Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади — нека ве води Божјата Реч

Млади — нека ве води Божјата Реч

Млади — нека ве води Божјата Реч

„Стекни мудрост, стекни разборитост“ (ИЗР. 4:5)

1, 2. а) Што му помогнало на апостол Павле да успее и покрај борбата што ја водел со самиот себе? б) Како можеш да стекнеш мудрост и разборитост?

 „КОГА сакам да го правам она што е добро, злото е во мене.“ Знаеш ли кој ги кажал овие зборови? Апостол Павле. Иако Павле го сакал Јехова, понекогаш морал да води борба за да го прави она што е добро. Како се чувствувал поради оваа борба што ја водел со самиот себе? „Беден човек сум јас!“ — напишал тој (Рим. 7:21-24). Дали понекогаш и ти се чувствуваш како него? Дали на моменти и тебе ти е тешко да го правиш она што е исправно? Дали и ти, како Павле, се разочаруваш поради тоа? Немој да се обесхрабруваш. Павле успеал да се избори со искушенијата, а можеш да успееш и ти.

2 Неговиот успех се должел на тоа што дозволил да го водат „здравите зборови“ (2. Тим. 1:13, 14). Така ги стекнал мудроста и разборитоста што му биле потребни за да се носи со проблемите и да донесува исправни одлуки. Јехова Бог може да ти помогне и тебе да стекнеш мудрост и разборитост (Изр. 4:5). Во својата Реч, Библијата, ни ги дал најдобрите совети што постојат. (Прочитај 2. Тимотеј 3:16, 17.) Да видиме како можат да ти помогнат библиските начела кога станува збор за твојот однос со родителите, за тоа како да ракуваш со парите и како да постапуваш кога си сам.

Во семејството

3, 4. Зошто можеби ти е тешко да живееш според правилата што ти ги поставуваат родителите, но зошто тие поставуваат правила?

3 Дали ти е тешко да живееш според правилата што ти ги поставуваат родителите? Зошто се чувствуваш така? Една причина би можело да биде тоа што сакаш извесна мера независност. Оваа желба е нормална и е дел од созревањето. Но, додека живееш со родителите, должен си да ги слушаш (Еф. 6:1-3).

4 Ако разбереш зошто ти поставуваат правила и имаат барања, може да ти биде полесно да ги прифатиш. Можеби понекогаш се чувствуваш како Бети (18), a која за своите родители вели: „Сосема заборавиле како е да се биде на мои години. Дома немам право на глас, а не ме оставаат ни да пораснам“. Можеби, како Бети, и ти си мислиш дека родителите ти ја скратуваат слободата повеќе отколку што треба. Меѓутоа, тие поставуваат правила првенствено затоа што ти го мислат доброто. Освен тоа, родителите кои се христијани знаат дека се одговорни пред Јехова за начинот на кој се грижат за тебе (1. Тим. 5:8).

5. Од каква полза е ако си им послушен на родителите?

5 Всушност, почитувањето на правилата е како да отплаќаш долг на банка — колку поодговорно си ги плаќаш ратите, толку поголеми шанси има банката повторно да ти одобри кредит. Слично на тоа, ти си должен да ги почитуваш и да им бидеш послушен на своите родители. (Прочитај Изреки 1:8.) Колку попослушен си, толку поголема е веројатноста дека родителите ќе имаат поголема доверба во тебе и ќе ти дадат поголема слобода (Лука 16:10). Нормално, ако постојано ги прекршуваш правилата, не треба да те изненади ако родителите ти веруваат помалку или ако престанат да ти веруваат.

6. Како можат родителите да им помогнат на децата да бидат послушни?

