Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Видов колку е силна библиската вистина

Видов колку е силна библиската вистина

Видов колку е силна библиската вистина

Раскажал Вито Фраезе

ВЕРОЈАТНО никогаш не сте чуле за Трентинара. Тоа е мало гратче јужно од Неапол (Италија). Таму се родиле моите родители и мојот постар брат Анџело. По неговото раѓање, моето семејство имигрирало во Соединетите Држави и се населило во Рочестер (Њујорк), каде што се родив јас во 1926 год. Во 1922 год., татко ми првпат се сретнал со Истражувачите на Библијата, како што тогаш се нарекувале Јеховините сведоци. Наскоро тој и мајка ми и самите станале Истражувачи на Библијата.

Татко ми беше мирен и сталожен човек, но не поднесуваше неправда. Не можеше да гледа како свештениците ги заведуваат луѓето, и затоа ја користеше секоја прилика да зборува за библиската вистина. Откако се пензионира, започна со полновремена служба. Но, кога имаше 74 години, слабото здравје и острите зими го присилија да прекине. Дури и тогаш продолжи да проповеда од 40 до 60 часови месечно, и тоа го правеше сѐ до своите 90-ти години. Примерот на татко ми остави силен впечаток врз мене. Иако знаеше да се пошегува, беше сериозен човек. Имаше обичај да каже: „Вистината е сериозна работа“.

Татко ми и мајка ми се трудеа да нѐ поучат за Божјата Реч мене и другите четири деца. Се крстив на 23 август 1943 год., и во јуни 1944 год. станав пионер. Сестра ми Кармела служеше како пионер во Женева (Њујорк) заедно со Ферн, нејзината весела партнерка. Не ми требаше долго да сфатам дека Ферн е жената на мојот живот. Се зедовме во август 1946 год.

Мисионерска служба

Најпрво служевме заедно како специјални пионери во Женева и Норвич (Њујорк). Во август 1948 год. имавме чест да присуствуваме на 12-тиот клас од школата Гилеад. Потоа бевме испратени да служиме во Италија, во Неапол, заедно со уште еден мисионерски пар, Карл и Џоен Риџвеј. Во тоа време, условите за живот во Неапол беа многу тешки бидејќи сѐ уште се чувствуваа последиците од Втората светска војна. Беше тешко да најдеме куќа, па неколку месеци живеевме во едно мало двособно станче.

Бидејќи пораснав со родители што го зборуваа тамошниот дијалект, мојот италијански беше разбирлив иако зборував со американски акцент. Во почетокот, на Ферн не ѝ одеше баш добро со јазикот. Но, морам да признаам дека за кратко време зборуваше исто толку добро како мене, а подоцна дури и подобро!

Кога почнавме со службата, само едно четиричлено семејство се заинтересира за вистината. Тие продаваа цигари на црно. Секој работен ден, еден член од тоа семејство, Тереза, доживуваше драстична преобразба. Наутро, со џебови полни со цигари, личеше на буре, а вечерта изгледаше слаба како трска! Вистината целосно го промени ова семејство. Со текот на времето, 16 негови членови станаа Јеховини слуги. Сега во градот Неапол има речиси 3.700 Сведоци.

Се соочуваме со противење

Откако во Неапол поминавме само девет месеци, властите наредија ние мисионерите да си заминеме од градот. Еден месец бевме во Швајцарија, а потоа се вративме во Италија со туристичка виза. Јас и Ферн добивме задача да служиме во Торино. Во почетокот бевме под кирија кај една жена и ја користевме нејзината кујна и бања. Но, кога пристигна и брачниот пар Риџвеј, изнајмивме стан за сите. Со текот на времето, во истата зграда живееја пет мисионерски пара.

Во 1955 год., властите нѐ присилија да си заминеме и од Торино, но дотогаш веќе беа основани четири собранија, а имаше и оспособени тамошни браќа кои можеа да се грижат за нив. Властите ни рекоа: „Сигурни сме дека штом вие Американците ќе си заминете, сѐ што правевте ќе падне во вода“. Сепак, од порастот што следеше потоа се виде дека успехот на нашето дело зависи од Бог. Денес во Торино има 56 собранија и повеќе од 4.600 Сведоци.

