Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Не плаши се! Јас ќе ти помогнам“

„Не плаши се! Јас ќе ти помогнам“

„Не плаши се! Јас ќе ти помогнам“

ИСУС ги предупредил своите следбеници: „Ѓаволот ќе фрла некои од вас во затвор за да бидете потполно искушани“. Сепак, пред да го даде тоа предупредување, тој им рекол ‚да не се плашат од она што ќе го претрпат‘. Бидејќи Сатана до ден-денес ја користи заканата со затворање за да го спречи проповедањето за Царството, не е за изненадување што некои влади ги прогонуваат вистинските христијани (Отк. 2:10; 12:17). Тогаш, што ќе ни помогне да бидеме подготвени за Сатановите сплетки и ‚да не се плашиме‘, како што советувал Исус?

Се разбира, повеќето од нас некогаш почувствувале страв. Сепак, Библијата нѐ уверува дека со помош од Јехова можеме да го победиме стравот. Како? Еден начин на кој Бог ни помага да се подготвиме за противењето е така што ни кажува кои тактики ги користат Сатана и неговите застапници (2. Кор. 2:11). За да видиме како го прави тоа, да разгледаме еден настан што се случил во библиски времиња. Освен тоа, ќе се осврнеме на примерите на некои верни сохристијани од нашево време, кои успешно ‚им се спротивставиле на Ѓаволовите сплетки‘ (Еф. 6:11-13).

Еден богобојазлив цар се соочува со зол владетел

Во 8 век пр.н.е., злобниот асирски цар Сенахирим извојувал низа победи над неколку народи. Преполн со самодоверба, потоа фрлил око на Јеховиниот народ и на неговиот главен град, Ерусалим, каде што владеел богобојазливиот цар Езекија (2. Цар. 18:1-3, 13). Без сомнение, Сатана ја користел ситуацијата за да го наведе Сенахирим да го изврши неговиот план, чија цел била да го уништи обожавањето на вистинскиот Бог на Земјата (1. Мој. 3:15).

Сенахирим испратил група претставници до Ерусалим за да бараат од Езекија да им го предаде градот. Меѓу нив бил и рапшакот, во улога на главен гласноговорник на царот * (2. Цар. 18:17). Целта на рапшакот била да ги обесхрабри Евреите и да ги натера да се предадат без борба. Кои методи ги користел за да влее страв во срцата на Евреите?

Верни иако сами

Рапшакот им рекол на претставниците на Езекија: „Вака вели големиот цар, царот на Асирија: ‚Каква е таа надеж на која се надеваш? Ете, се надеваш на поддршката од Египет, скршената трска, која му ја продупчува дланката на оној што ќе се потпре на неа‘“ (2. Цар. 18:19, 21). Ова обвинение на рапшакот не било точно, бидејќи Езекија немал склучено сојуз со Египет. Сепак, со тие зборови рапшакот сакал на Евреите јасно да им го стави до знаење следново: ‚Никој нема да ви помогне. Препуштени сте сами на себе‘.

И во поново време, противниците на вистинската религија на сличен начин им се заканувале на вистинските христијани. За да им влеат страв во срцето, тие ги заплашувале дека ќе ги затворат, односно дека ќе ги одвојат од соверниците. Една христијанка, која била затворена поради својата вера и која со години била одвоена од соверниците, подоцна раскажала што ѝ помогнало да не му подлегне на стравот. Таа рекла: „Молитвата ме зближи со Јехова... Во мислите постојано се навраќав на уверувањето од Исаија 66:2, дека Бог го гледа ‚страдалникот и оној со потиштен дух‘. Тие зборови секогаш одново ми даваа сила и ми беа извор на голема утеха“. Нешто слично кажал и еден брат кој со години бил затворен во самица: „Сфатив дека, ако човек е близок со Бог, тесната ќелија може да биде голема како вселената“. Значи, тоа што имале близок однос со Јехова им ја дало потребната сила на овие двајца христијани да не се откажат од Бог иако биле потполно сами (Пс. 9:9, 10). Нивните прогонители можеле да ги одвојат од семејството, од пријателите и од соверниците, но затворените Сведоци знаеле дека нивните противници никогаш нема да можат да ги одвојат од Јехова (Рим. 8:35-39).

