Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Секогаш зафатен во Јеховината организација

Секогаш зафатен во Јеховината организација

Секогаш зафатен во Јеховината организација

Раскажал Вернон Зубко

ПОРАСНАВ на фарма во близина на Стенен, село во провинцијата Саскачивен (Канада). Моите родители, Фред и Адела, многу се трудеа околу мене и другите четири деца — постарата сестра, Аурелија, помалата, Алегра, како и помалите браќа Алвин и Дарил. Тие напорно работеа за да бидеме згрижени материјално, но даваа сѐ од себе и да нѐ поучат за Јехова. До ден-денес сме им благодарни за тоа.

Татко ми, кој беше помазан христијанин, беше бестрашен проповедник. Освен што напорно работеше за да нѐ издржува, тој сакаше сите да знаат дека е Сведок. Секогаш зборуваше за вистината. Неговата ревност и храброст ми оставија траен впечаток. Честопати знаеше да ми рече: „Биди секогаш зафатен во Јеховината организација, и ќе се поштедиш од многу проблеми“.

Имавме обичај да сведочиме на улица во Стенен и во блиските места. За мене тоа не беше секогаш лесно. Во секој град ќе се најдеше некој што ќе дојдеше кај нас помладите и ќе нѐ исмеваше. Еднаш, кога имав осум години, група млади ме опколија додека стоев на аголот на една улица со Стражарска кула и Разбудете се! в рака. Ми ја грабнаа новата капа од главата и ја ставија на еден столб покрај мене. За среќа, еден постар брат, кој ме држеше на око, виде што се случува. Се приближи и ме праша: „Верн, дали е сѐ во ред?“ Момчињата се изгубија за миг. Иако оваа случка ме вознемири, научив нешто од неа — дека треба да се движам кога сведочам на улица, а не да стојам како столб. Ваквите искуства од детството ми помогнаа да ја стекнам храброста што ми беше потребна за да проповедам од врата до врата.

Јас и Алвин се крстивме во мај 1951 год. Тогаш имав 13 години. Сѐ уште се сеќавам на зборовите на брат Џек Натан кој, во говорот за крштавање, нѐ поттикна да не дозволиме да помине ниту еден месец без да зборуваме за Јехова. * Во нашето семејство, пионерската служба секогаш важеше за најдобар животен избор. Затоа, кога во 1958 год. завршив со училиштето, се преселив во Винипег (Манитоба) за да служам како пионер. Иако на татко ми му беше убаво што работевме заедно во нашата фирма за обработка на дрво, тој и мајка ми многу ја ценеа полновремената служба и се согласија со мојата одлука да се преселам.

Нов дом и нов партнер

Во 1959 год., подружницата ги покани сите што можат да се преселат во Квебек, каде што имаше голема потреба од проповедници. Јас заминав да служам како пионер во Монтреал. Колкава промена! Тоа беше потполно ново поглавје во мојот живот — морав да учам француски и да се прилагодам на друга култура. Нашиот покраински надгледник ми рече: „Никогаш немој да велиш: ‚Ова вака го правевме кај нас‘“. Тоа навистина се покажа како добар совет! (1. Кор. 9:22, 23).

Кога се преселив во Квебек, немав партнер во пионерската служба. Но, една млада сестра по име Ширли Туркат, со која се запознав пред тоа во Винипег, стана мој доживотен партнер кога се венчавме во февруари 1961 год. И таа беше израсната во семејство кое го сакаше Јехова. Тогаш не сфаќав во потполност колку скапоцен извор на сила и охрабрување ќе ми биде низ годините.

Проповедничко патување на полуостровот Гаспе

Две години по венчавката, добивме задача да служиме како специјални пионери во Римуски (Квебек). Следната пролет, подружницата нѐ замоли да проповедаме по целиот полуостров Гаспе, кој се наоѓа на источниот брег на Канада. Нашата задача беше да посееме што е можно повеќе семе на вистината (Проп. 11:6). Ја натоваривме колата со над 1.000 списанија и околу 400 книги, а понесовме и нешто храна и облека, и тргнавме на проповедничко патување кое траеше цел месец. Ги обработувавме селцата на Гаспе едно по едно. Локалната радиостаница објавила дека доаѓаат Сведоците и ги предупредила луѓето да не земаат публикации од нас. Меѓутоа, повеќето жители погрешно го разбрале ова известување, па мислеа дека тоа е реклама за нашата литература и ја земаа.

Во тие години, слободата да проповедаме беше нешто ново во некои делови од Квебек, па затоа често се случуваше да нѐ запре полиција. Ова ни се случи и во еден град каде што станарите земаа литература на речиси секоја врата. Еден полицаец ни рече да отидеме со него во полициската станица, и ние појдовме. Дознав дека градскиот адвокат издал наредба да нѐ спречат да проповедаме. Бидејќи командирот на полицијата не беше на работа тој ден, му го предадов на овој адвокат целосно документираното писмо од подружницата во Торонто, во кое беше објаснето нашето право да проповедаме. Откако го прочита, брзо рече: „Видете, не сакам проблеми. Жупникот ми рече да ве спречам да проповедате“. Бидејќи не сакавме луѓето на тоа подрачје да мислат дека нашето дело е незаконско, веднаш се вративме онаму каде што нѐ запре полицаецот и продолживме со службата.

