Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Духот ги истражува Божјите длабочини‘

‚Духот ги истражува Божјите длабочини‘

‚Духот ги истражува Божјите длабочини‘

„Духот истражува сѐ, дури и Божјите длабочини“ (1. КОР. 2:10)

1. Која улога на светиот дух ја нагласил Павле во 1. Коринќаните 2:10, и кои прашања се наметнуваат?

 НАВИСТИНА треба да бидеме многу благодарни за она што го прави светиот дух! Библијата зборува за духот како за помошник, дар и сведок, а вели и дека тој се зазема за нас (Јован 14:16; Дела 2:38; Рим. 8:16, 26, 27). Апостол Павле нагласил уште една важна улога на светиот дух, кога рекол: „Духот истражува сѐ, дури и Божјите длабочини“ (1. Кор. 2:10). Да, Јехова го користи својот свет дух за да открива длабоки духовни вистини. Всушност, без помошта од духот, ние воопшто не би можеле да ја разбереме Јеховината намера! (Прочитај 1. Коринќаните 2:9-12.) Но, се наметнуваат неколку прашања: Како духот ‚ги истражува Божјите длабочини‘? Кого го користел Јехова за да ги открие овие работи во првиот век од н.е.? Како и преку кого духот ги истражува овие длабочини во нашево време?

2. На кои два начина требало да дејствува светиот дух?

2 Исус покажал дека духот ќе дејствува на два начина. Кратко пред да умре, тој им рекол на апостолите: „Помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име, тој ќе ве поучи за сѐ и ќе ве потсети на сѐ што сум ви кажал“ (Јован 14:26). Значи, светиот дух требало да ги поучи, односно да им помогне на христијаните да го разберат она што претходно не го разбирале. Освен тоа, ќе ги потсетувал на она што им било објаснето и ќе им помагал исправно да го применат.

Во првиот век

3. Кои зборови на Исус покажуваат дека „Божјите длабочини“ требало да бидат откриени постепено?

3 Самиот Исус ги поучил своите следбеници за голем број вистини што биле нови за нив. Но, тие имале да учат уште многу. Исус им рекол на апостолите: „Имам уште многу да ви кажам, но сега не можете да носите. Но кога ќе дојде тој, духот на вистината, ќе ве упати во сета вистина“ (Јован 16:12, 13). На тој начин, Исус покажал дека светиот дух ќе им ги открива духовните длабочини постепено.

4. На кој начин светиот дух го поучил Петар и на што го потсетил на Педесетница 33 год. од н.е.?

4 На Педесетница 33 год. од н.е., „духот на вистината“ пристигнал така што бил излеан врз околу 120 христијани кои биле собрани во Ерусалим. Ова можело и да се види и да се чуе. (Дела 1:4, 5, 15; 2:1-4). Учениците почнале да зборуваат на разни јазици „за величествените Божји дела“ (Дела 2:5-11). Значи, дошло време да се открие нешто ново. Пророкот Јоил го прорекол ова излевање на светиот дух (Јоил 2:28-32). Оние што биле присутни во Ерусалим со свои очи гледале како се исполнува неговото пророштво, и тоа на начин што никој не го очекувал. Во таа прилика, апостол Петар станал и објаснил што, всушност, се случило. (Прочитај Дела 2:14-18.) Значи, светиот дух го поучил Петар така што му помогнал да сфати дека она што го доживеале учениците е исполнување на тоа дамнешно пророштво. Освен тоа, духот го потсетил на некои работи, бидејќи Петар го цитирал не само Јоил туку и два псалма што ги напишал Давид (Пс. 16:8-11; 110:1; Дела 2:25-28, 34, 35). Она што целиот насобран народ го видел и го чул навистина биле Божји длабочини.

5, 6. а) Кои важни прашања во врска со новиот сојуз требало да бидат одговорени по Педесетница 33 год. од н.е.? б) Кој ги покренал овие прашања, и како се донесувале одлуки во тоа време?

