Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што мисли Јехова за нашите изговори?

Што мисли Јехова за нашите изговори?

Што мисли Јехова за нашите изговори?

„ЖЕНАТА што ми ја даде да биде со мене, таа ми даде плод од дрвото, па јадев“, рекол мажот. А жената, пак, одговорила: „Змијата ме измами, па јадев“. Со овие зборови, кои нашите први родители, Адам и Ева, му ги кажале на Бог, започнала долгата човечка историја на изнесување најразлични изговори (1. Мој. 3:12, 13).

Со осудата што им ја изрекол — затоа што намерно не го послушале — Јехова јасно покажал дека не го прифаќа нивниот изговор (1. Мој. 3:16-19). Тогаш, дали треба да заклучиме дека Бог не прифаќа никаков изговор или сепак смета дека некои изговори навистина држат? Како ќе знаеме кои изговори му се прифатливи, а кои не? За да одговориме на овие прашања, да ја анализираме најпрво дефиницијата на зборот „изговор“.

Изговор е причина која некој ја наведува за да објасни зошто направил нешто, зошто не го направил тоа или зошто нема да го направи. Изговорот може да биде вистинско објаснување зошто бил направен некој пропуст и да претставува искрено извинување кое дава основа да му се прости на оној што згрешил. Но, исто како што било случај со Адам и Ева, изговорот може да биде лажна причина која се наведува за да се прикрие вистинската. Бидејќи изговорите честопати се од ваква природа, обично на нив се гледа со недоверба.

Кога имаме некаков изговор — особено во врска со нашата служба за Бог — мора многу да внимаваме ‚да не се залажуваме самите себе‘ (Јак. 1:22). Затоа, да разгледаме неколку примери и начела од Библијата што ќе ни помогнат да ‚испитуваме што е прифатливо за Господарот‘ (Еф. 5:10).

Што очекува Бог од нас

Во Божјата Реч има конкретни заповеди што ние, како Јеховин народ, треба да ги држиме. На пример, налогот што го дал Христос, ‚да одиме и да правиме ученици од луѓето од сите народи‘, е заповед која сѐ уште важи за неговите вистински следбеници (Мат. 28:19, 20). Всушност, толку е важно да ја послушаме таа заповед што апостол Павле рекол: „Тешко мене ако не ја објавувам добрата вест!“ (1. Кор. 9:16).

Сепак, некои интересенти со кои долго време ја проучуваме Библијата сѐ уште се колебаат да почнат да ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство (Мат. 24:14). А некои што порано проповедале, престанале да го прават тоа. Кои причини понекогаш ги наведуваат оние што не сакаат да проповедаат? Како постапил Јехова со лицата што не биле спремни да ги послушаат неговите јасни заповеди во минатото?

Изговори што Бог не ги прифаќа

„Тоа е претешко за мене.“ Проповедањето може да изгледа претешко, особено за оние што се плашливи или срамежливи. Но, да видиме што можеме да научиме од примерот на Јона. Тој добил задача која му се чинела претешка — Јехова го испратил во Ниневија за да им објави на жителите на тој град дека наскоро ќе бидат уништени. И не е чудо што оваа задача му влевала страв на Јона! Ниневија била престолнина на Асирија, а Асирците биле познати по својата свирепост. Можеби Јона се прашувал: ‚Како ќе си поминам таму?‘ ‚Што ќе ми направат тие луѓе?‘ Затоа, наместо да послуша, тој побегнал. Но, Јехова не го прифатил неговиот изговор. Наместо тоа, повторно му заповедал да им проповеда на Ниневијците. Вториот пат Јона храбро ја извршил задачата, и Јехова го благословил исходот (Јона 1:1-3; 3:3, 4, 10).

Ако мислиш дека за тебе е претешко да ја проповедаш добрата вест, имај на ум дека „за Бог сѐ е возможно“ (Мар. 10:27). Биди уверен дека Јехова ќе те зајакне ако и понатаму го молиш за помош и дека ќе те благослови кога ќе собереш храброст да ја вршиш службата (Лука 11:9-13).

