Прашања од читателите
Прашања од читателите
Исус им рекол на оние што го слушале: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот небесен Татко“. Како можат луѓето денеска да ‚бидат совршени‘? (Мат. 5:48).
За да дојдеме до одговорот на ова прашање, прво треба да разбереме како се користат зборовите „совршен“ и „совршенство“ во Библијата. Не сѐ што во Светото писмо е опишано како „совршено“ е такво во апсолутна смисла. Се разбира, Јехова е апсолутно совршен. Но, луѓето или другите работи можат да бидат совршени само во релативна смисла. Хебрејскиот и грчкиот збор што во Библијата се преведени со изразот „совршен“ често имаат значење на „потполн“, „зрел“ или „беспрекорен“, според одредени мерила што ги поставил оној што е меродавен. Во секојдневниот говор, зборот совршен главно се користи во релативна смисла. Еден пример за тоа е изразот „совршен одмор“.
Кога биле создадени, Адам и Ева биле морално, духовно и физички совршени според мерилата на нивниот Творец. Поради непослушноста, тие повеќе не ги задоволувале тие мерила и затоа го изгубиле совршенството за себе и за нивното потомство. Преку Адам гревот, несовршенството и смртта му биле пренесени на целото човештво (Рим. 5:12).
Но, како што јасно кажал Исус во Проповедта на гората, дури и несовршени луѓе можат да бидат совршени во извесна смисла. Во тој говор, Исус го навел мерилото по кое се одредува дали нечија љубов е совршена, односно потполна. Тој објаснил дека таквата љубов би била иста како љубовта што ја покажува Бог кон луѓето. Исус рекол: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат, за да бидете синови на својот Татко кој е на небесата, бидејќи тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Мат. 5:44, 45). Ако имаат ваква љубов, учениците на Исус ќе го следат совршениот пример од Бог.
Денеска, Јеховините сведоци низ целиот свет се трудат да покажуваат љубов како Божјата кон другите. Тие сакаат да им ја пренесат на луѓето вистината од Библијата без разлика на нивното потекло, раса или религија. Во 236 земји, Сведоците моментално им помагаат на над 7.000.000 заинтересирани лица да дознаат повеќе за Библијата.
„Ако ги сакате оние што ве сакаат вас, каква ви е платата?“, прашал Исус. „Зарем не го прават истото и даночниците? И ако ги поздравувате само своите браќа, правите ли нешто посебно? Зарем не го прават истото и незнабошците?“ (Мат. 5:46, 47). Вистинските христијани не ги делат луѓето според етничката припадност или образованието, ниту, пак, постапуваат со љубов само со оние што можат некако да им возвратат. Тие им помагаат и на сиромашни и на болни, и на стари и на млади. На овој начин, христијаните можат да го следат примерот на Јехова и да бидат совршени во релативна смисла.
Дали некогаш повторно ќе го имаме совршенството што го изгубил Адам? Да, преку верата во откупната жртва на Исус Христос, луѓето што му се послушни на Бог ќе можат да станат совршени во текот на милениумот во кој ќе владее Исус. Тогаш ‚Синот Божји ќе ги уништи делата на Ѓаволот‘ (1. Јов. 3:8).