5 Но, на христијаните во првиот век требало да им се разјаснат уште многу работи. На пример, имало прашања во врска со новиот сојуз кој стапил во сила на Педесетница. Дали бил склучен само со Евреи и со преобратеници во еврејската вера? Дали во него можеле да влезат и не-Евреи и да бидат помазани со свет дух? (Дела 10:45). Дали мажите од другите народи требало прво да се обрежат и да го држат Мојсеевиот закон? (Дела 15:1, 5). Ова биле многу важни прашања. За да се добие одговорот, било потребно Јеховиниот свет дух да ги истражи овие длабочини. Но, преку кого ќе дејствува Божјиот дух?

6 Секое од овие прашања било покренато за разгледување од одговорни браќа во тогашното собрание. Петар, Павле и Варнава присуствувале на состанокот на водечкото тело кога се расправало за обрежувањето и раскажале како постапил Јехова со необрежаните не-Евреи (Дела 15:7-12). Откако биле разгледани овие докази во светлина на она што го пишува во Хебрејските списи и со помош на светиот дух, водечкото тело донело одлука. Потоа одлуката им била соопштена на собранијата преку писмо. (Прочитај Дела 15:25-30; 16:4, 5; Еф. 3:5, 6.)

7. На кој начин биле откривани длабоките вистини?

7 Многу други работи биле разјаснети преку писмата на Јован, Петар, Јаков и Павле, кои пишувале под водство на светиот дух. Но, по некое време откако биле завршени Христијанските списи, даровите на пророкување престанале и Јехова повеќе не им откривал знаење преку чуда (1. Кор. 13:8). Дали духот требало и понатаму да ги поучува и да ги потсетува христијаните? Дали требало да продолжи да им помага да ги истражуваат Божјите длабочини? Пророштвата покажувале дека требало да го прави тоа.

Во времето на крајот

8, 9. Кој ‚ќе блеска‘ благодарение на духовното разбирање во времето на крајот?

8 Во врска со времето на крајот, еден ангел прорекол: „Оние што се разборити ќе блескаат како сјајниот небесен свод, и оние што доведуваат мнозина до праведност ќе сјаат како ѕвездите довека, во сета вечност... И вистинското знаење ќе се умножи“ (Дан. 12:3, 4). Кои се разборитите што ќе блескаат? Исус ни помогнал да го дознаеме одговорот со споредбата за пченицата и каколот. Зборувајќи за „свршетокот на овој поредок“, тој изјавил: „Тогаш праведниците ќе светат како сонце во царството на својот Татко“ (Мат. 13:39, 43). Во објаснувањето на споредбата, Исус рекол дека „праведниците“ се „синовите на царството“, односно помазаните христијани (Мат. 13:38).

9 Дали сите помазани христијани „ќе блескаат“? Во некоја смисла, да, бидејќи сите христијани ќе проповедаат и ќе ги поучуваат луѓето и меѓусебно ќе се храбрат на состаноците, а помазаниците ќе бидат пример во тоа (Зах. 8:23). Но, во времето на крајот требало да се разоткријат и духовни длабочини. Самото пророштво што го запишал Даниел било ‚запечатено‘ сѐ до тоа време (Дан. 12:9). Како и преку кого ќе ги истражува духот овие длабочини?

10. а) Преку кого ги открива духот длабоките вистини во последните денови? б) Објасни како беше разјаснета вистината во врска со Јеховиниот голем духовен храм.

10 Кога ќе дојде време да се разјасни некоја духовна работа денес, светиот дух им помага на претставниците на „верниот и разборит роб“ во светското седиште да разберат некоја длабока вистина што пред тоа не ја разбирале (Мат. 24:45; 1. Кор. 2:13). Сите во Водечкото тело заедно разгледуваат дали некое објаснување треба да се смени (Дела 15:6). Ако утврдат дека е потребна таква промена, новото објаснување го издаваат за да може да им користи и на другите (Мат. 10:27). Како што поминува времето, можеби ќе има потреба од додатно разјаснување, кое исто така искрено се објавува. (Види ја рамката „Како духот го откри значењето на духовниот храм“.)

Како да добиеме помош од духот денес

11. Како на сите христијани денес им користи тоа што духот ги открива Божјите длабочини?

