„Послушноста е подобра од жртвите“
„Послушноста е подобра од жртвите“
САУЛ бил првиот цар на древниот Израел. Иако бил избран од вистинскиот Бог, тој на крајот станал непослушен.
Какви престапи направил Саул? Можел ли да постапи поинаку? Што учиме од неговиот пример?
Јехова избира цар
Пред Саул да стане цар, пророкот Самоил служел како Божји претставник во Израел. Но, Самоил веќе бил стар, а неговите синови не му биле верни на Бог. Во тоа време на Израелците им се заканувала опасност и од непријателите. Кога старешините на Израел побарале од Самоил да им постави цар што ќе им суди и ќе ги води нивните битки, Јехова му заповедал на пророкот да го помаза Саул за водач, и му рекол: „Тој ќе го избави мојот народ од филистејската рака“ (1. Сам. 8:4-7, 20; 9:16).
Освен што бил „млад и убав“, Саул имал добри особини. Меѓу другото, бил и понизен. На пример, тој го прашал Самоил: „Не сум ли јас од племето на Венијамин, од најмалото од сите племиња на Израел, и не е ли мојот дом најнезначителниот од сите домови во племето на Венијамин? Зошто тогаш ми кажуваш вакво нешто?“ Саул имал скромно мислење за себе и за своето семејство, иако неговиот татко, Кис, бил „многу богат човек“ (1. Сам. 9:1, 2, 21).
Исто така, забележи што направил кога Самоил објавил кого Јехова го избрал за цар на Израел. Самоил најпрво го помазал Саул насамо, и му рекол: „Прави што сакаш, зашто вистинскиот Бог е со тебе“. Потоа пророкот го собрал народот за сите да видат кој е царот што го избрал Јехова. Но, кога ждрепката покажала дека тоа е Саул, не можеле никаде да го најдат. Срамежливиот Саул се скрил. Јехова им открил каде е, и тој бил прогласен за цар (1. Сам. 10:7, 20-24).
На бојното поле
Иако имало некои што се сомневале во него, Саул наскоро докажал дека не се во право. Кога Амонците се спремале да нападнат еден град во Израел, ‚Божјиот дух дошол врз Саул‘. Царот им заповедал на израелските воини да се соберат, ги организирал и ги повел во победа. Сепак, му ја припишал оваа победа на Бог, велејќи: „Денес Јехова му донесе спасение на Израел“ (1. Сам. 11:1-13).
Саул имал убави особини, а го имал и Божјиот благослов. Освен тоа, признал дека Јехова е тој што им дал победа. Сепак, дали Израелците и нивниот цар и понатаму ќе имале успех, зависело од еден многу важен фактор. Самоил им кажал на Израелците: „Ако се плашите од Јехова, ако му служите и ако го слушате неговиот глас и ако не се буните против наредбите на Јехова, и вие и царот што ќе владее над вас, ќе покажете дека во сѐ го слушате Јехова, својот Бог“. Во што можеле да бидат сигурни Израелците доколку му останеле верни на Бог? Самоил рекол: „Јехова нема да го остави својот народ поради своето големо име, зашто Јехова одлучи да ве направи свој народ“ (Послушноста е пресудна за да имаме добар однос со Бог. Така било во минатото, а така е и денес. Јехова ги благословува своите слуги кога ги држат неговите заповеди. Но, што ќе се случи ако не му се послушни?
„Си постапил безумно!“
По следниот напад што Саул го презел против Филистејците, тие собрале огромна војска против него. Библијата вели дека филистејските војници биле „како песок на морскиот брег“. ‚Кога виделе дека се во неволја и дека непријателот силно го притиснал народот, Израелците се скриле во пештери, во јами, во карпи, во дупки и во јами за вода‘ (1. Сам. 13:5, 6). Што направил Саул?
Самоил му рекол на Саул да го чека во Гилгал, каде што пророкот требало да принесе жртви. Саул чекал, но Самоил задоцнил, а војниците почнале да се разотидуваат. Затоа царот решил самиот да ги принесе жртвите. Штом го сторил тоа, Самоил пристигнал. Откако чул што направил Саул, пророкот му рекол: „Си постапил безумно! Не си ја држел заповедта од Јехова, својот Бог, која ти ја даде. Да ја држеше, Јехова ќе го зацврстеше твоето царство над Израел за навек. А сега твоето царство нема да се одржи. Јехова ќе си најде човек според своето срце. Јехова ќе го постави за водач на својот народ, зашто ти не го држеше она што ти го заповеда Јехова“ (1. Сам. 10:8; 13:8, 13, 14).
