Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Го мразиш ли беззаконието?

Го мразиш ли беззаконието?

Го мразиш ли беззаконието?

„[Исус] го мразеше беззаконието“ (ЕВР. 1:9)

1. Што поучувал Исус во врска со љубовта?

 ЗА ДА НАГЛАСИ колку е важна љубовта, Исус Христос им го рекол следново на своите ученици: „Нова заповед ви давам: сакајте се еден со друг! Како што јас ве сакав, така и вие сакајте се еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). Исус им заповедал на своите следбеници да покажуваат самопожртвувана љубов. Таквата љубов требало да биде знак по кој ќе се препознаваат како вистински христијани. Освен тоа, Исус ги поттикнал: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат“ (Мат. 5:44).

2. Што треба да мразат следбениците на Христос?

2 Но, освен што ги поттикнал своите ученици да ги сакаат другите, Исус ги поучил и што треба да мразат. Во врска со него било речено: „Ја сакаше праведноста и го мразеше беззаконието [злото]“ (Евр. 1:9; Пс. 45:7). Ова покажува дека треба да научиме не само да ја сакаме праведноста туку и да го мразиме гревот, или беззаконието. Всушност, апостол Јован јасно рекол: „Секој што оди во грев, оди и во беззаконие, и затоа гревот е беззаконие“ (1. Јов. 3:4).

3. На кои полиња од животот, што ќе ги разгледаме во оваа статија, може да покажеме дека го мразиме беззаконието?

3 Како христијани, добро е да се прашаме: ‚Дали јас го мразам беззаконието?‘ Да видиме како може да покажеме дека го мразиме злото на четири полиња од животот. Ќе можеме да го преиспитаме нашиот став кон: 1) прекумерното пиење, 2) окултизмот, 3) неморалот и 4) оние што го сакаат беззаконието.

Не станувај роб на алкохолот

4. Зошто Исус можел со чиста совест да даде предупредување во врска со препивањето?

4 Одвреме-навреме Исус пиел вино и со тоа покажал дека го смета за дар од Бог (Пс. 104:14, 15). Но, никогаш не претерал со пиењето бидејќи така би го злоупотребил тој дар (Изр. 23:29-33). Затоа можел со чиста совест да даде предупредување во врска со таа лоша навика. (Прочитај Лука 21:34.) Злоупотребата на алкохол може да води и до други тешки гревови. Затоа, апостол Павле напишал: „Не опивајте се со вино, во кое има разузданост, туку исполнувајте се со дух“ (Еф. 5:18). Освен тоа, ги поттикнал и постарите жени во собранието да „не робуваат на многу вино“ (Тит 2:3).

5. Кои прашања би било добро да си ги постават оние што имаат обичај да пијат алкохолни пијалаци?

5 Ако имаш обичај да пиеш алкохол, би било добро да се прашаш: ‚Дали гледам на прекумерното пиење како Исус? Ако треба да ги советувам другите во врска со оваа работа, дали би можел да го направам тоа со чиста совест? Дали пијам за да побегнам од проблемите или да си го намалам стресот? Колку алкохол пијам секоја седмица? Како реагирам кога некој ќе проба да ми укаже дека можеби малку претерувам со пиењето? Дали веднаш почнувам да се бранам, па дури и да се лутам?‘ Ако си дозволиме да станеме робови на алкохолот, нема да можеме добро да расудуваме и да донесуваме мудри одлуки. Следбениците на Христос се трудат да ја зачуваат својата способност за расудување (Изр. 3:21, 22).

Чувај се од окултизмот

6, 7. а) Како постапил Исус со Сатана и демоните? б) Зошто окултизмот е толку раширен денес?

6 Кога бил на Земјата, Исус решително им се спротивставил на Сатана и на демоните. Останал цврст кога Ѓаволот директно ја нападнал неговата верност (Лука 4:1-13). Но, ги препознал и се спротивставил и на Сатановите подмолни обиди да влијае врз неговото размислување и постапки (Мат. 16:21-23). Освен тоа, Исус им помогнал на искрените лица да се ослободат од безмилосниот стисок на демоните (Мар. 5:2, 8, 12-15; 9:20, 25-27).

7 Откако се зацарил во 1914 год., тој го исчистил небото од расипаното влијание на Сатана и на демоните. Бидејќи бил исфрлен од небото, Сатана денес е решен поцврсто од кога и да е порано да ‚го заведе целиот свет‘ (Отк. 12:9, 10). Тогаш, воопшто не треба да нѐ изненадува што сѐ повеќе луѓе се интересираат за окултизмот, односно спиритизмот. Што можеме да направиме за да се заштитиме?

8. Кои прашања треба да си ги поставиме во врска со нашиот избор на забава?