„Не сакам да проповедам.“ Што можеш да сториш ако немаш искрена желба да ја вршиш својата христијанска служба? Мисли на тоа дека Јехова може да дејствува во тебе и да влијае врз твоите желби. Павле изјавил: „Бог, бидејќи го сака тоа, дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате“ (Фил. 2:13). Значи, можеш да го молиш Јехова да ти помогне да сакаш да ја вршиш неговата волја. Цар Давид го молел токму за тоа. Тој го преколнувал Јехова со зборовите: „Упати ме да одам во твојата вистина“ (Пс. 25:4, 5). И ти можеш да го сториш истото така што искрено ќе го молиш Јехова да те поттикне да сакаш да го правиш она што му се допаѓа Нему.

Се разбира, кога сме изморени или обесхрабрени, понекогаш мора да се натераме да одиме на состанок во Салата на Царството или да одиме во служба. Дали во тој случај треба да заклучиме дека не го сакаме вистински Јехова? Никако! И верните Божји слуги во минатото требало многу да се напрегаат да ја вршат Божјата волја. На пример, Павле рекол дека, симболично, морал да ‚го тепа своето тело‘ за да им биде послушен на Божјите заповеди (1. Кор. 9:26, 27). Според тоа, дури и кога ќе мора да се натераме да одиме во служба, можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе нѐ благослови. Зошто? Бидејќи се принудуваме да ја вршиме Неговата волја од исправен мотив — затоа што го сакаме. Со тоа му даваме одговор на Сатана, кој тврди дека Божјите слуги ќе се одречат од Јехова ако бидат ставени на испит (Јов 2:4).

„Немам време.“ Ако не одиш во служба затоа што мислиш дека си презафатен и немаш време, од пресудна важност е да се преиспиташ за да видиш што ти е на прво место во животот. „Барајте [го] најнапред царството“, рекол Исус (Мат. 6:33). За да дозволиш да те води ова начело, можеби ќе треба да си го поедноставиш животот или да го скратиш времето што го трошиш на забава и да го користиш за служба. Се разбира, не е погрешно да одвоиш време за рекреација и за други лични работи, но не е во ред тие да ти бидат изговор за да ја занемариш службата. Еден Божји слуга го става Царството на прво место во својот живот.

„Не ме бива за проповедање.“ Можеби си мислиш дека не си доволно способен да ја проповедаш добрата вест. Некои верни слуги на Јехова од библиски времиња исто така мислеле дека не се доволно кадарни да ги извршат задачите што им ги дал Тој. Да го земеме за пример Мојсеј. Кога добил конкретна задача од Јехова, тој рекол: „Прости Јехова, но јас не сум речовит човек, никогаш не сум бил таков, а не сум ни сега откако ти му проговори на својот слуга, бидејќи сум со бавна уста и со бавен јазик“. Иако Јехова се обидел да го разувери, Мојсеј му одговорил: „Прости, Јехова, но те молам, испрати некој друг!“ (2. Мој. 4:10-13). Што направил Бог?

Тој не го прифатил изговорот на Мојсеј и не го ослободил од одговорноста што му ја дал. Сепак, го испратил Арон да му помогне да ја исполни задачата (2. Мој. 4:14-17). Освен тоа, во следните години Јехова бил покрај Мојсеј и му давал сѐ што му било потребно за успешно да ги изврши должностите што му ги доверил. Денес, можеш да имаш доверба дека Јехова ќе ги поттикне поискусните соверници да ти помагаат во службата. Пред сѐ, Божјата Реч нѐ уверува дека Јехова ќе нѐ оспособи да го извршиме делото што ни го доверил (2. Кор. 3:5; види ја рамката  „Најсреќните години од мојот живот“).

„Тој-и-тој ме повреди.“ Некои престануваат да проповедаат или да одат на собраниските состаноци затоа што некој ги повредил, и мислат дека Јехова сигурно има разбирање за тоа и го прифаќа таквиот изговор. Иако е нормално да бидеме вознемирени ако некој ги повреди нашите чувства, дали тоа е навистина издржан изговор да престанеме со христијанските активности? Веројатно и кај Павле и кај неговиот соверник Варнава имало повредени чувства откако едно несогласување меѓу нив завршило со „жестока караница“ (Дела 15:39). Но, дали некој од нив престанал да ја врши службата поради тоа? Воопшто не!