11 На сите верни христијани им користи тоа што духот ги открива Божјите длабочини. Исто како што било случај со христијаните во првиот век, и ние денес ги проучуваме, а подоцна се потсетуваме и ги применуваме информациите што светиот дух ни помага да ги разбереме (Лука 12:11, 12). Не ни е потребно високо образование за да ги разбереме длабоките библиски вистини што се објаснети во публикациите (Дела 4:13). Но, како би можеле уште подобро да ги разбереме Божјите длабочини? Да разгледаме неколку предлози.

12. Кога треба да се молиме за свет дух?

12 Моли се за свет дух. Кога треба да проучуваме некои библиски информации, најпрво треба во молитва да побараме светиот дух да нѐ води. Ова важи дури и ако сме сами или планираме да истражуваме само кратко време. Таквите понизни молби сигурно ќе го израдуваат нашиот небесен Татко. Како што кажал и Исус, Јехова ќе ни даде великодушно од својот свет дух ако искрено го молиме за тоа (Лука 11:13).

13, 14. Како подготовката за состаноците ни помага да ги разбереме Божјите длабочини?

13 Подготвувај се за состаноците. Преку верниот роб добиваме „храна во вистинско време“. Овој „роб“ ја исполнува својата задача така што ни обезбедува библиски публикации и подготвува состаноци и програма за нив. Има добри причини зошто се бара „сите браќа“ да разгледаат одредени информации (1. Пет. 2:17; Кол. 4:16; Јуда 3). Ние соработуваме со светиот дух кога даваме сѐ од себе да ги следиме дадените препораки (Отк. 2:29).

14 Кога се подготвуваме за христијанските состаноци, добро е да ги прочитаме наведените стихови и да се обидеме да разбереме како секој од нив е поврзан со темата што се разгледува. Ако стекнеме ваква навика, со текот на времето сѐ подобро ќе ја разбираме Библијата (Дела 17:11, 12). Кога ги читаме стиховите, тие се врежуваат во нашиот ум, и светиот дух ќе може подоцна да ни помогне да се сетиме на нив. Освен тоа, кога го читаме стихот во Библијата, тоа ќе ни остави и визуелен впечаток, кој ќе ни помогне полесно да го најдеме кога ќе ни притреба во друга прилика.

15. Зошто треба да сме во тек со печатените публикации, и како успеваш ти во тоа?

15 Биди во тек со читањето на публикациите. Некои од публикациите што излегуваат не се обработуваат на состаноците, но подготвени се за наша корист. Дури и нашите списанија што се наменети за јавност се подготвени за да ни помогнат и нам. Во овој свет честопати мора да чекаме некого или за нешто. Ако носиме со себе публикација што не сме ја прочитале воопшто или, пак, сме прочитале само неколку статии, можеби ќе можеме да ги искористиме тие прилики да прочитаме уште нешто од неа. Некои се трудат да бидат во тек со публикациите на тој начин што слушаат аудиоснимки од нив кога пешачат или кога патуваат. Сите информации се добро истражени и напишани за во нив да може да уживаат просечните читатели, но нам ни помагаат да имаме уште поголемо разбирање и ценење за духовните работи (Авак. 2:2).

16. Каква корист имаме ако ги запишеме и ако ги истражиме прашањата кои ни се наметнуваат додека читаме?

16 Длабоко размислувај за прочитаното. Додека ја читаш Библијата или публикациите што се темелат на неа, одвој време да размислуваш за она што го читаш. Кога внимателно ги следиш мислите при читањето, можеби ќе ти се појават некои прашања. Би можел да си ги запишеш и да ги истражиш подоцна. Обично проучуваме најдлабоко кога бараме повеќе информации за работи што нѐ интересираат. Разбирањето што ќе го стекнеме при ваквото истражување станува дел од нашата лична ризница од која можеме да го извадиме секогаш кога ќе ни притреба (Мат. 13:52).

17. Што проучувате вие во текот на семејната вечер?

