Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ревносно служи му на вистинскиот Бог!

Ревносно служи му на вистинскиот Бог!

Ревносно служи му на вистинскиот Бог!

„Жетвата е голема, а работници има малку“ (МАТ. 9:37)

1. Што правиш кога нешто е итно?

ИМАШ еден документ што некој мора да го види до крајот на денот. Што правиш? Пишуваш на него: „ИТНО!“ Треба да стигнеш на важен состанок, но доцниш. Што правиш? Му велиш на таксистот: „Ве молам, побрзајте, ИТНО Е!“ Да, кога мора да направиш нешто, а времето брзо ти истекува, ти се покачува адреналинот и се чувствуваш напнато и вознемирено. Се зафаќаш со работата и гледаш што побрзо да ја завршиш. Зошто? Затоа што е итна!

2. Која задача е најитна за вистинските христијани денес?

2 За вистинските христијани денес, ништо друго не е поитно од тоа да ја проповедаат добрата вест за Царството и да ги поучуваат луѓето од сите народи (Мат. 24:14; 28:19, 20). Според евангелието на Марко, Исус кажал дека ова дело мора да се изврши „најпрво“, односно пред да дојде крајот (Мар. 13:10). И, логично е да биде така. Исус рекол: „Жетвата е голема, а работници има малку“. Собирањето на житото не може да чека — мора да заврши пред да помине жетвата (Мат. 9:37).

3. Што направиле мнозина затоа што има итна потреба да се проповеда?

3 Бидејќи проповедањето е толку важно за нас, заслужува да му посветиме колку што е можно повеќе време, сила и внимание. Многу браќа и сестри се за пофалба затоа што го прават токму тоа. Некои од нив си го поедноставиле животот за да служат полновремено како пионери или мисионери или, пак, да служат во некој Бетел. Тие се потполно зафатени во делото. Веројатно веќе направиле многу жртви, а можеби ги чекаат и бројни предизвици. Сепак, Јехова богато ги благословува и ние се радуваме со нив. (Прочитај Лука 18:28-30.) Други, кои не се во состојба да служат полновремено, посветуваат колку што е можно повеќе време на ова животоспасувачко дело, помагајќи им и на своите деца да бидат спасени (5. Мој. 6:6, 7).

4. Зошто некој би можел да го изгуби чувството на итност?

4 Како што видовме, обично нешто е итно затоа што е поврзано со временско ограничување, рок или крај. Ние живееме во времето кога ќе дојде крајот на овој свет, а тоа го потврдуваат и многубројни библиски и историски докази (Мат. 24:3, 33; 2. Тим. 3:1-5). Сепак, ниту еден човек не знае кога точно ќе дојде тој крај. Кога во детали го објаснил „знакот“ што ќе го означи „свршетокот на овој поредок“, Исус јасно рекол: „За тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото“ (Мат. 24:36). Поради тоа, на некои можеби не им е лесно да продолжат да го извршуваат делото со чувство на итност. Ова особено може да биде случај со оние што веќе долго време се во исчекување на крајот (Изр. 13:12). Дали и ти понекогаш се чувствуваш така? Што ќе ни помогне да го стекнеме или да не го изгубиме чувството на итност кога станува збор за задачата што Јехова Бог и Исус Христос сакаат да ја извршуваме денес?

Нашиот Пример, Исус

5. По што се гледа дека Исус ја вршел службата со чувство на итност?

5 Исус Христос дал најдобар пример за тоа што значи да му се служи на Бог со чувство на итност. Меѓу другото, тој служел на ваков начин затоа што морал да направи многу, а имал ограничено време — само три и пол години. Сепак, Исус постигнал повеќе во службата за вистинскиот Бог од кој и да било човек. Го објавувал името и намерата на својот Татко, ја проповедал добрата вест за Царството, го разоткрил лицемерството и лажните учења на верските водачи и го поддржал Јехова како Севишен Владетел, дури и по цена на својот живот. Воопшто не се штедел додека пешачел од едниот до другиот крај на земјата — ги поучувал луѓето, ги лекувал и им помагал (Мат. 9:35). Никој не постигнал толку многу за толку кратко време. Исус навистина дал сѐ од себе (Јован 18:37).

6. Што му било на Исус најважно во животот?

6 Што го поттикнало Исус неуморно да ја врши службата? Од пророштвото на Даниел, тој сигурно знаел колку време има за да ја изврши задачата за која бил испратен (Дан. 9:27). Како што беше спомнато погоре, неговата служба на Земјата требало да заврши „во половината од седмицата“, односно за три и пол години. Пролетта 33 год. од н.е., Исус влегол во Ерусалим поздравен како иден цар од едно големо мноштво народ. Кратко потоа рекол: „Дојде часот да биде прославен Синот човечки“ (Јован 12:23). Но, тоа што знаел дека набрзо ќе биде убиен не била главната причина зошто толку многу се трошел во службата. Напротив, најважно му било да ја искористи секоја можност да ја врши волјата на својот Татко и да покаже љубов кон луѓето. Токму таа љубов го поттикнала да собере и да обучи ученици, и да ги испрати да проповедаат. Тоа го направил со цел да го продолжат делото што тој го започнал, па дури и да прават поголеми дела од неговите. (Прочитај Јован 14:12.)

