Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Барајте ја најнапред „Божјата праведност“

Барајте ја најнапред „Божјата праведност“

Барајте ја најнапред „Божјата праведност“

„Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (МАТ. 6:33)

1, 2. Што е Божјата праведност, и на што е одраз таа?

„БАРАЈТЕ [ГО] најнапред царството“ (Мат. 6:33). Денес нам, на Јеховините сведоци, многу добро ни се познати овие зборови на Исус Христос, кои ги кажал во својата Проповед на гората. Затоа настојуваме на секое поле од животот да покажеме дека го сакаме тоа Царство и дека сакаме да му бидеме лојални. Но, не смееме да го заборавиме и вториот дел од овој стих, имено, дека треба да ја бараме и „Божјата праведност“. Што е Божјата праведност, и како можеме најнапред да ја бараме и неа?

2 Божјата праведност се однесува на она што Бог го смета за праведно. Како Творец, Јехова има право да постави мерила за тоа што е добро а што лошо, што е исправно а што погрешно (Отк. 4:11). Сепак, Божјата праведност не се состои од крути правила или од бескраен список на закони и прописи. Наместо тоа, таа е одраз на Божјата личност, и Јехова ја покажува во склад со своите други главни особини — љубовта, мудроста и моќта. Исто така, поврзана е со Божјата волја и намера. Во неа спаѓа и она што Бог го очекува од сите кои сакаат да му служат.

3. а) Како можеме најнапред да ја бараме Божјата праведност? б) Зошто се држиме за Јеховините праведни мерила?

3 Како можеме најнапред да ја бараме Божјата праведност? Едноставно кажано, така што ќе ја вршиме Божјата волја за да го радуваме. Ја бараме неговата праведност со тоа што се трудиме да живееме, не според нашите, туку според неговите начела и совршени мерила. (Прочитај Римјаните 12:2.) Но, не треба да бидеме послушни на Божјите закони затоа што се плашиме дека, во спротивно, Бог ќе нѐ казни. Напротив, бидејќи ваквиот начин на живот е тесно поврзан со нашиот однос со Јехова, љубовта кон него е тоа што нѐ поттикнува да го радуваме држејќи се за она што тој го смета за исправно, а не за некои мерила што самите сме си ги поставиле. Свесни сме дека само така ќе постапуваме исправно и дека, всушност, Бог нѐ создал за да живееме на таков начин. Исто како Исус Христос, Царот на Божјето Царство, мора да ја сакаме праведноста (Евр. 1:8, 9).

4. Зошто е важно да ја бараме Божјата праведност?

4 Колку е важно да ја бараме Јеховината праведност? Размисли за следново: Првиот испит во градината Еден требало да покаже дали Адам и Ева ќе го прифатат Јеховиното право да поставува мерила или не (1. Мој. 2:17; 3:5). Тоа што паднале на овој испит ни донело страдање и смрт нам, како нивни потомци (Рим. 5:12). Од друга страна, Божјата Реч вели: „Кој оди по праведност и по добрина, наоѓа живот, праведност и чест“ (Изр. 21:21). Значи, ако најнапред ја бараме Божјата праведност, ќе имаме добар однос со Јехова, а поради таквиот однос со него, на крајот ќе бидеме спасени (Рим. 3:23, 24).

Зошто е опасно да бидеме самоправедни

5. Од која опасност треба да се чуваме?

5 Во своето писмо до христијаните во Рим, апостол Павле нагласил една опасност од која треба сите да се чуваме ако сакаме навистина најнапред да ја бараме Божјата праведност. Во врска со своите еврејски сонародници, Павле рекол: „Сведочам за нив дека ревносно се трудат да му угодат на Бог, но не знаат точно што е неговата волја. Зашто, поради тоа што не ја познаваат Божјата праведност, туку настојуваат да ја воспостават својата, не се подложија на Божјата праведност“ (Рим. 10:2, 3). Според Павле, Евреите не ја разбирале Божјата праведност бидејќи поважно им било да ја воспостават својата сопствена праведност. *

6. Од кој став треба да се чуваме, и зошто?