6 Еден начин на кој родителите можат да им помогнат на своите деца да ги почитуваат правилата е со тоа што и самите ќе дадат добар пример во тој поглед. Кога спремно се подложуваат на Јеховините барања, покажуваат дека Божјите правила се разумни. Така на децата ќе им биде полесно да сфатат дека е разумно да ги почитуваат правилата на родителите (1. Јов. 5:3). Освен тоа, во Библијата се спомнати случаи кога Јехова им дал на своите слуги дури и можност да си го кажат мислењето во врска со некои работи (1. Мој. 18:22-32; 1. Цар. 22:19-22). И родителите би можеле во некои прилики да ги остават децата да си го кажат својот став.

7, 8. а) Што може да им биде тешко на младите? б) Што ќе ти помогне да извлечеш корист кога родителите ќе те искараат?

7 На младите може да им биде тешко да ги прифатат критиките од родителите за кои сметаат дека не се оправдани. Можеби понекогаш и ти се чувствуваш како Кристијан, кој вели: „Мајка ми беше како некој полицаец — само ми бараше маани“.

8 Обично, кога некој ќе нѐ искара или ќе ни даде совет, тоа го сфаќаме како критика. Библијата признава дека не е лесно кога ќе добиеме укор, дури и ако е апсолутно оправдан (Евр. 12:11). Што ќе ти помогне да извлечеш корист кога родителите ќе те искараат? Една важна работа што треба да ја запамтиш е дека најверојатно родителите те караат затоа што те сакаат (Изр. 3:12). Тие сакаат да те заштитат од лоши навики и да ти помогнат да стекнеш убави навики. Веројатно се свесни дека, ако за ништо не те караат, тоа е исто како да те мразат! (Прочитај Изреки 13:24.) Освен тоа, мораш да сфатиш дека грешките се неизоставен дел од процесот на учење. Затоа, кога родителите те караат, барај во нивните зборови зрнца мудрост. „Подобро е да стекнеш мудрост отколку да стекнеш сребро, и таа е поголема добивка и од златото“ (Изр. 3:13, 14).

9. Што би можеле да направат младите наместо постојано да размислуваат за неправдата што сметаат дека им е нанесена?

9 Но, и родителите прават грешки (Јак. 3:2). Кога те караат, можеби понекогаш кажуваат нешто непромислено (Изр. 12:18). Зошто? Можеби се под стрес или, пак, твоите грешки ги сметаат за свои пропусти. Наместо постојано да размислуваш за неправдата што сметаш дека ти е нанесена, би можел да покажеш благодарност што со сета душа се трудат да ти помогнат. Способноста да прифатиш совет и укор ќе ти биде од голема помош како возрасен човек.

10. Што ќе ти помогне полесно да ги прифатиш правилата и советите од родителите?

10 Би сакал ли да ти биде полесно да ги прифатиш правилата и советите од родителите? За тоа треба да го подобриш начинот на кој комуницираш. Како? Првиот чекор е да слушаш. Библијата вели дека треба ‚да бидеме брзи на слушање и бавни на гнев‘ (Јак. 1:19). Наместо веднаш да почнеш да се правдаш, труди се да си ги контролираш чувствата и слушај што имаат да ти кажат родителите. Концентрирај се на тоа што го кажале, а не на начинот на кој го кажале. Потоа со почит и со свои зборови повтори ги нивните забелешки. Со тоа ќе покажеш дека си чул сѐ што рекле. Но, што ако сакаш да објасниш зошто си рекол или си направил нешто? Најчесто, мудро е ‚да си ги зауздаш усните‘ сѐ додека не го направиш она што родителите го побарале од тебе (Изр. 10:19). Кога ќе видат дека си ги слушал додека ти зборувале, и тие ќе бидат многу поспремни да те сослушаат. Ваквото зрело постапување покажува дека те води Божјата Реч.

Во поглед на парите

11, 12. а) На што нѐ поттикнува Божјата Реч во врска со парите и зошто? б) Како можат родителите да ти помогнат да ракуваш со парите?

