Служба во време на невиден пораст
Служба во време на невиден пораст
Раскажал Харли Харис
Беше 2 септември 1950 год., во Кенет (Мисури, САД). Додека присуствувавме на покраинскиот собир, се најдовме опкружени од насилна толпа луѓе. Градоначалникот мораше да ја повика Националната гарда за да нѐ заштити од разбеснетото мноштво. Војниците се наредија од двете страни на улицата, со пушки на готовс и извлечени бајонети. Додека од сите страни кон нас фрчеа навреди, се упативме кон нашите коли и тргнавме кон Кејп Жирардо (Мисури), каде што го ислушавме преостанатиот дел од програмата на собирот. Токму таму и се крстив. Тогаш имав 14 години. Но, да ви раскажам како почнав да му служам на Јехова во тие бурни времиња.
ВО ПОЧЕТОКОТ на 1930-тите години, дедо ми и баба ми и нивните осум деца имале можност да слушнат аудиоснимки од некои говори на брат Ратерфорд и дошле до заклучок дека ја пронашле вистината. Моите родители, Беј и Милдред Харис, се крстиле во 1935 год. на конгресот во Вашингтон (Д.К.). Колку биле восхитени што со тоа станале дел од ‚големото мноштво‘, чиј идентитет бил разјаснет токму на тој конгрес! (Отк. 7:9, 14).
Јас сум се родил следната година. А една година подоцна, моите родители се преселиле во едно изолирано подрачје во Мисисипи. Додека живеевме таму, немавме дури ни посета од патувачки надгледник. Моето семејство имаше преписка со Бетел и одеше на собирите и, некое време, тоа беа единствените прилики кога се дружевме со браќата.
Истрајност под прогонство
Во текот на Втората светска војна, Јеховините сведоци претрпеа големо прогонство затоа што беа политички неутрални. Ние се имавме преселено во Маунтин Хоум (Арканзас). Еднаш, додека со татко ми сведочевме на улица, еден човек му ги грабна списанијата од раце и ги изгоре пред наши очи. Потоа нѐ нарече кукавици затоа што одбивавме да учествуваме во војната. Бидејќи имав само пет години, се расплакав. Но, татко ми продолжи смирено и без збор да го гледа човекот сѐ додека тој не си замина.
Се разбира, имаше и добри луѓе кои се однесуваа пријателски со нас. Во една прилика, повторно се насобра толпа луѓе додека седевме во нашата кола. Во тој момент поминуваше тамошниот јавен обвинител, кој застана и праша: „Што се случува овде?“ Еден човек му одговори: „Овие Јеховини сведоци не сакаат да се борат за својата татковина!“ Тогаш обвинителот стапна од Дела 27:3).
страната на нашата кола и извика: „Јас се борев во Првата светска војна, а ќе се борам и во оваа! Пуштете ги овие луѓе. Тие никому не му прават зло!“ И, мноштвото полека се разотиде. Колку многу ни значеше поддршката на таквите добри луѓе кои покажуваа човечност кон нас! (Зајакнати од конгресите
Конгресот што во 1941 год. се одржа во Сент Луис (Мисури) беше токму она што ни требаше. Според една проценка, присуствуваа над 115.000 лица, а се крстија дури 3.903! Многу добро се сеќавам на говорот „Децата на Царот“ што го изнесе брат Ратерфорд. Ни се обрати директно нам, на младите, и сите добивме примерок од прекрасната сина книга со наслов Деца. Овој конгрес ме зајакна да се соочам со она што се случи следната година, кога тргнав во основно училиште. Јас и моите братучетки бевме истерани од училиштето затоа што не го поздравувавме знамето. Секој ден доаѓавме да видиме дали директорите можеби си го смениле мислењето. Многу утра одевме низ шумата до училиштето, но залудно — секогаш одново нѐ враќаа дома. Сепак, за мене тоа беше еден начин на кој можевме да покажеме дека сме му лојални на Божјето Царство.
Но, недолго потоа, Врховниот суд на САД донесе пресуда според која поздравувањето на знамето не беше задолжително. Конечно можевме да одиме на училиште. Учителот беше многу љубезен и ни помогна да го надоместиме материјалот што веќе беше поминат. И соучениците се однесуваа со почит кон нас.
Се сеќавам и на конгресот што се одржа во 1942 год., во Кливленд (Охајо), на кој брат Натан Х. Нор го изнесе говорот: „Мир — може ли да потрае?“ Ова разгледување на 17. поглавје на Откровение укажуваше дека по завршувањето на Втората светска војна ќе настапи период на релативен мир. Затоа се очекуваше понатамошен пораст. За да бидеме подготвени за тоа што требаше да следи, во 1943 год. беше основана Школата Гилеад. Тогаш не знаев колку оваа школа ќе влијае врз мојот живот во иднина. По војната навистина настапи мир и прогонството стивна. Сепак, кога почна Корејската војна во 1950 год., повторно се разгоре противење кон нашето проповедање, како што кажав во почетокот.