6 Еден начин на кој би можеле да паднеме во оваа замка е да почнеме, во нашата служба за Бог, да се натпреваруваме и да се споредуваме со другите. Овој став лесно може да нѐ наведе да стекнеме превисоко мислење за себеси. Но, всушност, кога би дошло до тоа, би покажале дека сме заборавиле на Божјата праведност (Гал. 6:3, 4). Исправниот мотив да постапуваме како што треба е нашата љубов кон Јехова. Ако настојуваме да ја докажеме својата праведност, тогаш прашање е дали навистина го сакаме Јехова. (Прочитај Лука 16:15.)

7. Како Исус се обидел да ги исправи оние што биле уверени во својата праведност?

7 На Исус не му се допаѓал ставот на оние што ‚биле уверени во својата праведност, па ги потценувале другите‘. Тој се обидел да ги исправи така што им ја раскажал следнава споредба: „Двајца луѓе отидоа во храмот да се молат. Едниот беше фарисеј, а другиот даночник. Фарисејот застана и вака се молеше во себе: ‚Боже, ти благодарам што не сум како останатите луѓе: изнудувачи, неправедници, прељубници или како овој даночник. Постам двапати во седмицата, давам десеттина од сѐ што ќе стекнам‘. А даночникот, стоејќи понастрана, не сакаше ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: ‚Боже, биди милостив кон мене грешникот!‘“ На крајот, Исус заклучил: „Ви велам, овој си замина дома поправеден од другиот. Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понижен, а оној што се понизува, ќе биде возвишен“ (Лука 18:9-14).

Друга опасност — да станеме преправедни

8, 9. Што значи да се биде „преправеден“, и до што би можело да нѐ доведе тоа?

8 Друга опасност од која треба да се чуваме е опишана во Проповедник 7:16: „Не биди преправеден и не биди премногу мудар. Зошто самиот да се упропастиш?“ Потоа, во 20. стих, под водство на светиот дух, библискиот писател наведува една причина зошто треба да внимаваме да не стекнеме таков став: „Нема праведен човек на земјата, кој прави само добро и никогаш не греши“. Оној што е преправеден си поставува свои лични мерила за праведност и им суди на другите според нив. Но, не сфаќа дека со тоа, всушност, покажува дека ги смета своите мерила за подобри од Божјите, и така станува неправеден во Божји очи.

9 Ако сме преправедни, би можеле да го ставиме под знак прашалник и начинот на кој Јехова ги решава работите. Сепак, треба да имаме на ум дека, ако се сомневаме во исправноста на Јеховините одлуки, ние, всушност, ги поставуваме нашите мерила за праведност над Јеховините. Тоа би било исто како да го изведеме Јехова на суд и да му судиме според нашите лични мерила за исправно и погрешно. Сепак, Јехова е тој што има право да ги одреди тие мерила, а не ние! (Рим. 14:10).

10. Исто како во случајот на Јов, што може да нѐ наведе да му судиме на Бог?

10 Иако никој од нас не би сакал свесно да му суди на Бог, сепак, поради тоа што сме несовршени, би можеле да паднеме во таа замка. Ова лесно може да се случи ако гледаме нешто што нам ни изгледа како неправда или, пак, ако самите доживееме некоја неволја. Дури и верниот Јов ја направил оваа грешка. Во почетокот, тој е опишан како ‚непорочен и праведен, човек што се боел од Бог и го одбегнувал злото‘ (Јов 1:1). Но, потоа го снашле многу неволји една по друга. Тоа му се чинело многу неправедно и го навело да тврди дека ‚неговата душа е поправедна од Бог‘ (Јов 32:1, 2). Јехова морал да го исправи неговото гледиште. Затоа, не треба да се изненадиме ако, повремено, и ние се најдеме во слична ситуација. Ако се случи вакво нешто, што ќе ни помогне да си го исправиме ставот?