Следното утро, појдовме во полицијата за да се сретнеме со командирот, а тој се налути кога чу дека некој нѐ привел. Требаше да слушнете што сѐ му изнакажа на адвокатот по телефон! Потоа ни рече лично да му се јавиме доколку некој ни прави проблеми и дека тој ќе среди сѐ. Иако бевме странци и нашиот француски не беше баш најдобар, луѓето беа љубезни и гостољубиви кон нас. Сепак, се прашувавме: ‚Дали овој наш труд ќе роди плод?‘ Одговорот на ова прашање го добивме со години подоцна кога се вративме на Гаспе за да градиме Сали на Царството. Дознавме дека мнозина од оние на кои им сведочевме првиот пат сега се наши браќа. Навистина, Јехова е оној што дава да расте! (1. Кор. 3:6, 7).

Добиваме наследство

Во 1970 год. ни се роди ќерката Лиза. Ова наследство од Јехова ни донесе голема радост во животот. Ширли и Лиза работеа со мене на многу проекти за изградба на Сали на Царството. Откако заврши со школувањето, Лиза ни рече: „Мамо и тато, бидејќи моравте поради мене да прекинете некое време со полновремената служба, ќе се потрудам да ви надоместам со тоа што јас ќе бидам пионер“. По повеќе од 20 години, Лиза сѐ уште служи како пионер, но сега со својот сопруг, Силвејн. Заедно, тие имаа можност да работат на неколку меѓународни градежни проекти. Наша заедничка цел како семејство е да водиме едноставен живот и да се ставаме на располагање во Јеховината служба. Никогаш нема да го заборавам она што ми го рече Лиза кога стана пионер. Всушност, таа ме поттикна повторно да почнам со полновремена служба во 2001 год., и до ден-денес сум пионер. Во оваа служба сѐ уште учам да имам доверба во Јехова во сѐ што правам и да водам едноставен, но исполнет и среќен живот.

За градежните проекти се потребни љубов и лојалност

Јехова ме научи дека ќе пожнееме многу благослови ако се ставиме на располагање и ако ја прифатиме секоја задача што ќе ни ја даде. За мене е огромна чест што можев да служам во Регионален одбор за изградба и да работам на градежни проекти заедно со моите браќа и сестри низ целиот Квебек и на други места.

Иако некои од доброволците не можат да изнесат којзнае каков говор од подиум, тие се вистински мајстори кога работат на некоја Сала на Царството. Овие драги браќа си ја вршат работата со цела душа и не можеш да не ги забележиш нивните дарби. Резултатот од ова секогаш е прекрасен објект каде што ќе се слави Јехова.

Некои ме прашуваат: „Кои се најважните особини што треба да ги има еден доброволец за изградба на Сала на Царството?“ Од лично искуство можам да кажам дека најважно од сѐ е да го сака Јехова и неговиот Син, како и целото братство (1. Кор. 16:14). И второ, треба да е лојален. Кога работите нема да се одвиваат како што ние би сакале — а тоа сигурно ќе се случи — оној што е верен ќе продолжи да ги следи упатствата од организацијата. Верноста ќе го поттикне да се пријавува како доброволец и за други проекти во иднина.

Благодарни на Јехова

Иако татко ми умре во 1985 год., неговиот совет да бидам секогаш зафатен во Јеховината организација сѐ уште ми е врежан во мислите. Исто како и другите што ја добиле својата задача во небесниот дел од Јеховината организација, сигурно и тој е многу зафатен (Отк. 14:13). Мама сега има 97 години. Бидејќи доживеа мозочен удар, не може да зборува најјасно, но сѐ уште добро ја знае Библијата. Во писмата што ни ги праќа ни цитира библиски стихови и нѐ охрабрува да продолжиме верно да му служиме на Јехова. Колку сме благодарни сите ние, децата, што имавме толку добри родители!

Благодарен сум му на Јехова и за Ширли, мојата верна сопруга и партнер. Таа го носи во срцето советот што ѝ го дала мајка ѝ: „Верн ќе биде доста зафатен во вистината, и ти ќе мора да научиш да го делиш со другите“. Кога се зедовме пред 49 години, донесовме одлука да остариме заедно служејќи му на Јехова и, ако и двајцата го преживееме крајот на овој свет, да се подмладиме заедно и да продолжиме да му служиме засекогаш. Да, ‚секогаш бевме зафатени во делото на Господарот‘ (1. Кор. 15:58). Јехова, од своја страна, навистина се грижеше за нас и водеше сметка никогаш да не ни недостига ништо што е добро.

[Фуснота]

^ пас. 6 Види ја животната приказна на Џек Халидеј Натан во Стражарска кула од 1 септември 1990, страници 10-14 (англ.).

[Слика на страница 31]

„Наша заедничка цел како семејство е да водиме едноставен живот и да се ставаме на располагање во Јеховината служба“