто ќе ни биде службата за Царството