Прашања од читателите
Прашања од читателите
Зошто Мојсеј им се налутил на Елеазар и Итамар, синовите на Арон, по смртта на нивните браќа Надав и Авиуд, и што го смирило неговиот гнев? (3. Мој. 10:16-20).
Кратко откако Арон и неговите синови биле овластени да служат како свештеници во светиот шатор, Јехова ги погубил Надав и Авиуд, двајца од неговите синови, затоа што принеле пред него недозволен оган (3. Мој. 10:1, 2). Мојсеј им заповедал на другите двајца браќа да не ги оплакуваат. Недолго потоа, тој им се налутил на Елеазар и Итамар затоа што не јаделе од јарецот кој бил принесен како жртва за грев (3. Мој. 9:3). Зошто реагирал вака?
Во законите што му ги дал на Мојсеј, Јехова јасно кажал дека свештеникот што ја принесувал жртвата за грев треба да изеде дел од неа во дворот на шаторот на средбата. Кога јадел од жртвата, тој на симболичен начин ја преземал на себе вината за престапите на оние што ја давале таа жртва. Но, ако дел од крвта на принесеното животно бил внесен во Светињата — првата просторија во светилиштето — жртвата не смеела да се јаде, туку требало да се изгори во оган (3. Мој. 6:24-26, 30).
Изгледа дека, по трагичниот настан што се случил тој ден, Мојсеј сакал да се увери дека биле исполнети сите заповеди од Јехова. Кога открил дека јарецот принесен како жртва за грев бил изгорен иако крвта од него не била внесена во внатрешноста на светото место, се налутил и ги прашал Елеазар и Итамар зошто не ја јаделе жртвата како што било заповедано (3. Мој. 10:17, 18).
Арон одговорил на ова прашање на Мојсеј затоа што Итамар и Елеазар очигледно постапиле така со негово одобрување. Со оглед на тоа што биле погубени двајца негови синови, Арон можеби се прашувал дали може кој и да е свештеник со чиста совест да јаде од жртвата тој ден. Можеби сметал дека на Јехова нема да му биде по волја ако јадат од неа, иако тие не сноселе лична вина за грешката што ја направиле Надав и Авиуд (3. Мој. 10:19).
Арон можеби си мислел дека посебно овој ден, кога членовите на неговото семејство за првпат почнале да ги извршуваат своите должности како свештеници, требало многу да внимаваат во сѐ да му угодат на Бог. Но, Надав и Авиуд му нанеле срам на Божјето име, со што го разгневиле Јехова. Можеби Арон заклучил дека, штом некои од членовите на неговото свештеничко семејство направиле таков грев, ниеден од нив не бил достоен да јаде од една света жртва.
По сѐ изгледа, Мојсеј го прифатил одговорот на својот брат, затоа што извештајот за таа ситуација завршува со зборовите: „Кога го чу тоа, Мојсеј беше задоволен“ (3. Мој. 10:20). Очигледно и Јехова бил задоволен со одговорот на Арон.