8 Библијата дава јасно предупредување во врска со опасностите од спиритизмот. (Прочитај 5. Мојсеева 18:10-12.) Денес, Сатана и демоните влијаат врз размислувањето на луѓето преку филмови, книги и видеоигри во кои се велича окултизмот. Затоа, кога се работи за избор на забава, секој од нас треба да се праша: ‚Дали слободното време во последниве месеци го трошев на филмови, ТВ-програми, видеоигри, книги или стрипови во кои се зборуваше за нешто натприродно? Дали сфаќам колку е важно да се спротивставам на ваквото влијание на злите окултни сили или мислам дека не е толку опасно? Дали воопшто помислив на тоа како гледа Јехова на мојот избор на забава? Ако сум направил пропуст во овој поглед, дали љубовта кон Јехова и неговите праведни начела ќе ме поттикне повеќе да не му дозволам на Сатана да влијае на таков начин врз мојот живот?‘ (Дела 19:19, 20).

Послушај ја Исусовата опомена во врска со неморалот

9. Како може некој да ја потхранува во своето срце љубовта кон беззаконието?

9 Исус имал исто гледиште како Јехова и во врска со моралот. Тој рекол: „Зарем не сте читале дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ‚Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ (Мат. 19:4-6). Исус знаел дека она што го гледаме може да влијае врз нашето срце. Во својата Проповед на гората го рекол следново: „Сте чуле дека било речено: ‚Не врши прељуба!‘ А јас ви велам: секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Мат. 5:27, 28). Оние што не обрнуваат внимание на оваа опомена од Исус, всушност, ја потхрануваат во своето срце љубовта кон беззаконието.

10. Раскажи едно искуство што покажува дека некој може да расчисти со порнографијата.

10 Сатана го шири неморалот преку порнографија, која во денешниов свет ја има на секој чекор. На оние што гледаат порнографски материјали им е тешко да ги избришат неморалните слики од главата. Можат дури да станат зависници од порнографија. Да го земеме за пример она што му се случило на еден христијанин. Тој раскажува: „Кришум гледав порнографија. Така почнав да живеам во еден свој свет и си мислев дека тој нема никаква врска со светот во кој му служев на Јехова. Знаев дека оваа навика е погрешна, но се убедував дека Бог сепак ја прифаќа мојата служба“. Што му помогнало на овој брат да си го смени мислењето? Тој вели: „Решив да им кажам на старешините за мојот проблем иако тоа беше најтешкото нешто што сум го направил во животот“. Овој брат на крајот раскрстил со таа нечиста навика. Тој признава: „Откако престанав да го правам овој грев, конечно почувствував дека навистина имам чиста совест“. Оние што го мразат беззаконието, мора да научат да ја мразат порнографијата.

11, 12. Како можеме со нашиот избор на музика да покажеме дека го мразиме беззаконието?

11 Музиката и текстот на песните можат силно да влијаат врз нашите чувства, па според тоа и врз нашето симболично срце. Самата музика е дар од вистинскиот Бог и неговите слуги низ вековите го фалеле во песна (2. Мој. 15:20, 21; Еф. 5:19). Но, во светот на Сатана е популарна музиката во која се велича неморалот (1. Јов. 5:19). Како можеш да знаеш дали музиката што ја слушаш го валка твоето срце?

12 Би можел да се прашаш: ‚Дали во песните кои ги слушам се хули на Бог и дали се величаат убиствата, прељубата и блудот? Ако би му го прочитал некому текстот на одредени песни, дали тој би помислил дека го мразам беззаконието или, пак, спротивното — дека имам нечисто срце?‘ Не можеме да тврдиме дека го мразиме беззаконието ако истовремено слушаме музика која го велича. Исус рекол: „Она што излегува од устата, излегува од срцето, и тоа го валка човекот. На пример, од срцето излегуваат зли мисли, убиства, прељуби, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Мат. 15:18, 19; спореди со Јаков 3:10, 11).

Гледај како Исус на оние што го сакаат беззаконието

13. Како гледал Исус на закоравените грешници?

13 Исус рекол дека дошол да ги повика на покајание грешниците, односно беззакониците (Лука 5:30-32). Но, како гледал на закоравените грешници? Тој дал строго предупредување да се чуваме од нивното влијание (Мат. 23:15, 23-26). Исто така, јасно кажал: „Не секој што ми вели: ‚Господару, Господару‘, ќе влезе во небесното царство, туку оној што ја врши волјата на мојот Татко, кој е на небесата. Мнозина ќе ми речат во оној ден [кога Бог ќе изврши суд]: ‚Господару, Господару, не пророкувавме ли во твое име, и не истерувавме ли демони во твое име, и не правевме ли многубројни моќни дела во твое име?‘“ Но, тој ќе ги отфрли оние што непокајнички грешат, и ќе им рече: „Бегајте од мене!“ (Мат. 7:21-23). Зошто ги чека таков суд? Бидејќи со своите безбожни дела тие лица го срамат Бог и им нанесуваат зло на другите.

14. Зошто непокајничките грешници мора да бидат отстранети од собранието?