Поголем удел во порастот
Во 1954 год. завршив средно, а еден месец потоа почнав со пионерската служба. Откако служев во Кенет (Мисури), каде што бевме опкружени од насилна толпа во 1950 год., бев повикан во Бетел, во март 1955. Во подрачјето на собранието каде што бев доделен да служам спаѓаше и Тајмс Сквер, во самиот центар на Њујорк. Каква промена од селскиот живот! Обично им го привлекував вниманието на зафатените Њујорчани со тоа што ќе го отворев списанието на некоја интересна статија и ќе речев: „Дали некогаш сте си го поставиле ова прашање?“ Мнозина земаа списанија.
Најомилен дел од денот во Бетел ми беше утринското разгледување на дневниот стих, на кое претседаваше брат Нор. Тој навистина умееше да ни ги оживее библиските стихови и да објасни како практично може да ги примениме! Со нас, неженетите браќа, разговараше како татко со своите синови, и честопати ни даваше убави совети како да се однесуваме со спротивниот пол. До 1960 год., имав донесено одлука да се оженам.
Доставив писмено известување до Бетел дека ќе си заминам за 30 дена, но не добив одговор. Кога истече тој период, иако бев срамежлив, собрав храброст да прашам дали го добиле моето известување. Брат Роберт Вален одговори на телефонот и дојде каде што работев. Ме праша дали би служел како специјален пионер или како покраински надгледник. „Но, Боб“, му реков, „јас имам само 24 години и немам никакво искуство!“
Во патувачкото дело
Таа вечер, во собата ме чекаше голем плик. Во него имаше молба за специјален пионер и уште една за покраински надгледник.
Мајко моја! Нозете ми се пресекоа! И така, ми беше дадена огромна чест да им служам на браќата во покраинското дело во југозападниот дел на Мисури и во источен Канзас. Но, пред да излезам од Бетел, присуствував на еден состанок за патувачки надгледници. Во заклучокот, брат Нор рече: „Тоа што ќе бидете покраински и обласни надгледници не значи дека знаете повеќе од локалните браќа. Некои се многу поискусни од вас. Но, околностите не им дозволуваат да служат како патувачки надгледници. Можете многу да научите од нив“.Колку вистинити беа тие зборови! Брат Фред Молохан и неговата жена, како и неговиот телесен брат Чарли од Парсонс (Канзас) беа извонреден пример. Ја имаа прифатено вистината во почетокот на 1900-тите. Ми беше вистинско задоволство да слушам за искуствата што ги имале уште пред да се родам! Друг брат беше Џон Ристен, љубезен постар Сведок од Џоплин (Мисури), кој со децении служел како пионер. Овие драги браќа многу го почитуваа теократскиот ред. Ми покажаа дека ме ценат како свој покраински надгледник иако бев толку млад!
Во 1962 год. се оженив со Клорис Кноки, весела црвенокоса пионерка. Продолживме заедно во покраинската служба. Додека престојувавме кај браќата, подобро ги запознавме. Имавме можност да ги охрабриме младите да започнат со полновремена служба. Двајца млади луѓе од нашата покраина — Џеј Косински и Џоен Кресмен — како едвај да го чекаа тоа! Одевме во служба со нив и им раскажувавме за радоста што ја носи самопожртвуваниот живот. Тоа ги поттикна да си постават цели. Џоен стана специјален пионер, а Џеј служеше во Бетел. Подоцна се зедоа, и сега служат во покраинска служба веќе 30-ина години.
Мисионерска служба
Во 1966 год., брат Нор нѐ праша дали би сакале да служиме во друга земја. „Среќни сме каде што сме“, одговоривме, „но ако има потреба да одиме на друго место, ќе одиме.“ Една седмица подоцна, бевме поканети на Школата Гилеад. Бев многу радосен што за време на школата повторно престојував во Бетел и што можев да се видам со мнозина од оние што ги сакав и почитував! Станавме пријатели и со други браќа и сестри кои беа со нас на школата и кои верно му служат на Јехова до ден-денес.
Јас и Клорис бевме доделени во Еквадор во Јужна Америка заедно со Денис и Едвина Крист, и со Ана Родригез и Делија Санчез. Денис и Едвина беа испратени во главниот град, Кито. Ние, пак, заедно со Ана и Делија, бевме доделени во Куенка, трет град по големина во Еквадор. Подрачјето кое требаше да го обработуваме опфаќаше цели две провинции. Првото собрание во Куенка беше основано во нашата дневна соба. Бевме ние четворица и уште двајца други. Се прашувавме како воопшто ќе постигнеме да проповедаме на целото подрачје.
Во Куенка имаше цркви на секој чекор, а на таканаречените свети денови низ целиот град се движеа религиозни процесии.