Во прекрасната Фиренца

Од Торино бевме испратени да проповедаме во Фиренца. Имавме слушано многу за овој град бидејќи таму служеа како мисионери мојата сестра Кармела и нејзиниот маж Мерлин Хартцлер. Но, замисли да живееш во тој прекрасен град со познати места, како Пјаца дела Сињора, Понте Векио, Пјацале Микеланџело и Палацо Пити! Многу се радувавме кога некои фирентинци со цело срце ја прифатија добрата вест.

Проучувавме со едно семејство и родителите се крстија. Но, таткото беше пушач. Во 1973 год., во Стражарска кула беше објаснето дека пушењето е нечиста навика и читателите беа поттикнати да престанат да пушат. Постарите деца го молеа таткото да ги остави цигарите. Тој вети дека ќе го стори тоа, но сепак продолжи да пуши. Една вечер, мајката ги оставила деветгодишните близнаци да си легнат сами, без да каже заедничка молитва со нив. Подоцна сепак отишла кај децата. Тие веќе се помолиле. „Што му кажавте на Јехова?“, ги прашала. „Јехова, помогни му на тато да не пуши“, рекле тие. Тогаш таа го викнала маж ѝ и му рекла: „Дојди да чуеш за што се молеле децата“. Кога слушнал, тој се расплакал и рекол: „Никогаш веќе нема да запалам цигара!“ И навистина си го одржа ветувањето. Денес повеќе од 15 души од тоа семејство се Сведоци.

Служба во Африка

Во 1959 год., добивме нова задача да служиме во Могадиш (Сомалија), заедно со двајца други мисионери, Артуро Леверис и мојот брат Анџело. Кога пристигнавме таму, политичката ситуација беше напната. Сомалија беше мандатна територија на ОН под управа на Италија, која требаше да ѝ помогне да стекне независност. Но, се чинеше дека состојбата станува сѐ полоша. Некои Италијанци со кои ја проучувавме Библијата ја напуштија земјата, и не беше возможно да се основа собрание.

Во тоа време, зонскиот надгледник предложи да служам како негов помошник, и заедно почнавме да ги посетуваме околните земји. Некои од оние со кои проучувавме духовно напредуваа, но противењето ги натера да си заминат од родната земја. Други останаа и покрај тоа што доживуваа големо страдање. * Очите ни се полнат со солзи секогаш кога се сеќаваме на нивната љубов кон Јехова и на сето она што го претрпеа за да му останат верни.

Во Сомалија и Еритреја беше многу жешко и влажно. Но, од некои локални лути јадења ни беше уште пожешко! Кога првпат пробавме вакво јадење кај една интересентка, жена ми на шега рече дека е толку луто што ушите ѝ горат!

Кога Анџело и Артуро беа испратени да служат во друга земја, останавме сами. Не ни беше лесно бидејќи немаше кој да нѐ охрабри. Како и да е, оваа ситуација ни помогна уште повеќе да се зближиме со Јехова и да се потпираме на него. Всушност, се храбревме кога одевме да ги посетуваме браќата во околните земји во кои делото беше забрането.

Во Сомалија наидувавме на разни тешкотии. Бидејќи немавме фрижидер, купувавме онолку храна колку што ни требаше за денот, сеедно дали тоа беа неколку парчиња од ајкула-чекан или, пак, локално овошје, како манго, папаја, цитрони, кокос или банани. Честопати моравме да се браниме и од инсекти. Понекогаш ни слетуваа на вратот додека ја проучувавме Библијата со заинтересираните. Барем имавме мотор, па не моравме со часови да пешачиме по жешкото сонце.

Повторно во Италија

Благодарение на дарежливоста на некои пријатели, успеавме да се вратиме во Италија на брод што пренесуваше банани и да присуствуваме на меѓународниот конгрес во Торино во 1961 год. Таму дознавме дека ќе бидеме испратени на друго место. Во септември 1962 год., повторно дојдовме во Италија, каде што почнав да служам како покраински надгледник. Си купивме мала кола со која пет години ги посетувавме собранијата во две покраини.