Не ги знаеме секогаш сите факти

11, 12. а) Ако мислиме дека нешто е неправедно, на што треба да се сетиме? б) Зошто некој би можел да мисли дека во својата споредба со работниците на лозјето Исус изнел една неправда?

11 Првото нешто што не смееме да го заборавиме е дека не ги знаеме секогаш сите факти. Ова било случај со Јов. Тој не знаел дека Сатана лажно го обвинил кога ангелите биле собрани пред Јехова на небото (Јов 1:7-12; 2:1-6). Јов не бил свесен дека, всушност, Сатана е тој што му ги нанесува неволјите. Впрочем, прашање е дали воопшто знаел кој е Сатана! Затоа дошол до погрешен заклучок дека Бог му нанесува неволји. Ова покажува колку е лесно да донесеме неисправен заклучок кога не ги знаеме сите факти.

12 На пример, размисли за споредбата со работниците на лозјето, која ја раскажал Исус. (Прочитај Матеј 20:8-16.) Овде Исус зборувал за еден домаќин кој им дал иста плата на сите свои работници, сеедно дали работеле кај него цел ден или само еден час. Што мислиш ти за тоа? Дали ти се чини праведно? Кога го читаш овој извештај, можеби веднаш ти паѓа жал за работниците што цел ден се мачеле на жешкото сонце. Тие сигурно заслужувале да добијат повеќе од другите! Гледано од овој агол, домаќинот може да изгледа бесчувствителен и неправеден. Дури и од одговорот што им го дал на работниците кои се жалеле би можело да ни се чини дека тој ја злоупотребил својата положба како работодавач. Но, дали ги знаеме сите факти?

13. Од кој друг агол може да ја гледаме Исусовата споредба со работниците на лозјето?

13 Да ја анализираме оваа споредба од друг агол. Без сомнение, домаќинот бил свесен дека сите тие луѓе требало да ги прехранат своите семејства. Во времето на Исус, на работниците што работеле на полето им се исплаќала дневница. Нивните семејства зависеле од парите што тие ги добивале секој ден. Имајќи го ова на ум, замисли во каква ситуација биле оние што домаќинот ги зел кон крајот на денот и што работеле само еден час. Веројатно не би можеле да купат доволно храна за семејството доколку биле платени само за еден час работа. Но, тие биле спремни да работат и чекале цел ден некој да ги најми (Мат. 20:1-7). Не било нивна вина што не работеле цел ден и ништо не покажува дека намерно не сакале да работат. Замисли да си морал ти да чекаш цел ден, свесен дека други луѓе зависат од она што ќе го заработиш тој ден. Колку би бил среќен што некој сепак те најмил, и колку би се изненадил кога би добил доволно пари да го прехраниш семејството!

14. Која скапоцена поука може да ја извлечеме од споредбата со лозјето?

14 Сега, да размислиме уште еднаш за она што го направил домаќинот. Тој никому не му платил премалку. Напротив, постапил со сите работници како со луѓе што имаат право да спечалат пари за да се издржуваат себеси и семејството. Бидејќи имало мнозина што барале работа, овој човек можел да ја искористи ситуацијата и да најми евтина работна рака, нудејќи им помалку пари од она што им следувало. Но, тој не го сторил тоа. Сите негови работници се вратиле дома со доволно пари да купат храна за семејството. Ако ги земеме предвид овие додатни детали, можеби ќе гледаме поинаку на неговите постапки. Со својата одлука, овој домаќин покажал дека е заинтересиран за луѓето и дека не сака да ја злоупотребува својата положба. Што учиме од ова? Учиме дека, ако знаеме само неколку факти, лесно може да донесеме погрешен заклучок. Всушност, оваа споредба нагласува колку е возвишена Божјата праведност, која не се темели само на некакви законски прописи или на тоа кој колку заслужил.

Нашето гледиште може да биде искривено или ограничено

15. Зошто нашето гледиште за праведноста може да биде искривено или ограничено?