Сепак, жителите на овој град имаа многу прашања. На пример, кога првпат се сретнав со Марио Поло, врвен велосипедист од Куенка, се изненадив кога ме праша: „Која е блудницата спомната во книгата Откровение?“Една ноќ, Марио дојде кај нас дома прилично загрижен. Еден пастор од евангелистичката црква му дал некоја литература во која имаше тешки обвиненија против Јеховините сведоци. Му реков дека не би било фер на обвинетиот да не му биде дозволено да каже нешто во своја одбрана. Затоа, следниот ден, тој нѐ повика пасторот и мене кај него дома за да одговорам на обвиненијата. На таа средба предложив да зборуваме само за тројството. Кога пасторот го прочита Јован 1:1, самиот Марио го објасни значењето на овој стих. Истото се случи и со сите други библиски стихови што ги наведе пасторот. Се разбира, на крајот си замина без да го докаже тројството. Ова ги увери Марио и жена му дека ние ја имаме вистината и подоцна тие одлично ги бранеа библиските учења. Колкава радост ни причинува тоа што во Куенка бројот на собранија порасна на 33, а на огромното подрачје каде што бевме доделени да проповедаме кога дојдовме, денес има вкупно 63 собранија — навистина невиден пораст!
Го следиме порастот од подружницата
Во 1970 год., бев замолен да служам во подружницата во Гвајаквил заедно со Ал Счуло. Двајцата се грижевме за работата во Бетелот. Џо Секерак доаѓаше по неколку часови дневно и ја пакуваше литературата за 46-те собранија, колку што ги имаше во целата земја. Некое време јас работев во Бетел а Клорис продолжи да служи како мисионер на полето. Досега им има помогнато на 55 лица да се крстат, а честопати се случуваше на еден собир да се крстат тројца до петорица од оние со кои проучуваше.
На пример, Клорис ја проучуваше Библијата со една жена која се викаше Лукресија и чиј сопруг беше противник. Сепак, Лукресија на крајот се крсти и почна да служи како општ пионер. Ги поучи и своите деца за Јеховините патишта. И двајцата нејзини синови сега се старешини, едниот е специјален пионер, а и нејзината ќерка служи како пионер. Внука ѝ се омажи за еден добар брат, и сега и тие служат како специјални пионери. Ова семејство им помогна на мнозина да ја запознаат вистината.
До 1980 год., во Еквадор имаше околу 5.000 објавители и веќе немаше место за сите што служевме во малиот Бетел. Тогаш еден брат ни понуди земјиште од 32 хектари надвор од Гвајаквил. Во 1984 год., на ова земјиште почнавме да градиме нова подружница и Конгресна сала, кои беа свечено отворени во 1987 год.
Повеќе браќа спремно придонесуваат за порастот
Низ годините, многу се радувавме секогаш кога гледавме како многу објавители и пионери од други земји доаѓаат да служат во Еквадор, каде што имаше голема потреба од објавители на Царството. Еден од тие браќа, кој ми остави силен впечаток, беше Енди Кид, учител во пензија од Канада. Тој се пресели во Еквадор во 1985 год., на возраст од 70 години, и верно остана да служи сѐ до својата смрт во 2008 год., кога имаше 93 години. Кога првпат се сретнав со него во местото каде што служеше, беше единствениот надгледник во едно мало собрание. Го изнесе јавното предавање на својот слаб шпански, а потоа го водеше и Проучувањето на Стражарска кула. Ја водеше и Теократската школа за служба, како и повеќето точки од Состанокот за нашата служба! На тоа подрачје денес има две напредни собранија, со речиси 200 објавители и многу локални старешини.
Еден друг брат, Ернесто Дијаз, кој се досели со своето семејство од САД, по осум месеци во Еквадор рече: „Нашите три деца го научија јазикот и успешно ги поучуваат луѓето. Како татко, постигнав цел што ми се чинеше недостижна во овој поредок — да бидам општ пионер и да сум во полновремена
служба заедно со своето семејство. Сите заедно, водиме 25 библиски студии. Сето ова придонесе да бидеме уште поединствени како семејство но, најмногу од сѐ, ми помогна да се зближам со Јехова како никогаш порано“. Колку многу ги цениме овие драги браќа и сестри!Во 1994 год., подружницата беше проширена, така што зафаќаше двојно поголем простор. Во 2005 год., ја надминавме бројката од 50.000 објавители, па беше потребно и додатно проширување. Во него беа вклучени проширување на Конгресната сала, нова зграда за живеење, како и канцеларии за преведување. Овие нови објекти беа посветени на 31 октомври 2009 год.
Кога бев истеран од училиште во 1942 год., во САД имаше околу 60.000 Сведоци. Сега има над милион. Кога дојдовме во Еквадор во 1966 год., овде имаше околу 1.400 објавители на Царството, а сега има повеќе од 68.000. Но, и оваа бројка сигурно ќе порасне со оглед на 120-те илјади библиски студии и на повеќе од 232.000 лица кои присуствуваа на одбележувањето на Христовата смрт во 2009 год. Навистина, Јехова го благословува својот народ на начин што не можевме да си го замислиме пред неколку децении. Колку сме радосни што живееме во време на невиден пораст! *
[Фуснота]
^ пас. 34 Додека оваа статија се подготвуваше за печатење, Харли Харис почина останувајќи му верен на Јехова.
[Слика на страница 5]
Конгрес на отворено (1981) и Конгресната сала во Гвајакил (2009) на истото земјиште