17 Одреди термин за семејно проучување. Водечкото тело нѐ поттикна сите нас да одвоиме една вечер или друго време во текот на седмицата за лично или семејно проучување. Промената во распоредот за состаноците ни овозможува да го примениме овој совет. Што проучувате во текот на Семејната вечер посветена на Јехова? Некои ја читаат Библијата и ги истражуваат стиховите кои не им се доволно јасни, а потоа си пишуваат кратки објаснувања на маргините во својата Библија. Многу семејства одвојуваат време да разговараат на кој начин да го применат материјалот што заедно го проучуваат. Некои семејни поглавари избираат информации што сметаат дека се потребни за нивното семејство или, пак, се поврзани со прашања што ги интересираат другите членови на семејството. Како што минува времето, сигурно ќе увидиш кои други теми би можеле да ги обработувате оваа вечер. *

18. Зошто не треба да избегнуваме да ги проучуваме подлабоките вистини од Божјата Реч?

18 Исус рекол дека духот ќе има улога на помошник. Затоа не треба да избегнуваме да ги проучуваме подлабоките вистини од Божјата Реч. Тие се дел од скапоценото ‚знаење за Бог‘, и повикани сме да ги истражиме. (Прочитај Изреки 2:1-5.) Освен тоа, ни откриваат многу за работите што ‚Бог им ги подготвил на оние што го сакаат‘. Додека се трудиме да учиме уште повеќе за Јеховината Реч, светиот дух ќе ни помогне бидејќи тој „истражува сѐ, дури и Божјите длабочини“ (1. Кор. 2:9, 10).

[Фуснота]

^ Види и во Нашата служба за Царството од октомври 2008, на 8. страница.

Како би одговорил?

• На кои два начина ни помага духот да ги истражуваме „Божјите длабочини“?

• Преку кого ги открил светиот дух длабоките вистини во првиот век?

• Како дејствува светиот дух за да ги разјасни работите во нашево време?

• Што можеш да сториш за да извлечеш корист од улогата на духот?

[Прашања]

[Рамка на страница 22]

Како духот го откри значењето на духовниот храм

Една од „Божјите длабочини“ што била откриена во првиот век било тоа дека светиот шатор и подоцнежните храмови укажуваат на нешто далеку повеличествено, кое Павле го нарекол ‚вистински шатор што го подигнал Јехова, а не човек‘ (Евр. 8:2). Станува збор за Јеховиниот голем духовен храм кој ја претставува можноста што ни ја дава Бог да му пристапиме и да му служиме на темел на жртвата и свештеничката служба на Исус Христос.

„Вистинскиот шатор“ почнал да постои во 29 год. од н.е., кога Исус се крстил и Јехова го прифатил како личност што ќе се принесе како совршена жртва (Евр. 10:5-10). По својата смрт и воскресение, Исус влегол во Светињата над светињите во духовниот храм и ја принел вредноста на својата жртва „пред Божјето лице“ (Евр. 9:11, 12, 24).

На едно друго место, апостол Павле напишал дека помазаните христијани ‚растат во свет храм на Јехова‘ (Еф. 2:20-22). Дали храмот што го спомнал овде е ист со „вистинскиот шатор“ кој го опишал подоцна во своето писмо до Евреите? Со децении, Јеховините слуги сметаа дека станува збор за иста работа. Се чинеше дека помазаните христијани се подготвуваат додека се на Земјата за да станат симболични „камења“ од кои е изграден Јеховиниот небесен храм (1. Пет. 2:5).

Но, во почетокот на 1970-тите, одговорни членови од верниот роб почнале да сфаќаат дека храмот што го спомнува Павле во Ефешаните не би можел да е ист со Јеховиниот голем духовен храм. Ако „вистинскиот шатор“ се состои од воскреснати помазани христијани, тогаш би започнал да постои откако започна нивното воскресение за време на „присутноста на Господарот“ (1. Сол. 4:15-17). Но, во врска со светиот шатор, Павле напишал: „Тој шатор е слика за времето кое веќе дојде“ (Евр. 9:9).

Кога внимателно беа споредени овие и други стихови, стана јасно дека изградбата на духовниот храм не е во тек и дека помазаните христијани не се „камења“ кои се обликуваат на Земјата за еден ден да бидат вградени во него. Напротив, помазаните христијани служат во дворот и во Светињата на духовниот храм, и секојдневно му принесуваат на Бог „жртва на фалба“ (Евр. 13:15).

[Слика на страница 23]

Како можеме уште подобро да ги разбереме „Божјите длабочини“?