14 Божјата Реч заповеда непокајничките грешници да бидат отстранети од собранието. (Прочитај 1. Коринќаните 5:9-13.) Ова е неопходно од најмалку три причини: 1) за да не се срами Јеховиното име, 2) за да се зачува чистотата на собранието и 3) ако е можно, да му се помогне на грешникот да се покае.

15. Ако сакаме да му останеме лојални на Јехова, кои сериозни прашања треба да си ги поставиме?

15 Дали гледаме на закоравените грешници исто како Исус? Треба да размислиме за следниве прашања: ‚Дали јас би се дружел со некој што е исклучен или што сам се одвоил од христијанското собрание? Што ако тој ми е близок роднина кој повеќе не живее под ист покрив со мене?‘ Ваквата ситуација може да ја стави на испит нашата љубов кон праведноста и нашата лојалност кон Бог. a

16, 17. Во каква тешка ситуација се нашла една мајка, и што ѝ помогнало сепак да се подложи на Божјето барање во врска со исклучените?

16 Размисли за една сестра чиј возрасен син некое време му служел на Јехова. Но, подоцна почнал непокајнички да прави грев и поради тоа бил исклучен од собранието. Нашата сестра го сакала Јехова, но го сакала и синот. Затоа ѝ било многу тешко да се држи за библиската заповед во врска со исклучените и да не контактира со него како порано.

17 Каков совет би ѝ дал ти на таа сестра? Еден старешина ѝ помогнал да сфати дека Јехова ја разбира нејзината болка. Тој ѝ посочил дека и за Бог мора да било многу тешко кога некои од неговите ангелски синови се побуниле. Но, иако знае колку е болно кога некој минува низ таква ситуација, Јехова сепак бара непокајничките грешници да бидат исклучени. Сестрата ги зела овие зборови присрце и лојално се подложила на Божјето барање во врска со исклучените. b Таквата лојалност многу го радува Јехова (Изр. 27:11).

18, 19. а) Што покажуваш кога не контактираш со некој што врши беззаконие? б) Каков ќе биде резултатот ако му останеме лојални на Јехова и ако се држиме за неговите барања?

18 Ако и ти се наоѓаш во слична ситуација, знај дека Јехова те разбира и сочувствува со тебе. Кога не контактираш со некој што е исклучен или што сам се одвоил од собранието, покажуваш дека ги мразиш ставовите и постапките што го довеле до таа состојба. Но, покажуваш и дека го сакаш и поради тоа си решен да го направиш она што е најдобро за него. Твојата лојалност кон Јехова може да биде уште еден поттик да се покае и да му се врати на Бог.

19 Една сестра која била исклучена и подоцна повторно примена напишала: „Среќна сум што Јехова толку го сака својот народ што се грижи неговата организација да биде чиста. Она што на луѓето кои не се Сведоци им изгледа премногу строго, всушност, е неопходно и навистина е знак на љубов“. Што мислиш, дали оваа сестра ќе дошла до ваков заклучок ако членовите на собранието, вклучувајќи го и нејзиното семејство, продолжеле да контактираат со неа исто како и пред да биде исклучена? Кога се држиме за библиските начела во врска со исклучените докажуваме дека ја сакаме праведноста и признаваме дека Јехова има право да одреди како да постапуваме.

„Мразете го злото“

20, 21. Зошто е важно да го замразиш беззаконието од дното на душата?

20 „Бидете трезвени, бдејте!“, предупредил апостол Петар. Зошто? Бидејќи „вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Пет. 5:8). Дали ти ќе бидеш неговата следна жртва? Многу зависи од тоа колку го мразиш беззаконието.

21 Не е лесно да се развие омраза кон она што е лошо. Родени сме во грев и живееме во свет што нѐ поттикнува да си ги задоволуваме телесните желби (1. Јов. 2:15-17). Сепак, ако го следиме примерот на Исус Христос и ако нашата љубов кон Јехова Бог расте од ден на ден, од дното на душата ќе го замразиме беззаконието. Да бидеме решени ‚да го мразиме злото‘, и да имаме цврста доверба дека Јехова „ги чува... оние што му се лојални, [и] од раката на злите тој ги избавува“ (Пс. 97:10).

[Фусноти]

a Повеќе информации за оваа тема можеш да најдеш во Нашата служба за Царството од август 2002, на страници 3-4.

b Види и во Стражарска кула од 15 јануари 2007, на страници 17-20.

Како би одговорил?

• Што ќе ни помогне да го преиспитаме својот став кон алкохолните пијалаци?

• Како можеме да се заштитиме од окултизмот?

• Зошто порнографијата е опасна?

• Како покажуваме дека го мразиме беззаконието кога е исклучен некој што го сакаме?

[Прашања]

[Слика на страница 29]

Што треба да се прашаш ако имаш обичај да пиеш алкохолни пијалаци?

[Слика на страница 30]

Чувај се од влијанието што Сатана го врши преку забавата

[Слика на страница 31]

Каква љубов потхранува во своето срце оној што гледа порнографија?