7, 8. На што се потсетиле учениците кога виделе како Исус го чисти храмот, и зошто тој постапил така?

7 Од еден настан во животот на Исус, кој се случил во почетокот на неговата служба, околу Пасхата 30 год. од н.е., јасно може да се види колку голема била неговата ревност. Заедно со своите ученици, тој дошол во Ерусалим и влегол во храмот, каде што ги затекол ‚оние што продавале говеда, овци и гулаби, како и менувачите на пари‘. Што направил кога ги видел, и како влијаело тоа врз неговите ученици? (Прочитај Јован 2:13-17.)

8 Она што Исус го направил и го кажал во таа прилика ги потсетило учениците на следните пророчки зборови од еден Давидов псалм: „Ревноста за домот твој ме изеде“ (Пс. 69:9). Зошто се сетиле токму на тој стих? Бидејќи само некој што имал толкава ревност би се осмелил да се изложи на таков ризик и опасност. Всушност, зад бесрамната трговија што се вршела во храмот стоеле свештениците, книжниците и други храмски поглавари. Со тоа што ги разоткрил нивните нечесни дела и се обидел да ја спречи таа трговија, тој си го навлекол гневот и непријателството на овие влијателни лица. Учениците јасно можеле да ја видат неговата ‚ревност за Божјиот дом‘, односно за обожавањето на вистинскиот Бог. Но, што е ревноста? По што се разликува од итноста?

Разликата меѓу итноста и ревноста

9. Што е ревноста?

9 Според еден речник, „ревност“ е голема одушевеност, силна желба или посветеност на нешто. Во истиот речник, за зборот „ревност“ се дадени и следниве синоними: страст, жар, оддаденост и восхит. Сите овие изрази со право можат да се применат на службата на Исус. Во еден англиски превод на Библијата, Псалм 69:9 гласи: „Ревноста за твојот дом, о Боже, гори во мене како оган“ (Today’s English Version). Интересно е што во некои источни јазици зборот „ревност“ се состои од два дела и дословно може да се преведе со „срце [што] гори“. Не е ни чудо што учениците се сетиле на зборовите на Давид кога виделе што направил Исус во храмот! Но, што го разгорело огнот во срцето на Исус, односно што го поттикнало да постапи на таков начин?

10. Во која смисла се користи зборот „ревност“ во Библијата?

10 Во псалмот на Давид, зборот „ревност“ е изведен од еден хебрејски збор кој на други места во Библијата честопати е преведен со „љубоморен“ или „љубомора“. Во Преводот Нов свет понекогаш е преведен со „бара да му се покажува оддаденост само нему“. (Прочитај 2. Мојсеева 20:5; 34:14; Исус Навин 24:19.) Во врска со овој збор, еден библиски речник вели: „Честопати се користи во поврзаност со брачната врска... Исто како што мажот или жената можат да чувствуваат љубомора затоа што со право очекуваат оддаденост и верност од брачниот другар, така и Бог со право очекува од своите слуги да му бидат оддадени само нему, и не дозволува да биде поинаку“. Значи, ревноста во библиска смисла не е само восхит или, пак, жар каков што, на пример, би можеле да чувствуваат лица кои навиваат за одреден спорт. Ревноста на Давид била исправна љубомора, односно тој не поднесувал некој да му биде соперник на Бог или да му нанесе срам. Оној што има таква ревност гори од желба да брани нечие добро име и да ја исправи секоја неправда која му е нанесена на тоа лице.

11. Што го поттикнало Исус ревносно да ја извршува својата служба?

11 Учениците воопшто не згрешиле што ги поврзале зборовите на Давид со она што го сторил Исус во храмот. Исус потполно се посветил на службата не само затоа што имал ограничено време за да ја изврши туку и затоа што бил ревносен, односно љубоморно го бранел името на својот Татко и сакал другите да го обожаваат Бог на исправен начин. Кога гледал како луѓето му нанесуваат срам на Божјето име и го хулат, ревносно презел чекори да ги исправи работите. Кога видел како верските водачи го угнетуваат и искористуваат обичниот народ, ревноста го навела да им донесе олеснување, но и строго да ги осуди немилосрдните верски водачи (Мат. 9:36; 23:2, 4, 27, 28, 33).

Ревносно служи му на вистинскиот Бог

12, 13. Што направиле денешните верски водачи на христијанскиот свет во врска со: а) Божјето име? б) Божјето Царство?