11 „Парите се заштита“, вели Библијата. Но, истиот стих покажува дека мудроста е многу повредна од парите (Проп. 7:12). Божјата Реч нѐ поттикнува да ги цениме парите, но не да ги сакаме. Зошто треба да внимаваме да не ги засакаме? Размисли за овој пример: Во рацете на еден вешт готвач, остриот нож е корисна алатка. Но, ако со истиот нож ракува некој што не е искусен или внимателен, може да направи сериозна штета. Ако ракуваш вешто со парите, ќе ти бидат корисна алатка. Меѓутоа, оние што „решиле да се збогатат“ честопати ги жртвуваат пријателствата, семејните врски, па дури и својот однос со Бог. Како последица од тоа, ‚си нанесуваат многу маки‘. (Прочитај 1. Тимотеј 6:9, 10.)

12 Како да научиш вешто да ракуваш со парите? Би можел да ги замолиш родителите да ти дадат совет за тоа како да си ги распоредуваш парите. „Мудриот ќе слуша и повеќе ќе научи, и разумниот ќе прифати мудри упатства“, напишал Соломон (Изр. 1:5). Една девојка по име Ана го направила токму тоа — ги замолила родителите за совет. Таа вели: „Татко ми ме научи како да си ги распоредувам парите и ми покажа колку е важно човек да е организиран во поглед на семејните финансии“. И мајка ѝ ѝ дала некои практични поуки. „Таа ми покажа колку е важно да ги разгледам цените пред да купам нешто“, вели Ана. Како ѝ користело тоа? Таа продолжува: „Сега сама водам сметка за своите пари. Внимавам колку трошам и така се чувствувам растоварена и смирена бидејќи немам непотребни долгови“.

13. Што ќе ти помогне да се контролираш како ги трошиш парите?

13 Ако купуваш сѐ што ќе видиш или ако трошиш пари само за да ги импресионираш другите може брзо да западнеш во долгови. Што би можело да ти помогне да не ти се случи такво нешто? Кога станува збор за пари мораш да научиш да се контролираш како ги трошиш. Тоа го прави и Елена која има 20-ина години. Таа вели: „Кога излегувам со пријателите однапред планирам и одлучувам колку ќе потрошам... Исто така увидов дека е добро да одам на шопинг само со оние пријатели што внимаваат како ги трошат парите и што ме поттикнуваат да разгледам на повеќе места а не да го купам првото нешто што ќе го видам“.

14. Зошто треба да се пазиш од „примамливото богатство“?

14 Заработувањето и распоредувањето на парите се важен дел од животот. Меѓутоа Исус рекол дека вистински среќни се „оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Мат. 5:3). Тој предупредил дека духовните работи можат да бидат истиснати од некои други работи како што е „примамливото богатство“ (Мар. 4:19). Затоа многу е важно да дозволиш да те води Божјата Реч и да бидеш урамнотежен во поглед на парите!

Кога си сам

15. Кога твојата лојалност кон Бог ќе се најде на најголем испит?

15 Што мислиш кога твојата лојалност кон Бог ќе биде на најголем испит — кога си со други или кога си сам? Па кога си на училиште или на работа тогаш си на штрек и повеќе внимаваш. Свесен си за опасностите што би можеле да ти го расипат пријателството со Бог. Но кога се опушташ и кога не си толку претпазлив тогаш си во најголема опасност да ги прекршиш своите морални мерила.

16. Зошто треба да му бидеш послушен на Јехова дури и кога си сам?

16 Зошто треба да му бидеш послушен на Јехова дури и кога си сам? Секогаш имај го ова на ум: Ти можеш или да го повредиш или да го израдуваш (1. Мој. 6:5, 6; Изр. 27:11). Твоите постапки влијаат врз него зашто „тој се грижи за [тебе]“ (1. Пет. 5:7). Тој бара да му бидеш послушен за твое добро (Иса. 48:17, 18). Кога некои слуги на Јехова во древниот Израел ги отфрлиле неговите совети му нанеле голема болка (Пс. 78:40, 41). Од друга страна Јехова многу го сакал пророкот Даниел кому еден ангел му се обратил со „љубимецу Божји“ (Дан. 10:11). Зошто? Даниел му останал верен на Бог не само кога бил меѓу други луѓе туку и кога бил сам. (Прочитај Даниел 6:10.)