Ако и ти си повреден од некој соверник, имај на ум дека твојот непријател не е твојот несовршен христијански брат, туку Сатана, кој сака да те проголта. Но, Ѓаволот нема да успее доколку ‚му се спротивставиш цврст во верата‘ (1. Пет. 5:8, 9; Гал. 5:15). Ако имаш таква вера, ќе успееш да се справиш со секое разочарување (Рим. 9:33).

Што ако имаме ограничувања?

Од горенаведените изговори јасно се гледа дека нема ниту едно библиски издржано оправдание за некој да не ги извршува конкретните Јеховини заповеди, во кои спаѓа и налогот да се проповеда добрата вест. Сепак, можеби имаме вистински причини кои нѐ ограничуваат во она што можеме да го дадеме во службата. Поради други библиски одговорности, можеби имаме помалку време за проповедање. Освен тоа, можеби повремено навистина сме премногу уморни или болни за да правиме во Јеховината служба онолку колку што би сакале. Како и да е, Божјата Реч нѐ уверува дека Јехова знае колкава желба имаме во срцето и ги зема предвид нашите ограничувања (Пс. 103:14; 2. Кор. 8:12).

Затоа, во ваков случај, треба да внимаваме да не си судиме престрого себеси или на другите. Апостол Павле напишал: „Кој си ти да го осудуваш туѓиот слуга? Неговиот господар одлучува дали тој ќе стои или ќе падне“ (Рим. 14:4). Наместо да ги споредуваме своите со околностите на другите, да задржиме на ум дека „секој од нас ќе положи сметка за себе пред Бог“ (Рим. 14:12; Гал. 6:4, 5). Кога му пристапуваме на Јехова во молитва и му ги кажуваме нашите изговори, секој од нас треба да го прави тоа со „чиста совест“ (Евр. 13:18).

Зошто службата за Јехова ни носи радост

Сите ние можеме радосно да му служиме на Јехова затоа што неговите барања секогаш се разумни и достижни, без оглед на нашите околности во животот. Зошто го велиме ова?

Во Божјата Реч стои: „Немој да им скратуваш некакво добро на оние на кои им е потребно, кога твојата рака може да го стори тоа“ (Изр. 3:27). Што ти кажува оваа изрека за Божјите барања? Јехова не ти заповеда да му служиш со истата сила што можеби ја има раката на твојот брат, туку да му служиш онолку колку што може „твојата рака“. Да, секој од нас — сеедно колку е слаба или силна нашата рака — може да му служи на Јехова со сето срце (Лука 10:27; Кол. 3:23).

[Рамка/слика на страница 14]

 „Најсреќните години од мојот живот“

Дури и да имаме тешки физички или емоционални ограничувања, не треба брзоплето да заклучиме дека тие ќе нѐ спречат потполно да учествуваме во службата. Ова може да го видиме од примерот на Ернест, христијанин од Канада.

Ернест имал говорна маана и бил многу срамежлив. Откако си го повредил ’рбетот, не смеел повеќе да работи како градежник. И покрај овој хендикеп, во новите околности тој имал повеќе време за проповедање. Охрабрувањето за помошна пионерска служба што било давано на собраниските состаноци ја подгреало кај него желбата да стане помошен пионер. Но, сметал дека не е доволно способен за тоа.

За да си докаже дека навистина не е способен, тој се пријавил да служи еден месец како помошен пионер. Но, на свое големо изненадување, успешно го исполнил барањето за часови. Потоа си помислил: ‚Знам дека ова нема да можам да го повторам‘. За да си докаже дека е во право, се пријавил уште еднаш — и повторно имал успех.

Ернест служел како помошен пионер една година, но рекол: „Сигурен сум дека никогаш не би можел да бидам општ пионер“. И пак, за да си докаже дека не греши, се пријавил во општа пионерска служба. Се изненадил кога успешно ја завршил годината. Решил да продолжи и се радувал што можел да служи како општ пионер две години, сѐ додека не починал од компликации поврзани со повредата на ’рбетот. Меѓутоа, пред да умре, честопати, со солзи во очите им велел на оние што му доаѓале во посета: „Годините што му служев на Јехова како пионер беа најсреќните години од мојот живот“.

[Слика на страница 13]

Можеме да ги надминеме сите пречки што би можеле да нѐ одвојат од службата

[Слика на страница 15]

Јехова се радува кога му служиме со сета душа, колку што ни дозволуваат околностите