Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали навистина ги цениш благословите што ги имаш?

Дали навистина ги цениш благословите што ги имаш?

Дали навистина ги цениш благословите што ги имаш?

ОТКАКО со чудо биле избавени од ропството во Египет, синовите на Израел биле пресреќни што можеле слободно да му служат на Јехова (2. Мој. 14:29—15:1, 20, 21). Но, кратко потоа го смениле мислењето и почнале да се жалат на новите околности. Зошто? Затоа што престанале да размислуваат за она што Јехова го направил за нив, и тешкиот живот во пустината почнал сѐ повеќе да им смета. Во една прилика дури му рекле на Мојсеј: „Зошто нѐ изведовте од Египет, за да изумреме во оваа пустина? Зашто, нема ни леб ни вода, а овој никаков леб [маната] веќе ѝ се згади на нашата душа“ (4. Мој. 21:5).

Со векови подоцна, израелскиот цар Давид во песна рекол: „Јас имам доверба во твојата милост, моето срце нека се радува поради спасението што го даваш ти. Ќе му пеам на Јехова, зашто е добар кон мене“ (Пс. 13:5, 6). Давид не ја заборавил милоста што му ја покажал Јехова. Напротив, често размислувал за сето она што Бог го направил за него (Пс. 103:2). Јехова е добар и кон нас, и мудро е да не го земаме здраво за готово сето она што до ден-денес го прави за нас. Да разгледаме некои од благословите што ги имаме.

„Јехова е близок“ со нас

Псалмистот рекол: „Јехова е близок со оние што се бојат од него“ (Пс. 25:14). За несовршените луѓе е огромна чест што можат да бидат блиски со Јехова! Сепак, би можеле толку да се преокупираме со секојдневните работи, што на крајот ќе имаме сѐ помалку време да се молиме. Што ќе се случи тогаш со нашиот однос со Јехова? Како наш Пријател, тој очекува да имаме доверба во него и да му го излеваме своето срце, односно да му кажеме што сакаме, што нѐ плаши и за што сме загрижени (Изр. 3:5, 6; Фил. 4:6, 7). Затоа, зарем не е добро да размислиме какви се нашите молитви?

Кога еден млад Сведок по име Пол размислувал за своите молитви, сфатил дека ќе треба да направи некои промени. a Тој рекол: „Ми стана навика секогаш да му се молам на Јехова со едни исти фрази“. Кога истражувал на таа тема во Индексот на публикации на Јеховините сведоци, открил дека во Библијата се запишани околу 180 молитви. Во нив, Јеховините слуги од минатото ги излеале своите најдлабоки чувства. Пол рекол: „Откако размислував за тие библиски примери, сфатив дека треба да се молам за конкретни работи. Тоа ми помогна да му го отворам своето срце на Јехова. Многу се радувам што сега се чувствувам поблизок со него кога му се молам“.

„Храна во вистинско време“

Друг благослов што ни го дал Јехова се многуте вистини што сме ги дознале од Библијата. Поради изобилната духовна храна што ја имаме, можеме ‚да воскликнуваме од радост во срцето‘ (Иса. 65:13, 14). Сепак, не смееме да дозволиме расипаните влијанија да го згаснат нашиот жар за вистината. На пример, ако се изложиме на пропагандата на отпадниците, тоа може лошо да влијае врз нашето размислување и би можеле да изгубиме од вид колку е вредна духовната храна што Јехова ни ја дава „во вистинско време“ преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45-47).

Андре, кој со години му служел на Јехова, жали што во еден момент дозволил да биде заведен од отпадничките идеи. Мислел дека не е опасно само накратко да погледне една отпадничка интернет-страница. Тој вели: „Во почетокот, ми го привлекоа вниманието наводните ‚вистини‘ за кои зборуваа отпадниците. Колку повеќе читав, толку повеќе ми се чинеше дека имам добри причини да ја напуштам Јеховината организација. Но, кога подоцна подлабоко го истражив она што отпадниците го изнесуваа против Јеховините сведоци, сфатив колку се лукави тие лажни учители. Нивните ‚цврсти докази‘ против нас се состоеја од информации кои беа извадени од контекст. Затоа решив повторно да ги читам нашите публикации и да одам на состаноците. Брзо увидов колку многу пропуштив што не го правев тоа“. За среќа, Андре се вратил во организацијата.