Зарем ова не ни покажува колку е важно да ја користиме секоја можност за да го зајакнеме нашето пријателство со Јехова? (Јак. 4:8). Добро е почесто да се прашаме: ‚Колку ми е реален Јехова? Дали неговите зборови длабоко влијаат врз мене кога донесувам одлуки во секојдневниот живот, без разлика дали се големи или мали?‘ (Лука 16:10). Ако со сите сили се трудиме да останеме блиски со Бог, нема зошто да се плашиме. Пророкот Еремија, зборувајќи во името на сите измачени Евреи, изјавил: „Го повикав името твое, о Јехова, од најдлабоката јама... Се приближи во денот кога те повикував. Рече: ‚Не плаши се!‘“ (Плач 3:55-57).

Неуспешно сеење сомнежи

Рапшакот се послужил со итрина за да посее сомнежи кај Евреите. Тој рекол: „Зарем Езекија не ги отстрани токму [Јеховините] височинки и жртвеници?.. Лично Јехова ми рече: ‚Оди против таа земја и опустоши ја!‘“ (2. Цар. 18:22, 25). Со тоа рапшакот се обидел да ги убеди дека Јехова нема да се бори за своите слуги бидејќи не бил задоволен од нив. Но, сосема спротивното било точно. Јехова бил задоволен од Езекија и од Евреите кои повторно почнале да му служат на исправен начин (2. Цар. 18:3-7).

Денес, лукавите противници знаат да користат делчиња од точни информации со цел да ја придобијат нашата доверба, но подло ги испреплетуваат точните работи со лаги за да посеат сомнежи. На пример, имало случаи кога на некои затворени браќа и сестри им било кажано дека некој брат што предводел во проповедањето во нивната земја се откажал од својата вера па, според тоа, би било во ред и тие да се откажат од своите верувања. Меѓутоа, таквото искривено резонирање не успева да ги поколеба проникливите христијани.

Да го земеме за пример она што ѝ се случило на една христијанка во текот на Втората светска војна. Додека била в затвор, ѝ покажале писмени изјави од еден одговорен брат според кои тој се откажал од својата вера. Иследникот ја прашал дали му верувала на тој Сведок. Сестрата одговорила: „[Тој] е само несовршен човек“. Потоа додала дека, сѐ додека ги следел библиските начела, Бог го користел. „Но, бидејќи со своите изјави покажува дека повеќе не се држи за Библијата, тој веќе не е мој брат“. Оваа верна сестра постапила мудро и во склад со библиската опомена: „Немајте доверба во достоинствениците, ниту во некој друг земен човек, од кого нема спасение!“ (Пс. 146:3).

Ако добро ја познаваме Божјата Реч и ако ги применуваме нејзините совети, ќе можеме да се заштитиме од лукавото расудување на противниците, кое би можело да ја ослабне нашата решеност да истраеме (Еф. 4:13, 14; Евр. 6:19). За да се подготвиме да размислуваме јасно кога ќе се најдеме под притисок, мора секојдневно да ја читаме и лично да ја проучуваме Библијата (Евр. 4:12). Да, сега е време да го продлабочиме нашето знаење и да ја зајакнеме нашата вера. Еден брат што со години бил затворен во самица рекол: „Би сакал да ги поттикнам сите да ја ценат и што подобро да ја искористат целокупната духовна храна што ни се дава, бидејќи не знаеме како би можела да ни се најде во иднина“. Значи, ако денес внимателно ја проучуваме Божјата Реч и публикациите од верниот роб, тогаш, кога ќе ни биде многу тешко во животот, светиот дух ‚ќе нѐ потсети‘ на она што сме го научиле (Јован 14:26).

Верата им помогнала да не подлегнат на заплашување

Рапшакот се обидел и да ги заплаши Евреите. Тој рекол: „Обложи се со мојот господар, асирскиот цар: ќе ти дадам две илјади коњи, па да видиме дали ќе најдеш јавачи за нив. Тогаш, како ќе поразиш еден единствен управител меѓу најмалите слуги на мојот господар?“ (2. Цар. 18:23, 24). Од човечка гледна точка, Езекија и неговиот народ немале никакви шанси против моќната асирска војска.

И противниците денес можеби изгледаат далеку помоќни од нас, особено кога имаат поддршка од властите. Ова сигурно било случај со нацистичките прогонители во текот на Втората светска војна. Тие се обиделе да заплашат многу Божји слуги. Еден наш брат, кој со години бил в затвор, подоцна раскажал како му се заканувале. Во една прилика, еден офицер го прашал: „Зарем не виде дека го стрелавме брат ти? Не научи ништо од тоа?“ На ова, братот одговорил: „Јас сум Сведок на Јехова и останувам негов Сведок“. „Тогаш ти си следниот за стрелање“, му викнал офицерот. И покрај тоа, нашиот брат останал цврст, а непријателот се повлекол. Што му помогнало да не се исплаши од заканата? Тој одговорил: „Имав доверба во името на Јехова“ (Изр. 18:10).

