Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Посвети се... на поучувањето“

„Посвети се... на поучувањето“

„Посвети се... на поучувањето“

„ВИЕ ми се обраќате со: ‚Учителе‘ и ‚Господару‘, и со право го велите тоа, бидејќи тоа и сум“ (Јован 13:13). Со овие зборови, кои им ги кажал на своите ученици, Исус ја нагласил својата улога на учител. Потоа, кратко пред да се вознесе на небото, им ја дал следнава заповед: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи... учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Мат. 28:19, 20). Подоцна и апостол Павле истакнал колку е важно да ги поучуваме другите за Божјата Реч. Тој го советувал христијанскиот старешина Тимотеј: „Посвети се на јавното читање, на поттикнувањето, на поучувањето... Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тим. 4:13-15).

И денес поучувањето е важно обележје и на нашата служба и на нашите христијански состаноци. Како можеме да се посветиме на поучувањето, и на кои начини тоа ќе ни помогне уште подобро да ги поучуваме другите за Божјата Реч?

Угледај се на Големиот Учител

Начинот на кој поучувал Исус им се допаѓал на мнозина од оние што го слушале. Забележи како влијаеле неговите зборови врз луѓето што дошле во синагогата во Назарет. Лука, писателот на едно од евангелијата, запишал: „Сите се согласуваа со тоа и се восхитуваа на привлечните зборови што излегуваа од неговата уста“ (Лука 4:22). Учениците на Исус проповедале по примерот на својот Господар. А апостол Павле ги поттикнал сохристијаните: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христос“ (1. Кор. 11:1). Бидејќи ги користел истите методи со кои се служел Исус, Павле бил многу делотворен кога ‚поучувал јавно и одејќи од куќа до куќа‘ (Дела 20:20).

Поучувал „на плоштадот“

Извештајот запишан во Дела 17. поглавје многу јасно покажува колку успешно Павле поучувал на јавни места. Таму читаме за неговата посета на Атина. Каде и да се свртел — по улиците и на градските плоштади — Павле гледал идоли. Не е чудо што многу се вознемирил! Сепак, не дозволил да биде поведен од чувствата. Наместо тоа, ‚расправал секој ден во синагогата и на плоштадот со оние што ќе се затечеле таму‘ (Дела 17:16, 17). Колку добар пример за нас! Ако без предрасуди и со почит им пристапуваме на луѓето од најразлични националности, можеме да поттикнеме некои од нив да слушаат и, со текот на времето, да се ослободат од ропството на лажната религија (Дела 10:34, 35; Отк. 18:4).

На плоштадот, Павле се соочил со специфична публика. Меѓу оние што го слушале имало филозофи чии гледишта не се поклопувале со вистините што ги проповедал тој. Кога почнале да му противречат, тој го зел во обѕир она што го кажувале. Некои го нарекле „дрдорко“, а други рекле: „Изгледа дека објавува некакви туѓи богови“ (Дела 17:18).

Но, Павле не дозволил да го обесхрабрат навредливите забелешки на оние што го слушале. Напротив, кога побарале од него да им ги објасни своите учења, Павле ја искористил можноста да им изнесе еден длабок говор од кој јасно се гледа неговата способност за поучување (Дела 17:19-22; 1. Пет. 3:15). Да го разгледаме подетално овој говор и да извлечеме поуки што ќе ни помогнат и ние подобро да ги поучуваме луѓето.

Постави заеднички темел

Павле рекол: „Луѓе Атињани, гледам дека вие сте во сѐ некако попобожни од другите. Имено, додека... го набљудував она што вие го почитувате, најдов и жртвеник со натпис: ‚На непознатиот Бог‘. Значи, она што вие го почитувате, а не го познавате, тоа јас ви го објавувам“ (Дела 17:22, 23).

Павле внимателно набљудувал околу себе. Од она што го видел, открил многу за оние на кои им се обраќал. И ние можеме да дознаеме нешто за станарот ако внимателно набљудуваме околу себе. На пример, играчки во дворот или некои знаци на влезната врата можат многу да ни откријат. Ако барем донекаде имаме претстава за околностите во кои живее станарот, можеме внимателно да избереме не само што ќе кажеме, туку и како ќе го кажеме тоа (Кол. 4:6).

Павле ја пренесувал пораката со позитивен став. Но, сфатил дека ‚побожноста‘ на Атињаните не се темелела на точно спознание. Тој јасно им ставил до знаење како можат да почнат да му служат на вистинскиот Бог (1. Кор. 14:8). Според тоа, многу е важно и ние да задржиме позитивен став и да зборуваме јасно кога ја објавуваме добрата вест за Царството.