Меѓународно братство

Нашето братство во кое владеат љубов и единство е благослов од Јехова (Пс. 133:1). Со добра причина, апостол Петар напишал: „Сите браќа сакајте ги“ (1. Пет. 2:17). Во христијанското братство ја имаме љубовта и поддршката на соверниците кои ни се како духовни татковци, мајки, браќа и сестри (Мар. 10:29, 30).

Меѓутоа, од различни причини, понекогаш може да дојде до затегнати односи меѓу нас и некој сохристијанин. На пример, многу е лесно да почнеме да им наоѓаме маани и да дозволиме нивните слабости да нѐ вадат од такт. Ако се случи вакво нешто, добро е да се сетиме дека Јехова ги сака своите слуги и покрај нивните несовршености. Освен тоа, „ако кажеме: ‚Немаме грев‘, самите себе се залажуваме и вистината не е во нас“ (1. Јов. 1:8). Зарем не треба и понатаму ‚да се поднесуваме еден со друг и спремно да си простуваме еден на друг‘? (Кол. 3:13).

Една девојка која се вика Ана сфатила од лично искуство колку е драгоцено дружењето со браќата и сестрите. За жал, таа лекција морала скапо да ја плати. Ана постапила слично на расипничкиот син од споредбата на Исус, и се оддалечила од христијанското собрание. Подоцна се свестила и се вратила кај Јехова (Лука 15:11-24). Што научила од она што ѝ се случило? Таа вели: „Денес, откако се вратив во Јеховината организација, ги ценам сите браќа и сестри и покрај нивните несовршености. Порано, брзо им наоѓав маани. Но, сега сум решена да не дозволам ништо да ме спречи да уживам во благословите што ги имам од дружењето со моите соверници. Ништо во светот не може ни оддалеку да се спореди со нашиот духовен рај!“

Секогаш цени ги своите благослови

Ние имаме надеж дека Божјето Царство ќе ги реши сите проблеми на Земјата. За нас таа надеж е непроценливо богатство. Кога поверувавме во Божјите ветувања, нашето срце сигурно се прелеваше од благодарност и ценење! Се чувствувавме исто како трговецот од споредбата на Исус, кој ‚продал сѐ што имал‘ за да купи „еден скапоцен бисер“ (Мат. 13:45, 46). Исус не кажал дека овој трговец подоцна престанал да го цени тој бисер. И ние не треба никогаш да го изгубиме ценењето за нашата прекрасна надеж (1. Сол. 5:8; Евр. 6:19).

Џин, која му служи на Јехова повеќе од 60 години, вели: „Можев постојано да размислувам за Божјето Царство затоа што им зборував на другите за него. Многу се охрабрувам кога гледам како очите им светнуваат штом ќе разберат што е тоа Царство. Кога ќе видам како библиската вистина го менува животот на интересентот, помислувам: ‚Колку е прекрасна пораката што им ја пренесуваме на другите!‘“

Навистина имаме добри причини да ги цениме многуте духовни благослови во кои уживаме. А кога Божјето Царство ќе преземе целосна власт над Земјата, ќе добиеме и многу други благослови. Иако денес можат да нѐ снајдат разни неволји, како противење, болест, старост, депресија, смрт на некој близок и економски тешкотии, знаеме дека сето тоа е привремено. Во новиот свет ќе им биде ставен крај на сите страдања (Отк. 21:4).

Во меѓувреме, да бидеме благодарни за нашите духовни благослови и да покажуваме исто ценење како псалмистот кој пеел: „Ти направи многу дела чудесни, о Јехова, Боже мој, и многу работи за нас си намислил — ти нема рамен. Кога би раскажувал и би зборувал за нив, би ги имало повеќе отколку што би можел да ги набројам“ (Пс. 40:5).

[Фуснота]

a Имињата се сменети.

[Слика на страница 18]

Духовната поддршка што ја добиваме кога ни е тешко е голем благослов