Кога имаме непоколеблива доверба и вера во Јехова, ние носиме голем штит кој нѐ чува од сите средства што ги користи Сатана за духовно да нѐ уништи (Еф. 6:16). Затоа, добро е да го молиме Јехова да ни ја зацврсти верата (Лука 17:5). Освен тоа, треба во потполност да го користиме сето она што ни го обезбедува верниот роб за да си ја зајакнеме верата. Кога некој ни се заканува, црпиме сила од ветувањето што Јехова му го дал на пророкот Езекиел, кој морал да се справи со тврдоглав народ. Јехова му рекол: „Ти давам лице тврдо како нивното, и чело тврдо како нивното. Ти давам чело тврдо како дијамант, потврдо од кремен“ (Езек. 3:8, 9). Ако е потребно, Јехова може да ни помогне да бидеме цврсти како дијамант, каков што морал да биде и Езекиел.

Се спротивставиле на искушенијата

Противниците увиделе дека, кога ништо друго не им успева, некоја примамлива награда може да наведе некого да му биде неверен на Бог. И рапшакот се послужил со оваа метода. Тој им го рекол следново на жителите на Ерусалим: „Вака вели асирскиот цар: ‚Предајте ми се мене и излезете кај мене... додека да дојдам и да ве одведам во земја како вашата, во земја на житото и на младото вино, во земја на лебот и на лозјата, во земја на маслинките и на медот! Така ќе останете живи и нема да умрете‘“ (2. Цар. 18:31, 32). На оние што биле заробени во опколениот град сигурно им била примамлива помислата да јадат мек леб и да пијат младо вино!

Еднаш му било понудено нешто слично на еден затворен мисионер со цел да биде скршена неговата решителност. Му рекле дека шест месеци ќе биде сместен во „убава куќа“ со „прекрасна градина“ каде што ќе може да размислува за својата ситуација. Но, братот бил решен да му остане верен на Бог и не ги погазил христијанските начела. Што му помогнало во тоа? Подоцна објаснил: „За мене, единствено Царството беше вистинска надеж за човештвото... Не можеа да ме натераат да му бидам неверен на Бог затоа што добро знаев што е Божјето Царство, бев сигурен дека ќе дојде и ни за миг не се посомневав во тоа“.

Колку ни е реално Божјето Царство нам? Семејниот поглавар Авраам, апостол Павле, а и самиот Исус поднеле тешки неволји затоа што Царството за нив било реалност (Фил. 3:13, 14; Евр. 11:8-10; 12:2). Ако ние и понатаму го ставаме Царството на прво место во животот и ако размислуваме за вечните благослови што ќе ни ги донесе тоа, ќе можеме да му одолееме на искушението да прифатиме само моментален излез од неволјите (2. Кор. 4:16-18).

Јехова нема да нѐ остави

И покрај сите напори на рапшакот да ги исплаши Евреите, Езекија и неговите поданици имале непоколеблива доверба во Јехова (2. Цар. 19:15, 19; Иса. 37:5-7). За возврат, Јехова им одговорил на молитвите за помош и испратил ангел, кој за една ноќ убил 185.000 војници во асирскиот логор. Веднаш следниот ден, Сенахирим заминал засрамен за својата престолнина, Ниневија, со малиот број војници што му преостанале (2. Цар. 19:35, 36).

Значи, Јехова не ги оставил оние што имале доверба во него. И денешните примери на наши браќа и сестри кои остануваат цврсти под испити покажуваат дека Јехова не се променил. Затоа, нашиот небесен Татко со право нѐ уверува: „Јас, Јехова, твојот Бог, те држам за десницата и ти велам: ‚Не плаши се! Јас ќе ти помогнам‘“ (Иса. 41:13).

[Фуснота]

^ „Рапшак“ било титула на висок службеник во Асирското Царство. Во овој извештај не е наведено личното име на човекот што ја носел таа титула.

[Истакната мисла на страница 13]

Во својата Реч, повеќе од 30 пати, лично Јехова им вели на своите слуги: „Не плаши се“

[Слика на страница 12]

Во кој поглед рапшакот користел слични тактики како и денешните непријатели на Божјиот народ?

[Слики на страница 15]

Ако сме блиски со Јехова, ќе можеме да му останеме верни кога ќе се најдеме на испит