15 Втората работа што треба да ја имаме на ум кога ќе се соочиме со ситуација која ни се чини неправедна е дека нашето гледиште може да биде искривено или ограничено. Може да биде искривено поради нашата несовршеност, предрасуди или менталитет. Може да биде ограничено затоа што не можеме да ги процениме мотивите на другите и не знаеме што навистина има во нивното срце. За разлика од нас, Јехова и Исус немаат такви ограничувања (Изр. 24:12; Мат. 9:4; Лука 5:22).

16, 17. Зошто можеби Јехова не го спровел својот закон за прељуба кога Давид направил грев со Витсавеа?

16 Да го анализираме накратко извештајот за прељубата на Давид со Витсавеа (2. Сам. 11:2-5). Според Мојсеевиот закон, тие заслужувале смртна казна (3. Мој. 20:10; 5. Мој. 22:22). Јехова ги казнил, но не така како што налагал неговиот сопствен закон. Дали тоа било неправедно од негова страна? Дали покажал пристрасност кон Давид и ги прекршил своите сопствени праведни мерила? Некои читатели на Библијата мислат дека е така.

17 Меѓутоа, Јехова им го дал овој закон за прељуба на несовршени судии, кои не можеле да го читаат човечкото срце. И покрај ова ограничување, овој закон им помагал да судат доследно. За разлика од нив, Јехова може да го чита срцето (1. Мој. 18:25; 1. Лет. 29:17). Затоа не треба да очекуваме дека и Тој треба секогаш да се држи за одреден закон што им го дал на несовршени човечки судии. Кога тоа би било случај, зар не би било исто како да натераме некој што одлично гледа да носи очила кои се наменети да им го исправат видот на оние што не гледаат добро? Јехова можел да го прочита срцето на Давид и на Витсавеа и да види дека искрено се каат. Тој го зел ова во обѕир кога им судел, и притоа покажал голема милост и љубов.

Продолжи да ја бараш Јеховината праведност

18, 19. Што ќе ни помогне никогаш да не му судиме на Јехова според нашите мерила за праведност?

18 Затоа, ако понекогаш ни се чини дека Јехова постапил неправедно — сеедно дали станува збор за некој извештај од Библијата или за некоја ситуација од нашиот живот — никогаш да не му судиме на Бог според нашите мерила за праведност. Сети се дека не ги знаеме секогаш сите факти и дека нашето гледиште може да биде искривено или ограничено. Никогаш не заборавај дека „човековиот гнев не ја донесува праведноста што ја бара Бог“ (Јак. 1:19, 20). Ако ги имаме овие работи на ум, нашето срце никогаш нема да „му се лути на Јехова“ (Изр. 19:3).

19 Исто како Исус, секогаш да бидеме свесни дека само Јехова има право да ги постави мерилата за тоа што е праведно и исправно (Мар. 10:17, 18). Затоа, труди се точно и добро да ги запознаеш неговите мерила (Рим. 10:2; 2. Тим. 3:7). Ако ги прифатиме тие мерила и ако живееме во склад со Јеховината волја, навистина ќе покажеме дека најнапред ја бараме „Божјата праведност“ (Мат. 6:33).

[Фуснота]

^ пас. 5 Според еден изучувач, зборот што од изворниот јазик е преведен со „воспостават“, исто така може да значи „да подигнат споменик“. Со други зборови, тие Евреи си подигале симболичен споменик за своја сопствена фалба, а не за да му оддадат слава на Бог.

Се сеќаваш ли?

• Зошто е важно да ја бараме Јеховината праведност?

• Од кои две опасности треба да се чуваме?

• Како можеме најнапред да ја бараме Божјата праведност?

[Прашања]

[Слика на страница 9]

Што учиме од споредбата што ја дал Исус во врска со двајцата луѓе кои се молеле во храмот?

[Слика на страница 10]

Дали било неправедно домаќинот да им плати на оние што работеле еден час исто како и на оние што работеле цел ден?