17. Кои прашања е добро да си ги поставиш кога избираш забава?

17 За да му останеш верен на Бог кога си сам мораш да ја развиваш својата „моќ на согледување... да разликува добро и зло“. Исто така треба да ја извежбаш оваа моќ „преку искуство“ со тоа што ќе го правиш она што знаеш дека е исправно (Евр. 5:14). На пример кога избираш каква музика ќе слушаш кои филмови ќе ги гледаш или кои веб-страници ќе ги отвораш еве нешто кое ќе ти помогне да го избереш она што е добро и да го отфрлиш она што е зло. Постави си ги следниве прашања: Дали ова ќе ме поттикне да покажувам сомилост или да се радувам „на туѓа несреќа“?‘ (Изр. 17:5). Дали ќе ми помогне „да го сакам доброто“ или пак само ќе направи да ми биде потешко „да го мразам злото“?‘ (Амос 5:15). Она што го правиш кога си сам открива што навистина сакаш (Лука 6:45).

18. Што треба да сториш ако скришно си правел нешто погрешно и зошто?

18 Што треба да сториш ако скришно си правел нешто што знаеш дека е погрешно? Биди свесен дека „кој ги крие престапите свои ќе нема успех а оној што ги признава и ги остава ќе биде помилуван“ (Изр. 28:13). Многу е немудро да продолжиш да одиш по лош пат и да го жалостиш Божјиот свет дух‘! (Еф. 4:30). Имаш одговорност пред Бог пред родителите и пред самиот себеси отворено да кажеш ако правиш нешто погрешно. Во овој поглед „старешините од собранието“ можат многу да ти помогнат. Ученикот Јаков вели: „Нека се молат за [престапникот] и нека го намачкаат со масло во името на Јехова. И молитвата упатена со вера ќе го оздрави болниот и Јехова ќе го подигне. И ако направил гревови ќе му биде простено“ (Јак. 5:14, 15). Вистина е дека тоа може да ти донесе срам а можеби и некои непријатни последици. Но ако имаш храброст да побараш помош ќе се поштедиш од понатамошни последици а ќе почувствуваш и големо олеснување кога повторно ќе имаш чиста совест (Пс. 32:1-5).

Радувај го Јехова

19, 20. Каков живот ти посакува Јехова но што мораш да правиш ти?

19 Јехова е „среќниот Бог“ и сака и ти да бидеш среќен (1. Тим. 1:11). Нему му е многу важно што правиш со својот живот. Дури и ако никој друг не забележува колку многу се трудиш да го правиш она што е исправно тој забележува. Ништо не е скриено од очите на Јехова. Тој те набљудува но не за да ти бара маани туку за да ти помага да го правиш она што е добро. „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“ (2. Лет. 16:9).

20 Затоа дозволи да те води Божјата Реч и држи се за советите од неа. Така ќе ги стекнеш мудроста и разборитоста што ти се потребни за да се носиш со тешките проблеми и да донесуваш важни одлуки во животот. На тој начин ќе ги радуваш и своите родители и Јехова а ќе бидеш и вистински среќен.

[Фуснота]

a Имињата се сменети.

Како ќе одговориш?

• Што ќе им помогне на младите да ги прифатат и да извлечат корист од правилата и советите што им ги даваат родителите?

• Зошто е важно да бидеш урамнотежен во поглед на парите?

• Што ќе ти помогне да му останеш верен на Јехова дури и кога си сам?

[Прашања]

[Слика на страница 6]

Ќе му останеш ли верен на Јехова кога си сам?