12 Ситуацијата во денешните религии е слична, ако не и полоша од времето на Исус. На пример, првата работа за која Исус ги поучил своите следбеници да се молат била поврзана со Божјето име. Тој им рекол дека треба да се молат вака: „Да се свети името твое“ (Мат. 6:9). Дали денес верските водачи, а особено свештениците на христијанскиот свет, им го кажуваат Божјето име на луѓето и дали ги поучуваат да го светат или да му оддаваат чест на тоа име? Не, напротив! Тие погрешно го претставуваат Бог со своите лажни учења за Света Троица, бесмртност на човечката душа и пекол. На тој начин го прикажуваат како мистериозен и несфатлив, суров, па дури и како Бог што ужива во туѓото страдање. Исто така, го срамотат со нивните скандали и лицемерство. (Прочитај Римјаните 2:21-24.) Згора на тоа, прават сѐ што можат за да го скријат Божјето име, па дури и го отстрануваат од своите преводи на Библијата. Така ги спречуваат луѓето да се зближат со Бог и да бидат негови пријатели (Јак. 4:7, 8).

13 Исус ги поучил своите ученици да се молат и за Божјето Царство: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Мат. 6:10). Иако честопати ја повторуваат оваа молитва, верските водачи во христијанскиот свет ги поттикнуваат луѓето да им даваат поддршка на политичките и другите човечки организации. Од друга страна, ги омаловажуваат оние што проповедаат и сведочат за Царството. Како резултат на тоа, мнозина што тврдат дека се христијани не само што не веруваат во Божјето Царство туку не го ни спомнуваат!

14. Како свештениците на христијанскиот свет ја разводнуваат Божјата Реч?

14 Во една молитва до Бог, Исус јасно рекол: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17). Додека уште бил на Земјата, тој кажал дека ќе постави еден ‚верен и разборит роб‘ кој ќе му дава духовна храна на неговиот народ (Мат. 24:45). Иако тврдат дека ги поучуваат луѓето за Божјата Реч, дали свештениците на христијанскиот свет верно ја извршуваат задачата што Господарот му ја доверил на тој роб? Не. Всушност, мнозина од нив велат дека Библијата содржи бајки и митови. Наместо да им даваат духовна храна на своите стада, и на тој начин да ги утешат и да им ги објаснат вистините од Библијата, свештениците поучуваат за човечки филозофии кои членовите на нивните цркви сакаат да ги слушаат. Освен тоа, ги разводнуваат библиските морални мерила умилкувајќи им се на своите верници, кои мислат за себе дека се добри, иако не живеат во склад со Божјите мерила (2. Тим. 4:3, 4).

15. Што мислиш за она што свештениците го прават во името на Бог, и на што те поттикнува тоа?

15 Бидејќи свештениците наводно го прават сето ова во името на Богот за кој зборува Библијата, многу искрени луѓе се разочарани или, пак, целосно ја изгубиле својата вера во Бог и во неговата Реч. Тие станале плен на Сатана и на неговиот злобен свет. Како се чувствуваш кога секој ден слушаш и гледаш вакви работи? Како слуга на Јехова, кога гледаш како му се нанесува срам и се хули на Божјето име, зарем не чувствуваш силна желба да го браниш? Кога гледаш дека некој ги лаже и ги искористува искрените луѓе, зарем тоа не те поттикнува да ги тешиш? Исус се сожалил на луѓето во негово време кои биле „измачени и расеани како овци без пастир“, но и направил нешто за нив — ‚почнал да ги поучува за многу работи‘ (Мат. 9:36; Мар. 6:34). И ние имаме силни причини ревносно да му служиме на вистинскиот Бог исто како што му служел тој.

16, 17. а) Што ќе нѐ поттикне да учествуваме во службата со сета душа? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

16 Кога ја извршуваме службата на таков начин, зборовите на апостол Павле од 1. Тимотеј 2:3, 4 добиваат уште поголемо значење. (Прочитај.) Ние ревносно учествуваме во службата не само затоа што знаеме дека живееме во последните денови туку и затоа што сфаќаме дека е Божја волја да проповедаме. Тој сака луѓето да ја дознаат вистината за да можат да му служат и да бидат благословени. Служиме со сета душа не само затоа што ни останува кратко време туку и затоа што сакаме да му оддадеме чест на Божјето име и да им помогнеме на луѓето да дознаат која е Божјата волја. Да, ние ревносно го обожаваме вистинскиот Бог (1. Тим. 4:16).

17 Како на свој народ, Јехова ни ја открил вистината за својата намера со луѓето и со Земјата. Поради тоа, ние можеме да им помогнеме и на другите да бидат среќни и да им влееме сигурна надеж за иднината. Можеме да им кажеме што да прават за да бидат заштитени кога ќе биде уништен Сатановиот свет (2. Сол. 1:7-9). Наместо да сме разочарани или обесхрабрени бидејќи ни се чини дека Јеховиниот ден доцни, треба да се радуваме што сѐ уште има време ревносно да му служиме на Бог (Мих. 7:7; Авак. 2:3). Како можеме да стекнеме таква ревност? Ова ќе го разгледаме во следната статија.

Можеш ли да објасниш?

• Што го поттикнало Исус неуморно да ја врши службата?

• Во која смисла се користи зборот „ревност“ во Библијата?

• Кои работи денес треба да нѐ поттикнат ревносно да му служиме на вистинскиот Бог?

[Прашања]

[Слика на страница 8]

На Исус му било најважно да ја врши волјата на својот Татко и да покажува љубов кон луѓето

[Слика на страница 10]

Имаме силни причини ревносно да му служиме на вистинскиот Бог