Саул покажал дека нема доволно вера кога дрско решил да ја прекрши Божјата заповед со тоа што не почекал Самоил да ги принесе жртвите. Тој постапил сосема спротивно од Гедеон, кој некогаш исто така ја предводел војската на Израел. Јехова му заповедал на Гедеон да ја намали својата војска од 32.000 на само 300 војници, и тој го послушал. Зошто? Затоа што имал вера во Јехова. Со Божја помош, тој поразил 135.000 непријатели (Суд. 7:1-7, 17-22; 8:10). Јехова ќе му помогнел и на Саул да извојува слична победа. Но, бидејќи Саул бил непослушен, Филистејците го опљачкале Израел (1. Сам. 13:17, 18).
Кога ќе се најдеме во тешки околности, какви одлуки донесуваме? На оние што немаат вера можеби им се чини дека во дадена ситуација е попаметно да не се држат за Божјите начела. Бидејќи Самоил сѐ уште го немало, можеби и Саул мислел дека одлуката што ја донел била разумна. Но, оние што сакаат да имаат добар однос со Бог знаат дека, кога донесуваат одлука, секогаш е најдобро да ги применуваат библиските начела.
Јехова го отфрла Саул
Во еден поход против Амаличаните, Саул направил уште еден сериозен грев. Бог ги осудил Амаличаните затоа што без причина ги нападнале Израелците откако тие излегле од Египет (2. Мој. 17:8; 5. Мој. 25:17, 18). Освен тоа, Амаличаните се здружиле и со други за да го напаѓаат Божјиот избран народ за време на судиите (Суд. 3:12, 13; 6:1-3, 33). Затоа Јехова ги повикал на одговорност и му заповедал на Саул да ги погуби (1. Сам. 15:1-3).
Наместо да ја послуша Јеховината заповед да ги погуби овие непријатели и да уништи сѐ што имаат, Саул го заробил нивниот цар и ја поштедил нивната најдобра стока. Што се случило кога Самоил се сретнал со Саул? Саул се обидел да ја префрли вината на народот, велејќи: „Народот ја поштеди најдобрата ситна и крупна стока за да му ја жртвува на Јехова“. Сеедно дали имал намера да ги жртвува тие животни или не, царот бил непослушен. Тој веќе не ‚бил мал во свои очи‘. Затоа Божјиот пророк в лице му кажал на Саул дека му бил непослушен на Бог. А потоа му рекол: „Зар му се жртвите паленици и другите жртви исто толку мили на Јехова колку што му е мила послушноста на Јеховиниот глас? Знај, послушноста е подобра од жртвите... Поради тоа што ја отфрли речта на Јехова, и тој те отфрли тебе за да не бидеш повеќе цар“ (1. Сам. 15:15, 17, 22, 23).
Кога Јехова му го одзел својот свет дух и благослов, тогаш Саул почнало да го мачи „лошо расположение“. Тој станал сомничав и му бил љубоморен на Давид — човекот кого подоцна Јехова го поставил за цар. Саул се обидел повеќепати и да го убие. Кога сфатил дека „Јехова е со Давид“, вели Библијата, ‚му станал непријател од тогаш до крајот на својот живот‘. Саул се обидел да го фати, па дури и наредил поради Давид да бидат убиени 85 свештеници, а и други луѓе. Не е ни чудо што Јехова го отфрлил Саул! (1. Сам. 16:14; 18:11, 25, 28, 29; 19:10, 11; 20:32, 33; 22:16-19).
Кога Филистејците повторно го нападнале Израел, Саул побарал помош и од една жена што повикувала духови, но залудно. Следниот ден бил тешко ранет во битка и извршил самоубиство (1. Сам. 28:4-8; 31:3, 4). Во врска со првиот непослушен цар на Израел, Библијата вели: „Така загина Саул поради својата неверност, зашто го изневери Јехова со тоа што не ја држеше Јеховината реч и за совет праша жена која повикува духови, а не го праша за совет Јехова“ (1. Лет. 10:13, 14).
Лошиот пример на Саул јасно покажува дека е подобро да му бидеме послушни на Јехова отколку да му принесуваме какви и да било жртви. Апостол Јован напишал: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јов. 5:3). Никогаш да не ја заборавиме оваа непобитна вистина: За да останеме пријатели со Бог, мора да му бидеме послушни.
[Слика на страница 21]
Во почетокот Саул бил понизен водач
[Слика на страница 23]
Зошто Самоил му рекол на Саул дека „послушноста е подобра од жртвите“?