Биди тактичен и непристрасен

Потоа Павле продолжил: „Богот кој го создаде светот и сѐ што е на него, тој, Господарот на небото и на земјата, не живее во храмови направени со раце, ниту го послужуваат човечки раце, небаре тој има потреба од нешто, бидејќи тој самиот им дава на сите живот и здив и сѐ“ (Дела 17:24, 25).

Овде Павле го насочил вниманието на Јехова како Бог кој им дава живот на сите, тактично нарекувајќи го „Господарот на небото и на земјата“. Колку голема чест е да им помагаме на искрените луѓе од различни култури и со различни верски убедувања да сфатат дека Јехова Бог е Творец на целокупниот живот! (Пс. 36:9).

Павле продолжил: „И од еден човек го направи целиот човечки род... и ги одреди времињата и ги постави границите на нивното живеење, за да го бараат Бог, и некако да го напипаат и да го најдат, иако не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:26, 27).

Со начинот на кој поучуваме можеме да им покажеме на другите на каков Бог му служиме. Јехова непристрасно им дозволува на луѓето од сите народи „да го бараат... и да го најдат“. И ние сме непристрасни и зборуваме со сите што ги среќаваме. Се трудиме да им помогнеме на оние што веруваат дека постои Творец да станат блиски со него за да можат да добијат вечни благослови (Јак. 4:8). Но, како да им помогнеме на оние што не веруваат дека постои Бог? Да го следиме примерот на Павле. Забележи што рекол тој понатаму.

„Преку него имаме живот и се движиме и постоиме, како што рекоа и некои ваши поети: ‚Дури сме и негово потомство‘. Значи, кога сме Божје потомство, не смееме да мислиме дека Бог е како злато или сребро или камен“ (Дела 17:28, 29).

За да ја разбуди љубопитноста на слушателите, Павле цитирал извадоци од грчки поети кои Атињаните ги знаеле и ги ценеле. И ние се трудиме да поставиме заеднички темел така што зборуваме за работи со кои нашите слушатели се согласуваат. На пример, споредбата што Павле ја дава во своето писмо до Евреите е исто толку непобитна денес колку што била и тогаш: „Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ“ (Евр. 3:4). Ако го наведеме станарот да размисли за оваа едноставна споредба, можеби ќе му помогнеме да сфати дека она што му го кажуваме има логика. Но, говорот на Павле содржи уште едно обележје на делотворното поучување — да поттикне на позитивни чекори.

Нагласи во колку значајно време живееме

Павле рекол: „Вистина, Бог не се обѕира на времињата на таквото незнаење, туку сега им порачува на сите луѓе насекаде да се покаат. Зашто, определи ден во кој науми да му суди на целиот свет според правдата, преку човек кого го одреди за тоа“ (Дела 17:30, 31).

Тоа што Бог привремено го допуштил злото ни дава можност на сите да му покажеме што навистина имаме во срцето. Многу е важно да нагласиме колку е значајно времето во кое живееме и уверливо да зборуваме за благословите под власта на Царството, кои сега се толку близу (2. Тим. 3:1-5).

Различен прием

„Кога чуја за воскресение на мртвите, едни почнаа да се подбиваат, а други рекоа: ‚Ќе те слушаме за ова и другпат‘. Така Павле си замина откај нив. А некои луѓе му се придружија и станаа верници“ (Дела 17:32-34).

Некои веднаш ги прифаќаат вистините за кои поучуваме, но на други им треба повеќе време за да се уверат во она што го зборуваме. Сепак, ако нашето јасно и едноставно објаснување на вистината му помогне макар само на еден човек подобро да го запознае Јехова, ние сме пресреќни што, преку нас, Бог го привлекол кон неговиот Син! (Јован 6:44).

Поуки за нас

Ако размислуваме за говорот на Павле, можеме да научиме многу за тоа како да им ја објаснуваме библиската вистина на другите. Доколку имаме можност да држиме јавни предавања во собранието, да се трудиме да го следиме примерот на Павле, со тоа што тактично ќе изнесеме мисли што ќе му помогнат на некој што не е Сведок да ги разбере и да ги прифати библиските вистини. Иако сакаме јасно да ги пренесеме, добро е да внимаваме со ништо да не ги потценуваме верувањата на некој од присутните што не ја дели нашата вера. Истовремено, додека им проповедаме на луѓето, се трудиме да бидеме тактични и да изнесуваме уверливи докази. Ако правиме така, навистина ќе го послушаме советот на Павле, кој рекол ‚да се посветиме на поучувањето‘.

[Слика на страница 30]

Павле поучувал јасно, едноставно и тактично

[Слика на страница 31]

По примерот на Павле, ги земаме во обѕир чувствата на оние на кои им проповедаме