По горештините во Африка, сега бевме изложени на студ. Првата зима, кога бевме во посета на едно собрание во подножјето на Алпите, спиевме во соба каде што немаше греење, веднаш над плевната. Толку беше студено што моравме да спиеме со капути. Таа ноќ, во близина умреа од студ четири кокошки и две кучиња!

Подоцна служев и како обласен надгледник. Во тоа време патувавме низ цела Италија. Во некои региони, како во Калабрија и Сицилија, бевме повеќепати. Ги поттикнувавме младите духовно да напредуваат и да си постават цел да служат како собраниски старешини, патувачки надгледници или бетелски слуги.

Можевме многу да научиме од пријателите кои со години верно и од срце му служеа на Јехова. Ги цениме нивните убави особини, како што се целосната оддаденост на Јехова, дарежливоста, љубовта кон браќата, приспособливоста и самопожртвуваноста. Присуствувавме на венчавки во Салите на Царството, каде што наши браќа беа овластени од државата да венчаваат — нешто што пред многу години не можеше ни да се замисли во оваа земја. Објавителите повеќе не одржуваат состаноци во кујните на браќата и не седат на штици, како што беше случај во Торино. Наместо тоа, повеќето собранија се собираат во прекрасни Сали на Царството кои му носат чест на Јехова. Веќе не одржуваме собири во стари кина, туку во пространи Конгресни сали. И колку сме радосни што бројот на објавители порасна на повеќе од 243.000! Кога ние пристигнавме во Италија, имаше само 490 Сведоци.

Го направивме вистинскиот избор

Низ годините доживеавме бројни тешкотии. Меѓу другото, се боревме со носталгија и со болести. Ферн ја фаќаше носталгија секогаш кога ќе го видеше морето. Освен тоа, имаше три тешки операции. Еднаш, додека одеше да проучува со некоја интересентка, еден противник ја нападна со вила. И тогаш заврши во болница.

Иако понекогаш бевме обесхрабрени, ‚го чекавме Јехова‘, како што пишува во Плач Еремиин 3:24. Тој е Бог на утехата. Во период кога ѝ беше многу тешко, Ферн доби прекрасно писмо од брат Натан Нор. Тој ѝ напиша дека и самиот добро знае — бидејќи бил роден во Витлеем (Пенсилванија), каде што Ферн почна со пионерската служба — колку се силни и упорни жените од Пенсилванија кои имаат германско потекло. Затоа не се сомневал дека и таа е токму таква. И навистина беше во право. Да, низ годините добивавме охрабрување на многу начини и од многу луѓе.

И покрај проблемите, се трудевме да ја зачуваме нашата ревност во службата. Поминавме повеќе од 40 години во патувачкото дело, служејќи во повеќе покраини и области. А сега имаме чест да ги посетуваме и организираме групите и собранијата на странски јазици во Италија. Објавителите во тие групи им проповедаат на луѓе од Бангладеш, Гана, Еритреја, Етиопија, Индија, Кина, Нигерија, Филипините, Шри Ланка и од други земји. Една цела книга нема да ги собере многуте искуства што ги доживеавме додека гледавме колку е силна Божјата Реч која од корен им го менуваше животот на оние што ја вкусуваа Јеховината милост (Мих. 7:18, 19).

Секој ден го молиме Јехова да продолжи да нѐ зајакнува во емоционален и физички поглед за да ја вршиме нашата служба. Радоста што ја чувствуваме додека му служиме на Господарот ни дава сила. Таа радост им дава и сјај на нашите очи и нѐ уверува дека сме го направиле вистинскиот избор во животот кога сме одлучиле да ја шириме библиската вистина (Еф. 3:7; Кол. 1:29).

[Фуснота]

[Табела/слики на страници 27-29]

(Види во публикацијата)

Моите родители во Рочестер (Њујорк)

1948

Во Саут Ленсинг, кога се одржуваше 12. клас на Гилеад

1949

Јас и Ферн пред да заминеме за Италија

Капри (Италија)

1952

Во Торино и Неапол со други мисионери

1963

Ферн со некои нејзини интересентки

Јас и жена ми денес